Норманско освојување на Англија
Норманското освојување на Англија било инвазија и окупација на Англија во 1066 година од армијата предводена од војводата од Нормандија, подоцна наречен Вилијам Освојувачот.
Потекло на Норманите
уредиВо 911 година, Каролиншкиот француски владетел Карло Едноставниот им дозволил на група Викинзи да се населат во Нормандија. За добиената земја Норвежаните требало да го бранат брегот на Нормандија од понатамошни викиншки освојувачи.[1] Викинзите во тој регион станале познати како „Северњаци“ (латински: Northmanni) и од овој термин потекнуваат термините „Нормандија“ и „Нормани“.[2] Норманите многу брзо ја прифатиле домородната култура и биле асимилирани од Французите, а при тоа се откажале од паганството и го прифатиле христијанство.[3] Го прифатиле и оилскиот јазик, но додале некои одлики од нивниот нордиски јазик, по што настанал норманскиот јазик.[4] Тие ги прошириле границите на војводството, и кон неа ги приполе териториите: Бесин, полуостровот Котантен и Авранш.[5]
Во 1002 година, англискиот крал Етелред II Неспремниот се оженил со Ема од Нормандија, сестра на Ричард II, војводата од Нормандија.[6] Нивниот син Едвард Исповедникот, кој поминал многу години во егзил во Нормандија, го наследил англискиот престол во 1042 година.[7] По ова норманите се заинтересирале за англиската политика. Поради тоа што Едвард немал деца, војводата Вилијам од Нормандија покажувал амбиции за англискиот престол.[8]
По смртта на кралот Едвард на почетокот од 1066 година, се појавиле неколку претенденти кои тврделе дека треба да го наследат престолот на Англија.[9] Грофот од Весекс, Харолд Годвинсон, бил избран и крунисан за крал.[9][10] Харолд веднаш бил предизвикан од двајца моќни соседни владетели. Војводата Вилијам тврдел дека кралот Едвард му го ветил престолот и дека Харолд се заколнал дека ќе се согласи со тоа;[11] Кралот Харалд III од Норвешка, попознат како Харалд Хардрада, исто така го оспорил крунисувањето. Тој се повикувал на договорот помеѓу неговиот претходник, Магнус Добриот, и претходниот англиски крал (Хартакнут), според кој ако еден од нив умре без наследник, другиот ќе ги наследи Англија и Норвешка.[12] [б 1] Вилијам и Харалд почнале да собираат војска и бродови за да ја нападнат Англија.[16] [б 2]
Норвешката инвазија
уредиНа почетокот од 1066 година, прогонетиот брат на Харолд, Тостиг Годвинсон, со флотата што ја регрутирал во Фландрија ја нападнал југоисточна Англија. Затоа што таму го дочекала флотата на Харолд, Тостиг заминал на север и извршил напад на Источна Англија и Линколншир, но неговиот напад бил одбиен. Откако го напуштиле многу од неговите следбеници, Тостиг се повлекол во Шкотска, и почнал да регрутира нови сили.[22] Кралот Харолд кој со голема војска бил на јужниот брег во очекување на инвазијата од Вилијам. На 8 септември, откако видел дека Норманите не напаѓаат, ја распуштил војската затоа што требало да ги жнеат посевите.[23]
Хардрада на почетокот на септември со 300 брода и петнаесет илјадна војска ја нападнал северна Англија. Кон неговата војска се приклучиле и силите на Тостиг. На 20 септември, во битката кај Фулфорд Норвежаните ја поразиле англиската војска и продолжиле да напредуваат кон Јорк.[24][25]
Хардрада го завзел Јорк, и со првенците од градот како заложници (на 24 септември) Норвежаните се преселиле до селцето Стемфорд Бриџ.[26] Кралот Харолд, во средината на септември, дознал за норвешката инвазија и се упатил на север.[27] На кралските сили им биле потребни девет дена за да го поминат растојанието од Лондон до Јорк, во просек речиси 40 км на ден. Утрото на 25 септември, силите на Харолд стигнале во Јорк[28] и ги изненадиле Норвежаните, победувајќи ги во битката кај Стемфорд Бриџ. Харалд и Тостиг погинале во битката, а војската на Норвежаните била десеткувана. Меѓутоа, ова било скапа победа за Англичаните затоа што армијата на Харолд била ослабнета и далеку од Ла Манш.[27]
Норманската инвазија
уредиНорманската подготовка и нивните вооружени сили
