Криза (шведски: Kris) е шведски филм од 1946 година, во режија на Ингмар Бергман, кој, заедно со Лек Фишер (Leck Fischer), е и автор на сценариото. Главните улоги ги толкуваат: Инга Ландгре (Inga Landgré), Стиг Олин (Stig Olin), Маријане Лефгрен (Marianne Löfgren), Дагни Линд (Dagny Lind) и Алан Болин (Allan Bohlin). Филмот, снимен во црно-бела техника, трае 93 минути.[1]

Содржина уреди

Ингеборг (ја игра Линд) е учителка по пијано во мал, провинциски град во Шведска. Таа ја одгледува својата посвоена ќерка Нели (ја глуми Ландгре) со голема љубов и посакува таа да се омажи со Улф (го игра Болин), скромен млад човек, кој живее како потстанар кај Ингеборг. Кога градоначалникот ќе организира бал, Улф купува фустан за Нели, со намера да одат на игранката. Но, во меѓувреме, во градот пристигнува вистинската мајка на Нели, средовечната, но згодна Џени (ја игра Лефгрен), која живее со својот млад љубовник, шармантниот и забавен Џек (го глуми Олин). Џени и Џек, исто така, одат на балот и таму Нели целосно го запоставува Улф, привлечена од шармот на Џек. По игранката, Џени ја посетува Ингеборг и ја поканува Нели да ѝ се придружи во големиот град, каде што таа има салон за убавина. Нели, која е вљубена во Џек, веднаш ја прифаќа поканата. Веднаш потоа, разочараниот Улф го напушта малиот град, а Ингеборг дознава дека е сериозно болна и дека ќе живее уште кратко време.
Во големиот град, Нели живее удобно и се забавува со Џек. Дознавајќи за болеста, Ингеборг не може да издржи и оди во градот да ја види Нели, но разочарана се враќа дома, бидејќи Нели ужива во забавниот и удобен градски живот. Работите се менуваат кога, една ноќ, Џек ја посетува Нели во салонот за убавина и ѝ кажува дека многу ја сака, дека цел живот бил несреќен и дека истовремено ѝ е љубовник на нејзината мајка. Во мигот кога Џек и Нели водат љубов, во салонот влегува Џени и доаѓа до расправа меѓу неа и Џек. Џек излегува надвор и извршува самоубиство на тротоарот пред салонот за убавина. Потресената Нели повторно се враќа кај Ингеборг, каде истовремено се враќа и Улф. Така, тие двајцата се повторно заедно, иако Нели му кажува на Улф дека не може да го сака.[2]

Наводи уреди