„Доживувањата на Чичиков или Мртви души (поема)“ (руски: Похождения Чичикова или Мертвые души (поэма) — роман на рускиот писател Николај Гогољ, првпат објавен во 1842 година.

Создавањето на романот уреди

Гогољ започнал да го пишува романот во средината на 1835 година, а сижето му го позајмил Пушкин, наговарајќи го да започне да пишува поголемо дело. Во „Исповедта на писателот“, Гогољ го објаснува настанувањето на делото „Мртви души“: Во една прилика, кога Гогољ му прочитал на Пушкин една сцена, тој се воодушевил и му рекол „...како е можно со таква способност човек да не се зафати со некое големо дело!“ Потоа, Пушкин почнал да му укажува на Гогољ на неговата кревка градба, на болестите и на можноста да умре млад; потоа, му го кажал примерот со Сервантес кој, иако напишал неколку извонредни раскази, да не се зафател со „Дон Кихот“, никогаш не би го зазел своето место меѓу писателите; најпосле, му го отстапил своето сиже од кое сакал да напише еден вид поема, а тоа било сижето за „Мртви души“.[1]

Откако ги напишал првите три глави, Гогољ ја прекинал работата на романот, посветувајќи се на пишувањето на комедијатаРевизор“. По напуштањето на Русија, тој ја продолжил работата на романот во швајцарското место Веве, а потоа и во Париз, каде работел со голем полет. Така, во едно писмо до Жуковски, тој вели: „Сè што почнав, повоторно го преработив, размислив повеќе за целиот план и сега го водам мирно како летопис. Ако го сработам ова дело онака како што треба да се направи, тогаш... какво огромно, какво оригинално сиже! Цела Русија ќе се појави во него! Тоа ќе биде првата моја добра работа, работа која ќе го прослави моето име!“[2] Гогољ ги преработил трите глави во Париз, а малку подоцна во Рим ја продолжил работата на романот. Првиот дел на „Мртви души“ Гогољ го пишувал шест години и го завршил есента 1841 година. П. В. Аненков, кој му помагал на Гогољ во препишувањето на романот, опишува една случка која го покажува задоволството на Гогољ од она што го напишал: Еднаш, за време на препишувањето на шестата глава, Аненков го изразил своето воодушевување, нарекувајќи ја главата генијална, а малку подоцна, за време на прошетката, Гогољ запеал некоја весела украинска песна и на улицата почнал да игра со чадорот од кој по неколку минути останала само дршката.[3][4]

Во декември 1841 година, Гогољ го доставил до цензурата во Москва. Меѓутоа, цензорите постојано му давале забелешки на некои неважни ситни детаљи. На пример, еден цензор се спротивставил на печатењето на книгата, со образложение дека душата е бесмртна, дека не постојат мртви души и дека насловот е во спротивност на една од основните христијански догми. Кога му било објаснето дека се мисли на кметовите, цензорот одговорил дека дури сега не дава дозвола за печатење, зашто книгата е насочена против кметовите.[5] Наскоро нему му станало јасно дека нема да добие дозвола за печатење на романот и затоа го замолил познатиот критичар В. Г. Белински да го предаде ракописот до цензурата во Петроград. Таму, цензорот Никитенко се покажал поблаг и дал дозвола за објавување, со барање до авторот да направи поправки на 36 „сомнителни места“, да ја измени приказната за капетанот Копејкин и да го промени насловот на книгата. Така, романот излегол од печат на 21 мај 1842 година, со наслов „Доживувањата на Чичиков или Мртви души“ (како што барала цензурата) и под тој наслов продолжил да се објавува до Октомвриската револуција.[4]

На средината од корицата на првото издание на „Мртви души“ со големи букви се издвојува зборот „Поема“, потоа со ситни букви е напишано „Доживувањата на Чичиков“, а подолу со црни букви стои насловот „Мртви души“, заедно со годината на издавањето. Притоа, на корицата се претставени вињети на черепи, шишиња, чаши, печена гуска и трагични маски; странично се прикажани контурите на кафеани, бунари, риби, шишиња, опинци, а најгоре е прикажана познатата руска тројка.[6]

Во 1846 година се појавило второто издание на првиот дел на „Мртви души“. Во предговорот на ова издание, Гогољ објаснува дека неговата намера била да ги покаже недостатоците и пороците на рускиот човек, додека подобрите луѓе и карактери ќе најдат место во другите делови на романот. Притоа, тој признава дека многу нешта во книгата не се верно опишани и дека во неа има многу пропусти и грешки, молејќи ги читателите да ги поправат. Понатаму, Гогољ пишува дека во книгата не се работи за стилот и за убавината на изразот, туку за нештата и за вистината на нештата и дека не може да ги објави последните делови од романот додека колку-толку не го запознае рускиот живот.[7]

