Крале Марко и брат му Андријаш

Крале Марко и брат му Андријаш (српско-хрватски: Marko Kraljević i brajen mu Andrijaš) - јуначка епска народна песна (бугарштица), составена од 60 стиха испеани во петнаестерци.[1]

Содржина уреди

По долготрајно заедничко јунаштво, Крале Марко и брат му Андријаш влегуваат во кавга околу поделбата на еден од трите заробени коњи и Крале Марко го убива својот брат со удар со сабјата право во срцето. Тогаш, смртно ранетиот Андријаш го замолува Крале Марко да не ѝ ја кажува вистината на нивната мајка. Наместо тоа, ако таа го праша зошто му е крвава сабјата, го советува да каже дека убил елен во шумата; а кога таа ќе праша за Андријаш, тогаш да ѝ каже дека останал во туѓа земја, каде се оженил со убава девојка. Најпосле, Андријаш го советува Крале Марко да не го загуби духот, кога во шумата ќе го нападнат разбојници, туку тогаш да го повика неговото име и така да ги исплаши разбојниците.[2]

Осврт кон песната уреди

Песната за Крале Марко и брат му Андријаш прв ја запишал благородникот и поетот од Хвар, Петар Хекторовиќ кој ја слушнал од локалните рибари и ја вклучил во својата книга Ribanje i ribarsko prigovaranje, објавена во Венеција, во 1568 г.,[3][4] а денес е познато името на човекот (кмет на имотот на Хекторовиќ) кој ја испеал оваа бугарштица: Пакоје Дебеља, рибар и веслач, „добар маж и прав“. Притоа, Хекторовиќ напишал дека бугарштицата јазапишал во изворниот облик, без нешто да додаде или измени.[5]

Според Владан Недиќ, песната е пример за високиот уметнички квалитет на бугарштиците, зашто во неа секој детаљ открива голем уметник. Кавгата на браќата е раскажана кратко, а сето останато му е препуштено на братот додека умира. Притоа, благородната порака која ја кажува Андријаш, со сабјата во срцето, ја прави песната исклучителна, зашто благиот прекор упатен кон Крале Марко е потресен. Додека умира, Андријаш го споменува еленот убиен со сабја и го искажува својот страв Крале Марко да не падне со духот кога ќе го нападнат разбојниците во шумата. Во сето тоа, восхитува мирниот тон со кој е раскажан трагичниот настан. На крајот, поетот му се обраќа на слушателот при што наеднаш преминува од поетската слика кон стварноста, со што постигнува голем уметнички ефект.[6]

Слично, и Новак Килибарда истакнува дека оваа песна има нагласена мисловна рамка и висока поетска вредност: таа ги открива трајните вистини за животот и поетски ги дефинира љубовта, тагата, моќта и немоќта на човечкиот карактер. Притоа, фабулата само ја допира историската позадина, т.е. основната порака во песната има универзално значење. Мачните страни на неразумната гордост и насилната смрт поетот ги надминува преку верата во човекот чии последни животни мигови преминуваат во благородни чувства. Во неа, смртта на Андријаш е исклучителна не поради неправдата што му е нанесена, туку поради исклучителната хуманост на човекот на умирање, која нема временски и просторни граници. Оваа тивка, мисловна и сталожена песна ги достигнува најсуптилните вибрации на старогрчката лирика и веројатно не постои пократок а посодржаен текст во српскохрватската народна поезија. Поединечните слики во неа го задржуваат совршенството дури и кога ќе се извлечат од контекстот, како што се: средбата на јунакот и еленот, јунакот во гората како го повикува својот мртов брат, јунакот со братската сабја во срцето, итн. Најпосле, наспроти епските песни испеани во десетерец кои го претставуваат Крале Марко само како јунак кој го брани народот од неправдата, оваа бугарштица го претставува како трагична личност кого го следи стравот поради Каиновиот грев.[7]

Наводи уреди

  1. Новак Килибарда, „О бугарштицама“, во: Бугарштице. Београд: Рад, 1979, стр. 10.
  2. Bugarštice. Beograd: Rad, 1969, стр. 3-5.
  3. V. N., „Napomena uz ovo izdanje“, во: Bugarštice. Beograd: Rad, 1969, стр. 78.
  4. В.Ђ., „Поговор - О записивању и превођењу“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 491.
  5. Новак Килибарда, „О бугарштицама“, во: Бугарштице. Београд: Рад, 1979, стр. 6-7.
  6. Vladan Nedić, „Bugarštice“, во: Bugarštice. Beograd: Rad, 1969, стр. 76-77.
  7. Новак Килибарда, „О бугарштицама“, во: Бугарштице. Београд: Рад, 1979, стр. 10-12.