Мајсторот и Маргарита

„Мајсторот и Маргарита“ (руски: Ма́стер и Маргари́та) е роман на рускиот писател Михаил Булгаков. Во центарот на вниманието на романот е посетата на Сатаната на Москва. Голем број критичари го сметаат за еден од најдобрите романи на XX век,[1] најважниот руски роман на 20 век,[2] како и една од најдобрите сатирични книги за советската бирократија и социјален живот.

Мајсторот и Маргарита
Мастер и Маргарита
Прво издание
АвторМихаил Булгаков
Изворен насловМастер и Маргарита
ЗемјаСоветски Сојуз
Јазикруски
ЖанрФантазија, фарса, натприродна, романса, сатира, Модернистичка литература
ИздавачЈМКА Пресс
Издадена
1966–67 (во сериска форма), 1967 (како единечна книга), 1973 (нецензурирана верзија)
Published in English
1967
Медиумпечат, тврда корица
ISBN0-14-118014-5 (Пингвин книга)
OCLC37156277

Историја на романот

уреди

Булгаков почнал да го пишува своето ремек-дело, „романот за ѓаволот“ во 1928 година и на него работел сè до смртта. Првобитните наслови на романот биле: „Сатана“, „Кнезот на темнината“, „Црниот маг“ и „Големиот канцелар“. Следната година ја напишал првата редакција на „романот за ѓаволот“ (вкупно 15 глави), како и четири глави од втората редакција. Пролетта 1930 година ја запалил првобитната верзија, во 1933 година ја напишал третата редакција на „романот за ѓаволот“, а во 1936 година и четвртата редакција, додека петтата и шестата редакција ги завршил во 1937 година, кога романот го добил конечниот наслов, „Мајсторот и Маргарита“. Во 1938 година ги напишал седмата и осмата редакција на романот и тогаш се одлучил за конечниот наслов на романот. Во 1940 година, пред смртта, Булгаков го изговорил зборот „Мастер“, а неговата сопруга Елена му се заколнала дека ќе го објави романот „Мајсторот и Маргарита“. Сепак, скратеното и цензурирано издание на романот било објавено во СССР дури кон крајот на 1966 и почетокот на 1967 година во списанието „Москва“. Веднаш по објавувањето, романот се наметнал како првокласна книжевна сензација и веднаш бил преведен на големите светски јазици. Но, тогаш не било познато дека од романот биле избришани многу „незгодни“ страници - вкупно една петтина од романот при што некаде бил исфрлен по некој збор, а некаде и цели поглавја, односно од оригиналниот текст биле исфрлени дури 14 000 зборови. Меѓутоа, во тоа време, во форма на „самиздат“ се појавиле исфрлените страници и глави, и тоа со прецизни насоки во кои делови од книгата треба да бидат вметнати, така што обидот на цензурата бил бесмислен. Подоцна, издавачките куќи надвор од СССР успеале да дојдат до оригиналната, нецензурирана верзија и во 1967 година романот бил објавен во целост, најпрвин во странство (на руски јазик), како издание на YMCA-Press, а во 1969 година издавачката куќа Посев од Франкфурт го објавила романот со ознаки на местата кои биле цензурирани. Во 1973 година, во СССР се појавила уште една верзија на романот, но ниту таа не била целосна. Потполната верзија на романот се појавила дури во 1989 година во Киев, како двотомно издание, а една година подоцна и во Москва, како издание во пет тома.[3][4][5]

Ликови во романот

уреди

Руски граѓани

уреди
  • Мајсторот: писател кој напишал роман за средбата со Понтиј Пилат и Исус од Назарет. Тој е познајник на Бездомни и пациент во психијатриската клиника.
  • Маргарита: љубовницата на Мајсторот. Таа била посветена на Мајсторот, за кој верува дека е мртов. Маргарита не се појавува до втората половина на вториот дел од романот.
  • Михаил Александрович Берлиоз: шеф на литературното друштво МАССОЛИТ. Прекарот го добил по Хектор Берлиоз.
  • Иван Николаевич Бездомни: млад поет, пациент во психијатриската клиника каде се среќава со Мајсторот.
  • Стефан Богданович Лиходејев: Директор на тетатарот Вариет и цимер на Берлиоз. Често нарекуван Стиопа.
  • Григори Данилович Римски: влагајник на театарот, кој побегнува од Москва по средбата со Сатаната
  • Иван Савелјевич Варенуха: управник на театарот. Претворен во демон, кој подоцна ќе биде вратен во нормална состојба.
  • Наташа: слугинка на Маргарита.
  • Никанор Иванович Босој: претседател на куќниот комитет на улицата „Садоваја“ 302B.

