Офелија
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Офелија е лик од драмата „Хамлет“ на Вилијам Шекспир. Таа е млада девојка од Данска со благородничко потекло, ќерка на Полониј, сестра на Лаерт и потенцијална сопруга на принцот Хамлет.
Дејство
уредиВо првото појавување на Офелија во драмата, ја гледаме со брат ѝ Лаерт кој заминува за Франција. Лаерт ја предупредува дека Хамлет, наследникот на данскиот престол, нема право да се ожени со која сака. Татко ѝ на Офелија, Полониј, влегува во моментот кога Лаерт заминува, и исто така ѝ забранува на Офелија да комуницира со Хамлет затоа што мисли дека неговата љубов не е искрена.
Во следното појавување, Офелија му кажува на Полониј дека Хамлет влегол во нејзината соба чудно облечен, со пеколен израз на лицето и само зјапал во неа без да каже ни збор. Според тоа што му го кажала Офелија за „лудото“ однесување на Хамлет, Полониј заклучува дека погрешил што ѝ забранил на Офелија да се сретнува со Хамлет и дека Хамлет се однесува како луд поради тоа што е болен од љубов. Полониј веднаш одлучува да оди кај Клаудиј (новиот крал на Данска и исто така чичко и очув на Хамлет) поради ситуацијата Полониј му предложува на Клавдиј да се сокријат зад завесата и да го прислушуваат Хамлет додека разговара со Офелија. Полониј е сигурен дека Хамлет е болен од љубов и мисли дека тој сака да ѝ искаже љубов на Офелија. Клаудиј се согласува со планот за прислушкување.
Планот води до познатата „манастирска“ сцена. Полониј ја упатува Офелија во предворието на замокот додека тој и Клаудиј се кријат. Хамлет влегува во просторијата, потонат во поинаков свет од другите, каде што го кажува познатиот монолог „Да се биде, или да не се биде“. Хамлет се доближува до Офелија и разговара со неа. Тој ѝ заповеда да оди во манастир, но постанува многу гневен зашто сфаќа дека отишол предалеку и вели дека никогаш нема да се жени. Потоа излегува, а Офелија ја остава со скршено срце, уверена дека Хамлет полудел. Откако Хамлет ја напушта собата, Офелија го кажува својот монолог „О, каков благороден ум е уништен“.
Следна сцена во која Офелија се појавува е за време на претставата „Стапица за глувци“ која Хамлет ја организира со намера да докаже дека Клавдиј е убиецот на татко му, кралот Хамлет. Хамлет седнува до Офелија каде ѝ се додворува и вели дека женската љубов е минлива и кратка.
Подоцна истата вечер, по претставата, Хамлет го убива Полониј за време на средбата помеѓу Хамлет и мајка му, кралицата Гертруда. Офелија се појавува подоцна, по смртта на татко ѝ поради која полудува, но другите ликови тоа го сметаат како жалење заради загубата. Таа се обраќа со песни и рими, пее некои песни со луди зборови за смртта и девојката која ја губи невиноста. Откако на сите ќе им посака добра ноќ, таа си оди.
Последната сцена во која Офелија се појавува е откако Лаерт доаѓа во замокот да го предизвика Клаудиј и го обвинува за смртта на татко му Полониј. Офелија пее уште песни, а во рацете држи разни цвеќиња и кажува што симболизира секое цвеќе, иако толкувањата на значењата се разликуваат. Единственото цвеќе кое Шекспир ѝи го остава е седевчето: „ ... еве седевче за тебе и еве едно и за мене; можеме да го наречеме неделно цвеќе на покајанието; О па ти треба да го носиш седевчето од друга причина.“ Седевчето е познато по неговото симболично значење, покајание, но растението е многу отровно и се употребува за абортирање.
Во чинот 4, сцената 6, кралицата Гертруда во нејзиниот монолог („Една врба расте на аголот на потокот“) раскажува дека Офелија се качила на врба и кога една од гранките се скршила таа паднала во потокот каде што се удавила. Известувањето на Гертруда за смртта на Офелија претставува едно од најдраматичните известувања во литературата. Следната сцена е на гробиштата каде што клисарот кажува дека Офелија можеби се убила. Лаерт е бесен поради таа изјавата и вели дека Офелија ќе биде ангел на небото, додека тој ќе завива во пеколот.
На погребот на Офелија, Гертруда фрла цвеќиња во нејзинот гроб и вели дека посакувала таа да му биде сопруга на Хамлет. Тогаш Лаерт скока во гробот на Офелија и ги замолува да почекаат малку со нејзиниот погреб, зашто сакал уште малку да ја држи во своите раце и да ѝ каже колку ја сакал. Тука, Хамлет го предизвикува Лаерт и тврди дека ја сакал Офелија повеќе од четиристотини илјади браќа. По нејзиниот погреб, Офелија повеќе не се споменува.
