Мрвачко

историско-географска област во јужна Пиринска и североисточна Егејска Македонија

Мрвачко — историско-географска област во североисточна Егејска и јужна Пиринска Македонија, денес во Грција и Бугарија. Главно занимање на населението во мрвачките села било рударство и железарството, со кои е врзано потеклото на името Мрвачко.[1] Жителите на областа, на речени Мрваци, се сметаат за посебна македонска етнографска група, со свој мрвачки говор во склоп на драмскиот дијалект на македонскиот јазик.

Географија

уреди
 
Карта на Мрвачко

Најопшто земено, Мрвачко го опфаќа планинското подрачје на Јужен и Среден Пирин, Славјанка (Алиботуш), Стргач, Сенгелска Планина, Шарлија, Црна Гора, Серски Боздаг (Сминица) и Штудер.[2] Според Константин Јиречек областа ги опфаќа населените места меѓу градовите Неврокоп, Мелник, Демирхисар (Валовишта), Сер и Драма. Согласно истражувањата на Васил К’нчов, северната граница на Мрвачко доаѓа до Момина Клисура на Места. Според него, на почетокот на 90-те години на XIX век, Мрвачко било административно поделено на четири кази, а имено: долините на Бродска Река и Серовица спаѓаат во Серската каза; долините на реките Буровица и Пештерник — во Неврокопската каза; долините на реките Белица и Пиринска Бистрица — во Валовишката (Демирхисарска) каза; а во Мелничко останале само неколку селца по десниот брег на Бистрица.[3] Областа Мрвачко на турски била позната и како Демирколу, Демирџиколу или Демир Кола (железарска област, околија).[4]

Основајќи се на јазичните особености, Стефан Салганџиев вели дека Мрваците живеат во Серската, Бајраклиџумајската, Демирхисарската, Петричката, Мелничката, Разлошката (до Јакоруда) каза, како и во дел од Неврокопската и дел од Драмската.[5] На тоа подрачје влегува речиси целиот некогашен Серски санџак. Според проф. Георги К. Георгиев, доколку под Мрвачко го подразбираме подрачјето на рудсрско-железарска дејност, тоа не се совпаѓа со мрвачкото јазично подрачје. Според истиот автор, Салгандџев дава преголем опфат и не ги вклучува најисточните села од Јужен Пирин — Лески и Љалево, како и селата по северната и источната периферија на планината Стргач — Либјахово (Гоце Делчев), Везме, Белотинци, Волково и Зрново.[2][6] Слично се изразува и Атанас Шопов, според кого Мрваци се нарекуваат жителите само на оние села што се непосредно врзани со рударството и железарството.[7]

Историја

уреди
 
Макета на традиционална рудопреработувачка ковачница (самоков).

Во XVI-XIX век областа била еден од важните центри за добивање и обработка на железо во Османлиското Царство. Археолошките испитувања укажуваат на тоа дека на ова подрачје било развиено металството уште од антиката. Според Страбон, Филип II Македонски добивал приходи „од рудниците и другите богатства на тие места“ (меѓу реките Струма и Места). Еден од првите документи во кои се говори за добивањето на железо во Мрвачко е грамотата од 1347 г., дадена на светогорскиот манастир „Св. Лавра“, каде се вели дека манастирот добива приходи „од топење железо во Трилисион“ (Трлис). Познатиот патописец Хаџи Калфа во средината на XVII век ги споменува богатите железни рудници на планината Беридие (Пирин).[8]

Османлиските власти преземаат посебни мерки за зачувување на производството — го оневозможувувале приливот на турски колонисти и не му го наметнуваат исламот на месното население. Ова имало за цел да ги ограничат миграциските процеси, за да го поттикнат доселувањето на рудари во тие краишта. Проф. Георги К. Георгиев претпоставува дека жителите на Лехово веројатно се потомци на рудари од словенско потекло, преселени од Унгарија и Трансилванија во средината на XVI век.[8] Вакви податоци даваат и Васил К’нчов[9] и Атанас Шопов.[10] Како резултат на оваа политика, населението во Мрвачко значително се зголемило. Во XVII-XVIII век стопанската дејност е особено заживеана. Ковниците во Мрвачко по број и производство ги надминуваат оние во Самоковско во Бугарија. Географската положба на областа овозможува брза достава на производите на пазарите во Сер, Драма, Зелјахово, Солун, Неврокоп, Пазарџик, Пловдив и на годишните панаѓури во Сер, Неврокоп и Трлис. По Руско-турската војна од 1877-1878 г. железарството во Мрвачко опаднало поради пробивот на поевтини западноевропски индустриски производи на пазарите во царството. Тогаш поголемиот дел од Мрваците се преселиле во други краишта.

Населени места

уреди
 
Селото Тешово со неговата кула.

До крајот на XIX век, мрвачките села биле налик на мали градови поради големиот број на жители и збиениот распоред. Куќите биле цврсти и удобни, со големи дворови. Во минатото, главни центри во Мрвачко биле селата Горно Броди, Баница, Старчишта, Трлис, Крчово, Крушово, Лехово (денес на грчка територија) и Гајтаниново, Тешово и Пирин (денес во Бугарија).[3]

Потекло на поимот

уреди

Според најзастапеното гледиште, името Мрвачко произлегува од дијалектниот збор мрва – ситни трошки[11] или прав од дрвен јаглен. Најпрвин Мрваци се нарекувале јагленарите, а подоцна и сите што се занимаваат со рударство и занаетите поврзани со него. Според тоа, по некое време областа е наречена Мрвака или Мрвачко.[12]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Енциклопедия "Пирински край". Том 1, Благоевград, 1995, стр. 596.
  2. 2,0 2,1 Георгиев, Георги К. "Старата железодобивна индустрия в България". София, 1978, стр. 131.
  3. 3,0 3,1 Кънчов, Васил. "Избрани произведения", Том I, София, 1970, стр. 227.
  4. Георгиев, Георги К. "Железодобивната индустрия в Мрвачко (планината Алиботуш и съседните и планини)", София, 1953, стр. 9-10
  5. Салгънджиев, Стефан. "Лични дѣла и спомени по възраждането на Солунскитѣ и Сѣрски Българи или 12-годишна жестока неравна борба съ грьцката пропаганда". Пловдив, 1906, стр. 109-112.
  6. Георгиев, Георги К. "Железодобивната индустрия в Мървашко (планината Алиботуш и съседните и планини)", София, 1953, стр. 9-10
  7. Шопов, Ат. Из живота и положението на българите във вилаетите, София, 2011, стр. 103.
  8. 8,0 8,1 Георгиев, Георги К. "Железодобивната индустрия в Мървашко (планината Алиботуш и съседните и планини)". София, 1953, стр. 21-22.
  9. Васил Кънчов. "Избрани произведения", Том I, София, 1970, стр. 107-108.
  10. Шопов, А. Из живота и положението на българите във вилаетите, Пловдив, Търговска печатница, 1893, стр. 114.
  11. „мрва“Дигитален речник на македонскиот јазик
  12. Йордан Н. Иванов. "Местните имена между Долна Струма и Долна Места". София, 1982, стр. 162.