Казанчето е сад или прибор за варење билки и етерични течности.

Опис

уреди

Казанчето било користено за варење лековити билки и розина вода. Телото на казанчето е од поголем и помасивен ѓум. Дното му е сосема малку конкавно, страните продолжуваат нагоре со постепено проширување се до закосениот дел на телото од садот. Оттука, преку подебел раб продолжуваат нагоре закосените страни, направени од друго парче, до косината од каде што се собираат во врат. Отворот од ѓумот е со зајакнат раб што е свиткан нанадвор. Од едната страна под самиот отвор е прицврстена рачка која во горниот дел има и „уши“ на кои подвижно треба да е прикачен капак. Рачката свиткано продолжува надолу и на долниот дел е споена за телото, зајакнато во форма на подолг срцевиден лист. Во отворот од ѓумот влегува горниот дел од казанчето кој е составен од долен дел, врат и горен проширен дел. Дното од горниот дел е испакнато нанадвор, а потоа преку сите страните ѕвончесто се прошируваат нагоре. Однатре има вдлабнато дно околу кое се наоѓа повисокиот кубест дел кој е продолжение од вратот. Однадвор, на горниот дел, на две спротивни страни се наоѓаат две цевки - лулиња. Подолгата е сместена на делот што е нанадвор испакнато дно, а покусата малку повисоко, на една од бочните ѕвончесто проширени страни. Дестилацијата на саканата течност од билките или од розите што се ставени во ѓумот се одвива во горниот дел, во делот со кубеста форма. Дестилираната течност истекува од подолгата цевка, а водата која служи за разладување, што се наоѓа во горниот дел од капакот, истекува од помалата цевка.[1]

Наводи

уреди
  1. „Бакарни садови во Македонија од османлискиот период“, Елизабета Конеска, стр. 121, Музеј на Македонија, Скопје, 2000 г.

Поврзано

уреди