Соработниците на Воланд

уреди

Ликови од романот на Мајсторот

уреди
  • Јешуа Ха-Ноцри: осуденик поради проповедување. Ликот е, всушност, Исус Христос.
  • Понтиј Пилат: римски управник на Јудеја, познат по судењето на Исус од Назарет.
  • Апраниј: член на римската света служба во Јудеја.
  • Леви Матвеј: поранешен даночник, следбеник на Исус.
  • Јосиф Кајфа: висок свештеник од Јудеја, заинтересиран за смртта на Исус.
  • Јуда: познат по тоа што го наместува заробувањето на Исус.

Во текот на одделните фази од пишувањето, онака како што ја менувал својата концепција, Булгаков го нарекувал романот „роман за ѓаволот“, „за Пилат“, „за Христос“, „за Христос и ѓаволот“, „за Мајсторот и Маргарита“, а од тоа произлегува дека во него има пет главни лика, иако во самиот роман, Мајсторот повеќепати своето дело го нарекува роман за Пилат. Тринаесеттата глава, во која првпат се појавува Мајсторот, е насловена „Појавата на јунакот“. Оттука, за самиот Булгаков, главниот лик во романот е Мајсторот, за Воланд и за Мајсторот, главен лик е Пилат, а заедно со Мајсторот, во романот се појавува уште еден главен лик — Маргарита. Сето тоа упатува кон заклучокот дека во романот има три главни лика, што е во согласност со тројството како препознатлива концепција на Булгаков. Во секој случај, постојат различни толкувања во поглед на главниот јунак во романот. Во основа, имајќи го предвид насловот на романот, прифатено е мислењето дека Мајсторот и Маргарита се главните ликови, но некои му даваат предност на еден од нив. Меѓутоа, некои книжевни критичари сметаат дека главниот лик е некој трет, но тука не постои согласност кој е тој: Пилат, Воланд или Јешуа Ха-Ноцри. Најпосле, според некои толкувачи на романот, главниот лик е Иван Бездомни, зашто тој е ученик и наследник на Мајсторот. Иако сами по себе овие несогласувања не се важни, нивното значење е големо токму затоа што фокусирањето кон еден или друг лик предизвикува поместување на аголот на набљудувањето, а со тоа и и преместување на тежиштето на романот.[6]

Содржина

уреди

Романот се состои од два дела, со вкупно 32 глави и епилог. Првиот дел содржи 18 глави, а вториот дел почнува од 19. глава.

Глава 1-6

уреди

Еден пролетен ден, во Москва, разговараат поетот Иван Николаевич Понирјов, познат како Бездомни, и Михаил Александрович Берлиоз (претседател на писателската организација МАССОЛИТ) при што Берлиоз образложува дека Исус Христос е измислен лик. Наеднаш, на Берлиоз му се појавува привидение, а потоа во разговорот се вклучува непознат човек со необичен изглед. Непознатиот, за кого Бездомни и Берлиоз помислуваат дека е странец, тврди дека Исус постоел, а потоа им ја раскажува случката во која Понтиј Пилат го осудил Исус на смртна казна, тврдејќи дека тој лично присуствувал на настанот. Непознатиот му кажува на Берлиоз дека истиот ден ќе умре така што ќе му биде пресечена главата, а кога Берлиоз истрчува да се јави во полиција, тој паѓа пред трамвај кој го обезглавува. Бездомни се обидува да го следи непознатиот, кому во меѓувреме му се придружува уште еден човек и еден голем мачор. Во трката по нив, Бездомни останува без облеката и по гаќи оди во седиштето на МАССОЛИТ, но никој не им верува на неговите зборови, туку го сметаат за луд и го носат во болницата за душевни болести.[7]

