Настава во чиј центар е ученикот

Наставата во чиј центар е ученикот се одликува со употребата на наставни методи кои го поместуваат тежиштето на поучувањето или предавањето од наставникот на ученикот. Овој вид на настава цели да ја развие самостојноста и независноста[1] на ученикот, со префрлање на одговорноста за начинот на учење во рацете на ученикот преку пренесување на вештини и основи за тоа како да се научи даден предмет и шеми кои се потребни за да се стигне до потребното ниво на постигање на ученикот.[2][3][4] Наставата во чиј центар е ученикот се сосредоточува на вештини и практики кои овозможуваат доживотно учење и независно решавање на проблеми.[5] Теоријата и практиката на наставата во чиј центар е ученикот се основаат на конструктивистичката теорија на учење која ја нагласува клучната улога на ученикот во конструирањето на значење преку добивање на нови информации и користење на стекнатото искуство.

Наставата во чиј центар е ученикот ги става интересите на учениците на прво место, и го признава гласот на учениците како централен во процесот на учење. Во просторот наменет за изведување настава во чиј центар е ученикот, учениците избираат што ќе учат, како ќе го темпираат нивното учење[6] и како ќе го оценат сопственото учење.[4] Ова е спротивно на традиционалната настава, означена и како „настава во чиј центар е наставникот“, која го позиционира наставникот во „активна“ улога, додека учениците земаат „пасивна“ улога, односно рецептивна улога. Во училницата во чиј центар е наставникот, наставниците избираат што ќе учат учениците, како ќе учат и како ќе биде оценето нивното учење. За споредба, во наставата во чиј центар е ученикот е потребно учениците да се активни и одговорни учесници во нивното сопствено учење и нивното сопствено темпо на учење.[7]

Користењето на поимот „настава во чиј центар е ученикот“ може исто да се однесува на педагошкиот пристап или наставни методи во кои доаѓаат до израз поединечните разлики на учениците.[8] Во оваа смисла, наставата во чиј центар е ученикот ги нагласува интересите на секој ученик, способностите и начините на учење, позиционирајќи го наставникот како олеснувач во учењето на поединецот, а не на одделението или класот во целина.

Теориска основа уреди

Работата на теоретичарите како Џон Дјуи, Жан Пјаже и Лев Виготски, фокусирана на тоа како учат учениците, е основа за наставата во чиј центар е ученикот. Џон Дјуи бил застапник за прогресивистичкото образование и верувал дека учењето е општествен и искуствен процес. Тој сметал дека училницата, во која учениците би можеле да учат да размислуваат критички и да решаваат проблеми од стварноста, е најдобар начин за подготовка на учениците за иднината.[6] Идеите на Карл Роџерс за образување на поединецот исто така придонеле за појава на наставата во чиј центар е ученикот. Роџерс напишал дека „единственото учење кои значително влијае на однесувањето (и образованието) е самостојното“.[9] Марија Монтесори е исто така застапник на овој вид настава. Во нејзината теорија, претшколските деца учат преку независна самонасочена интеракција со претходно изложените активности.

Теоријата на самоодредување се фокусира на степенот, до кој кога ќе се стигне, однесувањето на поединецот станува самомотивирано и „самоодредено“. Кога на учениците ќе им се овозможи да ги измерат своите постигања во учењето, тогаш учењето станува поттик.

Наставата чиј центар е ученикот значи да се преобрати традиционалното сфаќање на учењето (со наставникот во центарот) и да се стават учениците во центарот на процесот на учење. Во наставата чиј центар е наставникот, наставниците се прв извор на знаење. Од друга страна, во наставата чиј центар е ученикот, силно се охрабрува активната настава (активното учење). Армстронг (2012) тврди дека „традиционалното образование ја игнорира или потиштува одговорноста на ученикот“.[10]

