Кралство Кент

Кралството Кент (староанглиски: Cantwara rīce; латински: Regnum Cantuariorum) било средновековно кралство во денешна Југоисточна Англија. Основано е во 5 или 6 век од Јутите, германски народ кој се доселил на брегот на Британија од континентална Европа (Шлезвиг-Холштајн) по повлекувањето на Римјаните.

Кралство Кент
Cantwara rīce
Regnum Cantuariorum

о. 455 – 871
Кралството Кент
Главен град неукажан
Јазици Староанглиски, Латински
Вероисповед Паганизам, Христијанство
Уредување Монархија
Крал
 -  ?–488 Хенгист (прв)
 -  866–871 Етелред (последен)
Законодавство Витан
Историски период Хептархија
 -  Основана о. 455
 -  Замрела 871

Кралството Кент е едно од седумте кралства на англосаксонската хептархија. Ја изгубил својата независност во 8 век и станал вазал на Мерсија. Во 9 век, станал вазал на Весекс, и конечно во 10 век станал дел од обединетото Кралство Англија. Името се употребува за традиционалната грофовија Кент.

ИсторијаУреди

Доселување на ЈутитеУреди

Според археологот Мартин Велч, во петтиот век Кент бил сведок на „радикална трансформација на политичко, социјално и демографско поле“.[1] Книжевните и археолошките записи сведочат за доселување на народи од германското јазично подрачје од северна Европа во Британија во текот на петтиот век.[2][3]

Сепак, дел од римско-британското население најверојатно останало, бидејќи од латинското име за областа, Кантијака, потекнува името на новото англосаксонско кралство, Кантвер („жители на Кент“).[4]

 
Хенгест и Хорса, од Возобновување на распадната интелигенција од Ричард Верстеган (1605)

Според Англосаксонската хроника, „кралот на Бритите“ познат како Вортигерн поканил двајца германски водачи, Хенгист и Хорса („пастув“ и „коњ“) во Британија за да му помогнат да се одбрани од пиктичките напаѓачи. По пристигнувањето во Кент во 449 година, Хенгист и Хорса ги поразиле Пиктите, а потоа се свртеле против Бритите и поканиле повеќе германски племиња да ја колонизираат Британија. Меѓу нив биле Старите Саксонци, Англите и Јутите; Јутите се населиле во Кент и на Островот Вајт.[3]

Според Хрониката, во 455 година Хенгист и Хорса се бореле против Вортигерн кај Егелештреп (веројатно Ајлесфорд во Кент), и во битката бил убиен Хорса. Хенгист го наследил како крал.[5] Во 456 година, Хенгест и неговиот син Еск се бореле со Бритите во Крекганфорд (веројатно Крајфорд). Британците се повлекле од Кент во нивното упориште во Лондон.[5] Слични наводи се дадени и во Црковната историја на Беде: дека луѓето од Кент и Островот Вајт потекнуваат од Јутите кое се доселиле во Британија, и дека Хорса бил убиен во битка против Бритите, додавајќи дека неговото тело било погребано во источен Кент.[3] Научниците честопати Хенгист и Хорса ги сметаат за митолошки ликови позајмени од народното творештво, за да им се даде легитимитет на владетелите во средниот и доцниот англосаксонски период.[1]

Развој и проширување на запад: 500–590Уреди

Во шестиот век, Кралството Кент било поврзано со Меровинзиското Кралство Франкија, кое тогаш го проширувало своето влијание во северозападна Европа.[3] Текстуалните извори наведуваат дека Кент можеби бил под контрола на Меровинзите во одреден период од овој век. [3] Во Кент се пронајдени археолошки докази за материјалната култура на Франките од овој период, а ги нема во другите области на Британија, што укажува на трговски монопол со кралството на Франките.[3] Во одреден момент од шестиот век, Источен Кент го анектирал Западен Кент.[3]

Основање на кралството и христијанизација: 597–650Уреди

Цврсто под контрола на елитната класа, Кент бил првото англосаксонско кралство кое се наведува во историските записи во 597 година [3] Монахот Беде наведува дека со Кент во овој период управувал Етелберхт, и тој е првиот веродостојно потврден англосаксонски монарх.[3] Англосаксонската хроника ја наведува битката помеѓу Кент и Западните Саксонци во 568 година, по која силите на Етелберхт морале да се повлечат во Кент. [3] За време на владеењето на Етелберт бил напишан Етелбертовиот законик, најстариот сочуван текст на староанглиски јазик.[3]

