Пад на Цариград (1453)

(Пренасочено од Пад на Константинопол)

Падот на Цариград — крупен историски настан кој траел од 2 април до 29 мај 1453 г. и дошол до својата разврска кога во ноќта на 28-29 мај султанот Мехмед II дал заповед за последен напад на градот. Првите две негови единици биле одбиени од страна на одбраната на градот па затоа султанот решил во напад да ги пушти јаничарите. Тие успеале да ја пробијат одбраната. Во освоениот Цариград започнале масовни пљачки и убиства. Повеќе од 60.000 жители биле заробени. Според отоманскиот обичај султанот ја оставил војската да ограбува низ градот два дена, а на третиот ден наредил да се престане со тоа. Потоа тој влегол во идната престолнина и наредил да ја претворат црквата Света Софија во џамија, а себеси се прогласил за римски кесар (Kayser-i Rum; како директен престолонаследник на Константин XI).

Опсада на Цариград
Дел од Опсада на Цариград

Османлиите го освојуваат градот (слика од 1499)
Датум 2 април 1453 – 29 мај 1453
Место Констанстинопол (денешен Истанбул)
Исход Османлиите го зазеле градот;[1]
Самракот на Римското Царство;
Цариград станал главен град на Отоманското Царство;
Почеток на новиот век на христијанскиот свет
Територијални
промени
Римското Царство
Завојувани страни
Римско Царство Османлиско Царство Османлиско Царство
Команданти и водачи
Константин XI
Лукаш Нотарас
Џовани Џустинијани [2]
Мехмет II
Заган-паша
Сулејман Балтоглу
Сила
7.000[3]
26 брода[4]
80.000[5]-200.000[2][6]
126 брода[7]
Жртви и загуби
4.000 убиени[8]непознато

Утрото во тој несреќен вторник на 29 мај 1453 година, кога Цариград[9][10][11][12] паднал во рацете на Османлиите, откако се расчистило небото од чадот од османлиските топови, станало јасно дека не е ставен крај само на Римското Царство. Светот се променил - средновековието станало минато. Во Западна Европа ренесансата веќе била во својот ек. Ова повторно раѓање, заедно со изумувањето на Гутенберговата печатница со подвижни букви, ќе значат многу за полесно пренесување и зачувување на античките знаења (улога која претходно ѝ припаѓала на Римското Царство за време на средниот век) и со тоа ќе се обележи започнувањето на Новиот век.

Цариград во средновековното римско време.

Состојба во која се наоѓала Империјата уреди

 
Рим во првата половина на XV век. Солун бил освоен од Османлиите во 1430 година.

Од 330 година, откога Цариград е престолнина на Римското Царство, под опсада се нашол повеќепати и само еднаш бил освоен - во 1204 година во текот на Четвртата крстоносна војна.[13] По првото освојување на градот, Римското Царство се распаднала на повеќе помали земји наследнички (односно на: Империјата Никеја, Деспотатот Епир и Империјата Требизонт). Овие држави се бореле како сојузници против Латините (државите одновани од западните католици), но истовремено си претставувале соперници кои претендирале на римскиот престол.

Никејската империја на многу лесен начин успеало повторно да го освои Цариград во 1261 година. Во вековите кои следеле, во голема мерка ослабената Римско Царство се соочувала со напади од Латините, од Србите, од Бугарите и најважно од Турците Османлии.[5][14][15][16] Во 1453 година царството се состоело од Цариград и неговата околина и од само уште еден дел од полуостровот Пелопонез (кој во тоа време се нарекувал Мистра). Царството Требизонт формирано по Четвртата крстоносна војна, како потполно независна држава, успеало да опстои до 1461 година на бреговите на Црното Море.

За поголемиот дел на жителите на Царството сѐ уште биле свежи сеќавањата на погубните резултати од Четвртата крстоносна војна и за пљачкосувањата кои во тој период биле направени. За нив католичкиот свет не можело повеќе да се смета за христијански. Потребната воена помош од Западот секогаш била нудена по цена на унијатење на црквите. Тоа за мнозинството во Римската држава се сметало за прескапа помош.

Разединет и слаб, градот кој пред неколку векови изобилувал со златни статуи и украси по црквите сега претставувал само бледа копија на убавината и раскошот кои пред неколку векови ги поседувал. Зградите кои биле уништени од последниот земјотрес не биле обновени, а трговијата во царското пристаниште со текот на времето значително се намалила.

Подготовки уреди

 
Унгарски топ, наречен според инженерот Орбан од Унгарија кој успеал да им го конструира на Турците непосредно пред започнувањето на опсадата на Цариград. Прикажаниот примерок му припаѓа на Британскиот воен музеј.
 
Портрет на султанот Мехмед II

Кога султанот Мехмед II го наследил својот татко Мурат II на престолот на Отоманското Царство се верувало дека тој нема да биде способен владетел и дека нема да претставува голема закана за христијаните на Балканот и на Егејското Море.[17] Ваквото мислење било поткрепено од пријателскиот прием кој тој им го укажувал на пратениците кои ги примал во својот двор.[18] Во текот на летото во 1452 година Мехмед II (чиј прапрадедо Бајазит I изградил тврдина на азиската страна на Босфор) решил да изгради нова тврдина на европската страна на Босфор со што се зајакнува турското влијание во теснецот.[18] Посебно важен аспект на градењето на оваа тврдина е тоа што на Цариград му се скратува можноста да добива помош од колониите на Џенова кои во тоа време постоеле на брегот на Црното Море. Новата тврдина била наречена Римска Тврдина (турски: Rumeli Hisarı).

