Мечето Ушко (полски: Miś Uszatek) е полски лик од анимираната телевизиска серија со исто име. Заедничка творба е на полскиот писател Чеслав Јанчарски и карикатуристот Збигњев Рихлицки.[1]

Мечето Ушко
Напишана одЧеслав Јанчарски
РаскажувачМјечислав Чехович
Тематски композиторЈануш Галевич (стихови)
Петар Хартел (музика)
Мјечислав Чехович (глас)
Земја на потеклоПолска
Бр. на епизоди104
Производство
Продуцент(и)Se-ma-for
Прикажување
Првична мрежаТелевизија Полска
Првично прикажување1975 – 1987
Скулптура на Мечето Ушко во Лоѓ.

Првото појавување на Мечето Ушко било во полското комично списание за деца, "Miś", на 6 март 1957 година. Подоцна, тоа било главен лик на неколку детски книги, кои биле преведени на повеќе странски јазици. Меѓутоа, својата најголема популарност ја стекнало во 1975 година, кога Студиото за мали филмски форми, СЕ-МА-ФОР од Лоѓ, ја создало анимираната серија за Полската Радио Телевизија, вклучувајќи го глумецот Мјечислав Чехович, кој им го позајмил гласот на ликовите.[2] Во полските ранг листи за најдобра анимирана серија на сите времиња, Мечето Ушко било најчесто на второто место, веднаш зад Болек и Лолек.

Мечето Ушко и неговите пријатели - Прасенцето (Prosiaczek), Зајачињата (Króliczki) и Зајачето (Zajączek), како и Кученцето - беа обожувани од најмладите. Во исто време, Мечето Ушко, ја имало улогата на пријател од градинката. Тоа исто така имало големи симпатии и кај родителите, бидејќи секогаш си легнувало во соодветно време, пеејќи ја приспивната песничка:

Pora na dobranoc, bo już księżyc świeci. Dzieci lubią misie, misie lubią dzieci. [2]

Сè вкупно, СЕ-МА-ФОР направил 104 епизоди од оваа анимирана серија; последната епизода се емитувала во 1987 година. Во шеесеттите години од минатиот век, биле направени и два долгометражни филма за пријателското мече.[3] Исто така, во есента 2007 година, студиото СЕ-МА-ФОР најавило дека планира да направи повеќе нови епизоди, меѓутоа подоцна овие планови се промениле во прилог на евентуален долгометражен филм, кој би се направил со помош на јапонската компанија Eden Entertainment. Од 2008 година, Мечето Ушко се емитува на полската национална телевизија секој четврток. Во јули 2007 година, локалните власти во Лоѓ одлучиле да изградат фонтана посветена на Мечето Ушко, која би требало да биде поставена на главната улица во Лоѓ, Петарковска.

Во јуни 2010 година, Полската ковница на пари, во име на Владата на Ниуе исковала 8000 сребрени монети од 1 долар, со ликот на Мечето Ушко и неговите пријатели од анимираната серија.[4]

Надвор од Полска уреди

Анимираната серија била исто така популарна и во повеќе други земји; тоа е еден од најдобро продаваните извозни производи на Полската Телевизија.[3] Сè вкупно, Полската Телевизија ја има продадено оваа серија во 22 земји, вклучувајќи ги Канада, Иран и африканските нации.[2] Во Финска е позната како Nalle Luppakorva, а во Словенија како Medvedek Uhec; И во двете земји редовно се емитува на телевизија. Исто така, во Унгарија е позната како Füles Mackó, во Каталонија (Шпанија) како Les històries de l'osset Faluc, во Холандија како Teddy Hangoor и во Јапонија како Oyasumi Kuma-chan. Во Финска, серијата била толку популарна, што куклите со ликовите од серијата биле своевремено украдени од една изложба.[3]

Македонија уреди

Во рамките на некогашна СФРЈ, се чини дека серијата најголема популарност доживеала токму во Македонија. Генерации млади Македонци со нетрпение ја чекаа секоја нова епизода, која се емитувала во терминот пред вториот Дневник. Серијата започнала да се емитува скоро во исто време како и во Полска. Не се знае точниот број на откупени епизоди. Мечето Ушко се емитувала на Телевизија Скопје, која после осамостојувањето на Македонија се преименува во Македонска радио-телевизија. Македонската синхронизација на ликовите му била доверена на извонредниот Борис Мајсторов, кој му дал еден особен момент на овој лик, па така многу генерации се сеќаваат на Мечето Ушко токму по гласот на Борис Мајсторов. Серијата никогаш не прекинала да се емитува на националната телевизија. И новите генерации имаат можност да се дружат со ова фино и дружељубиво мече.

Кон крајот на 2018 година, во која се одбележале два значајни јубилеја, 100 години од формирањето на полската држава и 25 години од воспоставувањето на дипломатските врски помеѓу Република Полска и Република Македонија, македонската публика била изненадена со уште една форма преку која Мечето Ушко повторно се вратило пред нашата јавност, а тоа овој пат била сликовница. Приказните за Мечето Ушко првпат се објавиле на македонски јазик, собрани на 232 страници, во луксузно издание на издавачката куќа „Темплум“, дизајнирано во студиото „Кома“. Промоцијата се одржала на 25 декември. Книгата ја промовирале Лидија Танушевска и Александра Бубевска. Ова капитално дело, веројатно многу значајно за повеќе генерации кои пораснале со овој анимиран лик било финансиски поддржано од Министерството за култура на Република Македонија и Полскиот институт за книги.[5]

Наводи уреди

  1. (полски) Miś Uszatek kończy 60 lat
  2. 2,0 2,1 2,2 (полски) Nostalgia: Miś Uszatek
  3. 3,0 3,1 3,2 (полски) Historia polskich dobranocek Архивирано на 7 февруари 2012 г., polska.pl
  4. Miś Uszatek (Teddy Floppy Ears) 1 Dollar, Series: Cartoon Characters, Посетено на 2011-01-19
  5. „Мечето Ушко | okno.mk“. okno.mk. Посетено на 2018-12-25.

Надворешни врски уреди