Глава 7-13

уреди

Следното утро, странецот (кој се претставува како артистот Воланд), неговиот помошник и мачорот се појавуваат во станот на Степан Лиходеев, директор на театарот „Вариете“ и прв сосед на Берлиоз. Воланд го известува Лиходеев дека потпишале договор за настап во театарот. Истовремено, Воланд му го презема станот, а Лиходеев за миг е пренесен во Јалта. Претседателот на станбената заедница на зградата, Никанор Иванович Босој, ги затекнува Воланд и неговата придружба во станот на Берлиоз, а потоа, помошникот на Воланд предизвикува Никанор да биде уапсен поради трговија со девизи. Римски, директор на театарот „Вариете“, и неговиот помошник Варенуха добиваат телеграма дека Лиходеев се наоѓа во Јалта. Варенуха е грабнат од помошниците на Воланд така што и тој исчезнува. Во „Вариете“, Воланд и помошниците приредуваат неверојатна претстава. Во болницата, Бездомни запознава човек кој се претставува како Мајсторот. Тој му кажува на Бездомни дека во Москва дошол Сатаната, а исто така, му ја раскажува и својата животна приказна: Откако добил висока награда на лотарија, Мајсторот почнал да пишува роман за Исус Христос и Понтиј Пилат, а истовремено се вљубил во една жена; кога се обидел да го објави романот, тој бил одбиен, а потоа се појавиле остри критики против неговото дело; поради тоа, Мајсторот западнал во тешка душевна криза и самиот отишол во болницата.[8]

Глава 14-18

уреди

По необичната претстава, Римски се повлекува во својот кабинет, каде го посетува Варенуха кој му раскажува дека директорот Лиходеев бил пронајден во близината на Москва. Меѓутоа, Римски открива дека посетителот не е Варенуха, туку се работи за нечиста сила. Тогаш, почнуваат да пеат утринските петли и така Римски се спасува од сигурната смрт, по што веднаш со воз побегнува во Ленинград. Во меѓувреме, Никанор Босој, исто така, е затворен во болницата каде се наоѓаат Бездомни и Мајсторот. Паралелно со случувањата во Москва се опишува погубувањето на Јешуа Ха-Ноцри: тој и двајца злосторници се одведени на ридот Голгота каде се распнати на крст, а Матеја Леви скришно го набљудува погубувањето. Ненадејно се појавува бура и римските војници набрзина ги погубуваат осудените. Следниот ден по претставата продолжуваат необичните настани во Москва, предизвикани од Воланд и неговите помошници: претседателот на Комисијата за претстави исчезнал, но неговиот костум сè уште седи на работната маса; вработените во филијалата на Комисијата не можат да престанат да пеат; книговодителот на „Вариете“ е уапсен; чичко му на покојниот Берлиоз, Полавски, доаѓа во Москва и се среќава со необичните помошници на Воланд, кои го бркаат надвор од станот; шефот на бифето на „Вариете“, исто така, има непријатна средба со Воланд и оди на лекар, а потоа на лекарот му се случуваат чудни нешта, итн.[9]

Глава 19-24

уреди

Вториот дел на романот почнува со опис на судбината на Маргарита, љубената на Мајсторот. По неговото ненадејно исчезнување, таа е очајна и постојано копнее по него. Еден ден, додека ја набљудува погребната поворка со телото на Берлиоз (чија глава во меѓувреме ја украле помошниците на Воланд), пред неа се појавува Азазело со покана за средба со Воланд. Притоа, тој ѝ дава волшебен крем од кој Маргарита се подмладува, а потоа, таа станува вештерка и полетува од својот дом, а патем го уништува станот на еден книжевен критичар кој најостро го нападнал романот на мајсторот. Откако заминува на некое непознато место, таа се враќа во станот во кој живее Воланд. Притоа, станот се претвора во огромна сала во која се приредува бал, а пред неа поминуваат многу ликови на злосторници кои ѝ се поклонуваат како на кралица. Откако испива чаша крв, салата исчезнува и Маргарита повторно се враќа во станот на Воланд, каде тој го доведува мајсторот, го излечува од душевната болест и го обновува ракописот на неговиот роман, а потоа Маргарита и мајсторот се враќаат во неговиот некогашен стан.[10]

Глава 25-32

уреди

Во станот, Маргарита го чита делот од романот во кој се опишуваат настаните по смртта на Јешуа. Плашејќи се од немири, прокураторот Пилат издава наредба телото на Јешуа Ха-Ноцри да се закопа на тајно место. Исто така, тој наредува да се заштити Јуда за кого дознава дека му се заканува убиство, но наместо тоа, токму тајната стража на Пилат го убива Јуда. Потоа, во својот замок, Пилат се среќава со Матеја Леви. Во меѓувреме, полицијата во Москва почнува голема истрага за необичните настани при што се испрашани сите луѓе кои биле жртви на Воланд. Полицијата упаѓа во станот во кој се крие Воланд, но Бегемот предизвикува пожар, а потоа тој и Коровјов палат една продавница и домот на МАССОЛИТ. Во Москва доаѓа и Матеја Леви, кој на Воланд му ја пренесува молбата од Јешуа Ха-Ноцри да му даде спокојство на мајсторот. Азазело ги труе Мајсторот и Маргарите, по што пак ги оживува и го запалува станот. Потоа, тројцата јавнуваат коњи и летаат над Москва. Откако се поздравуваат со Бездомни, тие им се придружуваат на Воланд, Бегемот и Коровјов и сите исчезнуваат во ноќта. Кога пристигнуваат на еден рид, таму го здогледуваат Пилат кого Мајсторот го ослободува од проклетството, така што Пилат се искачува по месечевата патека за да се сретне со Јешуа Ха-Ноцри. Воланд и придружбата заминуваат, а Мајсторот и Маргарита одат во нивниот вечен дом.[11]

