Организација со високо ниво на доверливост
Организација со високо ниво на доверливост (ХРО) (англиски: High Reliability Organization - HRO) е организација која има успеано да избегне катастрофи во работна околина за која може да се очекува дека ќе се случуваат несреќни случаи поради присутни фактори на ризик и комплексност.
Важни студии на случаи во оваа област се Кубанската ракетна криза, Инцидентот на Островот Три Милји, катастрофата со спејс-шатлот Челинџер, несреќата во Бопал со протекување отровни супстанции во хемиската фабрика, авионската несреќа во Тенерифе, шумскиот пожар во Мен Галч, соборувањето на хеликоптерот Блек Хок во Ирак во 1994 година, експлозијата на спејс-шатлот Колумбија, терористичките напади на 11 септември 2001 година, како и одлуката на САД да започне инвазија на Ирак во 2003.
Историја
уредиКорените на теоријата за ХРО се темелат на низа теоретски поставки предложени од Карлен Х. Робертс (од Универзитетот на Калифорнија во Беркли), Херберт Симон, Џејмс Марч и Карл Веик (Универзитетот од Мичиген) кои наместо да ги гледаат организациите како рационални машини ги сметаат како арени во кои се одвиваат комплексни организациони процеси. Во 1971 година, користејќи ја оваа призма, Греам Алисон понудил анализа на Кубанската ракетна криза преку книгата „Суштината на одлуката: објаснување на Кубанската ракетна криза“ (Essence of Decision: Explaining the Cuban Missile Crisis).
Друга група на корени на ХРО, кои го истражуваат феноменот на циклуси со кои се зголемуваат девијациите, се потпира на студијата на Коен, Марч и Олсон за процесот на донесување одлуки во врска со канти за ѓубре, како и делата на Бери Тарнер за катастрофи, а и истражувањата на Бери Сто, Ленс Сенделас и Џејн Датон за „циклусите закана-ригидност“.
Најзначајни рани дела во областа на истражувања за ХРО ги објавил организациониот социолог Чарлс Пероу во врска со јадрениот инцидент на Островот Три Милји во 1979 г. Неговата книга објавена во 1984 година [1] содржи поглавја за јадрени инциденти, петрохемиски фабрики, авионски несреќи, поморски несреќи, несреќи поврзани со земјиштето (уривање на брани, земјотреси) и „егзотични“ несреќни случаи (генетски инжинеринг, воени операции, вселенски летови). Набрзо по објавувањето на книгата на Пероу биле истражени несреќите во Чернобил, Бопал и експлозијата на шатлот Челинџер.
Во април 1987 година на Универзитетот во Тексас била организирана првична конференција на истражувачи кои се фокусирани на ХРО, по што беа спроведени истражувања на организации во стопанските гранки со висок ризик на Универзитетот на Калифорнија во Беркли, Универзитетот на Мичиген, Универзитетот Џорџ Вашингтон и многу други универзитети низ светот.
На Беркли, почетните истражувања биле вршени во рамки на Контролниот центар за воздушен сообраќај на Федералната воздушна управа, на комерцијална атомска централа и на носачи на авиони во рамките на морнарицата на САД.
Особености
уредиИстражувачите имаат утврдено дека успешните организации кои делуваат во стопански гранки со висок ризик постојано се редефинираат. На пример, кога екипата за итни реакции ќе утврди дека она што го сметале за пожар во гаража се претворило во инцидент со изложеност на опасни материи, тие вршат целосна реконструкција на организирањето на реакцијата. Тимовите од ХРО удобно се прилагодуваат на градење креативни одговори на неуспеси. Во случај на неуспех, тимовите од ХРО се потпираат на нивната обука, искуство и фантазија како средства за опоравување.[се бара извор]
Пет фактори кај организациите со високо ниво на доверливост се сметаат [2] за одговорни за способноста да работат добро кога се соочуваат со неочекувани ситуации.
- Преокупираност со неуспех
- Неприфаќање на поедноставени интерпретации
- Осетливост на операции
- Посветеност на издржливост
- Потпирање на стручност
Белешки
уреди- ↑ Perrow, Charles (1999). Normal Accidents: Living with High-Risk Technologies. Princeton, NJ, USA: Princeton University Press. ISBN 0-6910-0412-9.
- ↑ Weick, Karl E.; Kathleen M. Sutcliffe (2001). Managing the Unexpected - Assuring High Performance in an Age of Complexity. San Francisco, CA, USA: Jossey-Bass. стр. 10–17. ISBN 0-7879-5627-9.