Кавалер со ружа

комична опера во три чина од Рихард Штраус

Кавалер со ружа (германски: Der Rosenkavalier) (опус 59) ― комична опера во три чина од Рихард Штраус. Оригиналното либрето на германски јазик го напишал Хуго фон Хофманштал. Операта е делумна адаптација од романот Љубовта на кавалерот де Фаблас (Фра: Les amours du chevalier de Faublas) од Луве де Кувре и од Молиеровата комедија Господин де Пурсоњак.[1] Премиерно била изведена на 26 јануари 1911 година во Кралската оперска куќа во Дрезден,[2] под диригентска палка на Ернст фон Шух. Работниот наслов на операта бил Охс од Лерхенау (Ochs auf Lerchenau). [3] (Изборот на името Охс не е случаен, бидејќи „охс“ на германски значи „вол“, што ги опишува манирите на баронот во операта.)

Кавалер со ружа
Опера од Рихард Штраус
Ернст фон Шух диригира со Кавалер со ружа (1912), слика од Роберт Штерл
ЛибретистХуго фон Хофманштал
ЈазикГермански
Премиера
26 јануари 1911 (1911-01-26)
Кралска оперска куќа, Дрезден

Компонирање

уреди

Рихард Штраус во 1899 година во Берлин се запознал со Хуго фон Хофманштал. Штраус потоа бил импресиониран од драмата Електра на Хофманштал (1903), и ја адаптирал во опера која премиерно била изведена на 25 јануари 1909 година. За време на соработката за Електра, тие се договориле да соработуваат на нов покомичен проект. Откако Штраус ја одбил Хофманшталовата комедија Криштинас Хајмрајс, а не ги претпочитал ни драмите на Молиер, Хофманштал го посетил Хари Граф Кеслер во Вајмар. [4] За неколку дена во февруари 1909 година, Хофманштал и Кеслер подготвиле сценарио инспирирано од оперета од 1907 година која Кеслер ја гледал во Париз: L'Ingénu libertin од писателот Луј Арту и композиторот Клод Терас.[5]

Штраус го одобрил нацртот на дејството. Текстот од првиот чин е напишан во февруари-март 1909 година, а музиката била завршена во мај. Во текот на летото, Штраус го искомпонирал вториот чин во соработка со Хофманштал кога биле додадени повеќе пресврти во дејството. Пролетта 1910 година, биле отпечатени првите два чина, а Хофманштал завршил со пишување на либретото. Штраус го завршил последниот чин на 26 септември 1910 година.[4]

Изведби

уреди

Премиера

уреди

Кавалер со ружа била премиерно прикажана на 26 јануари 1911 година во Дрезден под диригентство на Ернст фон Шух, кој ги диригирал премиерите на Штраусовите „Фојерснот“, Саломе и Електра. Сопранистката Маргарет Симс ја пеела Маршалин, а Мини Наст ја толкувала Софи, а Ева фон дер Остен ја пеела улогата на Октавијан.

Меѓународен успех

уреди

Два месеци по премиерата, делото било преведено на италијански и изведено во Скала. Австриската премиера на операта била одржана во Виенската дворска опера на 8 април, под диригентска палка на Франц Шалк, [6] со Луси Вајд како Маршалин, Гертруда Ферстел како Софи која ја заменила Селма Курц, [6] Мари Гутеил-Шодер како Октавијан и Ричард Мајр како Охс.[7] На 14 ноември делото било претставено и во Театро Костанци во Рим.

Содржина

уреди
Време: 1740-ти, во првите години од владеењето на царицата Марија Тереза
Место: Виена

Чин 1

уреди

Спалната соба на Маршалин

Воведот во операта прикажува како принцезата Марија Тереза фон Верденберг (позната како Маршалин, титула дадена на сопругата на фелдмаршалот) и Грофот Октавијан (седумнаесетгодишно момче) воделе љубов цела ноќ. Се крева завесата и тие лежат заедно непосредно пред да зазори. Однадвор се слуша врева, а Маршалин го крие Октавијан, зошто мисли дека нејзиниот сопруг се вратил порано од лов. Октавијан излегува во здолниште и женска шапка, се обидува да се прикраде, но братучедот на Маршалин, баронот Охс ауф Лерхенау, се втурнива низ истата врата.