Епилог

уреди

Некое време по необичните настани низ Москва продолжуваат да се шират озборувањата за посетата на ѓаволот. Но, власта ја објавува официјалната верзија дека сето тоа било дело на група вешти хипнотизери кои со себе ги зеле двете жени (Маргарита и Наташа) и човекот кого го викале Мајсторот. Голем дел од вработените во „Вариете“ се распоредени на други работни места, а поетот Бездомни е ослободен од болницата, но повеќе не пишува песни, туку работи како историчар. Еднаш годишно, тој оди на местото каде го сретнал Воланд, потоа оди до една непозната вила и, најпосле, ги сонува Пилат, Јешуа, Мајсторот и Маргарита.[12]

Осврт кон делото

уреди

Булгаков го завршил овој роман пред неговата смрт. Иако во него има делови кои не се целосно заокружени, сепак, можеби токму несовршеноста е тоа што му дава толку голем шарм на романот. Во овој него, Булгаков успеал да ја испреплети трагедијата на неговата татковина со таа на неговиот сопствен живот како писател кому не му било дозволено да пишува.[13] Историјата на романот е необична: тој се појавил во јавноста многу години по смртта на авторот, во сосема нов временски период и тогаш, во поинакво окружување, одиграл активна и значајна улога. Веднаш по објавувањето, романот не само што застанал рамо до рамо до најважните остварувања во руската книжевност, туку се вброил меѓу најважните дела на светската книжевност од XX век. Притоа, романот се наметнал како алка меѓу руската книжевност пред Октомвриската револуција и онаа создадена во втората половина на 20 век, по пропаста на социјалистичкиот реализам и претставува доказ за континуитетот на едн алинија во рускиот реализам - онаа што почнува со Гогољ и што се движи низ пределите на имагинацијата, надминувајќи ги законите на реалноста. Романот има широк полупречник на жанровските определувања - може да се нарече и сатиричен, и фантастичен, и филозофско-метафизички роман, а тоа прави неговата содржина да биде неисцрпна. Маестралнито спој на некои актуелни прашања до таа епоха (на пример, односот на власта кон уметноста) и на вечните дилеми (на пример, дали уметникот е поблизок до силите на Мракот или до силите на Светлината?) овозможува повеќе планови за читање, додека спојот на интересната фабула и длабочината на идеите го прави делото интересно за публиката.[14]

„Мајсторот и Маргарита“ е модерен роман во кој се испреплетени три раскажувачи тековои кои се одвиваат во различни временски и просторни планови: првиот тек може да се нарече „роман за романот“ и тој претставува историја за писателот (Мајсторот) и неговата голема љубов, Маргарита, како и историја за создавањето на неговиот роман за Понтиј Пилат. Во овој тек, раскажувачот е Мајсторот, а неговиот говор е лирски, емотивен и полн со горчина поради книжевната хајка против него, но сепак, достоинствено воздржан во однос на причинителите на неправдата кон него; вториот тек е „роман во романот“ и во него е опишана содржината на романот за Понтиј Пилат, а оваа приказна е раскажана во повеќе делови, и тоа од различни раскажувачи, при што стилот е свечен, поткренат, со призвук на легенда, давајќи му длабочина на дејството; најобемен е третиот тек, „роман околу романот“, во кој се раскажува за пристигнувањето на Воланд во Москва, една пролет во 1920-тите, а во раскажувањето доминира сатирично-хумористичниот стил кој понекогаш кулминира во бурлеска. Овој тек на романот е раскажан од еден „неверодостоен“ раскажувач, кој се преправа дека не знае доволно за настаните за кои раскажува и божем сака да се држи до официјалните ставови, но истовремено е ироничен кон нив. При крајот на романот, трите текови постепено се слеваат еден во друг и низ извонредно инвентивни и духовити решенија се открива нивната длабока, судбинска врска.[15]

