Надја
Надја (француски: Nadja) - краток роман на францускиот писател Андре Бретон од 1928 година.
Содржина
уредиНа почетокот од романот авторот ги искажува своите лични размислувања и спомени за повеќе теми: односот на духот кон предметите, познанствата со пријателите (Пол Елијар, Луј Арагон, Бенжамен Пере, Роберт Деснос итн.), посетите на неугледните театри, прошетките низ Париз, итн. Потоа, тој го опишува познанството со младата жена која ја сретнал случајно на улица, на 4 октомври 1926 година. Таа се претставила како Надја и две години претходно дошла во Париз од Лил каде имала љубовна врска со еден студент кого ненадејно го напуштила. По таа средба, тие продолжиле редовно да се среќаваат. Меѓутоа, со текот на времето, раскажувачот и Надја постепено се оддалечувале, а меѓу нив сè почесто доаѓало до остри кавги. По некое време, Надја завршила во душевна болница и раскажувачот не ја видел никогаш повеќе.[1]
Осврт кон делото
уредиВо воведниот збор кон романот „Надја“, напишан во 1962 година, Андре Бретон вели дека „прифатениот начин на раскажување ја копира медицинската опсервација, пред сè невропсихијатриската, која настојува да ја сочува трагата на сè што можат да покажат прегледот и испитувањата, не оптоварувајќи се... со стилот“.[2]
„Надја“ претставува лирски манифест на надреализмот зашто ги промовира главните начела на поетиката на ова движење: прочуените прошетки по улиците на Париз, фасцинацијата на надреалистите од „улогата на случајот“, „ефектот на изненадувањето“, потрагата по „чудесниот предмет“ и „чудесната жена“, свесното препуштање на „демонот на аналогијата“ како движечка сила на творењето, сфаќањето на љубовта и слободата како поетички принципи, специфичното надреалистичко поимање на естетското, итн. Притоа, „Надја“ не е класичен роман, туку низа од фрагменти и анегдоти исткаени околу централната оска - средбата на авторот со една реална жена која себеси се нарекува Надја. Оваа средба означува спојување на две психи во она што се нарекува „надреалистичка средба“ во која авторот и Надја се спојуваат во едно. На прашањето: „Која сте вие?“, Надја одговара: „Јас сум душа-скитничка“. Со тоа, Надја се јавува како прототип на четирите типови жени во надреалистичката митологија: жена-дете, жена-демон, жена-жртва и жена-воведувач во тајните. Романот започнува со филозофското прашање: „Кој сум јас?“ Притоа, Надја го претставува женското Јас на раскажувачот, отелотворение на ониричката сила и на стремежот на авторот за преминување на границите на свеста. Исто така, Надја е и Другост, т.е. сето она од кое авторот се плаши, во прв ред, лудилото. Бретон ја напишал книгата за Надја во потрага по митот за потполно остварување на човекот. Кон крајот на приказната за Надја, Бретон пишува дека само љубовта би можела да доведе до чудо. На тој начин, романот претставува апологија на љубовта/животот/творењето. На самиот крај на романот, Бретон го искажува својот естетски идеал, пишувајќи: „Убавината ќе биде ГРЧЕВИТА или ќе ја нема.“[3]
Бретон го напишал текстот на „Надја“ во септември 1927 година, а потоа одлучил да го заврши визуелно, а за таа цел ги ангажирал фотографите Мен Реј за фотографиите-портрети и Жак-Андре Боафар за фотографиите на Париз. Така, книгата содржи 44 фотографии во кои се претставени разни лица, хотели, продавници, статуи, книжарници и плоштади што се споменуваат во книгата. Подоцна, во изданието на романот од 1963 година, Бретон ја вклучил и фотографијата на очите на Надја, нагласувајќи дека нејзиниот поглед е клучен за специфичната стратегија на гледање која е својствена за надреалистичката поетика. Според проучувачите на делото на Бретон, употребата на фотографиите треба да обезбеди документарност, автентичност и веродостојност на романот, со што авторот се ослободува од описите карактеристични за реалистичките романи. Исто така, во романот има и неколку оригинални цртежи на главниот лик, кои не служат како илустрација на текстот, туку му даваат автентичност.[4]
Изданија на македонски јазик
уредиПрвото издание на романот на македонски јазик се појавило во 2009 година, романот „Надја“ од издавачката куќа „Магор“, во рамки на едицијата „Протеј“. Преводот од француски јазик го направила Анка Ѓурчинова, автор на корицата е Симчо Шандуловски, а техничкото уредување го направил Синиша Кариќ. Изданието содржи и предговор, напишан од Лидија Капушевска-Дракулевска, со наслов „Од еден идентитет до друг, или Автопортрет во прво лице множина“. Книгата, со димензии од 17 сантиметри и со обем од 144 страници, била испечатена во печатницата „Графостил“. Таа е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“ од Скопје и го носи меѓународната ознака ISBN 978-9989-183-83-6.[5]
Наводи
уреди- ↑ Андре Бретон, Надја. Скопје: Магор, 2009.
- ↑ Андре Бретон, Надја. Скопје: Магор, 2009, стр. 31.
- ↑ Лидија Капушевска-Дракулевска, „Од еден идентитет до друг или Автопортрет во прво лице множина“, во Андре Бретон, Надја. Скопје: Магор, 2009, стр. 5-10.
- ↑ Лидија Капушевска-Дракулевска, „Од еден идентитет до друг или Автопортрет во прво лице множина“, во Андре Бретон, Надја. Скопје: Магор, 2009, стр. 10-11.
- ↑ Андре Бретон, Надја. Скопје: Магор, 2009.