Непарнокопитни

(Пренасочено од Непарнопрсни)

Непарнопрсните копитари или непарнокопитните цицачи го образуваат редот 'Perissodactyla'. Тоа се мошне големи копнени растенојади. Тука припаѓаат коњите, тапирите и носорозите. Името го добиле по присуството на непарен број на прсти на секое копито. Овие животни имаат релативно едноставен желудник и голем среден прст. За разлика од парнопрсните копитари, овие ја дигерираат целулозата во дебелото црево наместо во својот желудник.

Морфологија

уреди

Заедничка одлика на видовите е нивниот единечен прст (или три споени прста) кој ја носи тежината на животното, при што оската на секој екстремитет поминува низ зголемениот трет прст. Тапирите имаат четири прсти на предните стапала, додека носорозите имаат три прсти на сите стапала. Единствениот трет прст е единствениот кој останал кај коњите. Ова е целосна адаптација за побрзо трчање. Функционалните прсти, како кај парнопрсните, така и кај непарнопрсните, завршуваат со копита, но градбата на стапалото е сосема различна. Медијалните метакарпални и метатарзални коски не се споени во посебна коска како кај парнопрсните.

Непарнопрсните покажуваат голема разновидност во големината на телото и неговата форма. Најмал вид е планинскиот тапир (Tapirus pinchaque), кој тежи 220 кг. Најголем вид е белиот носорог (Ceratotherium simum), кој тежи преку 3,500 кг. Кај многу видови возрасните мажјаци се поголеми од женките, додека кај некои тапири случајот е обратен.

Еволуција

уреди

И покрај изобилството на фосилни докази, филогенијата на непарнокопитните не е добро разјаснета, и тоа како во рамките на редот, така и во односите со другите цицачи. Непарнокопитните, како и парнокопитните, потекнуваат од Condylarthra (пракопитари), група која ги содржела доминантните мамалиски растенојади во раниот Палеоцен (пред околу 65 милиони години). Пракопитарите се сметаат за предци и на многу други групи од цицачи. И покрај малите сличности меѓу коњите и кравите, носорозите и нилските коњи, тапирите и свињите, првиот член од секој од наведените парови припаѓа на непарнокопитните, а вториот на парнокопитните цицачи. Сличностите меѓу нив се должат најмногу на конвергентна еволуција. Меѓутоа, анализите на митохондриската ДНК укажуваат на тоа дека непарнокопитните би требало да се класифицираат во клад заедно со Pholidota, Carnivora и Cetertiodactyla (Artiodactyla и Cetacea). Најстарите непарнокопитни фосили потекнуваат од раниот Еоцен (пред околу 50 милиони години). Во ова време биле присутни 14 семејства. Во оваа епоха, непарнокопитните биле доминантни копитари. При крајот на Олигоцен (25 милиони години), осум семејства изумреле. Во раниот Миоцен останале само тапиридите, риноцеротидите, еквидите и семејството Chalicotheriidae. Последното семејство содржела необични копитари со големи предни и кратки задни екстремитети прилагодени за стоење во полуисправена положба, погодна за исхрана со листовите од високи дрвја. Со намалувањето на видовиот состав на непарнокопитните, парнокопитните станале доминантни.

Систематика

уреди
 
Планински тапир, најмалиот непарнокопитен цицач.
 
Бел носорог, најголем непарнокопитен цицач.

Сите видови од овој ред се групирани во два подреда:

  • Hippomorpha се непарнокопитни чии денешни претставници се брзи трчачи со долги нозе и со само еден прст. Единствената преживеано семејство од овој подред е Equidae (чиј единствен преживеан род е Equus) која го содржи коњот, зебрата, магарето, куланот и нивните сродници. Изумрените носороговидни бронтотери се исто така вклучени во овој подред. И двете семејства најверојатно потекнале од палеотерите.
  • Ceratomorpha имаат неколку функционални прсти. Тие се потешки и се движат побавно од Hippomorpha. Овој подред вклучува две денешни семејства: Tapiridae (тапири) и Rhinocerotidae (носорози). Изумрените халикотери би можеле да припаѓаат на овој подред.

Трите преживеани семејства на непарнокопитни се класифицирани на следниот начин:

Наводи

уреди
  1. Hooker, 2005, стр. 206.