Во првото ниво на раскажувањето се прикажани судирите меѓу ликовите од московскиот живот при што во низа масовни и камерни сцени интензивно се одвиваат драматични и трагични процеси како на општ така и на поединечен план. Судирите меѓу ликовите се од различна природа: судири меѓу самите жители на градот (кои предизвикуваат внатрешни судири во нив) и судири меѓу жителите на градот и „дојденците“ (кои ги интензивираат внатрешните судири во ликовите до точката на пукање и разделување на личноста). Во рамки на судирите меѓу жителите на градот најтрагичен е судирот меѓу групата и поединецот, односно меѓу групата неталентирани критичари кои, од идеолошки причини, го напаѓаат Мајсторот, генијалниот писател на романот за Пилат. Покрај писателот, како жртва се јавува и Маргарита, која е свесна за високата вредност на романот и несреќна поради уништувањето на писателот и која склучува сојуз со нечистата сила само за да го спаси писателот. Иако со преобразбата на Маргарита во вештерка изгледа дека писателот е спасен, тоа е само привид, зашто Мајсторот е скршен и без инспирација, а таа останува без подобриот дел од својата природа. На тој начин е укината можноста тие да променат нешто, односно ја губат својата слобода. Вториот судир во романот е оној меѓу жителите на градот и претставниците на нечистата сила — Воланд и неговите четворица придружници. Во тие рамки, највпечатлив е судирот што се случува на почетокот од романот кога се појавува Воланд во мигот кога Берлиоз, претседателот на здружението на писателите, го наговара поетот Иван Бездомни да ја преправи поемата за Исус. Двајцата го сметаат Воланд за шпион и луд странец, но средбата со него се покажува кобна за двајцата, зашто Берлиоз завршува со отсечена глава, а Иван завршува во лудница. За жителите на градот е карактеристично тоа што во средбите со нечистите сили ги искажуваат своите најлоши особини: лажење, крадење, подмитување, поткажување, сплеткарење, алчност, неодговорност итн. На тој начин, неморалната, малограѓанска и атеистичка Москва се покажува поцрна од самиот ѓавол кој, наспроти нив, делува исправен и праведен, го казнува злото и дури им помага.[16]

Второто историско ниво во романот е приказната чие дејствие се одвива во Јудеја, приказна која е вметната во главната приказна во романот. Иако таа приказна не е целосно дадена, иако е раскажана од неколку раскажувачи (Воланд, Иван Бездомни, Мајсторот), сепак, според идејниот поглед, таа ја сочинува подлогата на романот, па дури може да се каже дека е доминантна приказна во романот. Притоа, оваа приказна отскокнува од остатокот од романот и по тоа што е напишана во возвишено-поетски стил. Покрај тројцата раскажувачи, во приказната за Христос се вклучени и Маргарита (која чита делови од романот на Мајсторот), но и самиот автор, така што во оваа постапка се согледува еден важен принцип на творештвото на Булгаков — проекцијата, прекршувањето и шифрирањето.[17]

Основната тема во романот е односот меѓу Доброто и Злото и врската меѓу нив и уметноста. Така, мрачните сили (Воланд, т.е. ѓаволот) застануваат во одбрана на вистинската уметност која е отфрлена од власта и од официјалната книжевна критика. Сепак, кон крајот на романот се открива дека и силите на Доброто застануваат во одбрана на уметникот (Исус Христос бара од Воланд да го заштити Мајсторот). На тој начин, силите на Доброто и на Злото се здружуваат во одбраната на Убавината и Духовноста. Меѓутоа, во крајна линија, главната идеја на романот се состои во отфрлањето на простата поделба на човечките постапки на два оснонви принципа - Добро и Зло, т.е. Булгаков укажува дека Доброто и Злото се комплементарни.[18]

Една од главните пораки на авторот може да се согледа од неговиот дневнички запис од 5.1.2025 година во кој Булгаков го изразува ужасот од безбожништвото во кое Христос го прикажувале како никаквец и лажливец при што пишува дека „тоа злосторство ќе биде скапо платено.“ На една верзија од романот од 1931 година, Булгаков запишал: „Помогни ми, Господе, да го напишам овој роман.“, зашто загрижен поради отуѓеноста од сè што е човечко и поради губењето на есхатолошката надеж, Булгаков го заложил својот живот и роман за сеопштото добро. Всушност, тој го сметал својот роман за „својот завет, своето главно послание до човештвото“ за што сведочат и неговите последни зборови: „Нека знаат! Нека знаат!“[19]