Според планот на Гогољ, „Мртви души“ требало да бидат составени од три дела. Во едно писмо до Жуковски од 1842 година, тој пишува: „Ви ги испраќам Мртви души. Тоа е првиот дел. Овој дел многу го преработив... но, не можам а да не видам колку малку е важен во споредба со другите делови што треба да дојдат по него.“ Притоа, Гогољ го нарекува првиот дел шупа, а другите делови ги споредува со дворец со колосални размери.[8] Гогољ почнал да го пишува вториот дел на „Мртви души“ пред да биде објавен првиот дел. Меѓутоа, во 1842 година тој западнал во душевна криза и во мистицизам, што се забележува и во неговите редакции на вториот дел на романот. Во такви околности, борејќи се со здравиот разум и со опскурното мисионерство, во 1845 година, тој го запалил ракописот, а во 1848 година, по неговата посета на Палестина и враќањето во Русија, продолжил да работи на вториот дел на „Мртви души“, но повторно го запалил ракописот. Сепак, продолжил да ја пишува книгата и да ги преработува главите. Познато е дека успеал да ја заврши и да ја препише книгата, но девет дена пред смртта, на 12 февруари 1852 година го запалил и тој ракопис. Случајно, од книгата останале пет глави коишто ги објавил неговиот роднина Николај Трушковски во Москва, во 1855 година, врз основа на ракописната копија на оригиналот што ја направил С. П. Шевирјов. Не е познато, зошто Гогољ го уништил ракописот на вториот дел на книгата, но се знае дека на неа работел повеќе од десет години при што тој им читал делови од книгата на своите пријатели. Денес, од вториот дел на „Мртви души“ се зачувани првите четири глави коишто се поврзани и сочинуваат целина. Единствено, четвртата глава е недовршена и таа претставува дел од некоја од завршните глави на книгата. Врз основа на фактот дека имињата во неа не се конечно утврдени, за неа се претпоставува дека е напишана пред останатите три глави, а за сите четири глави се претпоставува дека припаѓаат на една од првите редакции на вториот дел на „Мртви души“, можеби на онаа што Гогољ ја запалил во 1845 година.[9]

Во вториот дел на „Мртви души“ јасно се гледа големата идејна и душевна криза на Гогољ, како и промената во неговата идеологија. Навистина, и во вториот дел се присутни силните реалистични слики од животот, а ликовите на Тентетников и Хлобуев воопшто не заостануваат зад јунаците од првиот дел. Особено е интересен ликот на Тентетников, кој во руската книжевност претставува прототип на Обломов. Во таа смисла, Чернишевски вели дека “во поголемиот дел од исечоците, наспроти нивната неодреденост, избива големиот Гогољев талент со својата поранешна сила, свежина, благородност на насоката вродена на неговата висока природа.“ Но, во овој дел јасно се гледа тенденцијата за разубавување на стварноста и Гогољ се обидува да создаде идеални руски луѓе од типот на спахијата Констанжоглу, милионерот Муразов и Улињка, ќерката на генералот. Меѓутоа, овие идеални ликови се нереални и невистинити.[10]

Покрај четирите глави од вториот дел на „Мртви души“, зачувани се три варијанти на „Приказната за капетанот Копејкин“, коишто суштински се разликуваат меѓу себе. Притоа, првата варијанта (којашто Гогољ воопшто не ја доставил до цензурата) е најпошта, втората варијанта е онаа што била забранета од цензурата, а третата е варијантата одобрена од цензурата. Подготвувајќи го првиот дел на „Мртви души“ за печат, Гогољ претпоставил дека цензурата нема да ја одобри „Приказната за капетанот Копејкин“ и затоа ги ублажил најострите места од првата редакција и целосно го исфрлил крајот во кој било опишано како богатиот Копејкин заминал во Америка. Меѓутоа, дури и разблажената верзија не била прифатлива за цензорот Никитенко, кој побарал од Гогољ да ја исфрли приказната за Копејкин. Гогољ бил огорчен поради тоа барање, сметајќи дека приказната е едно од најдобрите места во книгата. Поради тоа, тој одлучил целосно да ја преработи приказната и така настанала третата варијанта.[11]