Друга разлика од наставата чиј центар е наставникот е тоа дека тука наставникот е олеснувач, а не предавач. Во суштина целта на наставникот во процесот на учење е да ги води учениците низ нови толкувања на наставната содржина, што ќе овозможи „искусување“ на содржината, со што се потврдува перцепцијата на Роџерс дека „значителен степен на учење се постигнува преку правење на нешто“.[9]

Мислењето во услови на соработка (колаборативно мислење) кое се остварува при врсничката интеракција може да доведе до изобилство од знаење. Со позиционирањето на наставникот на ниво поблиско до врсник, се засилува стекнувањето со знаења и учењето, од што корист има ученикот и сите присутни во училницата. Според теоријата на Лев Виготски за зона на наредниот развој, учениците обично учат на умешен начин еден од друг, односно кога има интеракција. Поддршката е важна кога се поттикнува независното размислување. Виготски вели: „Учењето кое се стреми кон постигнување на нивоа на развој кои веќе се постигнати е неефикасно од гледна точка на целокупниот развој на детето. Тоа не се стреми кон наредно ниво на развојниот процес, туку во овој случај тоа заостанува зад овој процес“.[11]

Оценување во чиј центар е ученикот уреди

Една од најкритичните разлики меѓу наставата чиј центар е ученикот и онаа чиј центар е наставникот се согледува во оценувањето.[12] Во оваа настава обично има повеќе формативно оценување и помалку сумативно оценување, за разлика од наставата чиј центар е наставникот.[13] Овде учениците учествуваат во оценувањето на нивното учење.[14] Ова значи дека учениците се вклучени во одлучувањето за тоа како да го демонстрираат, односно покажат нивното учење. Оценувањето кое го поддржува учењето и мотивацијата е клучно за успешниот исход на педагошките пристапи во чиј центар е ученикот.

Наводи уреди

  1. Jones, Leo. (2007). The Student-Centered Classroom. Cambridge University Press.
  2. Rogers, C. R. (1983). Freedom to Learn for the 80's. New York: Charles E. Merrill Publishing Company, A Bell & Howell Company.
  3. Pedersen, S., & Liu, M. (2003). Teachers’ beliefs about issues in the implementation of a student-centered learning environment. Educational Technology Research and Development, 51(2), 57-76.
  4. 4,0 4,1 Hannafin, M. J., & Hannafin, K. M. (2010). Cognition and student-centered, web-based learning: Issues and implications for research and theory Архивирано на 28 октомври 2020 г.. In Learning and instruction in the digital age (pp. 11-23). Springer US.
  5. Young, Lynne E.; Paterson, Barbara L. (2007). Teaching Nursing: Developing a Student-centered Learning Environment. стр. 5. ISBN 078175772X.
  6. 6,0 6,1 Crumly, Cari; Dietz, Pamela; d’Angelo, Sarah (2014-11-01). Pedagogies for Student-Centered Learning: Online and On-Ground. Augsburg Fortress Publishers. doi:10.2307/j.ctt9m0skc.5. ISBN 978-1-4514-8953-8.
  7. Johnson, Eli (2013). The Student Centered Classroom: Vol 1: Social Studies and History. стр. 19. ISBN 1317919491.
  8. Student-Centered Learning. (2014). Education Reform Glossary. http://edglossary.org/student-centered-learning/
  9. 9,0 9,1 Kraft, R. G. (1994). Bike riding and the art of learning. In L. B. Barnes, C. Roland Christensen, & A. J. Hansen (Eds.), Teaching and the case method. Boston: Harvard Business School Press, Pg. 41
  10. Armstrong 2012, стр. 2.
  11. Vygotsky, L.S. (1980). Mind in Society. стр. 89. ISBN 0674076699.
  12. Crumly, Cari (2014). Pedagogies for Student-Centered Learning: Online and On-Ground. стр. 26. ISBN 1451489536.
  13. Crumly 2014, стр. 26.
  14. Jahnke, Isa (2012). „A Way Out of the Information Jungle“. Во Coakes, Elayne (уред.). Technological Change and Societal Growth: Analyzing the Future. стр. 182. ISBN 1466602015.