Специфичната авторска постапка на Булгаков која вклучува неколку раскажувачки линии и рамнини на дејствието не може да се сведе на обичен паралелизам на текот и стилот на раскажувањето, туку станува збор за специфично вкрстување. Навистина, двата тека во романот се случуваат во различно време и на две различни места, но тие се допираат и испреплетуваат, и тоа поради ликовите кои фигурираат во двата временски тека (а оттука во секој временски тек): ликовите на Јешуа, неговиот ученик Леви Матеј и Воланд, ликови кои претставуваат принципи, највисок ред на идеи. На овие тројца претставници на светлината и на мракот, во горната, вселенска сфера им се придружува и Мајсторот и во тоа се состои поентата на романот. Имено, Мајсторовиот роман завршува во највисокиот свет, додека самиот Мајстор останува на понискиот степен, зашто „не ја заслужил светлоста“. Според аналитичарите, во тој поглед, Мајсторот претставува „московска аналогија на Јешуа, јагнето кое на себе ги презема човечките гревови.“ Неговата жртва е соодветна на жртвата на Јешуа, што покажува дека праведникот е прогонет во секое време. Како залог на жртвата на Мајсторот се појавува сонот на Иван во кој го мачи страшна, неприродна осветленост. На тој начин, во иван е разбудена свеста за страшното, неприродно затемнување, свест која на поширок план го претставува будењето на човековата свест. Оттука, наспроти трагичната судбина на Мајсторот стои неговото генијално дело, кое ги надминува границите не само на современоста, туку и на времето, воопшто и преминува во вселенската безвременост.[20]

„Мајсторот и Маргарита“ е пример на врвно мајсторство. Тој се одликува со совршена соживеаност на глобалната замисла и детаљите, со впечатливи ликови и убедливи ситуации наспроти фактот дека се надреални, со сликовит приказ на периоди што се оддалечени неколку милениуми, со растечка динамика на згуснати пресврти, со недофатлив набој на секоја епизода, со гигантска ерудиција на писателот и огромна моќа на неговата фантазија, со несекојдневна продорност на умот кој продира во сржта на дамнешното и на современото, го здогледува идното и го замислува севременото, со разиграно и инвентивно вкрстување на различни уметнички средства, со складно содејство на алегоријата, алузијата, хиперболата, парадоксот, трагичното, комичното, сатирата, гротескното и химничното, со суверена прецизност на изразот и со голема носивост на секоја реченица без употреба на вишок зборови.[21]

Повеќезначноста на делото најдобро е отсликана во познатата репика во романот „Ракописите не горат“, која се покажала ем како пророчка ем како гесло, но без можност да се сведе на една рамнина. Таа претставува алузија на претходниците (случајот на Гогољевото палење на „Мртвите души“), но и буквален, автобиографски триумф, како и уметнички став за космичкиот поредок. Како алузија на палењето на ракописот од страна на самиот Булгаков, таа претставува израз на верата во неуништливиот дух и знак на истрајноста во поддршката на принципот на љубовта и добрината. Булгаков е свртен кон повеќедимензионалноста на светот и кон повеќеслојноста на човековото битие. Сите негови напори се насочени кон поимањето на микро и макро световите во нивната сложеност, а на таа комплексност укажува и мотото преземено од Гетеовиот „Фауст“. Оваа легендарна реплика непосредно упатува на идејниот план на романот. Ракописите не горат, зашто се производ на духот, а со тоа фигурираат во повеќе димензии на сеопштото постоење, така што ако бидат запалени во една димензија, тие ќе се појават во некоја друга. Со тоа, репликата ја открива и природата на уметничката постапка која е многу повеќе од фантазија — таа е плод на имагинацијата кој произлегува од погледот на авторот кон светот. Оваа реплика, исто така, упатува на мотивот на огнот, кој е многу важен во романот. Притоа, романот ги активира многубројните симболични страни на огнот, како што се: внатрешниот оган, духот, љубовта, страста, просветлувањето, но и надворешниот оган, т.е. симболот на препород и пречистување, како и негативните симболични аспекти на огнот — казната и разурнувањето. Во самата завршница на романот горат оние места кои биле извор на страдањата на Мајсторот, а тоа се случува во денот на „простувањето на гревовите“, со што се отвора уште една клучна тема во романот — простувањето.[22]

