Леополд Седар Сенгор
Леополд Седар Сенгор (9 октомври 1906 - 20 декември 2001) — сенегалски поет, политичар, културен теоретичар и прв претседател на Сенегал во периодот од 1960 до 1980 година. Сенгор е првиот африканец кој е избран за член на 'Француската Академија'. Основач е и на политичката партија позната под името Сенегалски Демократски Блок. Почитуван е како еден од најголемите африкански интелектуалци на дваесеттиот век. Добитник е на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата во 1975 г[1].
Леополд Седар Сенгор | |
| |
Мандат 6 септември 1960 – 31 декември 1980 | |
Претходник | Француска влада |
---|---|
Следбеник | Абду Диуф |
Роден | 9 октомври 1906 Жоал, Сенегал |
Починал | 20 декември 2001 Нормандија, Франција |
Партија | Социјалистичка партија на Сенегал |
Професија | поет, културен теоретичар |
Религија | Римо-католик |
Животопис
уредиРан живот: 1906-1928
уредиЛеополд Седар Сенгор е роден на 9 октомври 1906 година во малиот крајбрежен град Жоал, стотина километри оддалечен од Дакар, како едно од шесте деца на Базил Џогој Сенгор, земјопоседник од аристократското племе Серер, малцинска група во Сенегал, и Гнилан Н'Дјеме Баку. Неговото второ име Седар значи „Оној што нема да биде понижен“.
Во 1922 оди во Дакар каде треба да учи богословија. Но откако му е кажано дека религиозниот живот не е за него, се префрла во секуларно училиште. Уште од тогаш страсно чита француска литература. Особено се истакнува на часовите по француски, латински, грчки и алгебра. Откако го завршува средното училиште добива стипендија за студиите да ги продолжи во Франција.
"Шеснаесет години лутање": 1928-1944
уредиВо 1928 Сенгор го напушта Сенегал и заминува во Франција, започнувајќи го периодот на, според него, "шеснаесетгодишното лутање." Најпрво оди на Сорбона, но брзо се откажува. Сепак, на крајот дипломира на Парискиот Универзитет, каде се здобива со диплома по француска граматика. Доделено му е и професорско место на универзитетите во Туре и Париз во периодот од 1935-1945.
Во 1939 година Сенгор се придружува на француската армија со титула офицер во рамките на 59тата пешадиска дивизија, но само по една година е заробен од Германците. Префрлан е во неколку различни кампови, за на крајот да биде сместен во Фронт Сталаг 230 во Поатје, логор резервиран за пешадиските трупи заробени во текот на војната. Германските војници сакале, заедно со останатите црнци-воени заробеници, да го егзекутираат уште истиот ден, но оваа судбина Сенгор и останите ја избегнуваат извикувајќи "Vive la France, vive l'Afrique noire!" Војниците решиле да не преземат толку ригорозен акт откако еден француски офицер им објаснил дека таква расистичка постапка потполно ќе ја посрами ариевската раса и обесчести Германската армија. Вкупно, Сенгор минува две години низ разни кампови; најголем дел од времето таму, тој го минува пишувајќи песни. Во 1942 година е пуштен на слобода поради влошено здравје. До крајот на војната тој останува на својата професорска функција, притоа активно помагајќи му и на Движењето на Францускиот Отпор.
Политичка кариера: 1945-1982
уредиКолонијална Франција
уредиПо крајот на војната, Сенгор станува декан на École Nationale de la France d'Outre-Mer на отсекот Лингвистика, позиција на која ќе остане сè до 1960 година, кога Сенегал се здобива со независност. На покана од локалниот водач на социјалистите, Ламин Гај, Сенгор станува член на Долниот Дом на Францускиот Парламент, и тоа како заменик-претставник на Сенегал-Мавританија, во период кога секоја од француските колонии имала право да номинира свој претставник во собранието. Кога кондукторите на железничката линија Дакар-Нигер започнуваат штрајк, Сенгор, за разлика од Гај кој смета дека нивното неработење ќе ја парализира колонијата, јавно ги поддржува и се здобива со голема популарност меѓу Сенегалците.
Во ноември 1956 година станува градоначалник на Тјес во Сенегал а потоа и советодавен министер во владата на Мишел Дебре од 23 јули 1959 до 19 мај 1961. Член е и на комисијата задолжена за подготвување на нацрт-планот за уставот на Петтата Република, генерален одборник за Сенегал, член на Главниот Одбор на Француска Западна Африка и член на парламенатарното заседание на Европскиот Совет.
Во меѓувреме се венча двапати - вториот пат во 1957 година со французинката Колет Хуберт. Во 1964 година ја издава својата прва збирка поезија со наслов Chants d'ombre („Песни од течнината“).
