Медарка
Медарка[1][2] или медоносна пчела (латински: Apis) — инсект од родот ципокрилци (Hymenoptera), клад Anthophila. Тоа се високо развиени инсекти, со потекло од Африка, Европа и Блискиот Исток, и се поделени на африкански, ориентални и европски подвидови. Луѓето отсекогаш биле фасцинирани од пчелите и пронајдени се многу историски извори кои зборуваат токму за овие мали суштества. На пример, Египќаните мислеле дека пчелите се создадени од солзите на Ра, богот на Сонцето, а Грците велеле дека пчелите го чувале Зевс кога бил млад и го хранеле со мед.
Медарка Медоносна пчела | |
---|---|
![]() | |
Западна медоносна пчела пред хоризонтална кошница | |
Научна класификација [ у ] | |
Непознат таксон (попр): | Apini |
Род: | Медарка Линеј, 1758 |
Типски вид | |
Apis mellifera Линеј, 1758 | |
Species | |
|
Бидејќи им припаѓа на членконогите, телото на пчелата е направено од хитин и се состои од глава, граден кош и абдомен. На градите има три пара нозе и два пара тенки крилја. Кога пчелата ќе полета, нејзините крилја се преклопуваат, што го олеснува летањето. Пчелите собираат растителен нектар и полен летајќи од цвет до цвет и го носат во улиштето. Нејзината уста е составена од два дела: преден дел со кој гризе и заден дел кој всушност е пробосцисот со кој пчелата вшмукува течност. Пчелата има бапка (кошница) на нозете, т.е. вдлабнатина со влакна каде што складира нектар.
Со петте очи над устата пчелата може да разликува некои бои, додека други не може да ги види. Имено, гледа сина и жолта светлина, како и ултравиолетова, што луѓето не можат да ја видат.
За разлика од слабиот вид, пчелите успеале да развијат извонредно чувство за мирис. Со помош на мирисот, пчелите меѓусебно се разликуваат, бидејќи секоја заедница има поинаков мирис. Сетилните клетки за мирис се наоѓаат на врвот на антените. Со опити научниците утврдиле дека чувството за вкус кај пчелите не е многу развиено бидејќи тие собираат сладок раствор дури и кога нема добар вкус. Абдоменот се состои од девет прстени и има восочни жлезди кои лачат супстанца за градење саќе. Задниот дел завршува со назабено жило (осило), што всушност е единствената одбрана на пчелата. Откако пчелата ќе убоди, осилото не може да се извади, па затоа се крши и пчелата умира. Најотровната состојка на отровот што се ослободува за време на убодот е мелитин и е многу опасна за луѓето кои се алергични на него. Пчелната заедница е едно од најорганизираните општества во природата. Многу е слично на човечкото општество во средниот век - има кралица и нејзини поданици. Всушност, во една пчелна заедница има три вида пчели: матица, пчела работничка и трут.
Видови медарки и нивните производи
уредиВид на пчела | Потекло | Мед | Восок | Полен | Прополис | Кралски млеч | Пчелин отров |
---|---|---|---|---|---|---|---|
Apis mellifera | Европа, Африка | xx | xx | xx | xx | xx | xx |
Apis cerana | Азија | xx | xx | x | x | x | x |
Apis dorsata | Азија | xx | xx | x | x | x | x |
Apis florea | Азија | xx | xx | x | x | x | x |
Apis meliponinae | тропски области | xx | xx | x | x |
- x = собрани или произведени пчелни производи
- xx = производи за комерцијален пазар
Европски подвидови на медарки
уреди- Крањската пчела (Apis mellifica var. carnica Pollm), сивата пчела или „домашната пчела“, со црно тело покриено со сивкавосребрени влакна, спаѓа во групата на темни пчели. Работничките имаат исклучителен нагон да собираат храна во природата. Матицата е многу плодна (2.000 јајца дневно) и отпорна на болести. Постојат неколку подвидови: алпски, панонски и медитерански (некои автори го нарекуваат и „јадрански“).