Романот се одликува со силно изразени фантастични елементи при што во него целосно е исполнета формулата на модерната фантастика - судирот меѓу натприродното и светот заснован врз рационалното. Од тој спој избиваат сите необични и експлозивни ситуации во книгата и во тој поглед Булгаков ја следи долгата традиција во руската книжевност (започната од Гогољ) која фантастиката ја меша со хумор, постигнувајќи маестрални сцени. Токму спојот на смеата и стравот е она по што Булгаков најмногу се доближува до Гогољ. Во продолжение, покрај стилските сличности со Библијата и со творештвото на Гогољ, романот се надоврзува на легендата за Фауст, и тоа на повеќе начини: совпаѓањето на презимето на писателот Берлиоз со францускиот композитор не е случајна, зашто Хектор Берлиоз а автор на ораториумотПроклетството на Фауст“; понатаму, за време на балот, Маргарита носи медалјон со слика на црно куче, а во таков облик Мефисто му се прикажува на Фауст во истоименото дело на Гете. Сепак, Булгаков ја менува легендата за Фауст: кај Гете, Мефисто му помага на Фауст да ја освои Маргарета, а кај Булгаков, Воланд ѝ помага на Маргарита да се сретне со Мајсторот; кај Гете, Маргарета се откажува од Фауст кога дознава дека зад него стојат мрачните сили, а кај Булгаков, Маргарита намерно се здружува со Сатаната за да дојде со саканиот човек. На тој начин, Булгаков му дава предност на женскиот принцип кој има активна улога и го води дејството во романот.[23]

Со овој роман, Булгаков си обезбедил врвно место во светската книжевност. Заснован врз најдоброто наследство на рускиот класичен роман од 19. век, „Мајсторот и Маргарита“ е иновативен во најголема можна мера. Проникнат со духот на Гогољевата фантастика, гротеска и сатира, споени со силен реализам, тој го следи заветот на Достоевски за потрагата по општочовечките идеали. Според Ј. Сидоров, покрај Гогољ и Достоевски, во романот се чувствува влијанието и на Хофман, а одблесокот на „Легендата за големиот инквизитор“ е присутен во евангелските делови на книгата. Освен тоа, проучувачите на овој роман ја посочуваат и врската со неколку други дела, како: Гетеовиот „Фауст“, ДантеоватаБожествена комедија“, Хофмановото дело „Ѓаволовиот еликсир“, романот „Грофот Монте Кристо“ на Александар Дима и „Голем“ на Густав Мајринк, но притоа воопшто не оспоруваат дека творечката позиција на Булгаков е потполно самостојна. Во тој поглед, нема смонение дека станува збор за дело кое е производ на неспоредлива имагинација, силен ум, единствен и огромен книжевен дар и висока внатрешна уметничка слобода. Затоа, воопшто не зачудува тоа што книжевните критичари го оценуваат романот со зборовите како што се: генијален, единствен, совршен, беспрекорен, виртуозен, идеален, врвен итн. Истовремено, наспроти многубројните студии за делото, и денес за него се зборува како за „роман на тајната“ и „роман-мистерија“, односно сè уште траат споровите за клучните прашања во романот, за идеолошките концепции, за комплексните ликови, з аисторискиот контекст, за филозофскиот поттекст и за основните поставки на писателот.[24]

Значење и влијание

уреди

Романот е преведен на повеќе јазици и има доживеано голем број изданија — над 280 изданија само во Русија. Освен тоа, постојат голем број драматизации на романот, на пример, само во Русија се направени над 25 театарски поставки (од кои најпозната е онаа на славниот режисер Јуриј Љубимов), а по него се направени и опери, симфонии и филмови (филмовите на Анджеј Вајда, Александар Петровиќ, Мацеј Војтишко, Јуриј Кара, Владимир Бортко, Ринат Тимеркаев итн.).[3][4][25]

Изданија на македонски јазик

уреди

Романот „Мајсторот и Маргарита“ бил првпат објавен на македонски јазик во 1970 година, само три години по неговото издавање во СССР, но тогаш била испечатена само неговата скратена, цензурирана верзија.[26] Во 2006 година, романот бил објавен од издавачката куќа „Три“, во превод на Тања Урошевиќ. Книгата била испечатена во „Стеда графика“, во тираж од 1.000 примероци. Таа е со димензии од 21 сантиметар, со обем од 438 страници, каталогизацијата е извршена во НУБ „Св. Климент Охридски“, Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 9989-153-84-1.[27]