Сенегал
уредиСенгор е приврзаник на федерализмот за ново-востановените африкански држави, еден тип на "Француски Комонвелт". Федерализмот не е поддржан од државите, поради што Сенгор, заедно со Модибо Кеита, ја формира Федерацијата Мали заедно со поранешен Француски Судан (современ Мали). Сенгор е претседател на Федералното Собрание сè до неговиот распад во 1960 година. Потоа, на 5 септември 1960 година, избран е за прв претседател на Сенегал. Тој е автор на Сенегалската државна химна, Pincez Tous vos Koras, Frappez les Balafons (Le Lion Rouge). Премиерот Мамаду Диа е одговорен за внатрешниот развој на Сенегал, а самиот Сенгор е задолжен за надворешните врски. За кратко време, двајцата се разијдуваат во своите ставови. Во декември 1962 година Мамаду Диа е уапсен под обвинение дека подготвува државен удар. Во затвор останува дванаесет години. На 22 март 1967 година, Сенгор успева да избегне атентат. На осомничениот му е одредена смртна казна.
Ја напушта позицијата во 1980 година, пред крајот на неговиот петти мандат. Абду Диуф го заменува на чело на државата. За време на неговото претседателство, Сенегал започнува повеќе-партиски систем (во пракса ограничен на три струи: социјалисти, комунисти и либерални) и развиен образовен систем. Сенгор често, но погрешно, се гледа како демократ; напротив, тој наметнува едно-партиски систем, па дури и насилно прекинува неколку студентски сојузи.
Франкофонија
уредиСенгор го поддржува формирањето на Франкофонијата и е избран за заменик-претседател на нејзиното високо собрание, на чијшто чело е тогашниот претседател на Франција, Франсоа Митеран.
Во 1982 година, тој е еден од основачите на организацијата за соработка меѓу Франција и земјите во развој чија цел е да се навлече светското внимание на земјите од третиот свет во еден период на промени кои особено влијаат врз нив.
Француска Академија: 1983-2001
уредиИзбран е за член на Француската Академија на 2 јуни 1983 година. Станува првиот Африканец што има ваква чест. Церемонијата по повод неговиот избор се одржува на 29 март 1984 во присуство на тогашниот француски претседател Франсоа Митеран. Со овој потег, Академијата го прави еден од првите чекори кон широкото отворање на нејзините врати, со оглед на фактот дека пред Сенгор нејзин член станува и првата жена - Маргарит Јурсенар. Во 2005 година, член на оваа престижна установа станува алжирската писателка Асја Џебар, а во 2011 година, франко-либанскиот писател Амин Маалуф.
Смрт
уреди"Je ne suis pas sûr de mourir. Et si c'était ça l'enfer?" ("Не сум сигурен дека ќе умрам. Можеби ова е пеколот?") ќе рече еднаш Сенгор во 1996 година.
Послените години од својот живот, Сенгор ги минува во гратчето Версон, Нормандија, каде и умира на 20 декември 2001 година. Неговиот погреб се одржува по девет дена во Дакар. Жак Ширак и Лионел Жоспин, претседателот и премиерот на Франција не присуствуваат на погребот. Овој потег е оценет како недостатно искажување на почит кон големиот сенегалски водач. По повод оваа постапка на француската делегација, научникот Ерик Орсена во влијателниот весник Le Monde ќе напише текст со наслов: "J'ai honte" („Јас сум засрамен“).
Оставнина
уредиИако социјалист, Сенгор го одбегнува марксизмот и анти-западната идеологија популарна во африканскиот свет, и наместо тоа ги поддржува и одржува блиските врски со Франција и западните земји. Ова се смета како негово најголемо достигнување и како единствена причина што Сенегал е една од ретките африкански земји во кои се нема случено државен удар и во која власта секогаш се предава по мирен пат. Сенгор развива еден посебен тип на Африкански социјализам, алтернатива на марксизмот, создадена под влијание на неговата лична филозофија на негритудата.
Местото со број 16 во француската академија е оставено празно по смртта на големиот сенегалски поет. Сепак, по некое време е пополнето од еден исто така поранешен претседател - Валери Жискар Дестен.
Почести
уредиСенгор прима голем почести во текот на својот живот. Го прима Големиот Крст на Légion d'honneur, Големиот Крст на Ordre national du mérite и Големиот Крст на l'Ordre du lion du Sénégal. Добива неколку воени ордени, а е прогласен и за почесен доктор на 37 универзитети. Добитник е на дваесетина поетски награди, меѓу кои и Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.
Меѓународниот Универзитет на француски јазик во Александрија, отворен 1990 година, го носи неговото име, исто како и меѓународниот аеродром во Дакар - Dakar-Yoff-Léopold Sédar Senghor International Airport.
