Катица Трајковска-Абјаниќ

Катица Трајковска Абјаниќ (Скопје, 20 април 1951 - Скопје, 31 август 2018) — македонска ТВ новинарка, уредничка и авторка од областа на културата, која најголемиот дел од својот работен век го посветува на Редакцијата за култура и уметност во Македонска радиотелевизија.[1] Заедно со нејзиниот сопруг Драган Абјаниќ (1953-1999).[2][3][4] и нејзиниот брат Златко Трајковски - Хинки (1960-2017)[5] таа е една од пионерите на дигиталната уметност во Македонија.[6] Придонесува за развојот на франкофонијата во Македонија.

Катица Трајковска Абјаниќ
Роден(а)20 април 1951
Скопје, СР Македонија СР Македонија
Починал(а)31 август 2018
Скопје, Македонија Македонија
Националностмакедонка
ЗанимањеТВ новинарка, уредничка и авторка од областа на културата

Образование и кариераУреди

Трајковска Абјаниќ дипломирала на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје, на катедрата за француски јазик и литература, а студирала и на Факултетот за драмски уметности во Скопје во класата на Илија Милчин. Специјализирала театарска критика на Сорбона во Париз. Своето новинарско искуство го започнала во Македонското радио (тогаш Радио Скопје) како соработник во емисијата „Бранови на младоста“, а работно искуство го започнува во 1976 г. во редакцијата на Нова Македонија како новинар и специјален известувач од Париз. Од 1980 г. започнува да работи во Македонска радиотелевизија (тогашна Телевизија Скопје) како новинар, а подоцна и уредник во редакцијата за култура и уметност, каде води, анимира, уредува бројни ТВ емисии, дебати, тркалезни маси и пишува сценарија за документарни филмови. Заедно со колегата Петар Ѕалев, идејно ја основаат Утринската програма на Телевизија Скопје, во тоа време прва Утринска емисија на југословенските простори. Во раните осумдесетти години таа ја основала и промовирала продукцијата на уметничкото видео во Телевизија Скопје и организирала фестивали на уметничко видео на ниво на Југославија. Во 1992 г. во соработка со колешката Евгенија Теодосиевска ја уредувала и водела познатата неделна ТВ емисија од областа на културата со наслов „Аквариум“[7]. Катица Трајковска Абјаниќ неколку години била уредник на редакцијата за култура и уметност, а подоцна и на Секторот за културно-уметничка програма.[8] Во 2001 г. била назначена за координатор на телевизиските канали Canal France International и Arte и раководител на Одделението за меѓународна соработка во Македонската Телевизија. Неколку години подоцна ја извршувала и функцијата уредник на играната програма. Својот работен век го завршила во април 2016 г. како автор во документарната програма на Македонската Телевизија. Нејзиното последно дело е документарниот филм „Соновите не заспиваат“ посветен на македонската поетеса Даница Ручигај.

Активности и придонеси во областа на театарот, театарската критика, франкофонијата и други областиУреди

Освен новинарската кариера, таа во својата младост се занимавала со актерство. Играла во неколку театарски претстави во Македонскиот Народен Театар: „Господа Глембаеви“, „Димна Јуда град градила“, „Фарса за храбриот Науме“ и во Кумановскиот театар во претставата „Поглед од мостот“. Била дел од алтернативната театарска група Театарот кај свети Никита Голтарот[9]. По завршувањето на специјализацијата за театарска критика во Сорбона, таа пишувала бројни театарски критики за списанија и публикации во земјата и регионот. Во подоцнежната кариера, модерира тркалезни маси на театарскиот фестивал МТФ „Војдан Чернодрински“. Трајковска - Абјаниќ била автор на видео презентации и членувала во меѓународни жирија за уметничко видео. Соработувала со стручни списанија и дневни весници. Извесен период била претседател на Друштвото за културна соработка „Македонија - Франција“ и потпретседател на секцијата „Новинари франкофони“. Членувала во “L'union de la presse francophone”[10]. Била одликувана со две значајни одликувања од Република Франција: Ordre des Arts et des Lettres[1] (Витез од редот на уметностите и книжевноста) и Ordre des Palmes Académiques[11]. Добитник е на признание од Филмска младина на Македонија и годишно признане од Македонската Радио Телевизија.

Во 2012 г. го основа Здужението Радио Марија Македонија на кое била прв претседател (2012-2018). Починала во Скопје на 31 август 2018 година.[12][13][14]

НаводиУреди

  1. Витраж - Сезона 11 - Емисија 01 (англиски), Посетено на 2019-01-09
  2. АБЈАНИЌ, ТИВКИОТ БУНТОВНИК НА ВИДЕОАРТОТ
  3. „Ретроспектива Драган Абјаниќ“ (PDF).
  4. „АБЈАНИЌ, Драган“. Mакедонизам. Посетено на 2019-01-09.
  5. „Златко Трајковски Хинки (1960–2017) | okno.mk“. okno.mk. Посетено на 2019-01-09.
  6. „Денови на македонскиот видео-арт“ (PDF).
  7. „Аквариум (09.1987)“. Архива ЗаУм (англиски). 1987-09-01. Посетено на 2019-01-09.
  8. „Медиумите и културата“ (PDF).
  9. „Театар кај свети Никита Голтарот“ (PDF).
  10. „L'union de la presse francophone“.
  11. „Ordre des Palmes Académiques“.
  12. Двајца новинари заминаа во еден ден… Слава им!
  13. „За чудесната Катица Трајковска Абјаниќ | okno.mk“. okno.mk. Посетено на 2019-01-09.
  14. „Почина новинарката Катица Трајковска Абјаниќ“.