- Италијанската медоносна пчела (Apis meliffica var. ligustica) е пчела по потекло од Апенинскиот Полуостров, со жолтеникава боја, навикната на долготрајна паша и блага клима. Има многу блага нарав, со слаб нагон за размножување. Заедницата се развива силно во текот на летото и есента, матицата е многу плодна. Често влетува во туѓи кошници, па затоа не е омилена кај пчеларите. Поради тоа што живее во блага клима, го одржува леглото до доцните есенски денови, зимува во многубројни и силни заедници при што троши многу храна. Се одликува со послаб нагон за собирање прополис и нектар, меѓутоа, има одлична способност за користење на слаби паши.
- Кавкаската пчела (Apis mellifica var. caucasica), по потекло од грузиските планини, изгледа донекаде како крањската пчела. Има подолга муцка и е вреден работник на сите пчелни паши. Одлично се брани од натрапници, но е склона да влетува во туѓите кошници, на грабеж. Бавно се развива во пролет. Постојат два вида: сива и жолта. Има слаб нагон за роење и брзо се приспособува на нови паши. Има одлична способност за собирање прополис.
- Темната европска медоносна пчела (Apis mellifica var. mellifica L.) најчесто се одгледува во Германија. Има крупна градба со тапа муцка, краток јазик и темносива речиси црна боја. Отпорна е на долги и студени зими, па се одржала во Северна и Јужна Америка, како и во Сибир. Во текот на сезоната се развива во заедници со средна снага, развојот на заедницата трае долго во есен и презимува во силни, бројни заедници. Приносите од прополис се умерени, отпорна е на болести и произведува помалку мед од италијанската и крањската пчела.
Генетски код
уредиВо 2006 година бил објавен генетскиот код на медоносната пчела Apis mellifera. Сло тоа, пчелата е третиот инсект чиј геном е целосно дешифриран, по мувата и комарецот. Во ДНК-та на пчелите, научниците откриле изненадувачки сличности и врски меѓу пчелите, цицачите и луѓето. Како и луѓето, пчелите преминале на европскиот континент од Африка. Се поделиле на две генетски одвоени популации. Откриено е дека пчелите се повеќе слични на цицачите отколку на мувите поради биолошкиот часовник што го носат во себе. Овој часовник регулира голем број активности, вклучувајќи ја навигацијата, мерењето на времето и пчелниот танцов јазик што се користи за известување за наоѓалишта на храна. Научници од Универзитетот во Илиноис идентификувале 36 гени на мозокот на медарката, од кои 33 претходно веќе биле познати. Во соопштението се наведува дека пчелата има околу 10.000 гени помалку од комарецот или мувата. Кај пчелите, има повеќе гени кои го одредуваат мирисот, но помалку кои го одредуваат вкусот.
Број на излетнички
уредиБројот на пчели излетнички во заедницата, работнички кои собираат храна, вода, прополис и други работи потребни за развој и одржување на заедницата зависи од вкупниот број на пчели во заедницата. Во табелата е дадена големината на заедницата, бројот на излетнички како и нивното процентуално учество во заедницата.
Големина на заедницата | Број на излетнички | Учество во заедницата |
---|---|---|
15.000 | 2.300 | 15% |
20.000 | 5.000 | 25% |
25.000 | 7.500 | 30% |
40.000 | 20.000 | 50% |
50.000 | 30.000 | 60% |
60.000 | 39.000 | 65% |
Според горенаведените податоци, може да се заклучи дека бројот на излетнички не расте сразмерно на бројот на пчели во заедницата.
Презимување на пчелите
уредиКога ќе пристигнат зимските денови, треба да се обезбеди мир во кошницата и да се избегнува непотребно вознемирување на пчелите.
Кога пчелите се вознемирени во зима, тие ќе реагираат со земање дополнителни залихи на храна. Ова непотребно ги оптоварува органите за варење, па неретко заради тоа и многу заедници страдаат. Ако грижата за пчелните заедници била добра, што е должност на пчеларот, нема потреба да се вознемируваат. Ако не е добра, не може да се поправи во зима, затоа повторно, не треба да се допираат кошниците непотребно. Пчелите ги исправиле сите помали грешки што можеби биле направени, а сите поголеми грешки обично значат губење на заедницата. Единствена и неизбежна зимска задача на медарот е да го обезбеди мирот на пчеларникот и евентуално да се исчисти кошницата по зимските врнежи, како што е снегот. Снегот се чисти само од полетиштето на кошницата за да може свеж воздух да влезе во кошницата. Снегот не треба да се чисти од самата кошница, бидејќи служи како нејзин дополнителен природен изолатор. Повремено, пред да се зголемат температурите, пред кошницата на снегот треба да се фрли малку слама, или нешто слично, за пчелите да не слетуваат на студениот снег по летот, што може да биде кобно за нив.