Поезија
уредиНеговата поезија е високо ценета и се смета за еден од врвните дострели на африканската литература, поради што во 1975 година се закитува со Златниот Венец на Струшките вечери на поезијата, а три години подоцна ја добива и Prix mondial Cino Del Duca (Светската награда на Сино Дел Дука). Неговата позната песна A l'appel de la race de Saba објавена во 1936 година, инспирирана е од влезот на италијанските трупи во Адис Абеба. Во 1948 Сенгор го комплетира и уредува томот посветен на франкофонската поезија Anthologie de la nouvelle poésie nègre et malgache за кого Жан-Пол Сартр пишува предговор со наслов "Orphée Noir" (Црн Орфеј).
На неговата надгробна плоча се врежани стиховите од една негова песна:
- Quand je serai mort, mes amis, couchez-moi sous Joal-l'Ombreuse.
- Sur la colline au bord du Mamanguedy, près l'oreille du sanctuaire des Serpents.
- Mais entre le Lion couchez-moi et l'aïeule Tening-Ndyae.
- Quand je serai mort mes amis, couchez-moi sous Joal-la-Portugaise.
- Des pierres du Fort vous ferez ma tombe, et les canons garderont le silence.
- Deux lauriers roses-blanc et rose-embaumeront la Signare.
- Кога ќе умрам, пријатели, положете ме во сенките на Жоал,
- На ридот крај брегот на Мамангеди, со уво прилепено до светилиштето на Змиите.
- Меѓу Лавот, положете ме, и прародителката Тенинг-Н'Дјај.
- Кога ќе умрам, пријатели, положете ме во темелите на португалскиот Жоал.
- Изградете го мојот гроб со камења од неговата тврдина, а топовите нека молчат.
- Мирисот на две ловорови ружи - бела и розова - нека ја опојува Сињарката.
Негритуда
уредиСо Еме Сезар и Леон Дамас, Сегнор го воспоставува концептот на Негритудата, важно интелектуално движење кое има за цел да ги утврди и валоризира особените африкански одлики, вредности и естетика. Основано е како реакција на силното француско влијание врз африканските колонии и против востановеното верување дека африканската нација нема доволно развиена култура за да може да се спореди со европската. Сенгор, откако ги идентификува врските меѓу црна Африка и древен Египет, расправа за тоа дека под-сахарска Африка и Европа се всушност дел од еден единствен културен континуум кој се протега од Египет до Грција, преку Рим до европските колонијални сили. Сепак Négritude не е - иако најчесто е сфатено како такво - расистичко движење насочено против културата на белците, туку напротив, движење кое го нагласува значењето на меѓу-културниот дијалог и размената на позитивните одлики на различните култури[2].
Библиографија
уредиПоетски дела на Сенгор
уреди- Chants d'ombre (Песни од темнината) (1945)
- Hosties noires (Црната причесна) (1948)
- Anthologie de la nouvelle poésie nègre et malgache (Антологија на новата црнечка и малгашка поезија)(1948)
- Éthiopiques (Етиопски песни) (1956)
- Nocturnes (Вечерни) (1961)
- Lettres de d'hivernage (Писма од ивернажот) (1973)
- Élégies majeures (Виши елегии) (1979)
- Poèmes divers (Различни песни) (1990)
Поетски дела на Сенгор на македонски
уреди- Поезија Златен венец, Струга (1975)
Теоретски дела на Сенгор
уреди- Nation et voie africaine du socialisme (1961)
- Pierre Teilhard de Chardin et la politique africaine (1962)
- Liberté 1 : Négritude et humanisme, discours, conférences (1964)
- Liberté 2 : Nation et voie africaine du socialisme, discours, conférences (1971)
- Liberté 3 : Négritude et civilisation de l’Universel, discours, conférences (1977)
- La poésie de l'action : conversation avec Mohamed Aziza (1980)
- Liberté 4 : Socialisme et planification, discours, conférences (1983)
- Ce que je crois (1988)
- Liberté 5 : Le Dialogue des cultures (1992)
Надворешни врски
уреди- Сенгор, добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата Архивирано на 4 март 2016 г.
- Неколку песни на Сенгор на македонски, „Ацо Шопов“
- Песни на Леополд Седар Сенгор. (француски)
- Биографија на l'Assemblée nationale. (француски)
- Биографија на страницата на Француската Академија. Архивирано на 4 октомври 2006 г. (француски)
Наводи
уреди- ↑ „Léopold Senghor“. Архивирано од изворникот на 2021-01-20. Посетено на 2021-02-03.
- ↑ „Léopold Sédar Senghor“. Архивирано од изворникот на 2021-02-06. Посетено на 2021-02-03.