Римскиот цар Константин XI апелирал до Западна Европа за помош, но неговите барања не наишле на очекуваното внимание. На оваа одлука на царот Константин XI Палеолог се противела анти-унионистичката група предводена од Георги Схолариј. Уште од времето на Големиот раскол од 1054 година, римокатоличкиот Запад се обидувал да стекне доминација над Истокот. Затоа унијатството било отворена тема со која се условувала помошта уште од XIII век. Царот Јован VIII Палеолог во 1439 година во Фиренца успеал да договори унијатење на источната со западната црква, но како резултат на големи негодувања во Цариград предизвикани од настаните од периодот на падот на Цариград во 1204 година овој договор не бил прифатен.

Во летото 1452 година, кога Румелихисар (другиот назив на турски на оваа тврдина е вратосечач) бил изграден заканата станала очигледна, па затоа Константин XI на 12 декември истата година му пишал на папата писмо во кое унијатењето на црквите се става во сила.[18] Иако папата сакал да помогне, сепак неговото влијание врз кралевите и принцовите во Западна Европа не било толку силно како што очекувале во Констатинопол. Од друга страна Англија и Франција биле ослабени од стогодишната меѓусебна војна, а Шпанија се наоѓала во последната фаза на повторното освојување на Пиринејскиот Полуостров од берберските освојувачи.

 
Карта на Цариград на која се означени и ѕидините на градот.

Најзначајната помош која на Римското Царство ѝ стигнала во оваа фаза била од џеновјанецот Џовани Џустинијани (Giovanni Giustiniani) кој во престолнината пристигнал со приватна армија од околу 700 луѓе во јануари во 1453 година.[19] Со оглед на тоа што Џустинијани бил специјализиран за одбрана на утврдени градови, нему од страна на царот му била доделена улогата на командант на одбраната. Отприлика истовремено, наспроти наредбите од Венеција и од папата Никола капетаните на венециските бродови кои, во март таа година, се наоѓале во Златниот Рог се обиделе да донесат три брода натоварени со помош за градот. За жал во април најверојатно потценувајќи го моралот на бранителите на градот, седум италијански бродови го напуштиле Цариград[20].

Намерата Константин XI да го одоброволи султанот со подароци и од него да побара гаранции за безбедноста на градот завршила со убиство на римскиот амбасадор - ниту римската дипломатија не можела да го спаси градот.[18]

Позиционирање на двете страни уреди

Војската која го бранела Цариград била мала. Имала околу 7.000 луѓе под оружје од кои околу 2.000 биле странци. Во моментот кога опсадата започнала, заедно со бегалците од околината, популацијата изнесувала околу 50.000 луѓе[21]. Градот бил утврден со веројатно најсилните ѕидини кои било кога биле направени во историјата (5,5 км на копно; 7 км ѕидини од страната на Златниот Рог и 7,5 км од страната на Мраморното Море). Во времето на владеењето на Јован VIII Палеолог ѕидините биле поправени и се наоѓале во задоволително добра состојба. Ова им давало на надеж на бранителите на градот дека ќе можат да издржат додека пристигне помошта од Запад.[22]. Исто така, бранителите биле и добро опремени. Тие поседувале флота од 26 брода (5 од Џенова, 5 од Венеција, 3 од Крит кој во тоа време и припаѓал на Венеција, 1 од Анкона, 1 од Арагон, 1 од Франција и уште десетина римски бродови.[23]

Се проценува дека Османлиите имале околу 80.000 војници од кои околу 5.000 јаничари. Српскиот вазал Ѓураѓ Бранковиќ обезбедил 1.500 коњаници како дел од своите обврски кон султанот. Други извори од современици на настанот сметаат дека надмоќта на султанот во оваа битка била многу поголема и неговите трупи ги проценуваат, во зависност од изворот, помеѓу 160.000 и 300.000 војници.[24][25][26] Флотата на султанот се проценува дека имала помеѓу 100 и 450 бродови.

Опрема и стратегии уреди

Позициите на Османлиите уреди

 
Мехмед II ја води отоманската војска кон Цариград за да ја започне опсадата. На сликата е прикажан и транспортот на топот кој бил конструиран од страна на Орбан

Пред да започне опсадата на Цариград било познато дека Османлиите поседуваат топови со средна големина, но непосредно пред опсадата со ангажирање на Орбан (или Урбан) по потело Унгарец (постојат извори кои велат дека тој бил Германец).[27] успеале да добијат многу посилни топови. Орбан се обидел да ги продаде своите услуги на Римјаните, но тие немале доволно средства за да го ангажираат и затоа го затвориле. Султанот организирал упад во затворот и го ослободил Орбан. Тој на султанот му гарантирал дека може да му направи топ со кој би можело да се срушат ѕидовите на Вавилон сакајќи да каже дека најголемата фортификација во историјата не би била поштедена од таквото оружје. Имајќи ги сите ресурси на располагање и користејќи ја сета своја вештина, Орбан успеал да го направи најголемиот познат топ за тоа време. Топот бил толку голем што во неговата внатрешност можело да собере возрасен човек. Новиот топ можел да испука ѓуле со тежина од околу 544 кг на далечина од околу 1,5 км. Топот имал и неколку недостатоци: биле потребни неколку часа да се наполни; некои велат дека топот можел да функционира само шест недели (ова тврдење не е сигурно [2], зашто него го изнесува само еден автор[28]). Овој успех на Орбан се смета за едно од најголемите инженерски дела на тоа време. Откако топот бил направен било потребно тој да се транспортира околу 200 км до целното одредиште. За транспортирање на огромниот топ биле потребни 60 волови и околу 400 луѓе.[27]

