Кизлар-ага (османлиски јазик: قيزلر اغاسی) — главен на евнусите кои го чувале Царскиот харем на отоманските султани во Цариград. Поради неговата близина со султанот и улогата на жените во харемот преку нивните интриги, позицијата на кизлар-ага била рангирана како една од најважните во Отоманското Царство до почетокот на 19 век. Наскоро по основањето на оваа функција, местото често било зазимано од страна на робови од Африка, поради кое главниот кизлар-ага се нарекувал и црн евнух.

Слика на кизлар-ага од 18 век
Претстава од 19 век на Главниот Црн Евнух (лево), судија-џуџе (средина) и Главниот Бел Евнух (десно)

Историја уреди

Функцијата Кизлар-ага била создадена во времето на Мурат III (1574-1595) во 1574 година, кога Мехмед-ага со потекло од Етиопија станал прв црн евнух.[1][2] Дотогаш, во отоманската палата доминирале белите евнуси, кои главно биле доведувани во палатата од христијанското население на Балканот или Кавказот. Меѓутоа, во 16 век, се забележува брз пораст на населението во палатата Топкапи, меѓу кои и кај евнусите, чии бројки се зголемиле од 40 во времето на Селим (1512-1520) до повеќе од илјада во времето на Мурат III. Додека црните евнуси служеле заедно со белите евнуси во палатата, до 1592 година, поради нејасни причини, се утврдило и одвојувањето на улогите, како и надмоќноста на црните евнуси над белите: белите евнуси биле ограничени на надзорот од машките деца (ич оглан), додека црните евнуси го презеле далеку попрестижниот надзор на приватните одаи на султанот и на палатата (харем)[3]. Како резултат на тоа, главниот црн евнух брзо го засенил главниот бел евнух или Капи-ага[4][5][6]. Во времето на својата најголема моќ во XVII и XVIII век, кизлар-ага бил везир од прв ранг и трет во државната хиерархија, по Големиот везир и главниот верски водач, шејк-ул ислам[4][7].

Моќта на црниот евнух не произлегла само од неговата блискост со султанот, туку и од неговата поврзаност со сопругите на султанот, неговите мајки, кои честопати доминирале во политиката (види: Султанат на жените). Кизлар-ага, исто така, бил де факто единствениот посредник помеѓу затворениот свет на харемот и надворешните, машки четвртини од палатата (селамлик), контролирајќи го неговото обезбедување, како и пораките до и од палатата[6][8]. Покрај тоа, тој бил единствениот поединец на кој му било дозволено да ги пренесува комуникациите на Големиот везир до султанот и да има призната улога во јавните церемонии. Меѓу неговите должности во палатата, исто така, било и надгледувањето на образованието на кнезовите (шехзаде) додека тие не влегле во пубертет[9].

Во османлиската правна теорија, султанот требало да ги предводи работите на државата исклучиво преку големиот везир, но во реалноста овој аранжман често бил заобиколуван. Така, неговата политичката моќ била многу значајна, влијаела врз царската политика и понекогаш дури го контролирал и назначувањето на Големиот везир, па дури и имал интервенција во династичките спорови и наследството на престолот. Ова било случај кај Мустафа ага кој како главен црн евнух бил одговорен за застанувањето на Мустафа I на престолот во 1617 година, а во 1651 година Сулејман-ага, ја убил моќната валиде султан Косем во име на нејзиниот соперник, Турхан Хатиџе султан[10].

Честата и опасна вмешаност на главните црни евнуси во политиката довело до барем еден обид од големиот везир Силахдар Дамат Али-паша во 1715 година да го спречи нивното влијание со забранување на регрутирањето и кастрацијата на црните робови, но тоа никогаш не било извршено[11]. Во 1731 година, Големиот везир Кабакулак Ибрахим-паша се обидел да го принуди пензионирањето на тогашниот евнух Бешир за да го спречи да се меша во државните работи, но преку влијанието на авлиде султан, Бешир успеал да го тргне на Ибрахим од неговата функција. Бешир-ага, кој ја држел функцијата од 1716 до 1746 година, е признаен како можеби црн евнух[12] .

До реформите на султан Махмуд II (1808-1839), во 1830-тите години, моќта на кизлар-ага конечно била ограничена, кога функцијата добила повеќе церемонијална улога отколку управувачка[11].

Администрацијата на вакуфите уреди

 
Кизлар-ага, околу 1809 година

Кизлар-ага, исто така, имал посебна улога како администратор (назир) на добротворните фондации и донации (вакуф) назначени за одржување на двата свети градови на исламот, Мека и Медина. Тие биле одговорни за нивно снабдување и за годишното ритуално испраќање на подароци. Вакуфите назначени за одржување на муслиманските свети места, биле основани од страна на припадниците на Отоманскиот суд, а нивната администрација им била доверена на посебни одделенија уште од крајот на 15 век. Првично под целосен надзор на Капи-ага, во 1586 Мурат III ја префрлил одговорноста на Кизлар-ага[13].

Така започнал долг процес со кој Кизлар-ага постепено се здобил со широка јурисдикција над разните вакуфи во царството: веќе во мај 1598 година, тој се здобил со контрола врз темелите наменети за одржување на султанските џамии во главниот град. Меѓу имотите што паднале на Кизлар-ага на овој начин бил градот Атина, чија администрација првично била доделена на Базилика, една од омилените наложници на султан Ахмед I (р. 1603-1617), но откако султанот добил многу поплаки за лошото управување, кизлар-ага го добил како подарок од султанот. По нејзината смрт, Атина се нашла под целосна надлежност на кизлар-ага[14].

