Материјален живот (книга)

„Материјален живот“ (француски: La Vie matérielle) — збирка раскази на француската писателка Маргерит Дирас од 1987 година.

Содржина уреди

Книгата содржи 46 кратки текстови:[1]

  • Хемиски мирис
  • Дамите од Рош Нуар
  • Автопат на зборовите
  • Театар
  • Последниот штитеник на ноќта
  • Алкохол
  • Задоволствата на VI арондисман
  • Вин Лонг
  • Црниот блок
  • Бонар
  • Сината боја на ешарпата
  • Мажи
  • Рака, Исто
  • Куќа
  • Кабур
  • Животни
  • Трувил
  • Ѕвезда
  • Униформата на М. Д.
  • Телото на писателите
  • Ален Венстеин
  • Расиновите шуми
  • Возот од Бордо
  • Книга
  • Кијбеф
  • Лажливиот човек
  • Фотографии
  • Исклучувачот на водата
  • Фигон Жорж
  • Жената на Валенса
  • Телевизијата и смртта
  • Среќен збор
  • Зеленото парче месо
  • Не сакате
  • Набљудувачниците во Поаси
  • Големото синило
  • Париз
  • Црвеното канабе
  • Тркалезни камења
  • Комода
  • Губење време
  • Оџаците на India Song
  • Гласот на бродот на ноќта
  • Ноќна храна
  • Октомври 1982
  • Ноќен свет

За делото уреди

Дирас наведува дека книгата ја пишувала од почетокот на есента 1986 до крајот на зимата 1987 година. Притоа, сите текстови, таа му ги кажувала на пријателот Жером Божур. Двајцата ги слушале текстовите снимени на магентофонска лента, заеднички ги оценувале, а потоа таа ги поправала. Последниот период бил исполнет со кратење, ублажување и смирување на текстовите. Дирас нагласува дека текстовите во книгата не ги исцрпуваат своите теми; единствено, оваа книга ги претставува нејзините повремени ставови за некои прашања. Оттука, според авторката, книгата нема ни почеток ни крај, ни средина, така што таа не може да се нарече книга, но не е ниту дневник, ни новинарски текст, туку е еден вид читанка. Исто така, таа е далеку од роман, но е блиска до него според начинот на пишување.[2] Дирас имала поволно мислење за неа, пишувајќи: „Многу долго не сум сакала некоја книга како што ја сакам оваа.“[3]

Во ова дело, авторката ги искажува своите најинтимни исповеди, размислувањата за нејзиниот живот, за љубовниците, за проблемите со алкохолизмот, за своите претходни книги и за главните ликови во нив, како и за односите со нејзините пријатели Мадлен Рено, Мишел Фуко, Ролан Барт, Жан-Луј Баро итн. Меѓутоа, „Материјален живот“ не е автобиографија на Дирас, ниту пак збирка есеи, туку само збир на нејзиите размислувања за нештата кои го сочинуваат секојдневниот живот. На моменти, нејзините исповеди делуваат шокантно, особено оние во кои таа ги опишува првите љубовни искуства, кога таа била на четиригодишна возраст, за деновите и ноќите поминати во делириум како последица на алкохолизмот или за нејзиниот пријател, хомосексуалецот Јан. Исто како и во нејзините претходни дела, така и во оваа книга читателот не знае каде престанува стварноста а каде започнува фикцијата, дали таа зборува за откачените нешта на сериозен начин или пак зборува откачено за сериозните нешта. Исто така, стилот со кој е напишана оваа книга е карактеристичен за нејзините претходни дела, а тоа особено се однесува на кратките текстови кои не се ниту раскази ни есеи, туку само фрагменти, дијалози или скици, а кои потсетуваат на новинарски текстови. Освен тоа, читателот има впечаток како авторката да не пишува, туку како да зборува, односно како цело време да го слуша нејзиниот глас. Така, „Материјален живот“ делува како да не е напишана, туку изговорена книга. Таа е замислена како дијалог меѓу Дирас и Жером Божур, но таа е повеќе монолог, кој час е тивок а час многу интензивен.[4]

Наводи уреди

  1. Margerit Diras, Stvarni život. Sarajevo: Svjetlost, 1988.
  2. Margerit Diras, Stvarni život. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 7-8.
  3. Margerit Diras, Stvarni život. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 85.
  4. Nada Bojić, „Pogovor“, во: Margerit Diras, Stvarni život. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 149-150.