Мехмед планирал да го нападне градот од западната страна каде Ѕидините на Теодосиј го штитат градот од напади (од единствената страна со која тој е поврзан со копното). Отоманската војска се стационирала од надворешната страна на ѕидините во понеделникот на 2 април во 1453 година - еден ден после Велигден.

Најголемиот дел на единиците на султанот биле сконцентрирани на југот на Златниот Рог. Европските единици биле распоредени по должината на Ѕидините на Теодосиј. Регуларната војска била распоредена и на брегот на Мала Азија сѐ до Мраморното Море. Башибозукот бил сместен во првите борбени редови, а самиот Мехмед бил обезбедуван од елитните јаничари.

Позициите на Римјаните уреди

 
Ѕидините на Теодосиј во близина на Мермерната кула.

Кога на 5 април султанот лично пристигнал со своите трупи, бранителите ги зазеле своите позиции.[29] Со оглед на тоа што нивниот број не бил доволен биле заземени позициите само на надворешните ѕидини. Константин XI со своите трупи бил стациониран во средниот дел на ѕидините наречен Месотехион (делот во кој реката Ликос минува преку ѕидините). Овој дел на ѕидините бил сметан за најслаб и на евентуалниот напад изведен на овој дел Римјаните најмногу се плашеле. Џустинијани бил стациониран на северниот дел од ѕидините, но подоцна во текот на опсадата му се придружува на царот во Месотехион, а северниот дел им е препуштен на браќата Бокарди (Bocchiardi). На јужниот дел од ѕидините се распоредени останатите трупи предводени од џеновјани и од Теофил Палеолог. Одбраната околу Златната Порта бил предводена од џеновјанец под име Мануел и од венецијанецот Филипо Контарини (Filippo Contarini). Димитриј Кантакузен бил одговорен за најјужниот дел на ѕидините. Ѕидините кои гледале кон морето биле бранети со помалку луѓе. Одговорен бил Јакобо Контарини (Jacobo Contarini) калуѓери кои биле вклучени во одбраната, како и од кардиналот Исидор од Киев кој бил задолжен за одбрана на најистурениот дел од полуостровот. Ѕидините на јужниот брег на Златниот Рог биле бранети од морнари од Џенова и Венеција под команда на Габриел Тревисано (Gabriele Trevisano). Две тактички резерви биле чувани во внатрешноста на градот: една во дистриктот Петра веднаш зад ѕидините и друга во близина на Црквата на Светите Апостоли. Овие единици биле под команда на Лука Нотарас (грчки: Λουκάς Νοταράς) и на Никифор Палеолог, соодветно. Џеновјанецот Алвизо Диедо (Alviso Diedo) командувал со бродовите во пристаништето. Римјаните, исто така, поседувале топови, но тие биле со многу послаби одлики во споредба со новиот османлиски топ кој бил способен во голема мерка да ги оштети ѕидините.

Опсада на градот уреди

 
Опсадата на Цариград

На почетокот на опсадата, Мехмед ги испратил неговите најдобри единици да ги редуцираат преостанатите упоришта на Римјаните кои се наоѓале надвор од градот. Тврдината Терапија на Босфор и малиот замок во селото Студиус, во близина на Мраморното Море, биле заземени за само неколку дена. Островот на принцовите, во Мраморното Море, бил заземен од страна на флотата на адмиралот Балтоглу.[30]

Огромните топови кои ги поседувала војската на Мехмед II ги гранатирале ѕидините на градот со недели, но со оглед на непрецизноста и малата брзина со која топовите повторно се полнеле Римјаните, најчесто преку ноќ, биле во состојба да ги поправат најголемиот број од оштетувањата намалувајќи го на таков начин значително ефектот на топовите.[31]