Администрацијата на вакуфите била извршена преку двајца потчинети, главниот секретар (јазиџи) и инспектор (муфетиш) и бил поделен на две фискални оддели: Биро за сметки на светите градови, кое до крајот на 18 век ги надгледувал царските џамии и вакуфите на Истанбул и европските провинции и Биро за закуп на светите градови кое ги надгледувало вакуфите на азиските и африканските провинции. Посебното богатство, го сочинувало приходот од вакуфите, а Кизлар-ага одржувал неделен совет (диван) за да ги испита сметките[13].

Администрацијата на вакуфите претставувала, според зборовите на Бернард Луис, уште еден „извор на моќ и профит“ за Кизлар-ага, и неуспешни обиди биле направени во времето на Мустафа III (р. 1757-1774) и Абдул Хамид I (р. 1774-1789) за да ги отстрани од својата јурисдикција. Конечно, во 1834 година, Махмуд II го лишил местото на профитабилниот надзор на вакуфовите и му го доделил на новото Министерство за Вакуфи[11][13].

Вработување уреди

 
Главниот црн евнух на султанот Абдул Хамид II, почеток на 20 век

Црните робови, обично купени како момчиња од Нубија, потоа кастрирани и инволвирани во службата на палатата, започнале да бидат вработувани како чувари на жените од султанскиот харем уште од времето на претходникот на Мурад III, Селим II (р. 1566-1574 ), и овој тренд продолжил до крајот на Отоманското Царство. Евнусите обично добивале имиња на цвеќиња, и по периодот на обука во палатата, тие влегле во служба во харемот. Евнусите започнувале како обични регрути и постепено напредувале низ редовите, од невбет калфа до највисоката позиција односно чувар на харемот. По завршувањето на обуката и по завршување на службата, некои од нив биле одвојувани од старателските должности и префрлани во харемот како личните слуги на султанот, валиде султан, главната сопруга на султанот (кадин) или принцот (шехзаде). Највисоките по ранг евнуси биле познати како хасили[15].

Од овие високи позиции евнухот можел да биде избран и назначен на местото на Кизлар-ага со султански декрет и церемонијален прием на облека од султанот. Заедно со земјиштето кое припаѓало на неговиот оддел, тој обично добивал и личен имот (хас). Во палатата Топкапи, тој имал свој стан во близина на Портата Авијари, додека другите евнуси под негова контрола живееле заедно во тесни и прилично незгодни услови во трикатната касарна. Кога биле отпуштени, главниот црн евнух добивал пензија и слобода а од 1644 бил прогонуван во Египет или во Хеџаз[1][7]. Како резултат на тоа, службите честопати се грижеле за удобно пензионирање во Египет со купување на имоти и формирање свои викуфи таму. Така тие биле вклучувани во покровителство на трговијата и земјоделството. Со оглед на нивната важната улога во Египет тие имале важна улога во економијата на Египет под османлиско владеење.

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 Hathaway 1998, стр. 53.
  2. Lad 2010, стр. 142.
  3. Lad 2010, стр. 142–144.
  4. 4,0 4,1 Bosworth 1986, стр. 243.
  5. Freely 2000, стр. 40–42, 75.
  6. 6,0 6,1 Imber 2002, стр. 153.
  7. 7,0 7,1 Davis 1986, стр. 21.
  8. Davis 1986, стр. 21–22.
  9. Freely 2000, стр. 75.
  10. Lad 2010, стр. 166.
  11. 11,0 11,1 11,2 Davis 1986, стр. 22.
  12. Lad 2010, стр. 139.
  13. 13,0 13,1 13,2 Lewis 1971, стр. 175–176.
  14. Augustinos 2007, стр. 24.
  15. Lad 2010, стр. 143.

Надворешни врски уреди

  •   Кизлар-ага на Ризницата
  • Augustinos, Olga (2007). „Eastern Concubines, Western Mistresses: Prévost's Histoire d'une Grecque moderne. Во Buturović, Amila; Schick, İrvin Cemil (уред.). Women in the Ottoman Balkans: Gender, Culture and History. London and New York: I.B. Tauris. стр. 11–44. ISBN 978-1-84511-505-0.
  • Предлошка:EI2
  • Davis, Fanny (1986). The Ottoman Lady: A Social History from 1718 to 1918. Greenwood Press. ISBN 0-313-24811-7.
  • Freely, John (2000). Inside the Seraglio: Private Lives of the Sultans in Istanbul. Penguin Books. ISBN 0-14-027056-6.
  • Hathaway, Jane (1998). „Egypt in the seventeenth century“. Во Daly, M. W. (уред.). The Cambridge History of Egypt, Volume 2: From 1517 to the End of the Twentieth Century. Cambridge University Press. стр. 34–58. ISBN 978-0-521-47211-1.
  • Imber, Colin (2002). The Ottoman Empire, 1300–1650: The Structure of Power. Palgrave Macmillan. ISBN 0-333-61387-2.[мртва врска]
  • Lad, Jateen (2010). „Panoptic Bodies: Black Eunuchs as Guardians of the Topkapı Harem“. Во Booth, Marilyn (уред.). Harem Histories: Envisioning Places and Living Spaces. Duke University Press. стр. 136–176. ISBN 0822348691.
  • Предлошка:EI2