Подготовката на пчелите за зимата предизвикува вознемиреност кај пчеларите секоја година: дали пчелите ќе презимат или не, дали оние што ќе презимат ќе бидат доволно силни за брз пролетен развој до првата сериозна пчелна паша. Важно е да се влезе во зимата со доволно силни заедници. Слабите заедници во клопчето трошат премногу храна и енергија за да произведат топлина, па затоа пред зимата треба да се спојат со здрави и силни пчелни заедници (или со средно силни), со цел да се добие една силна заедница. Ппчеларите кои ги презимиле своите заедници барем една зима знаат дека силната заедница, доволната храна и проветрувањето на кошницата се важни елементи за добро и правилно презимување.
Влажниот воздух спроведува топлина подобро од сувиот воздух, пчелите само посредно ја загреваат кошницата со загревање на клопчето, ладниот воздух влегува низ сите отвори на кошницата, особено во лето. Ова се сите чинители што не треба да се забораваат при подготовка на пчелните заедници за презимување. Многу пчелари прават грешка практично оневозможувајќи ја циркулацијата на воздухот во кошницата кога ги загреваат своите кошници пред претстојната зима. Правилно зимски опремената кошница треба да има циркулација на воздух речиси исто толку добра како во лето. Колку е важно самото затоплување на кошницата станува очигледно кога матицата почнува да ги положува своите први јајца кон средината или крајот на јануари. Тогаш дополнителната изолација го намалува ефектот на разликите помеѓу пониските ноќни и повисоките дневни температури.
Температури
уредиПослабите заедници, со помал број пчели, зимското клопче го образуваат порано. Така, клопчето се образува:
- за јадра - на 13°C
- за средни заедници - на 10°C
- за силни заедници - на 8°C
Во самата зимска кошница со пчели, температурата е 9-10°C на периферијата на клопчето и 20-30°C во средината на пчелното клопче.
Пчелно роење
уредиРоењето претставува поделба на една заедница на две нови и целосно независни заедници. Роењето е природен нагон на пчелите во нивната борба за зачувување на видот. Самото роење веројатно делумно произлегува од нагонот за селење што денес сè уште се среќава кај некои инсекти. За пчелите да почнат да се ројат, неопходни се неколку предуслови, како што се: соодветна температура и медење на медоносните растенија.
Видови пчели во пчелната заедница
уредиВо нормална пчелна заедница живеат и работат три вида пчели, кои ги разликуваме според полот, изгледот, обликот, големината и работните задачи. Ова се матицата, трутот и работничката.
Матица
уредиМатицата е единствената полово зрела женка во пчелната заедница, чија задача е да положува јајца и на тој начин да се грижи за заедницата, како и да ја одржува пчелната заедница во кошницата преку феромоните што ги лачи. Оплодените јајца се развиваат во женки (пчели работнички или матици), додека неоплодените јајца се развиваат во мажјаци (трутови). Една пчелна заедница може да има само една матица. Ако се изведат повеќе матици, ќе има поделба на општеството преку природно роење. Матицата ја оплодуваат трутови. Во текот на својот живот, матицата ја напушта кошницата само еднаш, за време на парењето, а исклучително и ако дојде до роење. Оплодената матица положува јајца во клетките на саќето. Работничките клетки се потесни и додека таа положува јајца, нејзините клетки го притискаат нејзиното тело и ги активираат половите органи. Клетките на трутовите се широки и нема активирање на одредени хормони и настанува трут. Работничките се изведуваат од најголемиот број јајца, трутовите се изведуваат од мал број јајца, а матиците се изведуваат од неколку посебно изградени матичници. Матицата се изведува од оплодена јајце клетка, а дали ќе преживее зависи од нејзината исхрана. Матицата може да положи од 2.500 до 5.000 јајца дневно. Матицата се разликува од пчелата работничка и по изгледот. Нејзиното тело е многу пошироко, нозете се подолги, а грбот е без влакна. На задните нозе, нема бапка (кошница) за оставање цветен прав (како работничките), а обликот на осилото е различен од оној на работничката. Матицата се движи во кошницата во правец на Сонцето. Наутро е во источниот дел од кошницата, напладне е помеѓу средишните рамки, а навечер на западната страна.