 
Карта на Цариград на која се означени ѕидините и околните населени места

Во меѓувреме, покрај пробните напади кои отоманската флота ги правела не успеала да влезе во Златниот Рог поради пловечки препреки кои биле поставени долж влезот. Покрај тоа што целта на поставување на препреките била да се оневозможи влез на бродови во градот, на 20 април мала флота на христијански бродови [32] успеалa да се пробие и да влезе во градот. Овој настан значел многу за зголемување на моралот на бранителите, а истовремено претставувал и срам за султанот.[31] Животот на адмиралот Балтоглу бил поштеден само поради сведоштвата на неговите офицери за неговата храброст, која за жал не била доволна за успех во оваа акција. За да се заобиколат водените препреки кои го штителе Златниот Рог, како и да ја намали надмоќта на море на царските бродови и посебно на бродовите од Џенова, Мехмед наредил да се конструира сувоземен пат преку кој (преку копно) на 22 април успеал да ги префрли неговите бродови во царското пристаниште.[31] Со ова сериозно биле загрозено редовното снабдување на (номинално неутралната) колонија на џеновјани во Пера и влијаело деморализирачки врз одбраната на градот. Во ноќта на 28 април бил направен напор да се уништат отоманските бродови кои веќе се наоѓале во Златниот Рог, но Османлиите биле предупредени за нападот и ги присилиле христијаните, кои претрпеле големи загуби, да се повлечат. Оттогаш одбраната на градот била приморана да ги брани и ѕидините кои гледаат на страната на Златниот Рог. Со тоа одбраната на останатите ѕидини била ослабена. Згора на тоа, непристапноста на морето значела и неможност за лесно доаѓање до храна. Па така храната започнала да претставува проблем во градот. Сега надежта на бранителите била свртена кон Венеција и кон вербата дека нивните браќа од Западот нема да ги остават сами во оваа битка и дека ќе ја испратат ветената помош.

На 3 мај Константин XI испратил еден мал венециски брод кој, носејќи турско знаме, успеал незабележано да излезе од градот. Бродот се вратил во градот на 23 мај, повторно успевајќи да ја надмудри турската морнарица, но вестите кои со себе ги носел не биле добри. По три недели потрага немало никакви знаци дека помошта пристигнува – одбраната на градот е оставена сама на себе. На секој морнар поединечно Константин XI му заблагодарил лично. Тие можеле да отпловат на сигурно, но решиле да се вратат во градот каде ги чекала скоро сигурна смрт.

Турците се обиделе во неколку наврати да нападнат фронтално од копно, но секогаш биле принудувани да се повлечат претрпувајќи при тоа големи загуби. Од средината на мај до 25 мај, Османлиите се обидувале да се пробијат во градот копајќи тунели под ѕидините. Голем дел од инженерските единици кои биле задолжени за оваа работа биле Срби од Ново Брдо (Косово). Од друга страна, пак, Римјаните на своја страна го имале инженерот Јоханеџ Грант (Johannes Grant) со чија помош одбраната, копајќи контратунели, успешно се справувала со овој вид напади. Римјаните успешно го пресретнале првиот српски тунел во ноќта на 16 мај. Други напади од овој тип биле пресретнати во ноќите на 21, 23 и 25 мај, а напаѓачите биле дочекувани со оган и со жестока борба. Во ноќта на 23 мај Римјаните успеале да заробат двајца турски офицери кои им ги откриле позициите на останатите турски тунели кои подоцна биле уништени.[33].

Мехмед им понудил на бранителите дека тој ќе ја прекине опсадата, а во замена од бранителите барал тие да му го предадат градот. Откако оваа понуда била одбиена, Мехмед решил да ги искористи сите расположливи средства за да го преземе градот, знаејќи дека неговите трупи се значително помногубројни од римските. Отприлика истовремено Мехмед ги имал последните состаноци со своите офицери.

Во ноќта на 22 мај 1453 година на небото имало целосно затемнување на Месечината (симболот на Цариград) со тоа се исполнило пророштвото за уништувањето на градот.[34] Четири дена подоцна целиот град бил покриен со слаба магла, која не претставува вообичаена метеоролошка појава во месец мај, во тој дел од светот. Кога маглата се дигнала истата вечер, чудна светлина почнала да се појавува околу куполата на црквата Света Софија. Оваа светлина била протолкувана како Светиот Дух да ја напушта катедралата. Исто така, одбраната се надевала дека забележаната светлина може да претставуваат и трупи од другите христијански држави во Европа.[35]

Последниот напад уреди

На 26 мај Мехмед и неговите офицери заклучиле дека опсадата на градот веќе трае премногу долго. Дошло и до меѓусебни недоразбирања, имено, се јавиле спротивставени мислења за тоа дали опсадата на градот да продолжи или да се прекине. Големиот везир Чандарли Халил-паша се сомневал дека опсадата ќе успее, додека вториот везир Заган-паша бил за нејзино продолжување. Подготовките за последниот напад започнале истата вечер и продолжиле следниот ден на 27 мај.[36] 28 мај бил ден наменет за молитва и за одмор на војниците, а за 29 мај било планирано да започне последниот напад. Само 36 часа по последните извршени совети на султанот со неговите офицери отоманската војска била подготвена за напад со сите расположливи средства[36].

На 28 мај додека отоманската армија за подготвувала за последниот напад, во градот биле одржани религиозни обреди од големи размери. Истата вечер, во црквата Света Софија, во атмосфера на исчекување се одржала и последната заедничка религиозна церемонија на православните и католички христијани.[37]

По полноќ нападот започнал. Во првиот бран напаѓачите биле сочинети од војска која не била многу обучена и опремена и чија цел била да убие што е можно повеќе бранители. Вториот напад бил спроведен од Анадолијци и бил фокусиран на северозападниот дел од ѕидините кои претходно биле делумно оштетени од османлиската артилерија. Тој дел од ѕидините бил изграден во единаесеттиот век и бил значително послаб. Крстоносците во 1204 година успеале да влезат во градот преку овој дел. Османлиите, исто така, успеале да ги пробијат ѕидините, но набрзо биле истиснати од христијаните од освоените позиции. Христијанските трупи, исто така, успеале да го одбијат и третиот напад изведен од елитните јаничари, но џеновјанецот Џовани Џустинијани кој бил одговорен за копнените трупи[2][26][28] бил смртоносно ранет при овој напад. Неговото повлекување од ѕидините предизвикало паника кај бранителите[38] Џустинијани бил однесен на островот Хиос, каде четири денови подоцна им подлегнал на повредите.