Содржина уреди

Романот се состои од два дела при што првиот дел содржи 11 глави, а вториот дел се состои од четири нумерирани глави (од кои четвртата е недовршена) и една ненумерирана глава.[12][13]

Прв дел уреди

  • Глава I-VII: Во провинцискиот град НН. пристигнува службеникот Павле Иванович Чичиков, кој најпрвин се сместува во гостилницата, а потоа ги посетува сите поважни службени лица во градот: градоначалникот, шефот на полицијата, јавниот обвинител, судијата, итн. Притоа, тој им ласка на сите и така ја добива нивната наклонетост. По една недела, Чичиков го посетува спахијата Манилов кому му предлага да склучат договор за купување на т.н. „мртви души“, т.е. неговите селани кои умреле од времето на последниот попис а кои официјално се водат како живи. Патувајќи кон поседот на следниот спахија, Чичиков по грешка стигнува во друго село и таму склучува ист таков договор со спахијката Настасија Петровна Коробочка. Потоа, во една меана, тој се среќава со спахијата Ноздрјов кому, исто така, му нуди таков договор. Меѓутоа, во домот на пијаниот Ноздрјов доаѓа до расправија меѓу нив при што Чичиков, не само што не успева да склучи договор, туку за малку избегнува да биде претепан. Но, потоа, тој оди во селото на спахијата Собакевич и, по мачно и долго пазарење, склучува успешна зделка. Таму, Чичиков дознава дека во соседното село живее скржавиот осамен спахија Плушкин и евтино купува многу мртви души, така што задоволен се враќа во градот. Утредента, тој ги заверува договорите во судот, лажејќи дека поседува имот во Херсон.[14]
  • Глава VIII-XI: Набргу, низ градот почнуваат да се шират гласови дека Чичиков е милионер и сите жени почнуваат да лудуваат по него, а еден ден, тој дури добива и анонимно љубовно писмо. На балот што го организира губернаторот, Чичиков е во центарот на вниманието. Таму, тој се запознава со ќерката на губернаторот, која претходно случајно ја среќава на патот од имотот на Ноздрјов кон имотот на Собакевич. Чичиков е целосно опиен од нејзината убавина и тоа предизвикува незадоволство кај останатите жени од градот. Меѓутоа, на балот се случува нешто што го вознемирува Чичиков - пијаниот Ноздрјов на сите им кажува за купопродажбата на мртвите души. Истата ноќ, во градот пристигнува и спахијката Коробочка која ја раскажува приказната за мртвите души. Набргу, целиот град зборува за тоа при што се формираат две групи: мажите се трудат да откријат кој е Чичиков и што се крие зад мртвите души, а жените измислуваат дека Чичиков планира да ја грабне ќерката на губернаторот. Мажите се собираат кај шефот на полицијата и почнуваат да измислуваат бројни бесмислици за вистинскиот идентитет на Чичиков - дека тој е капетанот Копејкин кој подоцна станал разбојник, дека е Наполеон кој успеал да побегне од заточеништво итн. (Во една верзија на деветтата глава, мажите се договараат прокуророт да го посети спахијата Собакевич, а претседателот на судот да оди кај Коробочка, но тие не успеваат да дознаат ништо за Чичиков, така што останува мистеријата за неговиот идентитет.[15] Исто така, постојат неколку верзии на приказната за капетанот Копејкин - нецензурирани и цензурираната).[16] Кога Ноздрјов ќе му каже на Чичиков дека сите во градот му свртеле грб и дека го товарат за разни дела, Чичиков утрдента набрзина го напушта градот. Притоа, во последната глава, авторот раскажува за минатото на Чичиков: тој се родил в село, во сиромашно семејство, а се школувал во градот, каде научил да штеди и да им се умилкува на претпоставените. Кога го завршил школувањето, татко му умрел и Чичиков ја започнал тешката животна борба, сонувајќи да стане богат. Најрвин работел како ситен канцелариски службеник, но успеал да му се додвори на својот претпоставен и да стане началник. Потоа, како член на комисијата за изградба на една државна зграда, тој се збогатил преку проневера на државните пари, но бил откриен и избркан од работа, а имотот му бил конфискуван. Сепак, подоцна, Чичиков станал царински службеник и тогаш се поврзал со една група криминалци, со што стекнал големо богатство. Меѓутоа, повторно бил откриен и го загубил целото богатство, по што уште еднаш западнал во сиромаштија. Тогаш, сосема случајно ја добил идејата за мртвите души.[17]

