Носија од Прилепско-Битолско Поле

(Пренасочено од Народни носии од Поле)

Народната носија во пределот Поле (Прилепско, Битолско), голем рамничарски предел во средниот дел на брсјачката етничка област, по бројноста на облеките и нивното украсување е позната по тоа што во минатото била една од најдекоративните, но во исто време и најтешките носии што ги носеле жените во Македонија. [1]

Свадба во село Добровени, Битолско Поле

Опис уреди

Женска носија уреди

Долгите платнени туниковидни кошули се украсени со густо извезени мотиви во разни бон, меѓу кои доминира црвената во сите нијанси. Богатството и разновидноста на извезените мотиви, нивната складност и прецизност, ги карактеризираат везбените украси како едни од најубавите и најдекоративните во Македонија. [1]

 
Жени од Прилеп во народни носии, почеток на XX век

Платнената летна саја и зимскиот волнен бел клашеник, украсени со извезени мотиви, срма и монистра, ткаената волнена, ситно орнаментирана скутина - опрегач, усогласени по боја, начин на украсување и орнаментика, чинат една целина со останатите делови на носијата. [1]

 
Маж и жени во носии од село Добровени, Битолско Поле (1918)

Зимска облека е валанка, изработена е од дебела црна клашна, украсена со карактеристични украси од гајтани, ширити и монистра. Волнени, плетени, вкусно шарени чорапи и калци (волнени чорапи без стапала), со опинци, го оформуваат обувањето на нозете. [1]

Најдекоративна и највпечатлива е невестинската носија, со посебно украсената невестинска скутина чултар, украсот коцле од волнени црни рески, извезената покривка за глава обрус, чии ткаени краишта се со декоративна геометриска орнаментика и рески, и специјалната богато извезена покривка за глава сокај. Во обликувањето на облеките импресионира богатиот народен вез во карактеристична гобленска техника, со изобилно богатство на форми и доминантна црвена боја. И народниот накит, масивен, разновиден и многуброен, ја дополнува целокупната носија, придавајќи и посебна декоративност. [1]

 
Мажи и жена во носии од село Тепавци, Битолско Поле (1917)

Машка носија уреди

Машката носија од овој предел се состои од бела платена кошула, долга до колената и навезана на широко-отворените ракави, на градниот дел и на јаката. Под неа се носеле платени гаќи, долги до под листовите, во летото набрани со „гаќник“ од волнено предено. На нозете носеле бечви од бела клашна носени во комбинација со шајачни или чоени „тозлуци“ или „пртеници“ кои биле долги од глуждовите до под колената. [2]

 
Семејство во носии од село Скочивир, Битолско Поле

Околу половината се носело волнен појас, ткаен четворно и по боја ѓувезен со прави хоризонтални шари, над кој се носел кожен ремен, а младите носеле силав. Над појасот се носело волнена скутина „унечна/опашалка“ со хоризонтални шарки. Над кошулата се носело џамадан (допојасна облека) од црн шајак, а над него се носела ресачка, исто така од црн шајак, но долга до колената со реси во внатрешната страна. Исто така можело да се носи итн. „кувче“ кое е долго до под-колената. [2]

 
Брачен пар во носии од Прилепско (1916)

Околу прилепско поле се носело кекезија е горна допојасна облека со долги ракави и над сите облеки се носело талаган, кој била горна зимска облека со ракави, „јагуцка“ и долг е до под-колена. Исто така била носена црна или бела чалма (вид на крпа обмотана околу главата). [2]

За време на празници се носело минтан (допојасна облека) од дезенирана фанела, бечви од шајак во вишнова боја опточени со црни гајтани, елек од шајак во вишнова боја, џамадан со долги ракави и направен од шајак во вишнова боја со црни гајтани кој бил носен над елекот, плитки чевлитн. „кондури“ од црна кожа, црна шубара од јагнешка кожа и сребрен ќустек носен на градите со четири синџирчиња. [2]

 
Носии од гр. Крушево, во непосредна близина на Прилепско Поле кој исто така служи како мијачка оаза

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Томовски, Крум; Паликрушева, Галаба; Крстева, Ангела (1996). Етнологија на Македонците. стр. 151 и 152. ISBN 9989-649-25-1.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Здравев, Ѓорѓи (1996). „Македонски Народни Носии I“. стр. 118.

Надворешни врски уреди