Заедно со Џустинијани трупите од Џенова се повлекле најпрво во градот, а потоа и кон пристаништето. Константин XI Драгаш и преостанатата одбрана биле оставени сами на себе да се справуваат со надмоќната војска на султанот. Истовремено, некои историчари тврдат дека, т.н. Керкопорта била по грешка оставена отклучена и дека Османлиите го забележале тоа.[39] Османлиите ја искористиле оваа прилика и влегле во градот. Истовремено бранителите биле надвладувани и на други делови од ѕидините. Откако биле забележани турски знамиња над Керкопорта завладеала паника, а одбраната колабирала под нападите на јаничарите. Се верува дека во овие моменти Константин XI ја отфрлил својата пурпурна царска наметка и како обичен војник го водел последниот напад против Османлиите и дека на таков начин починал заедно со своите војници. Инаку, не постојат податоци за начинот на кој тој загинал.[40]

 
Мехмед II влегува во градот.

По овие настани, османлиската војска брзо напредувала низ широките улици на градот. Минувајќи низ градот војската поминала и покрај црквата на Светите апостоли во која Мехмед имал намера да постави нов патријарх со чија помош ќе можел полесно да ги контролира своите христијански поданици.

Минувајќи низ улиците на градот војската конечно се собрала на плоштадот Августеум кој се наоѓал пред црквата Света Софија во која голема толпа од луѓе, во потрага по заштита од Бога, цврсто ги држела бронзените врати од внатрешната страна. Откако Османлиите успеале да ја отворат вратата луѓето кои биле затекнати во црквата биле одвоени според нивната цена на пазарот на робје. Имало и силувања велат некои историчари.[41] Војниците се бореле и меѓу себе за да приграбат материјални добра. Според венецискиот хирург Николо Барбаро (Nicolo Barbaro) „во текот на целиот ден Турците вршеле колеж над христијанското население во градот“.[42] На крајот Мехмед II наредил да престане дивеењето и ги испратил своите трупи надвор од ѕидините на градот.[43][44]

Последици од падот на Цариград уреди

Паѓањето на Цариград претставувало шок за христијанскиот свет. Папата повикал на организирање на нова итна крстоносна војна која требало да претставува противнапад. Со оглед на тоа што ниту еден европски монарх не се нафатил да ја води крстоносната војна, папата сам решил да застане на чело. Неговата рана смрт ја елиминирала можноста за организирање на овој противнапад.

Кога веќе градот се нашол под нозете на Мехмед II некогаш големиот и раскошен град, како последица од долгогодишните војни, претставувал само бледа сенка на својата некогашна убавина. Новиот главен град на Турците им претставува нова постојана база во христијанска Европа. Понатамошното напредување на Империјата во Европа не би било лесно изводливо без логистичката поддршка од пристаништата на Цариград. Во Цариград бил именуван и османлиски управител на градот Караштаран Сулејман кој требало одново да го изгради градот и да го насели. По пет години во градот била изградена тврдината Седум Кули (Једи Куле). Мехмед II до крајот на септември (1453) настојувал градот да се насели со муслиманско население. Биле воведени и ригорозни казни за населението кое ќе ги одбиело овие негови барања. Во 1453 година Мехмед II, кој оттогаш бил наречен „Освојувач“, се вратил во Едрене и наредил Чандарли Халил-паша да биде уапсен поради предавство кое го извршил, со писмата кои му ги праќал на Лука Нотарас, известувајќи го дека опсадата набргу ќе биде прекината. Чандарли Халил бил погубен, а за нов Голем везир бил поставен неговиот соперник Заган-паша.

 
Црквата на Светата мудрост или Света Софија, била претворена во џамија.

Далеку од врвот на својата слава и раскош бројот на жители на градот во голема мерка се намалил како последица од територијалното и економското слабеење на империјата. Иако градот, во извесна мерка, закрепнал по катастрофалното владеење на Латинското Царство кое во градот било востановено по Четвртата крстоносна војна. Во 1453 година градот претставувал збир од повеќе утврдени села, кои се наоѓале во внатрешноста на градските ѕидини и кои биле одвоени со поголеми празни пространства. Кога отоманската војска ги пробила ѕидините поголемиот дел од ваквите утврдени села им се предале на генералите на султанот.[45] На овие села, посебно на оние кои се наоѓале во близина на ѕидините, им било дозволено да го задржат сопствениот начин на живот, да ги зачуваат своите цркви, а биле под директна заштита јаничарите – елитните единици на султанот. Света Софија била претворена во џамија, а султанот именувал и нов Цариградски патријарх.