Втор дел уреди

  • Глава I-IV: Во едно убаво село, зафрлено во далечен крај, живее спахијата Андреј Иванович Тентетников, човек на возраст од 33 години. Восхитен од својот необичен учител, тој имал голема желба за образование, но неговиот ентузијазам бил прекинат од ненадејната смрт на учителот. Потоа, тој започнал да работи канцелариска работа, но поради немирниот дух дал оставка и се вратил во своето село. По враќањето, Тентетников најпрвин се занесува со своите просветителски идеи, но набргу селаните ја злоупотребуваат неговата наивност и почнуваат да го крадат, така што тој запаѓа во апатија и се затвора во себе. Кон тоа придонесува и неговата караница со соседот (пензиониран генерал) во чија ќерка е вљубен. Еден ден, на неговиот имот пристигнува Чичиков, кој со својата љубезност се спријателува со домаќинот. Чичиков го посетува генералот и му предлага да ги купи неговите мртви души, а потоа ги посетува и останатите спахии во околината со намера да ги купи мртвите души. Притоа, тој се запознава со богатиот и трудољубив спахија Константин Констанжогло, кој го убедува дека може да се збогати ако работи вредно и му дава пари на заем со кои Чичиков го купува имотот на пропаднатиот спахија Хлобуев.[18]
  • Недовршен дел: Во ракописот на вториот дел од „Мртви души“ е пронајден еден текст што не е означен како посебна глава, што покажува дека претставува една од првите редакции на вториот дел и дека авторот сè уште не знаел која глава ќе биде. Во овој дел се дознава дека Чичиков живее во градот и дека се збогатил откако, со помош на измама, присвоил дел од наследството на богатата тетка на Хлобуев. Текстот започнува со опис на престојот на Чичиков на панаѓурот што се одржува во градот, каде тој купува материјал за да сошие костум. Таму, тој го среќава Хлобуев, но го избегнува неговото друштво, а потоа спахијата Муразов го убедува пропаднатиот Хлобуев да се зафати со некоја работа, советувајќи го да собира доброволен прилог за црквата. Потоа, текстот се прекинува и продолжува со опис на судбината на Чичиков: Власта дознава за измамата со наследството, како и за мртвите души, па Чичиков е уапсен и затворен. Додека тој очајува во затворот, него го посетува Муразов, ветувајќи дека ќе му помогне, ако се откаже од стремежот за богатење и ако продолжи да живее скромен, повлечен живот. Најпрвин, Чичиков ветува дека ќе се откаже од злото, но веднаш потоа се премислува. Истовремено, него го посетува расипаниот службеник Самосвистов, кој му ветува на Чичиков дека ќе биде ослободен од тужбата, ако му даде мито во износ од 30.000 рубљи. И навистина, заедно со тајниот советник кој работи во полза на Чичиков, Самосвистов успева да ја забошоти измамата. Во исто време, Муразов го замолува кнезот да го ослободи Чичиков, кој веднаш го напушта градот. Потоа, кнезот ги собира своите службеници и им држи говор против нечесноста и корупцијата. Сепак, овој дел не е довршен.[19]

Ликовите во романот уреди

Во „Мртви души“ Гогољ дал цела галерија на типични ликови од тогашна Русија. Во прв ред, сликајќи го благородништвото, тој ја продолжил темата почната во неговите збирки раскази „Вечери во селцето крај Диканка“ и „Миргород“ и повторно го прикажува паразитскиот живот на спахиите. Ликовите на Манилов, Собакевич, Ноздрјов, Коробочка и другите претставуваат деформација на човечката природа и деградација на најважното во човекот, иако секој од нив претставува посебен лик: Манилов е добар човек, љубезен и „идеалист“, но од неговата добрина нема никаква полза и затоа за него се добива негативна слика; за разлика од него, Коробочка и Собакевич се практични и себични луѓе кои ги гледаат своите интереси; а интересен е и ликот на Ноздрјов, кој на почетокот делува како обичен дрдорко, но подоцна се покажува како расипан човек. Сепак, покрај спахиите, Гогољ ги прикажува и провинциските градови во кои живеат морални чудовишта, а службениците се корумпирани и ја крадат државата. Особено релјефно е насликан главниот лик, Чичиков, кој по своите карактерни црти не е подобар од спахиите и државните службеници. Уште од детството, тој е воспитуван да им се додворува на претпоставените и постепено тој се формирал во совршен никаквец. Во продолжение, еден од насилните делови во „Мртви души“ е Приказната за капетанот Копејкин - мајсторско дело во кое се исмејува петроградската бирократија.[20]