Матицата се нарекува и кралица на улиштето, но за таа положба таа мора да се избори. Имено, по 16 дена, од оплодената јајце-клетка се изведува матицата и нејзината прва задача е да ги пронајде сите други матици во матичникот и да ги убие пред да се изведат. По петтиот ден откако ќе се изведе, матицата оди на ориентациски летови надвор од кошницата за да се подготви за оплодување - овој дел од животот на матицата се нарекува созревање на матицата. По созревањето, матицата се пари со неколку трутови, обично помеѓу 20 и 50 трутови, но тие не го преживуваат парењето бидејќи ги оставаат сите свои полови органи во телото на матицата. Самиот чин на оплодување се одвива во воздух неколку дена по ред, а во еден ден парењето се случува со максимум 20 трутови. По оплодувањето, матицата станува машина за положување јајца и секогаш е опкружена со пчели работнички кои ја хранат и ја штитат. Матицата која се спарила со мал број трутови има мал број на сперми во својата сперматека, и како таква, пчелите брзо ја заменуваат со нова.
Во пчеларството, за полесно распознавање и снаоѓање, матицата се обележува со боја. Боите се меѓународно прифатени за полесно користење при тргување. Матиците се обележуваат со бела, жолта, црвена, зелена и сина боја. Секоја боја е симбол за одредена година.
Бидејќи пчелите можат да се купат во други земји, во сила е меѓународно прифатен систем за обележување на матиците со бои за полесно да се утврди нивната возраст. Пример: Матица од 2003 година била обележана со црвена боја, а матица од 2005 година била обележана со сина боја итн.
Трут
уредиТрутот е мажјак на пчелата и неговиот развој трае најдолго (до 24 дена - 3 дена ембрионална фаза, 7 дена ларва, 10 дена кукла). Може да живее два месеци. Многу е голем и не може да се храни сам, туку го хранат пчелите работнички. Кога ќе достигне полова зрелост, го прави својот прв лет. Обично сите трутови се собираат на едно место во воздухот каде што пристигнува и матицата. Само најбрзиот од нив ќе ја оплоди, а потоа ќе умре. Понекогаш, ако нема храна за целата заедниа, по оплодувањето, пчелите работнички ги исфрлаат преостанатите трутови од кошницата. Инаку, трутовите остануваат и со својата големина ги топлат другите пчели.
Работничка
уредиПчелата работничка е исто така женка, но со закржлавени јајници. Таа може да положи и јајца, во случај да нема матица, но бидејќи јајцата се неоплодени, од нив се изведуваат само трутови.
Распределба на работата во кошницата
уредиВо улиштето, секоја пчела извршува одредена работа во зависност од нејзината возраст, па се разликуваат:
- Пчели хранителки (стари 0-3 дена) - ги хранат младите пчели и леглото
- Пчели градителки (стари 3-10 дена) - градат саќе (лачат пчелин восок и матичен млеч )
- Пчели чистачки (10-15) ја чистат кошницата со отстранување на остатоци и мртви ларви или пчели, а со мавтање со крилјата на влезот во кошницата, тие внесуваат воздух во кошницата, со што постојано ја одржуваат потребната температура во кошницата (околу 25 °C).
- Пчели чуварки (стари 15-20 дена) - ја штитат кошницата од непријатели
- Пчели работнички (20 дена до крајот на нивниот живот) носат нектар, полен од цвеќе, прополис и вода во кошницата.
Опис
уредиПчелата, иако мала, е високо развиен инсект. Потекнува од Африка, Европа и Блискиот Исток, и согласно потеклото се дели на африкански, ориентални и европски подвидови. Како и кај другите членконоги, телото на пчелата е изградено од хитин и се состои од глава, граден кош и абдомен. На градите има три пара нозе и два пара тенки крилја.
Одлики на сивата медоносна пчела
уредиОдлика | Работничка | Трут | Матица |
---|---|---|---|
маса (г) | 1 | 2 | 2 |
должина (мм) | 12 - 14 | 15 - 17 | 15 - 20 |
должина на влакненцата на 5-тиот прстен (мм) | 0,25 - 0,35 | - |
Нозе
уредиПчелата има три пара нозе кои се користат за барање храна, чистење на телото и собирање цветен прав, кој го носи во улиштето благодарение на градбата на задните нозе. Секоја нога на пчелата е прикачена на градниот кош преку првиот зглоб - колкот или коксот. Од колкот продолжува бедрениот валјак - трохантер.
