Курски Провлак
Курски Провлак (литвански: Kuršių nerija; руски: Ку́ршская коса́; германски: Kurische Nehrung; латвиски: Kuršu kāpas) — провлак, долг 98 километри, тесен и искривен, покриен со песочни дини, кој го двои Курскиот Залив од Балтичкото Море. Неговиот јужен дел се наоѓа во рамките на Калининградската Oбласт, Русија, а нејзиниот северен дел во рамките на Литванија.
светско наследство на УНЕСКО | |
---|---|
Критериум | културно: v |
Навод | 994 |
Запис | 2000 (24. заседание) |
Од 2000 година претставува светско културно наследство на УНЕСКО, кое го делат двете земји.
Географија
уредиКурскиот Провлак се протега од Калининградскиот (Самбиски) Полуостров на југ до неговиот северен крај до тесниот проток, преку кој се наоѓа пристанишниот град Клајпеда на копното на Литванија. Северните 52 километри од провлакот припаѓаат на Литванија, додека остатокот е дел од Калининградската Oбласт, Русија. Широчината на провлакот се движи од минимумот од 400 метри во Русија (близу селото Лесној) до максимални 3800 метри во Литванија (северно од Нида).
Геолошка историја
уредиКурскиот Провлак бил создаден пред пет илјади години.[1] Ледената морена служела како негов темел; ветровите и морските струи подоцна донеле доволно песок да порасне и да се зачува над морето.[1]
Постоењето на овој тесен спруд е под закана на природните процеси кои влијаат на крајбрежните објекти.[2] Зависи од динамичната рамнотежа помеѓу пренесувањето и поставувањето на песокот. Ако (хипотетички) изворот на југозапад згасне, од изградба на големо пристаниште со док, провлакот ќе еродира и на крај ќе исчезне. Меѓутоа, најверојатен развој е дека тесниот залив во рамките на Курскиот Провлак на крај ќе се наполни со седимент, со што ќе создаде ново копно.
Човечка историја
уредиПраисторија
уредиСпоред балтичката митологија, Курскиот Провлак бил создаден од џинот, Неринга, кој се играл на морскиот брег. Ова дете исто така се појавува и во други митови (во некои е прикажано како млада силна жена, слично на женската верзија на грчкиот Херакле). Од 800 до 1016 година, провлакот бил местоположбата на Моховое, главен пагански трговски центар кој сè уште не е ископан.
Тевтонски витези
уредиТевтонските витези ја окупирале областа во XIII век, градејќи нивни замоци во Мемел (1252), Нојхаузен (1283) и Роситен (1372). Провлакот можеби бил дом на последниот жив говорник на сега исчезнатиот балтички јазик, старопруски.[3]
Курсениеки
уредиЗначајни човечки влијанија на областа започнале во XVI век.[1] Уништувањето шума на провлакот поради пасишта, сечење дрвја и градење бродови за Битката кај Грос-Јегерсдорф во 1757 година довеле дините да се рашират на провлакот и да закопаат цели села. Поради овие проблеми, пруската влада спровела големи пошумувања, кои започнале во 1825 година. Други извори го наведуваат Георг Давид Куверт, сопственик на поштата во Нида, кој започнал со пошумување на провлакот кон крајот на XIX век. Поради овие напори, поголемиот дел од провлакот денес е покриен со шуми. Во XIX век, Курскиот Провлак бил населен само со Курсениеки (Kursenieki) со значително германско малцинство на југот и литванско малцинство на северот. На крајот, населението на Курсениеки исчезнало поради асимилација и други причини; повеќе не постои, се претпоставува дури и пред 1945 година, кога провлакот станал целосно германски.
Ликовна колонија
уредиОд крајот на XIX век, динскиот предел околу Нида, станал омилен за сликарите на предели и животни од Кенигсбершката уметничка академија. Локалниот хотел на Херман Блоде бил почетната точка на ликовна колонија „Нида“ (Künstlerkolonie Nidden). Ловис Коринт останал тука во 1890 година, по што следеле уметниците како Макс Пехштајн, Алфред Лихтварк, Карл Шмит-Ротлуф и Алфред Партикел.[4] Сликари од Кенигсберг како Јулиус Фрајмут и Едуард Бишоф ја посетувале областа, како и поетите Ернст Вихерт и Карл Цукмајер.[4] Други гости биле Ернст Кирхнер, Ернст Молемхауер, Франц Домшајт и Херман Вирт. Сликарите обично престојувале во хотелот на Блоде и оставиле некои дела зад нив кај него. Некои изградиле сопствени куќи во близина.