Според Беде, христијанизацијата на англосаксонската Англија започнала во Кент за време на владеењето на Етелберт откако таму пристигнал бенедиктинскиот монах Августин[3] Франкската сопруга на Етелберт, Берта, веќе била покрстена, а самиот Етелберх се преобратил неколку години подоцна. [3]

Падот и мерсијанска доминација: 650–825Уреди

Во седмиот век моќта на Кент ослабнала, а истовремено растела моќта на Мерсија и Нортамбрија.[3]

Кон крајот на седмиот век, Кент постепено потпаѓал под доминација на Мерсија. Откако градот Лунденвик бил освоен од Мерсија,[3] бил прекинат монополот на Кент врз трговијата меѓу каналите и неговата контрола над Темза, и тоа ја намалило неговата економска моќ.[3] Според Беде, во 676 година, мерсискиот крал Етелред I уништил многу кентски цркви.[3] Контролата на Мерсија врз Кент се зголемила во следните децении[3]

Во 686 година Кент бил освоен од Кедвала од Весекс; а една година подоцна по убиството на неговиот брат во бунт во Кент, Кедвала се вратил и го опустошил кралството. Во 690 г., Вихтред станал крал и се заложил да го обнови кралството по пустошењето и метежот во претходните години. Тој во 694 година склучил мир со Западните Саксонци плаќајќи компензација за убиството на Мул. По неговата смрт во 725 година, Кент бил поделен на неговите три сина. Но, Еалрик набрзо исчезнал од историјата додека Етелберхт II се етаблирал како врховен крал во побогатиот Источен Кент и Едберхт I во Западен Кент. Западен Кент веројатно потпаднал под контрола на Етелбалд (716-757) од Мерсија. По смртта на Етелберхт II во 762 година, ситуацијата во Кент станала нестабилна: кралевите се менувале брзо едноподруго, а некои биле заштитени од Мерсија.

Од 764 година, Офа од Мерсија го контролирал Кент. Во 776 година имало битка помеѓу Офа и Егберт II (764-784?) во близина на Отфорд по која Кент ја возобновил својата независност. Сепак, ова било краткотрајно, и Офа повторно воспоставил своја власт врз Кент во 785 година и владеел со него до неговата смрт во 796 година.

Моментот на слабост на Мерсија по смртта на Офа се обидел да го искористи Едберт Праен кој дигнал бунт во Кент и накратко успеал да ја врати независноста на Кент. Наследникот на Офа, Коенвулф, повторно го освоил Кент во 798 година, и го поставил неговиот брат Катред за крал. По смртта на Катред во 807 година, Коенвулф директно владеел со Кент.

Власта на Мерсија во 825 година по победата во битката кај Елендун била заменета со власта на Весекс, и Балдред (последниот кентски крал) бил протеран. Од 825 година, Кент бил управуван од кралевите на Весекс.

ПоврзаноУреди

НаводиУреди

  1. 1,0 1,1 Welch 2007.
  2. Stuart Brookes and Susan Harrington, The Kingdom and People of Kent, AD 400-600 (2010), p. 24
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 3,14 3,15 3,16 3,17 Brookes & Harrington 2010.
  4. Welch 2007, стр. 189–190; Brookes & Harrington 2010, стр. 35.
  5. 5,0 5,1 Welch 2007, стр. 190; Brookes & Harrington 2010, стр. 33.

ИзвориУреди

  • Arnold, C. J. (1997). An Archaeology of the Early Anglo-Saxon Kingdoms (изд. new.). London: Routledge. ISBN 978-0415156363.
  • Brookes, Stuart; Harrington, Sue (2010). The Kingdom and People of Kent, AD 400-1066: Their History and Archaeology. Stroud: The History Press. ISBN 978-0752456942.
  • Kelly, S. E. (1999). „Kingdom of Kent“. Во Michael Lapidge; John Blair; Simon Keynes; Donald Scragg (уред.). The Blackwell Encyclopaedia of Anglo-Saxon England. Oxford: Blackwell. стр. 269–270. ISBN 978-0631224921.
  • Kelly, S. E. (1993). „The Control of Kent in the Ninth Century“. Early Medieval Europe. 2 (2): 111–31.
  • Welch, Martin (2007). „Anglo-Saxon Kent“. Во John H. Williams (уред.). The Archaeology of Kent to AD 800. Woodbridge: Boydell Press and Kent County Council. стр. 187–248. ISBN 9780851155807.
  • Witney, K. P. (1982). The Kingdom of Kent. Phillimore. ISBN 0-85033-443-8.

Надворешни врскиУреди