Кафеава мечка

вид мечка која може да се најде во Европа и Северна Америка
(Пренасочено од Кафеавата мечка)
Кафеава мечка
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Цицачи
Ред: Ѕверови
Семејство: Mечки
Род: Мечка
Научен назив
Ursus arctos
Линеј, 1758
Распространетост на кафеавата мечка

Кафеавата мечка (Ursus arctos) е сештојаден цицач од семејството мечки, распространет во северна Евроазија и Северна Америка. Тежи помеѓу 100 и 700 кг и подвидот кодијак, заедно со белата мечка, спаѓа во групата на најголеми земски месојади. Иако овој вид се соочува со истребување на месни населенија сепак, со вкупна население до 200,000 единки не се смета за загрозен вид. Најмногу се среќавани во Русија, САД (поготово Алјаска), Канада и Финска (каде кафеавата мечка е национално животно). Овој вид најмногу се храни со храна од растително потекло, корења и габи. Рибите им се главен извор на месо, но јадат и помали цицачи. Возрасна кафеава мечка нема сериозна конкуренција од другите грабливци и лесно може да се спротивстави на волци и големи мачки од типот на пумата.

Животното во Македонија најзастапено е претежно во планинските области од западниот, средниот и јужниот дел на земјата, а повремено се јавува и во источните краишта. Бројната состојба е значајно подобрена во последните години, од 151 единка во 2010 на 471 единка во 2014 г.[2]

Класификација уреди

Многу научници на се сложуваат со класификацијата на овие животни, односно поделбата на подвидови и видови. Во некои системи има дури 90 подвида на кафеавата мечка, додека според последните ДНК анализи се определени 5 гранки[3]. Овие анализи покажуваат дека подвидовите на кафеавата мечка од Евроазија и Северна Америка, генерално се доста хомогени, што се противи на сегашната класификација[4]. Се смета дека подвидот Ursus arctos sitkensis е поблизок до белата мечка отколку со кафеавата[4].

 
Кафеава мечка во Зоо Скопје.

Подвидови на кафеавата мечка:

 
Хибрид од бела и кафеава мечка, Музеј Ротшилд, Тринг

Хибриди уреди

Хибрид од гризли и бела мечка е доста редок, но се среќава и во природата и во заробеништво. Во 2006, како доказ за постоењето на овој хибрид во природата е употребена ДНК анализа на „чудна“ мечка која била убена во Канада[5]. Претходно овој хибрид бил добиен во зоолошките градини и бил сметан за „криптид“ (животно за кое нема научни докази дека постои во дивината). Од 1874, се направени многу успешни вкрстувања на кафеавата и белата мечка. Овие хибриди се потполно фертилни што значи дека можат да имаат потомство без разлика дали ќе се парат со кафеави или бели мечки. Кога се раѓаат, имаат бела боја, но потоа крзното станува кафеавкасто или жолто-бело.

Особености уреди

 
Кафеава мечка во стоечка положба во Зоо Скопје.

Кафеавите мечки имаат густо крзно со варијации на кремасто, кафеаво и црно и комбинации од овие бои. Како и останатите мечки, и овие можат подолго време да стојат на задните нозе. Над рамениците имаат голема грпка составена од мускул по која се разликуваат од останатите видови[6]. Канџите на кафеавата мечка се долку до 15 сантиметри кои не се повлекуваат и мечките ги користат најмногу за копање. Мажјаците се 38-50% поголеми од женките[7]. Должината изнесува 1,7 до 2,8 метри. Најмалите подвидови се Евроазиската кафеава мечка каде женката тежи најмалку 90 кг, гризлито од Јукон со најмалку 100 кг и сириската кафеава мечка со најмалку 150 кг, додека најголеми се кодијак и сибирската кафеава мечка. Неретко мажјак од подвидот кодијак, кога е исправен на задните нозе, е со висина од над 3 метри и со тежина од 680 кг. Најголемата регистрирана мечка е кодијак со над 1100 кг[7]. Мечките кои живеат во зоолошките најчесто се потешки од мечките во дивината, поради редовната исхрана и ограниченото движење. И покрај нивната масивност, овие мечки можат да трчаат со брзина од 56 километри на час. Кафеавата мечка е ноќно животно. За време на летото тие акумулираат до 180 кг масти, кои ги користат за да ја преживеат зимата. Мечките за време на зимата се во состојба на псевдо-хибернација.