Осврт кон делото уреди

Во предговорот кон второто издание на „Мртви души“ од 1846 година, Гогољ им се обраќа на новинарите, писателите и читателите со молба, независно од нивното образование, внимателно да го прочитаат делото и да му ги испратат своите забелешки. Притоа, тој објаснува дека во книгата намерно се насликани ликови кои ги покажуваат недостатоците и пороците на рускиот човек, а не неговите вредности, додека подобрите карактери ќе бидат опишани во другите делови од книгата.[21] Исто така, авторот укажува дека во дискусиите за книгата вниманието не треба да биде насочено кон стилот, туку главната поента се состои во вистината за нештата.[22] Во продолжение, Гогољ кажува дека не може да ги објави последните делови од книгата сè додека сестрано не го запознае рускиот живот.[23]

Иако на прв поглед, „Мртви души“ претставува неверојатна и смешна анегдота, во романот Гогољ успеал аналитички да ја открие суштината на руското општество во 19 век. Бидејќи неговата сложена и оригинална замисла не можела да се изрази во конценционалната форма на романот, Гогољ ја прифатил формата на поемата, која му овозможила да ги спои реализмот и лирските теми, т.е. прозата со поезијата. Оттука, во речиси сите свои статии, критичарот Белински го нарекува Гогољ поет. Инаку, уметничката структура на „Мртви души“ ја сочинуваат три меѓусебно поврзани круга: спахиите, градските службеници и животниот пат на Чичиков при што во делото нема главни и споредни јунаци. Поради тоа, своевремено, некои критичари сметале дека „Мртви души“ претставува циклус на различни новели, но органската целокупност на делото го докажува спротивното.[4]

Во своето дело „За развојот на револуционерните идеи во Русија“, критичарот Херцен пишува дека објавувањето на „Мртви души“ бил настан што „ја потресол целата Русија“, предивикувајќи поделба на два табора: едни го фалеле, а други го критикувале делото. Уште кога Гогољ му прочитал на Пушкин некои од почетните делови од романот, Пушкин воодушевено рекол: „Боже, колку е тажна нашата Русија!“. Осврнувајќи се на „Мртви души“, Херцен вели: Гогољевата поезија е крик на ужасот и срамот што ги испушта човекот, понижен од нискиот живот, кога наеднаш ќе го забележи во огледалото своето скотско лице.“ Поетот Н. Јозиков, во едно писмо од 1 декември 1842, го изразува восхитот со зборовите: „Каков талент! Многумина пред Гогољ го опишувале изживувањето на руското благородништво, но никој како него не го налутил толку“. Од друга страна, реакционерните критичари, како Булгарин, Сенковски и Полевој, тврделе дека „Мртви души“ се „извитоперена карикатура“ и „клеветење“ на Русија; списанието „Северна пчела“ го обвинувала дека насликал „некаков посебен свет на никаквеци што никогаш не постоел и ниту можел да постои“; а умерените критичари му префрлале за едностраното и тенденциозно прикажување на стварноста; а најдалеку отишол Ф. И. Толстој-Американец кој на еден собир изјавил дека „Гогољ е непријател на Русија и треба во синџири да се спроведе во Сибир.“[6][24]