Преден пар нозе
уредиПредниот пар нозе на пчелите се користи за одржување и чистење на телото. Кога ја чисти антената, пчелата ја поставува во полукружен рез на предната нога, кој е приспособен по облик и големина токму за оваа намена. Ја провлекува антената низ него и на тој начин ја чисти.
Среден пар нозе
уредиИ на средните нозе на пчелата има влакненца за собирање цветен полен. На средната нога, на самиот крај на тибијата, има израсток што ѝ помага да ги дофати другите нозе и да го симне поленот од задните нозе, кој потоа го става во отворите на саќето.
Заден пар нозе
уредиКај пчелата, задниот пар нозе е најразвиен и најважен за неа. Има добро развиен колк наречен кокс и во однос на другите нозе, има потколеница и прво членче кои се двојно поразвиени. Долниот дел од самата нога има вдлабнатина (бапка) во која пчелите го пренесуваат поленот во улиштето.
Пчелин од
уредиПри одење пчелата ја одржува својата рамнотежа на таков начин што истовремено ги оптоварува првата и задната нога од едната страна и средната нога од спротивната страна. Пчелата може да оди по груби и целосно мазни површини, без оглед на нејзината положба. За одење по груби површини користи зашилени краеви, додека за одење по мазни површини користи перничиња.
Развојниот циклус на пчелите
уредиРазвојниот пат на пчелата од јајце до возрасна единка е:
- за работничка - 21 ден
- за трут - 24 дена
- за матица - 16 дена.
Откако матицата ќе ги положи јајцата во клетките на саќето, пчелите работнички (куќните пчели) одредуваат од кое јајце ќе се изведе работничка или матицата со избирање на видот и количината на храна. Трутовите се изведуваат исклучиво од неоплодени јајца.
Опрашување
уредиПчелите играат најважна улога во опрашувањето на цветовите бидејќи тие се најбројните опрашувачи на земјата. На медарките, медот им е зимница за долгите зимски месеци кога растенијата не цветаат и затоа не произведуваат растителни сокови. Тоа е единствениот инсект кој, се разбира несвесно, произведува храна што ја јадат и луѓето. Во многу добро развиени заедници, има вкупно 50.000 - 80.000 пчели, во зависност од улиштето, и тие ги извршуваат своите задачи во зависност од нивната возраст. Младите пчели работнички, до 21 ден, се занимаваат главно со градење саќе, чистење на кошницата и хранење на ларвите од кои ќе се изведат нови поколенија од пчелната заедница во која живеат. Се проценува дека една третина од човечката храна зависи од пчелното опрашување. Повеќето пчели имаат електростатски полнеж што ја зголемува апсорпцијата на полен. Поленот и нектарот творат маса која најчесто е вискозна, но може да биде и цврста. Оваа маса има сфероиден облик и се складира во мали клетки кои се наоѓаат и јајца.
Пчелни болести
уредиКако и сите живи суштества на земјата, медарките може да заболат од разни болести. Некои болести кај пчелите, поради нивната посебна чувствителност, се непосреден показател за состојбата на животната средина. Болестите на медоносните пчели се поделени на:
Заразни пчелни болести
уреди- ноземоза
- каменито легло
- варовнички легло
- мешинесто легло
- варооза - е инвазивна пчелна болест која се јавува во заедници нападнати од крлежот вароа.
- акутна пчелна парализа
- хронична пчелна парализа
- американска гнилост на леглото - е широко распространета и многу тешка болест на покриено легло. Оваа болест не се шири кај возрасни пчели. Заразата се пренесува од кошница до кошница преку пчеларскиот прибор, саќни основи, мешање, хранење на заразени пчели со мед и поместување на рамки од кошница до кошница. Болеста може да се пренесе и од пчели крадци кои влегуваат во туѓа кошница, ослабени од болеста, и во тој процес го пренесуваат медот во сопствената кошница. Во најраните фази, болеста може успешно да се лекува, додека во случај на посилни подоцнежни фази утврдени со лабораториски наоди, се пристапува кон уништување на заедницата и кошницата.