Многу учени од градот избегале на католичкиот запад носејќи со себе знаење и документи поврзани со грчко-римската култура и традиции и на ваков начин претставувале дополнителен импулс во развојот на ренесансна Европа. Всушност во потрага по стабилен живот трансферот на учени и на знаење (посебно во северниот дел на Апенинскиот Полуостров) започнал уште во единаесеттиот век. Тие кои останале во Цариград биле претежно населени во подрачјата Фенер и Галата. Фанариотите, како што подоцна ќе бидат наречени, станале способни советници на султаните.

Тврдините во Мореја (Пелопонез) каде владееле браќата на Константин XI, Тома и Димитриј (кои постојано биле во меѓусебни конфликти) знаејќи дека Мехмед II, исто така, ќе ги нападне успеале да се одржат на власт до 1460 година. Пред падот на Цариград, Тома и Димитриј, заедно со останатите свои браќа (Јован VIII Палеолог и Теодор), се бореле заедно со Константин XI.[46] Кога султанот ја нападнал Мореја, Тома пребегал во Рим, а Димитриј очекувал дека ќе може да владее како вазал во името на султанот, но наместо тоа тој го поминал остатокот од животот во затвор. Во Рим, Тома и неговото семејство добивале парична помош од папата и од други западни владетели и бил признат како римски цар во егзил. Во 1461 година, независната држава Требизон (која настанала по освојувањето на Цариград од крстоносците во 1204) била освоена од Мехмед.

Научниците го сметаат падот на Цариград како клучен настан кој го означува крајот на средниот век. Заедно со почетокот на ренесансата ставаат крај на религиозниот поредок во Европа, но и почеток на употребата на топови и барут во војувањето. Со оглед на обостраната негативна перцепција (помеѓу христијаните од една и Турците од друга страна) копнените патишта до Азија не им биле достапни на христијанските трговци. Со оглед на тоа во Западна Европа почнало сериозно да се размислува за воспоставување на поморски врски со Азија.

Трет Рим уреди

Падот на градот во турски раце довел до тоа различни политички фактори да тврдат дека се наследници на Римското Царство и да се ословуваат себеси како Трет Рим (трета престолнина на Римското Царство). Ова тврдење во Русија било поткрепено и од фактот што Иван III бил оженет за Софија Палеологина која била внука од Константин XI. Тврдењата на Руската царство дека таа претставува наследничка на Римското Царство биле во спротивност со тврдењата на Османлиите. Самиот султан Мехмед II себеси се сметал за римски цар и се нарекувал Kayser-I Rum (во превод: Римски кесар односно кесар на Римското Царство), иако тој до денес се памти како Освојувач и како основоположник на систем кој ќе постои до 1922 година – сѐ до основањето на Република Турција. Ваквиот конфликт на идеологии го стимулирал војувањето помеѓу Руската и Османлиското Царство, а во текот на XVIII и XIX век руските војски успеале и да се доближат до градот.

Српскиот цар Стефан Душан и бугарскиот цар Јован Александар, исто така, се сметале себе за легитимни наследници на традициите на Римското Царство. И Венециската република и Светото Римско Царство се сметале себеси за Римското Царство. Денес Ватикан претставува последниот преостанат субјект кој се смета за наследник на Византија. Овие тврдења датираат од периодот на освојувањата на Јустинијан I, кога папата како најголем земјопоседник на полуостровот, иако de jure претставувал римски (царевиградски) поданик, започнал да ја зголемува својата политичка моќ.

Покрај воените и политички придобивки кои Османлиите ги добиле со освојувањето на градот, со овој настан трговијата со зачини од Истокот паднала во рацете на муслимански посредници. Европејците и натаму, сѐ до XVI век ќе продолжат да тргуваат преку Цариград. Но, повисоките цени ќе претставуваат движечка сила која ќе ги иницира големите географски откритија. Поголем број на португалски, шпански и холандски морепловци, заобиколувајќи ја Африка, ќе го пробиваат поморскиот пат до Азија. Потрагата, пак, по покуси патишта до Азија ќе доведе и до откривање на Новиот Свет.

Загуби на страната на Османлиите уреди

Загубите на турската страна не се познати. Венецискиот хирург Барбаро пишува дека трупови на Турци и на христијани пловеле како лубеници по каналите околу главниот град. Колкави и да биле загубите на турската страна, на Империјата ѝ требало време за да закрепне пред да започне да ги освојува преостанатите делови во регионот.

Неслужбено преименување на градот уреди

Се верува дека градот бил преименуван во Истанбул веднаш по освојувањето. Османлиите всушност го користеле арапскиот превод на името на градот кој на современ турски јазик се запишува како „Kostantiniyye“ и како такво името на градот може да се најде во голем број на документи од османлиско време. Градот официјално бил преименуван во Истанбул во 1930 година.[47]

Културни влијанија уреди

Постојат многу легенди кои се поврзани со падот на Цариград. Една од нив вели дека двајца свештеници кои ја изведувале литургијата во Света Софија исчезнале во ѕидовите на катедралата кога Османлиите навлегле во неа. Според легендата, свештениците повторно ќе се појават и ќе ја продолжат прекинатата служба кога Цариград ќе биде повратен во христијански раце.[48] Со оглед на тоа што телото на Константин XI никогаш не било пронајдено, една друга легенда зборува за мермерниот цар, Константин XI, и таа вели дека еден ангел го спасил царот, го претворил во мермер и го сместил во подземна пештера блиску до Златната Порта, каде чека повторно да биде вратен во живот. Знаејќи за оваа легенда, Мехмед II наредил да се заѕида Златната Порта за да се спречи неговото враќање.