Веќе во првите два месеца по појавувањето на книгата, за неа се појавиле бројни критички статии. На пример, во статијата насловена „Неколку зборови за Гогољевата поема Доживувањето на Чичиков или Мртви души“, К. С. Аксаков го застапувал мислењето дека поемата, со својата содржина, карактер и поетска форма, претставува омаловажување на Хомеровиот класичен еп и негово претворање во роман. На тие обвинувања остро одговорил Белински, докажувајќи дека споредбата со Хомер е бесмислена и дека делото на Гогољ е „еп на нашето време“ во којшто се „огледува современиот живот“. Навреден од критиката, Аксаков одговорил со антикритика во списанието „Московјанин“, а нему му одговорил Белински со статијата „Објаснение на објаснението по повод Гогољевиот еп Мртви души“, објавена во 11. тетратка на списанието „Татковински записи“. Повторно, Белински докажувал дека нема никаква сличност меѓу Гогољ и Хомер, зашто патосот на „Илијадата“ ја афирмира стварноста, додека патосот на „Мртвите души“ ја негира стварноста. Според Белински, единствената сличност меѓу Гогољ и Хомер е тоа што двајцата се поети. Од друга страна, мислењата на Аксаков ги поддржале критичарите Самарин и Хомјаков.[25] На тој начин се развила голема полемика за книгата, што го навело Белински да заклучи дека критичките расправи околу „Мртви души“, всушност, се резултат на судирот меѓу старите и новите принципи, т.е. дека тие се битка на две епохи.[26] Во својата статија, Белински ги оценил „Мртви души“ како „дело што стои над сè што било и што е во руската книжевност, зашто во нив длабочината на живата општествена идеја е неразделно поврзана со бескрајно уметничките убавини на сликите.“ Иако романот е исполнет со смешни ситуации, смеата нема централно место во него и Белински воопшто не го сметал за хумористично дело. така, тој пишува: „Ние не гледаме во неа ништо шеговито... сè во неа е сериозно, мирно, вистинито и длабоко.“[27] Инаку, самиот Гогољ бил незадоволен од брошурата на К. С. Аксаков и во писмото до С. П. Аксаков изразил жалење што авторот на статијата не ја сфатил поемата и дека го „посрамотил пред светот“, изразувајќи надеж дека критиката ќе успее точно да ја определи вредноста на поемата. Во тој поглед, Белински бил првиот критичар кој ја сфатил вредноста на „Мртви души“, а подоцна нему му се придружиле и Херцен и Чернишевски, кој во едно писмо до Гогољ истакнал дека тој е основач на „сатиричниот или поточно критичкиот правец во рускиот реализам“.[28]

Влијание и наводи уреди

На крајот од првата книга од романот „Предел насликан со чај“ на српскиот писател Милорад Павиќ, главниот лик зема повторно да ја чита книгата „Мртви души“ (која еднаш веќе ја прочитал на 15-годишна возраст) при што додека чита надвор врне силен дожд, исто како во дејствието на книгата.[29]

Наводи уреди

  1. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XV-XVI.
  2. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XLIV.
  3. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XLV.
  4. 4,0 4,1 4,2 Марија Стојиљковић, „Објашњења“, во: Николај В. Гогољ, Мртве душе (поема). Београд и Цетиње: Народна књига и Обод, 1970, стр. 431-432.
  5. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XLVI.
  6. 6,0 6,1 Марија Стојиљковић, „Објашњења“, во: Николај В. Гогољ, Мртве душе (поема). Београд и Цетиње: Народна књига и Обод, 1970, стр. 434.
  7. Николај В. Гогољ, Мртве душе (поема). Београд и Цетиње: Народна књига и Обод, 1970, стр. 403-406.
  8. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. LII.
  9. Марија Стојиљковић, „Објашњења“, во: Николај В. Гогољ, Мртве душе (поема). Београд и Цетиње: Народна књига и Обод, 1970, стр. 437-439.
  10. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. LV-LVI.
  11. Марија Стојиљковић, „Објашњења“, во: Николај В. Гогољ, Мртве душе (поема). Београд и Цетиње: Народна књига и Обод, 1970, стр. 439-440.
  12. Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966.
  13. Николај В. Гогољ, Мртве душе (поема). Београд и Цетиње: Народна књига и Обод, 1970.
  14. Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. 5-223.
  15. „Завршетак IX главе у прерађеном облику“, во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. 554-565.
  16. „Прича о капетану Копејкину“, во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. 565-580.
  17. Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. 224-365.
  18. Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. 369-499.
  19. Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. 500-543.
  20. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XLVIII-LII.
  21. „Предговор другом издању првог дела Мртвих душа (1846 г.)“, во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. 547-548.
  22. „Предговор другом издању првог дела Мртвих душа (1846 г.)“, во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. 549.
  23. „Предговор другом издању првог дела Мртвих душа (1846 г.)“, во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. 550.
  24. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XLVI-XLVII.
  25. Марија Стојиљковић, „Објашњења“, во: Николај В. Гогољ, Мртве душе (поема). Београд и Цетиње: Народна књига и Обод, 1970, стр. 435.
  26. Марија Стојиљковић, „Објашњења“, во: Николај В. Гогољ, Мртве душе (поема). Београд и Цетиње: Народна књига и Обод, 1970, стр. 434-435.
  27. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XLVII-XLVIII.
  28. Марија Стојиљковић, „Објашњења“, во: Николај В. Гогољ, Мртве душе (поема). Београд и Цетиње: Народна књига и Обод, 1970, стр. 435-436.
  29. Milorad Pavić, Predeo slikan čajem. Beograd: Dereta i Prossveta, 1997, стр. 95-101.