уредиВилијам собрал огромна армија од Нормандија и од цела Франција.[29] Армијата била стационирана во Сен Валери-сур-Сом и била подготвена да го премине Англискиот Канал во средината на август.[30] Не е познат точниот број и состав на силите на Вилијам.[31] Еден современ документ тврди дека Вилијам имал 726 бродови.[32] Современите историчари понудија низа проценки за големината на силите на Вилијам: Армија од 7000–8000 луѓе, од кои 1000–2000 коњаници;[33] 10.000–12.000 пешадија;[34] 10.000-на армија, од кои 3.000 коњаници;[35] и 7500 пешадија.[31]
Стигнување во Англија
уредиНорманите пристигнале во Англија неколку дена по победата на Харолд над Норвежаните кај Стемфорд Бриџ на 25 септември. Тие се истовариле во Певенси во Сасекс на 28 септември и направиле дрвена тврдина во Хејстингс, од каде што ја напаѓале околината.[29]
Харолд, откако ги поразил својот брат Тостиг и Харалд Хардрада на север, оставил голем дел од својата армија таму и со остатокот од војската се упатил на југ за да се справи со норманската инвазија.[36] Иако Харолд се обидел да ги изненади Норманите, норманските извидници го најавиле пристигнувањето на Англичаните. Вилијам ја повел својата војска и напредувал кон непријателот.[37] Харолд зазел одбранбена позиција на врвот на ридот Сенлак на околу 9,7 км од тврдината на Вилијам во Хејстингс.[38]
Се смета дека бројката на англиски војници кај Хејстингс била помеѓу 7000 и 8000 војници.[39][40]
Битката кај Хејстингс
уредиБитката започнала околу 9 часот на 14 октомври 1066 година и траела цел ден.[41] Иако армиите биле бројно еднакви, Вилијам имал и коњаница и пешадија во која имало и многу стрелци, а Харолд имал само пешадија со малку стрелци.[42] Англиските војници формирале штитен ѕид по сртот и на почетокот биле многу ефикасни, така што ја одбиле војската на Вилијам која претрпела големи загуби. Некои од бретонските трупи на Вилијам се испаничиле и побегнале, а некои од англиските војници ги бркале. Норманската коњаница потоа ги нападнала и ги убила трупите што ги бркале. Норманите трипати направиле лажно повлекување, за да ги искушат на Англичаните да почнат да ги бркаат и по што норманската коњаница ќе ги нападне.[43] Пресуден настан била смртта на кралот Харолд, за која има повеќе верзии. Вилијам Џумигес тврдел дека Харолд бил убиен од војводата. Според други верзии Харолд умрел од раната откако бил застрелан во главата.[44] Други извори наведуваат дека никој не знае како умрел Харолд, бидејќи битката била многу блиску до кралот, а војниците не можеле да видат кој му го задал фаталниот удар.[45]
Последици од битката кај Хејстингс
уредиДен по битката, телото на Харолд било идентификувано.[б 3] Телата на загинатите Англичани, биле оставени на бојното поле.[47] Гита, мајката на Харолд, му понудила на Вилијам злато колку што тежи телото на нејзиниот син за да ѝ го предаде, но тој ја одбил понудата. Вилијам наредил телото на Харолд да се фрли во морето, но не се знае дали е така направено.[47] Според друга верзија Харолд бил закопан на врвот на некое ритче.[48] Подоцнежните легенди тврдат дека Харолд не загинал во Хејстингс, туку избегал и станал пустиник во Честер.[49]
По победата кај Хејстингс, Вилијам очекувал да стане англиски крал, но Витенаџмот за крал го прогласиле Едгар Етелинг.[50] Затоа Вилијам преку Кент тргнал за Лондон. Попатно ги поразил англиските сили кои го нападнале кај Савак, но не можејќи да го нападне Лондонскиот мост, тој се обидел да стигне до главниот град по заобиколен пат.[51]
Вилијам ја преминал Темза кај Волингфорд (во Беркшир). Едгар не можел да собере доволно војска за да му се спротивстави на Вилијам, и затоа неговите главни поддржувачи го напуштиле, а англиските водачи му се предале на Вилијам во Беркхамстед, Хертфордшир. На 25 декември 1066 година, во Вестминстерската опатија, Вилијам бил крунисан за крал на Англија.[51] [б 4] Вилијам останал во Англија до март 1067 година, по што се вратил во Нормандија со англиските затвореници, меѓу кои и Стиганд, Моркар, Едвин, Едгар Етелинг и Валтеоф.[53]
Последици
