Мајката Храброст и нејзините деца

Мајката Храброст и нејзините деца – Хроника од триесетгодишната војна (германски: Mutter Courage und ihre kinder - Eine Chronik aus dem Dreißigjährigen Krieg) е драма на германскиот писател Бертолт Брехт од 1941 година.

Ликови уреди

Во драмата се појавуваат следниве ликови:[1]

  • Мајка Храброст
  • Ајлиф – нејзиниот постар син
  • Швајцарко – нејзиниот помлад син
  • Катрин – нејзината нема ќерка
  • Офицерот кој регрутира војници
  • Наредникот
  • Готвачот
  • Командантот
  • Магационерот
  • Ивета
  • Свештеникот
  • Човекот со завој
  • Полковникот
  • Писарот
  • Војникот
  • Помладиот војник
  • Постариот војник
  • Првиот војник
  • Вториот војник
  • Старицата
  • Младото момче
  • Подофицерот
  • Селанецот
  • Селанката

Содржина уреди

Драмата е поделена во 11 сцени. Нејзиното дејство се случува во Германија и во Полска, во првата половина на 17 век, а дејството започнува така што во близината на еден град двајца офицери настојуваат да регрутираат војници за воениот поход на Полска. Тогаш, по патот поминува Ана Фирлинг, позната како Мајката Храброст, која тргува низ опустошената средна Европа. Офицерите го регрутираат нејзиниот постар син, Ајлиф кого ќе го види две години подоцна во друштво со командантот на војската. Ајлиф е пофален поради покажаното јунаштво во борбата.

Три години подоцна, Мајката Храброст запаѓа во областа што е контролирана од непријателската католичка војска. Нејзиниот помлад син, Швајцарко (кој во меѓувреме е регрутиран и работи како благајник во протестантската војска) се обидува да ја спаси касата со парите од војската и притоа е заробен. Мајката Храброст има можност да го спаси така што ќе ја продаде својата кола и со парите ќе го поткупи наредникот на непријателската војска. Меѓутоа, додека таа се ценка околу цената, Швајцарко е погубен. Таа го продолжува патот со ќерката и со свештеникот.

Додека трае војната, Мајката Храброст тргува многу успешно, но по смртта на шведскиот крал започнува примирје, по што нејзината работа започнува да опаѓа. Во меѓувреме, Ајлиф е уапсен и погубен поради тоа што се обидел да му ја украде стоката на некој селанец. Во 1634 година, Мајката Храброст се наоѓа во очајна состојба: насекаде владее сиромаштија, така што таа не може ништо да продаде и мора да проси. Од готвачот на војската добива понуда да му се придружи во Утрехт, но таа не сака да ја напушти својата нема ќерка и ја одбива понудата, продолжувајќи го патот со Катрин. Во јануари 1636 година, протестантите го опсадуваат градот Хале. Катрин се качува на покривот на една куќа и прави бучава со намера да ги предупреди жителите на градот за опасноста што им се приближува. Војниците ја убиваат, но нејзината акција успева – во градот е прогласена узбуна. По смртта на Катрин, Мајката Храброст продолжува понатаму, влечејќи ја сама колата.[2]

Наводи уреди

  1. Bertold Breht, Majka Hrabrost i njena deca. Beograd: Rad, 1964.
  2. Bertold Breht, Majka Hrabrost i njena deca. Beograd: Rad, 1964.