- европска гнилост на леглото
- акароза
- амебијаза
Незаразни пчелни болести
уреди- настинато легло
- прегреано легло
- зачепеност на цревата со полен
Штетници во кошницата и непријатели на пчелите
уреди- голем восочен молец (лат. Galleria mellonella) и мал восочен молец (лат. Achroea grisella)
- сланинар (лат. Dermestres lardarius)
- пчеломорец (лат. Trichodes apiaius)
- пеперуга мртовечка глава (лат. Acherontia atropos)
- мравки
- оса - Луѓето често ја мешаат со пчела. Осите се сосема различни инсекти по природа и често, ако се појават во голем број, можат да бидат вистинска закана за пчелните заедници. За разлика од пчелата, која сама собира и произведува храна за зимата, осата е грабливец и ловец на инсекти, што е непожелно во близина на пчеларникот.
- стршленот (латински: Vespa crabro) е еден од најопасните непријатели на луѓето и пчелите во потоплиот дел од годината. Многу е сличен, но поголем е од оса. Обично пчелите ги ловат во пчеларникот пред кошниците, а често, доколку се во можност, влегуваат и во самата кошница, каде што пчелното легло е особено интересно за нив. Еден стршлен ретко ќе може да предизвика значителна штета на пчеларникот, но ако се појави рој од десет или повеќе стршлени, тие се способни да предизвикаат хаос во битка со пчелите чуварки. Тие го цицаат собраниот нектар од заробената пчела, а со остатокот од изџваканите пчели ги хранат младите ларви.
- глувци - Глувците можат да бидат сериозен проблем во пчеларството, бидејќи можат да уништат или ослабнат цела пчелна заедница. Во текот на сезоната на производство на мед, кога пчелите се активни, речиси и да нема опасност од глувци во кошниците, но тие ги вознемируваат пчелите во нивното зимско клопче, односно во зима. Тие се населуваат во кошницата во потрага по засолниште. Влегуваат преку пошироки полетишта. Се хранат со мед, полен, мртви и живи пчели. Саќето во кошниците каде што живеел глушец има посебен мирис што ги одбива и матицата и пчелите.
Мерките за сузбивање се ограничени на спречување на глувците да влезат во кошницата - стеснување на полетиштата, поставување чешли и поставување отровни мамки во пчеларникот.
- птици - најзначаен вид е пчеларката (лат. Merops apiaster). Лови пчели околу пчеларникот.
Труење на пчелите со средства за заштита на растенијата
уредиЗаштитните средства, во интензивното земјоделско производство, се користат во големи количини. За постигнување високи приноси, заштитата на растенијата од болести и штетници е една од основните агротехнички мерки. Поимот пестициди (производи за заштита на растенијата) се однесува на цела низа хемиски препарати што се користат за контрола на штетни микроорганизми, инсекти, нематоди, птици, глодари и плевели.
Труење на пчелите со:
Според опасноста за пчелите, средствата за заштита на растенијата се поделени во четири групи:
- I група - многу висока отровност . Овие производи не треба да се користат за време на цветањето. Тие се опасни за пчелите дури и десет часа по третманот. На пчелите не треба да им се дозволува пристап до третираните растенија најмалку 5 дена.
- II група - висока отровност. Тие престануваат да бидат опасни за пчелите по 8 часа од времето на третманот.
- III група - ниска отровност. Ако овие средства се користат доцна навечер или рано наутро, престануваат да бидат опасни по 3 часа.
- IV група - многу ниска отровност. Овие средства не се опасни за пчелите дури и кога се нанесуваат директно на телото .
Галерија
уреди-
Точка во боја ja идентификува матицата западна медоносна пчела.
-
Источна медоносна пчела (A. cerana) во Хонгконг
-
Apis dorsata (A. dorsata)
-
Западна медоносна пчела на цветови
-
Заедница од џиновски медоносни пчелеи (A. dorsata)
-
Западна медоносна пчела на ружа
-
Западна медоносна пчела собира полен од цветови
-
Грабливец, азиска зелена пчеларка
-
Дива заедница
-
Западна медоносна пчела на лаванда (Lavandula)
Поврзано
уредиНаводи
уредиНадворешни врски
уреди„Apis“ на Викивидовите ? |
- Could a Mushroom Save a Honeybee? Архивирано на 7 април 2016 г. Documentary produced by Oregon Field Guide, 14 October 2015