Надворешен опис
уредиОфелија е убава, млада жена со нежна, тенка фигура и долга, пуштена коса. За време на нејзининото лудило ја споредуваат со диви цвеќиња.
Портрет
уредиПознато е дека Ричард Бурбеиџ го глумел Хамлет во времето на Шекспир, но не е познато кој ја глумел Офелија. На сцената во Елизабетанска Англија немало професионални глумици, па може да се претпостави дека Офелија ја глумело некое момче.
Раната современа сцена во Англија поставила симболични конвенции за претставување на женското лудило: распуштена коса, облечена во бело, покриена со цвеќиња, состојбата на Офелија можела да биде проценета уште од првото појавување. „Бојата била главен извор на симболизмот на сцената“, објаснува Ендру Гур, па затоа контрастот помеѓу Хамлетовата ноќна боја, како што тој ја нарекува, свечена црна и нежната бела на Офелија пренесуваат специфични разлики меѓу родовите. Шовалтер вели дека нудење на цвеќиња во дворецот го симболизира одземањето на невиноста, додека нејзината „сомнителна смрт“ со давење, носи асоцијации со женственоста ( Лаерт го споредува своето плачење со плачот на жената).
Од сите значајни ликови, Офелија е најстатичниот и најповршниот. Таа го има потенцијалот да стане трагична хероина - да ја надмине несреќата која и е нанесена- но, наместо тоа таа пропаѓа во своето лудило, станувајќи трагичен лик. Ова е причината зашто Офелија не е толку важна колку нејзиното застапување на двојната женска природа во драмата. Одредената цел на Офелија е да го прикаже мислењето на Хамлет за жените како сексуални предавници, но и невини и верни жени. Преку Офелија го сведочиме развивањето на Хамлет во човек убеден дека сите жени се проститутки; дека жените, за кои се мисли дека се најчисти, напротив се изопачени. А ако жените се бесчесни, тогаш тие мора да имаат свој предводник.
Гертруда беше направена курва од страна на Клаудиј, а Офелија од страна на татко ѝ. Во вториот чин, Полониј кова заговор да ја искористи привлечната Офелија за да открие зошто Хамлет се однесува толку необично. Хамлет не е во просторијата, но очигледно е дека тој го слушнал планот на Полониј, кој ја искористува ќерката за да ги дознае неговите тајни намери. На Хамлет сè му е јасно. Полониј ја продава својата ќерка. Но за нас, Офелија претставува нешто сосема поинакво. За тие што не се заслепени од гнев и болка, Офелија е вистински пример за добрина. Исто како и Гертруда, Офелија е како наивно дете. За разлика од Гертруда, Офелија има добра причина да биде несвесна за суровата реалност. Таа е многу млада и можно е да ја изгубила својата мајка уште за време на нејзиното раѓање. Нејзиниот татко Полониј и брат ѝ Лаерт, многу ја сакаат Офелија и многу се измачиле за да ја заштитат. Таа не е вклучена во важните работи. Офелија ги поминува деновите во везење и собирање цвеќиња. Таа ја возвраќа љубовта на Полониј и Лаерт со верност. Иако нејзината љубов спрема Хамлет се многу силна, таа се сложува со својот татко кога ѝ заповеда повеќе да не се гледа со Хамлет и да не прифаќа ниту едно писмо од него. Офелија е совршената, послушна ќерка, улога која се бара од сите млади жени во доцниот XVI и раниот XVII век. Нејзиното срце е чисто, и кога ќе направи нешто нечесно, како на пример кога му кажува на Хамлет дека татко ѝ е дома, но тој е зад завесата, тоа е заради страв од искреност. Офелија се прилепува на сеќавањето на Хамлет кога се однесувал нежно со неа и ја почитувал, но таа го брани и сака иако тој подоцна се однесува бездушно кон неа. Таа е неспособна самата да се брани, а според нејзините срамежливи одговори можеме да видиме дека таа страда. Нејзината нежност и невиност работат против неа кога таа не може да се соземе од тешките настани кои се случуваат еден по друг. Нејзиниот драг Хамлет ги предизвикува сите нејзини емоционални болки низ драмата и кога неговата омраза е причина за смртта на нејзиниот татко, таа го издржува тоа што може да го издржи и полудува. Но, и како луда таа е симбол, за сите освен за Хамлет, на беспрекорност и доблест. Безобразните песни што ги пее пред Лаерт, Гертруда и Клаудиј, се мрачни потсетници дека изопачениот свет за жал имал големо влијание врз Офелија. Прикажано е дека Офелија само додека е луда се совпаѓа со перцепцијата на Хамлет за неа како блудница.[1]