XX век
уредиДо XX век, повеќето луѓе се занимавале со рибарство. Од 1901 до 1946 година, селото Роситен, денес Рибачи, станало место на првата птичја опсерваторија во светот, основана од германскиот орнитолог Јоханес Тинеман, основана таму поради важноста на провлакот на коридорот на преселбата на птиците.
По Првата светска војна, Нида заедно со северната половина на Курскиот Провлак станале дел на Клајпедски регион според Версајскиот договор од 1919 година и бил припоен од Литванија во 1923 година. Официјално преименувано, Нида останало чисто германско — границата со преостанатата половина на Источна Прусија се наоѓала само на неколку километри јужно.
Во 1929 година, освојувачот на Нобелова награда, писателот Томас Ман ја посетил Нида за време на одмор во блискиот Раушен и одлучил да изгради летна куќа на рид над заливот, наречена „Колибата на чичко Том“ од месното население. Тој и неговото семејство ги поминале летата 1930-1932 во колибата, а делови од неговиот роман Јозеф и неговите браќа (Joseph und seine Brüder) биле напишани тука. Под закана на нацистите, Ман ја напуштил Германија по доаѓањето на Хитлер во 1933 година и никогаш не се вратил во Нида. Откако Клајпедскиот крај бил повторно припоен од Нацистичка Германија во 1939 година, неговата куќа било земена по наредба на Херман Геринг и служела како викендичка на офицерите од Луфтвафе.
Германското население било избркано по Втората светска војна од советските војници, придружено со етничко чистење. Како и насекаде во денешната Калининградска Oбласт, асимилацијата на територијата и колонизацијата со руски доселеници била завршена со промена на историските германски топоними со руски.
Денес
уредиПо распаѓањето на Советскиот Сојуз, туризмот процветал; многу Германци, главно потомци на некогашните жители, го избираат Курскиот Провлак (особено Нида, бидејќи не се потребни визи за Германците во Литванија) како одредиште за одмор.
Курсениеки
уредиДодека денес Курсениеки, познати и како Куршининкај, се скоро исчезната балтичка етничка група која живеела на Курскиот Провлак, во 1649 година, населбата Куршининкај се протегала од Клајпеда до Гдањск. Куршининкај на крајот биле асимилирани од Германците, со исклучок на Курскиот Провлак, каде некои сè уште живеат. До Првата светска војна биле сметани за Латвијци, кога Латвија добила независност од Руското царство, претпоставка заснована на јазични аргументи. Ова било основа за латвијските барања за Курскиот Провлак, кои подоцна биле отфрлени.
-
Курско знаменце, Нида
-
Погребен маркер Крикстас
-
Стари гробишта во Нида
-
Мал хотел и кафуле во Нида
Моментална состојба
уредиКурскиот Провлак е дом на највисоките движечки песочни дини во Европа. Нивната просечна височина изнесува 35 метри, но некои од нив достигнуваат височина од 60 метри. Неколку еколошки заедници се присутни на или околу провлакот, од неговите надворешни плажи до дините, мочуриштата, ливадите и шумите.[5] Неговата местоположба на Источноатлантскиот пат значи дека е често посетуван од птиците преселеници. Помеѓу 10 и 20 милиони птици поминуваат во текот на пролетта и есента и многу се одмараат тука.[5]
Обата дела, рускиот и литванскиот, се прогласени за национални паркови.
Населби на Курскиот Провлак (од север на југ) се:
Првите шест се во Литванија, додека последните три се во Русија. Руската страна на Курскиот Провлак припаѓа на Зеленоградскиот округ од Калининградската Oбласт, додека литванската страна е поделена помеѓу општините Клајпеда и Неринга.
Постои еден пат кој ја поминува целата должина на Курскиот Провлак. На руската страна оди до Зеленоградск, додека на литванската страна оди до Смилтине. Провлакот не е поврзан со копното на Литванија. Автомобилски фериботи обезбедуваат врска помеѓу Смилтине, сместен на провлакот, и пристанишниот град Клајпеда.
Од 2000 година, Курскиот Провлак е прогласен за светско културно наследство на УНЕСКО.