уредиЗамена на елитата
уредиКако директна последица на инвазијата се јавила речиси целосната елиминација на старата англиска аристократија и Англичаните ја изгубиле контролата врз Католичката црква во Англија. Вилијам систематски им го одземал имотот на англиските земјопоседници и им го доделувал на нормани. Ова било голема кампања за експропријација, така што до 1086 година само околу 5 отсто од земјиштето во Англија јужно од Тис било оставено во рацете на Англичаните.[54][55]
Англичаните биле отстранети и од високите владини и црковни функции. Англичаните само повремено биле назначувани за шерифи. Исто така, во Црквата, високите англиски функционери или биле отстранети од позицијата или биле заменети со странци по нивната смрт. До 1096 година ниту една епископија не била во рацете на Англичанец, а ретки биле и англиските игумени, особено во поголемите манастири.[56]
Англиско исселување
уредиПо освојувањето, многу англосаксонци побегнале од земјата [57] во Шкотска, Ирска или Скандинавија.[58] Членовите на семејството на кралот Харолд Годвинсон побарале засолниште во Ирска и оттаму имале неуспешни инвазии на Англија.[59] Во 1070-тите, група англосаксонци во флота од 235 бродови отпловиле за Византиската империја.[58] Византија станала популарна дестинација за многу англиски благородници и војници, затоа што на Византијците им требале платеници.[57] Некои од англиските мигранти биле населени во византиските погранични региони на брегот на Црното Море и основале градови кои ги нарекле Њу Лондон и Њујорк.[57]
Наводи
уреди- ↑ Bates Normandy Before 1066 pp. 8–10
- ↑ Crouch Normans pp. 15–16
- ↑ Bates Normandy Before 1066 p. 12
- ↑ Bates Normandy Before 1066 pp. 20–21
- ↑ Hallam and Everard Capetian France p. 53
- ↑ Williams Æthelred the Unready p. 54
- ↑ Huscroft Ruling England p. 3
- ↑ Stafford Unification and Conquest pp. 86–99
- ↑ 9,0 9,1 Higham Death of Anglo-Saxon England pp. 167–181
- ↑ Walker Harold pp. 136–138
- ↑ Bates William the Conqueror pp. 73–77
- ↑ Higham Death of Anglo-Saxon England pp. 188–190
- ↑ Keynes "Harthacnut" Blackwell Encyclopaedia of Anglo-Saxon England
- ↑ Huscroft Norman Conquest p. 84
- ↑ Stenton Anglo-Saxon England pp. 423–424
- ↑ Huscroft Ruling England pp. 12–14
- ↑ Huscroft Norman Conquest pp. 96–97
- ↑ Huscroft Norman Conquest pp. 132–133
- ↑ Stafford Unification and Conquest pp. 86–87
- ↑ Bates William the Conqueror pp. 103–104
- ↑ Thomas Norman Conquest pp. 33–34
- ↑ Walker Harold pp. 144–145
- ↑ Walker Harold pp. 144–150
- ↑ Walker Harold pp. 154–158
- ↑ Marren 1066 pp. 65–71
- ↑ Marren 1066 p. 73
- ↑ 27,0 27,1 Walker Harold pp. 158–165
- ↑ Marren 1066 pp. 74–75
- ↑ 29,0 29,1 Bates William the Conqueror pp. 79–89
- ↑ Douglas William the Conqueror p. 192
- ↑ 31,0 31,1 Gravett Hastings pp. 20–21
- ↑ Bennett Campaigns of the Norman Conquest p. 25
- ↑ Bennett Campaigns of the Norman Conquest p. 26
- ↑ Lawson Battle of Hastings pp. 163–164
- ↑ Marren 1066 pp. 89–90
- ↑ Carpenter Struggle for Mastery p. 72
- ↑ Lawson Battle of Hastings pp. 180–182
- ↑ Marren 1066 pp. 99–100
- ↑ Gravett Hastings pp. 28–34
- ↑ Marren 1066 p. 105
- ↑ Huscroft Norman Conquest p. 126
- ↑ Carpenter Struggle for Mastery p. 73
- ↑ Huscroft Norman Conquest pp. 127–128
- ↑ Huscroft Norman Conquest p. 129
- ↑ Marren 1066 p. 137
- ↑ Gravett Hastings p. 80
- ↑ 47,0 47,1 Huscroft Norman Conquest p. 131
- ↑ Marren 1066 p. 146
- ↑ Gravett Hastings p. 81
- ↑ Douglas William the Conqueror pp. 204–205
- ↑ 51,0 51,1 Douglas William the Conqueror pp. 205–206
- ↑ Gravett Hastings p. 84
- ↑ Huscroft Norman Conquest pp. 138–139
- ↑ Thomas English and Normans pp. 105–137
- ↑ Thomas "Significance" English Historical Review pp. 303–333
- ↑ Thomas English and Normans pp. 202–208
- ↑ 57,0 57,1 57,2 Ciggaar Western Travellers pp. 140–141
- ↑ 58,0 58,1 Daniell From Norman Conquest to Magna Carta pp. 13–14
- ↑ Huscroft Norman Conquest pp. 140–141
Грешка во наводот: Има ознаки <ref>
за група именувана како „б“, но нема соодветна ознака <references group="б"/>
.