Исхрана уреди

Тие се омнивории се хранат претежно со растенија, вклучувајќи корења, фиданки, габи, но и риби, инсекти и мали цицачи. И покрај нивниот углед, кафеавите мечки не се вистински месојади, бидејќи во некои случаи дури 90% од искраната отпаѓа на храна од растително потекло.[8] Кога ловат, ги употребуваат очниците за да го убијат пленот. Се случува да ловат елени, бизони, лосови, но секогаш одбираат млади животни. Во ретки случаи, мечката употребува удар со шепата, со што го крши вратот на пленот. Понекогаш ја употребуваат својата големина за да го одземат уловениот плен на волци, црни мечки или пуми.

Размножување уреди

Сезоната за парење трае од мај до почеток на јули. Кафеавите мечки се моногамни на краток период, односно остануваат ва пар неколку дена или неколку недели за време на сезоната за парење. Женките достигнуваат полова зрелост на 5-7 години. Мажјаците не се парат додека не станат доволно силни за да можат успешно да се натпреваруваат со другите мажјаци. По оплодувањето, јајце-клетката се дели но останува слободна во матката во следните 6 месеци (се нарекува доцна имплатација на ембрионот). За време на презимувањето, фетусот се всадува во ѕидот на матката. Младите се раѓаат после 8 недели. Доколку мечката нема акумулирано доволно тежина преку летото, ембрионот нема да се развие во младенче. Бројот на мечиња е помеѓу 1 и 4, најчесто се 2. Малите мечиња се слепи, без заби, без крзно и тежат околу 1 кг. По раѓањето се хранат со мајчино млеко. Тие остануваат со мајката 2 до 4 години, и за тоа време учат како да наоѓаат храна, како да ловат, како да се бранат. Младите учат имитирајќи го однесувањето на мајката[9]. Мажјаците ги убиваат малечките од друга мечка[10].

Распространетост уреди

Денес има околу 200 000 кафеави мечки во светот. Најголемите популации се во Русија (120 000), САД (32 000) и Канада (21 750). 95% од кафеавите мечки во САД живеат на Алјаска. Иако порано кафави мечки имало во Мексико и на планината Атлас во Мароко, денес тие се речиси сигурно изчезнати. Последната мексиканска кафеава мечка била застрелана во 1960. Во Европа има 14 000 единки поделени на 10тина помали популации, од Шпанија на запад до Русија на исток, и од Скандинавија на Север до Балканските држави на југ. Денес во Британија нема кафеави мечки, а во Франција, Шпанија и Средна Европа им се заканува опасност од исчезнување. На Алјаска, кафеави мечки среќаваме во регионот помеѓу Јукон, Британска Колумбија и Алберта. Постаојат и уште неколку изолирани популации низ териториите на САД. Во Северна Америка овие мечки живеат претежно во пространи предели, додека Евроазискиот подвид ги претпочитаат шумите.

Популацијата на кафеави мечки што се наоѓа на Пиринеите на границата помеѓу Франција и Шпанија се проценува на максимум 15 единки, со дефицит на женки. Во 2006 година неколку женки се фатени во Словенија и пуштени на Пиринеите со цел да се зголеми популацијата.

Кафеавите мечки и луѓето уреди

Јелоустоун е огромен резерват сместен во западниот дел на САД, во кој живее популасција на Гризли мечки. Поради големиот број на посетители, многу често има средби помеѓу луѓето и мечките. Бидејќи мажјаците доминираат со централниот дел на резерватот, женките се наоѓаат претежно на границите. Како резултат на ова поголемиот дел од убиените мечки се женки.

Во Европа, најголем проблем со кафеавите мечки во последните два века имаат овчарите. Бидејќи стадата пасат на отворените пасишта по планините се случува мечка да нападне и да убие овца или коза. Во минатото овчарите ги убивале овие мечки од страв за својата безбедност. Денес мечките се загрозен вид, и секогаш коа се случува ваков напад, овчарите пријавуваат за загубат и добиваат надомест од државата.

Во Северна Америка годишно во просек има по 2 фатални напади од мечка[11]. Во Скандинавија познати се само 4 случаи кои завршиле со смрт, од 1902 до денес. Двете најчести причини за напад се изненадување и љубопитност[12]. Некои видови на мечки, како белата, најчесто напаѓаат кога се во потрага по храна.

Научниот центар на Алјаска има направено список на најчести причини поради кои мечката напаѓа[12]:

  • изненадување (неочекувана средба)
  • љубопитност
  • нарушен приватен простор (тука спаѓа и заштита на младенчиња)
  • повреда од лов
  • одбрана
  • провокација

Заштитен вид уреди

Со вкупна популација до 200 000 единки кафеавата мечка не се смета за загрозен вид. Сепак постојат изолирани популации на кои им се заканува исчезнување или кои веќе се исчезнати. Главна причина за намалување на нивниот број е неконтролиран лов и намалување на териториите на нивните природни живеалишта.