Моментално, постои барање да се рушат домови на Курскиот Провлак. Овие домови се поседувани од луѓе кои добиле дозволи да градат од корумпирани локални службеници. Барањето за рушењето се заснова на фактот дека провлакот е светско наследство и дека само таму се дозволени само градби како рибарските колиби.[6]
Туризам
уредиНајголем град на провлакот е Нида во Литванија, омилено одредиште за одмор, главно посетено од литванските и германските туристи. Северниот брег на Курскиот Провлак е место за најпознатите плажи.
Дина Парнидис и сончев часовник
уредиПесочната дина Парнидис со силни ветришта се издига до 52 метри над морето. Името според мештаните означува „поминува низ Нида“, бидејќи дината неколкупати има поминато низ селото Нида. Научниците проценуваат дека секое лице искачувајќи се или спуштајќи се од стрмната дина пренесува неколку тони песок, па така на планинарите им се дозволени да искачуваат само означени патеки.
Постои гранитен сончев часовник, изграден на дината Парнидис кој точно го покажува времето. Сончевиот часовник е камен столб, висок 13,8 метри, кој тежи 36 тони. Веднаш до несе се наоѓаат мали скали покриени со гранит, изрезбани со часовни и получасовни засеци, како и еден засек за секој месец, како и дополнителни четири засеци за рамноденици. Од астрономска гледна точка, дината Парнидис е идеално и уникатно место за сончев часовник во Литванија.[7]
Грижи за животната средина
уредиПостојат грижи за животната средина поврзани со Курскиот Провлак, кој често е промовиран како место на чиста природа.
Поради важноста на туризмот и рибарството за регионалното стопанство, загадувањето на морето и крајбрежјето може да имаат катастрофални ефекти на областа.
Изградбата на нафтеното платформа во морето во територијалните води на Русија, 22,5 километри од брегот на Курскиот Провлак ги зголемило грижите за можни нафтени дамки. Помеѓу 2002 и 2005 година, локалните екологисти од Калининградската Oбласт[8] и Литванија[9] протестирале против плановите на Лукоил за искористување на нафтеното поле, со назнака за можна голема штета кон животната средина и туризмот (главен извор на приход на областа) во случај на истекување на нафтата. Овие грижи не добиле поддршка од руската влада. Меѓутоа, биле поддржани од литванската влада. Нафтеното поле е на околу 4 километри од границата на литванските територијални води; северните струи означуваат дека литванскиот брег ќе претрпи поголема штета во случај на истекување. Сепак, отпорот не добил меѓународна поддршка и нафтената платформа била отворена во 2004 година. Сепак, двете држави се согласиле за заедничка проценка на животната средина, вклучувајќи го и нафтеното поле, како и планови за негово отстранување.[10] До 2010 година тоа не било завршено.[10]
Друга грижа е дека зголемениот туризам ја уништува природата која ги привлекува туристите. Од оваа причина, се преземени мерки, како спречување на туристите од искачување на одредени делови на провлакот.
Природните закани се поопасни на Курскиот Провлак отколку било каде во Литванија или во Калининградската Oбласт. На пример, бурите обично се посилни на провлакот. Поради важноста од дрвјата за спречување на ерозијата на почвата, шумските пожаре во лето се поопасни за екологијата.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 „The Development of the Baltic Sea and the Curonian Lagoon“. Kuršių Nerija National Park. Архивирано од изворникот на 2011-03-14. Посетено на 15 јуни 2010.
- ↑ „Curonian Spit“. UNESCO. Посетено на 2010-06-15.
- ↑ The Kaliningrad question. Rowman & Littlefield. 2002. стр. 17. ISBN 978-0-7425-1705-9.
- ↑ 4,0 4,1 Weise, p. 159
- ↑ 5,0 5,1 „Curonian Spit“ (PDF). УНЕСКО. Посетено на 15 јуни 2010.
- ↑ „Lithuania:The Battle for the Curonian Spit“. Архивирано од изворникот на 2013-02-06. Посетено на 3 октомври 2012.
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2016-03-24. Посетено на 2016-04-14.
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2007-10-09. Посетено на 2016-04-14.
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2006-01-11. Посетено на 2016-04-14.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
- ↑ 10,0 10,1 „32COM 7B.98 - Curonian Spit (Lithuania / Russian Federation) (C 994)“. УНЕСКО. Посетено на 15 јуни 2010.
Надворешни врски
уреди- Страница на УНЕСКО
- Национален парк Курсиу Нерија Архивирано на 14 мај 2015 г.
- Национален парк Куршскаја Коса Архивирано на 17 август 2005 г.
- Биолошка станица Рибачи