Смртта на Офелија е мистерија како и целата драма и ликови. Нејзиното давење се случува зад сцената и Гертруда нè известува за тоа, иако таа можеби не била присутна кога тоа се случило. Без разлика дали Гертруда била сведок или не, смртта на Офелија се смета за необична. Најпрвин, нејзината смрт повеќе изгледа како пасивна, отколку како директно извршување на самоубиство. Како што кажува Гертруда, таа случајно паднала во водата и едноставно одбивала да се спаси од потонување. Ова изгледа како метафора за животот на Офелија на крајот на драмата – таа повеќе прави што ќе ѝ кажат, отколку самата да донесува одлуки. Облеката на Офелија ја повлекува надолу, како да има свој ум. Исто така, Офелија е опишана како сирена. Дури и мртва, Офелија е претставена како еротски лик. Гертруда кажува дека давењето на Офелија изгледало толку природно што ја прави суштество со водно потекло.[2]
Родот имал важна улога во тоа време. Во раното современо сфаќање, лудилото на Хамлет и лудилото на Офелија биле различно толкувани. Хамлетовото лудило било сфатено како машка болест на умот, а лудилото на Офелија како страдање од еротоманија, болест објаснета со биолошки и емотивни термини. Овој текст за женското лудило имал влијание врз претставувањето на Офелија на сцената од 1660-ите, кога појавувањето на глумиците во англиските театри започнало да воведува нови значења во улогата: „најславните глумици кои ја глумеле Офелија биле тие со љубовно разочарување.“ Шовалтер претставува театарска анегдота која одлично ја претставува врската помеѓу приватниот живот на глумицата и улогата што ја игра.
Најголем триумф имала Сузан Маунтфорд, поранешна глумица во „Линколнс Ин Филдс“, која полудела откако нејзиниот љубовник ја изневерил. Една ноќ во 1720 година, таа избегала од нејзинот заштитник и истрчала во театарот исто како Офелија за време на нејзиното лудило. Како што некој изјавил, „за чудо на изведувачите и на публиката, таа навистина беше лично Офелија. Но, за жал, природа го направи своето и таа набрзо умре.“
За време на XVIII век, конвенциите на Августинската драма вовеле помалку напнати и по сентимантални описи на лудилото и сексуалноста на Офелија, од госпоѓицата Лесинрам до Мери Болтон во 1772 година. Сара Сидонс го глумела лудилото на Офелија со „класично достоинство“ во 1785 година.
Од тоа време, па до сега, Офелија е предмет на уметноста, често во романтичниот и класичниот стил. Многу успешни глумици ја глумеле Офелија на театарската сцена со години. Во XIX век таа била играна од страна на Хелен Фосит, Дора Џордан, Френсис Абингтон и Пег Вофингтон, која ја добила својата слава со оваа улога. Театарскиот менаџер Тејт Вилкинсон изјавил дека покрај Сузана Марија Кибер, Елизабет Сатшел (од познатото семејство Кибел) била најдобрата Офелија што некогаш ја видел.
Офелија била пренесена на екранот уште од времето на немиот филм. Дороти Фостер ја глумела Офелија, а Чарлс Рејмонд го глумел Хамлет во 1912 година. Џен Симонс ја глумела Офелија, а Хамлет го играл Лоренс Оливие, кој за тоа добил „Оскар“ во 1948 година. Симонс исто така била номинирана за „Оскар“ за најдобра женска споредна улога, но не го доби. Понови улоги се: Хелена Бонам Картер во 1990, Кејт Винслет во 1996, Џулија Стајлс во 2000 и Гугу Мата-Р во 2009. Филмови поврзани со приказната за Офелија се „Офелија учи да плива“ (2000) и „Умирајќи како Офелија“ (2002).
Офелија како тема во уметноста и во популарната култура
уреди- „Офелија“ - песна на францускиот поет Артур Рембо.[3]
- „Остаток“ - песна на полската поетеса Вислава Шимборска.[4]
Наводи
уреди- ↑ „www.shakespeare-online“. Архивирано од изворникот на 2011-07-19. Посетено на 2011-06-15.
- ↑ „www.shmoop.com“. Архивирано од изворникот на 2011-10-02. Посетено на 2011-06-15.
- ↑ Артур Рембо, Боравак у паклу. Београд: Култура, 1968, стр. 3-4.
- ↑ Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 48.