Гризлито е на списокот на видови во опасност во САД. Денес полека се зголемува нивниот број на териториите на кои бил истребен во минатото.

Калифорниската златна мечка[13] (Ursus arctos californicus) исчезнува од државата Калифорнија. Последната мечка од овој подвид била убиена во 1922. Сепак ова животно сѐ уште се наоѓа на калифорниското знаме.

Мексиканското Гризли е на списокот на загрозени видови, но се претпоставува дека е исчезнат вид.

 
Мечките како составен дел од романските циркузи (резба во слонова коска од византискиот период)

Во Канада, кафеавите мечки се означени како ранлив вид во Алберта, Британска Колумбија, Северозападните Територии и Јукон. Популациите на гризли се искоренети во Алберта, Манитоба и Саскачеван.

Европската кафеава мечка е заштитен вид во сите држави каде што живее.

Кафеавата мечка е национално животно на Финска и Словенија.

Обожување на мечките уреди

Кај многу народи на Балканот, во Азија и кај Домородните Американци во Северна Америка, мечката била сметана за предок на човекот или див човек, па дури и обожувана како бог. Поради сличноста во движењето кога мечката оди исправена на задните нозе, Гасконците ги нарекуваат „lou Moussu“ – господинот. Еден од најстарите знаци за обожување на мечките го среќаваме во близина на пештерата Ласко (Франција). На ова место бил пронајден гроб на неандарталец стар 70 000 години. Во гробот освен останките од неандарталецот биле пронајдени и останки од кафеава мечка. Во пештерата Шове (Франција) се пронајдени повеќе черепи од кафеава мечка распоредени во круг, со еден од нив поставен на карпа во средината. Во Монтеспан (Франција) пронајдена е глинена статуа на мечка која датира од пред 17 000 години. Слични ритуали во кои учество земале мечките се пронајдени и во други делови на Франција и Баскија. Мечката била сметана за симбол на воскреснувањето и на плодноста[14].

Наводи уреди

  1. Ursus arctos. IUCN Red List. Version 2006. International Union for Conservation of Nature. 1996. Посетено на 12 мај 2006.
  2. „Мечка“. Бројна состојба на дивечот,по години по региони. Државен завод за статистика. Посетено на 15 февруари 2016.[мртва врска]
  3. U.S. Fish and Wildlife Service (2006-11-17). „Endangered and Threatened Wildlife and Plants; Designating the Greater Yellowstone Ecosystem Population of Grizzly Bears as a Distinct Population Segment; Removing the Yellowstone Distinct Population Segment of Grizzly Bears From the Federal List of Endangered and Threatened Wildlife“ (PDF). Federal Register / Vol. 70, No. 221. стр. 69854–69884. Архивирано од изворникот (PDF) на 2006-08-25. Посетено на 1 August 2006.
  4. 4,0 4,1 Lisette P. Waits, Sandra L. Talbot, R.H. Ward and G. F. Shields (1998). „Mitochondrial DNA Phylogeography of the North American Brown Bear and Implications for Conservation“. Conservation Biology. стр. 408–417. Архивирано од изворникот на 2011-05-12. Посетено на 1 August 2006.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  5. „Wild find: Half grizzly, half polar bear: Hunter bags what expert 'never thought would happen' in wild“. MSNBC.MSN.com. 11 May 2006. Посетено на 2006-05-14.
  6. „Learn to Identify Black Bears and Grizzly (Brown) Bears“. Архивирано од изворникот на 2009-10-12. Посетено на 2008-11-06.
  7. 7,0 7,1 Brown, Gary (1996). Great Bear Almanac. стр. 340. ISBN 1-55821-474-7.
  8. „Alaska Office of Economic Development“. Архивирано од изворникот на 2009-04-15. Посетено на 2008-11-06.
  9. Brown Bear Reproduction
  10. Mating Strategies in Relation to Sexually Selected Infanticide in a Non-Social Carnivore: the Brown Bear
  11. Bear Attacks: Their Causes and Avoidance, Stephen Herrero, revised edition, 2002.
  12. 12,0 12,1 WTom S. Smith, Ph.D. and Steven Herrero, Ph.D. „Ursus arctos californicus“. Alaska Science Center - Biological Science Office. Архивирано од изворникот на 2009-08-14. Посетено на 12 April 2008.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  13. Wilson, Don E., and DeeAnn M. Reeder. „Ursus arctos californicus“. Johns Hopkins University Press. Посетено на 1 April 2008.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  14. "Xan de l'Ours, la légende de l'homme sauvage" de Marc Large, préface de Renaud, Cairn Editions, 2008“. Архивирано од изворникот на 2009-08-25. Посетено на 2008-11-06.

Надворешни врски уреди