Во Грција, Константин XI се смета за маченик, а неофицијално и за светец. Во петте века на турска доминација на Балканот многу Грци го сметале за симбол на отпорот. При стекнувањето на независноста градот Атина подигнал статуа на Константин XI на која тој е претставен со подигнат меч во раката.

Тоа утро, на 29 мај 1453 година, кога Цариград паднал во рацете на Османлиите, откако се расчистило небото од чадот од турските топови во тој несреќен вторник, станало јасно дека нека не е ставен крај само на Источното Римско Царство. Светот се променил, а средновековието станало минато. Во Западна Европа ренесансата веќе во својот ек. Ова повторно раѓање заедно со изумувањето на Гутенберговата печатница со подвижни букви, ќе значат многу за полесно пренесување на знаењето и со тоа ќе го обележат започнувањето на новиот век.

Културни импликации на Запад уреди

Повторното освојување на градот од христијаните претставувало фасцинација за многумина во Западна Европа многу години по падот на градот во рацете на Османлиите. Гласовите за тоа дека Константин XI бил спасен од ангел влевал надеж дека градот еден ден повторно ќе се врати во христијански раце. Од друга страна пак, во Западна Европа во XV век времето на крстоносните војни веќе било минато. На почетокот, падот на градот предизвикал желба за крстоносни походи, но покрај религиозните чувства, ренесансата и хуманизмот сега биле главните носители на зачувувањето на европското наследство од антиката – улога која претходно ѝ припаѓала на Византија.

Во 1459 година папата Пиј II иницирал нова крстоносна војна, но почетниот ентузијазам за таа идеја по кратко време исчезнал. Со започнувањето на протестантството, а потоа и со контрареформацијата, идејата за повторно освојување на Цариград изгледала како дамнешен сон. Дури и Франција, која некогаш била волна да учествува во крстоносните војни станала сојузник на Отоманското Царство. Подоцна, после завршувањето на војната за независност на Турција, кога државата била поставена на секуларни основи, ваквата идеја изгледала уште помалку политички коректна.

Културни импликации на Исток уреди

Падот на градот во рацете на исламски владетел се сметало за остварување на пророштвото на Мухамед.[49] и тоа претставувало дополнителен обединувачки фактор за исламскиот свет. Со порастот на арапскиот национализам и со распадот на Османлиското Царство, на Блискиот Исток, идеите на Саладин изгледа дека станале многу попопуларни од оние на пророкот Мухамед.