Белешки

уреди
  1. The Sword and the Shield: The Mitrokhin Archive and the Secret History of the KGB
  2. „Mihail Bulgakov 1891 - 1940. Hronologija“, во: Mihail Bulgakov, Pseće srce. Beograd: LOM, 2008, стр. 121.
  3. 3,0 3,1 Влада Урошевиќ, „Поговор - Писателот под закрила на темните сили“, во: Михаил Булгаков, Мајсторот и Маргарита. Скопје: Три, 2006, стр. 429-430.
  4. 4,0 4,1 „Mihail Bulgakov 1891 - 1940. Hronologija“, во: Mihail Bulgakov, Pseće srce. Beograd: LOM, 2008, стр. 123-126.
  5. Zlata Kocić, „Bulgakovljeva poslanica čovečanstvu“, во: Mihail Bulgakov, Majstor i Margarita. Beograd: Laguna, 2020, стр. 11-12.
  6. Zlata Kocić, „Bulgakovljeva poslanica čovečanstvu“, во: Mihail Bulgakov, Majstor i Margarita. Beograd: Laguna, 2020, стр. 17-18.
  7. Михаил Булгаков, Мајсторот и Маргарита. Скопје: Три, 2006, стр. 5-78.
  8. Михаил Булгаков, Мајсторот и Маргарита. Скопје: Три, 2006, стр. 79-160.
  9. Михаил Булгаков, Мајсторот и Маргарита. Скопје: Три, 2006, стр. 161-229.
  10. Михаил Булгаков, Мајсторот и Маргарита. Скопје: Три, 2006, стр. 230-318.
  11. Михаил Булгаков, Мајсторот и Маргарита. Скопје: Три, 2006, стр. 319-412.
  12. Михаил Булгаков, Мајсторот и Маргарита. Скопје: Три, 2006, стр. 413-425.
  13. www.sakamknigi.mk М. Булгаков, „Мајсторот и Маргарита“
  14. Влада Урошевиќ, „Поговор - Писателот под закрила на темните сили“, во: Михаил Булгаков, Мајсторот и Маргарита. Скопје: Три, 2006, стр. 427-428.
  15. Влада Урошевиќ, „Поговор - Писателот под закрила на темните сили“, во: Михаил Булгаков, Мајсторот и Маргарита. Скопје: Три, 2006, стр. 430-432.
  16. Zlata Kocić, „Bulgakovljeva poslanica čovečanstvu“, во: Mihail Bulgakov, Majstor i Margarita. Beograd: Laguna, 2020, стр. 13-15.
  17. Zlata Kocić, „Bulgakovljeva poslanica čovečanstvu“, во: Mihail Bulgakov, Majstor i Margarita. Beograd: Laguna, 2020, стр. 16-17.
  18. Влада Урошевиќ, „Поговор - Писателот под закрила на темните сили“, во: Михаил Булгаков, Мајсторот и Маргарита. Скопје: Три, 2006, стр. 434-435.
  19. Zlata Kocić, „Bulgakovljeva poslanica čovečanstvu“, во: Mihail Bulgakov, Majstor i Margarita. Beograd: Laguna, 2020, стр. 15-16.
  20. Zlata Kocić, „Bulgakovljeva poslanica čovečanstvu“, во: Mihail Bulgakov, Majstor i Margarita. Beograd: Laguna, 2020, стр. 19-20.
  21. Zlata Kocić, „Bulgakovljeva poslanica čovečanstvu“, во: Mihail Bulgakov, Majstor i Margarita. Beograd: Laguna, 2020, стр. 20-21.
  22. Zlata Kocić, „Bulgakovljeva poslanica čovečanstvu“, во: Mihail Bulgakov, Majstor i Margarita. Beograd: Laguna, 2020, стр. 21-23.
  23. Влада Урошевиќ, „Поговор - Писателот под закрила на темните сили“, во: Михаил Булгаков, Мајсторот и Маргарита. Скопје: Три, 2006, стр. 432-434.
  24. Zlata Kocić, „Bulgakovljeva poslanica čovečanstvu“, во: Mihail Bulgakov, Majstor i Margarita. Beograd: Laguna, 2020, стр. 23-25.
  25. Zlata Kocić, „Bulgakovljeva poslanica čovečanstvu“, во: Mihail Bulgakov, Majstor i Margarita. Beograd: Laguna, 2020, стр. 13.
  26. Влада Урошевиќ, „Поговор - Писателот под закрила на темните сили“, во: Михаил Булгаков, Мајсторот и Маргарита. Скопје: Три, 2006, стр. 430.
  27. Михаил Булгаков, Мајсторот и Маргарита. Скопје: Три, 2006.

Наводи

уреди
  • G. Lukács, Studies in European Realism, (Berlin, 1973)
  • G. Lukács, The Meaning of Contemporary Realism, (Berlin, 1974)

Надворешни врски

уреди