Литература уреди

  1. * https://web.archive.org/web/20000118141609/http://www.geocities.com/Paris/5972/Constantinople.html
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Pertusi, Agostino, ed. (1976). La Caduta di Costantinopoli. Fondazione Lorenzo Valla: Verona. (Антологија на современи текстови и документи поврзани со падот на Цариград; содржи библиографски податоци и коментарит на учени од тоа време).
  3. Sir Steven Runciman - The Fall of Constantinople
  4. Nicolle 2000, p. 45.
  5. 5,0 5,1 Norwich, John Julius (1997). A Short History of Byzantium. New York: Vintage Books.
  6. The Destruction of the Greek Empire, Edwin Pears
  7. Nicolle 2000, p. 44.
  8. Phrantzes, The Fall of the Byzantine Empire
  9. Constantinople (англиски)
  10. Constantine XI, Capture of Constantinople (англиски)
  11. Battles That Changed History Decisive (англиски)
  12. Archbishop Christodoulos Meditation Архивирано на 4 септември 2008 г. (англиски)
  13. Norwich, John Julius (1997). A Short History of Byzantium. New York: Vintage Books. стр. 304.
  14. Madden, Thomas (2005). Crusades: The Illustrated History. Ann Arbor: University of Michigan.
  15. Haldon, John (2000). Byzantium at War 600 - 1453. New York: Osprey.
  16. Mango, Cyril (2002). The Oxford History of Byzantium. New York: Oxford UP.
  17. Runciman 1965, p. 60
  18. 18,0 18,1 18,2 18,3 Norwich, John Julius (1997). A Short History of Byzantium. New York: Vintage Books. стр. 373.
  19. Runciman 1965, pp. 83-84
  20. Runciman 1965, p. 85.
  21. D. Nicolle, Constantinople 1453: The end of Byzantium, 32
  22. Nicolle 2000, p. 39
  23. Sir S. Runciman, The Fall of Constantinople 1453, Cambridge University Press, 1965
  24. Nicolò Barbaro, Giornale dell'Assedio di Costantinopoli, 1453. Копија од делото е зачувана во Biblioteca Marciana во Венеција. Дел од англискиот превод (направен во 1969 г.) е достапен на here Архивирано на 4 февруари 2012 г..
  25. Chronicles of George Sphrantzes; Greek text is reported in A. Mai, Classicorum auctorum e Vaticanis codicibus editorum, tome IX, Romae 1837, pp 1-100
  26. 26,0 26,1 Epistola reverendissimi patris domini Isidori cardinalis Ruteni scripta ad reverendissimum dominum Bisarionem episcopum Tusculanum ac cardinalem Nicenum Bononiaeque legatum (letter of Cardinal Isidore to Cardinal Johannes Bessarion), dated 6 14 јули,53
  27. 27,0 27,1 Norwich, John Julius (1997). A Short History of Byzantium. New York: Vintage Books. стр. 374.
  28. 28,0 28,1 Leonardo di Chio, Letter to Pope Nicholas V, датирано 16 август 1453 (edited in Migne, Patrologia Graeca 159, 923A-944B).
  29. Runciman (1965), pp. 92-94.
  30. Runciman 1965, pp. 96-97.
  31. 31,0 31,1 31,2 Norwich, John Julius (1997). A Short History of Byzantium. New York: Vintage Books. стр. 376.
  32. Станува збор за бродови од Џенова кои биле придружувани од царски транспортен брод кој се враќал во Цариград. (Runciman 1965, p. 100)
  33. Crowley, Roger. 1453: the holy war for Constantinople and the clash of Islam and the West. New York: Hyperion, 2005. p 168-171 ISBN 1-4013-0850-3
  34. Guillermier, Pierre; Serge Koutchmy (1999). Total Eclipses: Science, Observations, Myths, and Legends. Springer. стр. 85. ISBN 1852331607. Посетено на 2008-02-27.
  35. It is possible that all these phenomena were local effects of the cataclysmic Kuwae volcanic eruption in the Pacific Ocean. The "fire" seen may have been an optical illusion due to the reflection of intensely red twilight glow by clouds of volcanic ash high in the atmosphere.Source at NASA Архивирано на 14 декември 2016 г.
  36. 36,0 36,1 Norwich, John Julius (1997). A Short History of Byzantium. New York: Vintage Books. стр. 378.
  37. Vasiliev 1952, pp. 651-652
  38. Sources hostile towards the Genoese (such as the Venetian Nicolò Barbaro), however, report that Giustiniani was only lightly wounded or not wounded at all, but, overwhelmed by fear, simulated the wound to abandon the battlefield, determining the fall of the city. These charges of cowardice and treason were so widespread that the Republic of Genoa had to deny them by sending diplomatic letters to the Chancelleries of England, France, the Duchy of Burgundy and others. See C. Desimoni, Adamo di Montaldo, in Atti della Società Ligure di Storia Patria, X, 1874, pp. 296-7.
  39. There was no question of bribery or deceit by the Ottomans; the gate had simply been overlooked, possibly because rubble from a cannon attack had obscured or blocked the door.
  40. Barbaro added the description of the emperor's heroic last moments to his diary based on information he received afterwards. According to some Ottoman sources Constantine was killed in an accidental encounter with Turkish marines a little further to the south, presumably while making his way to the Sea of Marmara in order to escape by sea. See Nicolle (2000).
  41. Norwich, John Julius (1997). A Short History of Byzantium. New York: Vintage Books. стр. 380., "...the rape and pillage had already begun... ...by noon the streets were running with blood"
  42. „The Siege of Constantinople (1453), according to Nicolo Barbaro“. Архивирано од изворникот на 2012-02-04. Посетено на 2009-05-01.
  43. Nicolle, David (2007). The Fall of Constantinople: The Ottoman Conquest of Byzantium. New York: Osprey Publishing. стр. 237, 238. "In fact ordinary people were treated better by their Ottoman Conquerors than their ancestors had been by Crusaders back in 1204; only about 4,000 Greeks died in the siege." ... "Mehmet also ordered all looting to stop and sent his troops back outside the walls." In 1453, Constantinople contained approximately 50,000 people when the Ottoman Turks captured the city.
  44. The Fall of Constantinople, 1453
  45. The Fall of Constantinople 1453 - Steven Runciman
  46. Norwich, John. Byzantium: The Decline and Fall Penguin: London, 1995. 446.
  47. Robinson, Richard D. (1965). The First Turkish Republic: A Case Study in National Development. Cambridge: Cambridge University Press
  48. Mortimer Chambers, Barbara Hanawalt, Theodore Rab, Isser Woloch, Raymon Grew: "The Western Experience" 2003 McGraw-Hill
  49. "Constantinople will definitely be conquered one day. What a nice commandment is the commandment that conquers it, what nice soldiers is the soldiers that conquers it."(Hadith of Prophet Muhammad)(source: Ahmet b. Hanbal, Musned IV, 225.)]
Византиско Царство
Ромејска култура Историја на Римското Царство во средниот век Уредување на Римското Царство во средниот век

Архитектура
Музика
Уметност
Наука
Календар

Градови:
Цариград
Никеја
Мистра

Градби:
Света Софија

Константин I | Теодосиј I | Јустинијан I
Распад на Персија (628)
Ираклиј I
Иконоборство (726)
Лав III Сириец | Константин Порфирогенит | Василиј II
Големиот раскол (1054)
Битка кај Манцикерт (Кобна 1071)
Алексиј I Комнин | Мануил I Комнин
Падот на Цариград (1204)
Теодор I Ласкарис
Обнова на Римското Царство (1261)
Михаил VIII Палеолог | Константин Драгаш
Падот на Цариград (1453)
Средновековни римски цареви
Средновековна римска дипломатија


  Статијата „Пад на Цариград (1453)“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).