Баронот неодамна се свршил со Софи Фанинал („Selbstverständlich empfängt mich Ihro Gnaden“), ќерка на богат трговец. Сепак, тој му дофрла непристојни коментари на преправениот Октавијан кој нему му се претставува како „Мариандел“. Охс дошол да побара две услуги: нотарот на неговата братучетка треба да му помогне да го напише брачниот договор и сака таа да му препорача млад благородник кој ќе биде негов кавалер со ружа, кој на Софи треба ѝ ја даде традиционалната сребрена ружа. Маршалин го препорачува Октавијан, а Охс спремно го прифаќа.

Следува сцена на утринските посетители на Маршалин. Тенорот испратен од португалскиот амбасадор ѝ свири серенади („Di rigori arma“) а Охс се договара со нотарот. Двајца италијански измамници, Валзаки и Анина, на Маршалин ѝ презентираат таблоиди за продажба, но таа ладно ги одбива. Охс се обидува да го наведе миразот од семејството на Софи кој се состои од целиот нивен имот, кој не под хипотека, и брзо го губи трпението со нотарот кој му објаснува дека тоа е незаконски. Во гужвата, Маршалин му се лути на фризерот. Таа е незадоволна од физурата и наредува да се испразни собата. Додека луѓето излегуваат, Валзаки и Анина на Охс му ги нудат своите шпионски услуги. Охс ги прашува дали знаат нешто за „Мариандел“; тие лажат и тврдат дека знаат сè за неа.

Откако ќе остане сама, Маршалин тажно се гледа себеси во огледало, сеќавајќи се на младоста и за тагата по принудниот брак, предвидувајќи го истото и за Софи („Da geht er hin...). Се враќа Октавијан. Тој сака да ја утеши својата тажна љубовница, но таа ја избегнува неговата прегратка и му вели дека наскоро ќе ја замени со некоја помлада и поубава. Младиот човек не сака да чуе за тоа, а Маршалин бара од него да си замине. Подоцна, сфаќа дека заборавила да го бакне за збогум. Немајќи што да прави, го повикува својот млад паж, Мохамед, за на Октавијан да му ја однесе сребрената роза, а потоа замислено зјапа во нејзиното рачно огледало (или слично) додека паѓа завесата.

 
Портрет на Ричард Мајр како Охс од Антон Фајстауер (1927 година). Мајр оваа улога ја отпеал 149 пати во Виена, Салцбург и Лондон.

Чин 2

уреди

Палатата на фон Фаниналс

Следниот ден, господинот фон Фанинал и Софи го чекаат пристигнувањето на кавалерот со ружата ("Ein ernster Tag, ein grosser Tag!" ). Според традицијата, Фанинал заминува пред да се појави кавалерот, но вели дека ќе се врати заедно со зетот. Пристигнува Октавијан, облечен во сребрена облека и ѝ ја подарува сребрената ружа на Софи („Mir ist die Ehre widerfahren...). Таа ја мириса и вели дека е слатка како поздрав од Рајот. Софи веднаш се вљубува во Октавијан. Гледајќи ја девојката, младиот гроф се прашува како можел дотогаш да живее без неа. Младите милно зборуваат. Со Октавијан си ветуваат дека ќе го паметат овој момент до смртта.

Охс влегува со Фанинал („Jetzt aber kommt mein Herr Zukünftiger“) и не губи време за да ѝ го открие својот лик на невестата. Гласно го коментира изгледот на Софи. Откако заедно со Фанинал ќе ја напуштат сцената за да го финализира брачниот договор, Софи и Октавијан одлучуваат дека таа под никакви околности не смее да се омажи за баронот.

Заљубените Софи и Октавија пеат дует („Mit Ihren Augen voll Tränen“) кој го прекинуваат Валзаки и Анина. Тие го повикуваат Охс. Октавијан го предизвикува баронот на дуел. Охс трча напред, ја гребнува раката од врвот на извлечениот меч од Октавијан и вреска. Влегува Фанинал. Софи го моли татка си да ја прекине венчавката, но безуспешно: Октавијан е замолен да си замине, а Софи е испратена во нејзината соба. Охс седи на диванот со преврзана рака, пие вино и кова планови за да му се одмазди на Октавијан. Анина му носи писмо потпишано од „Мариандел“ во кое бара да се сретнат. Охс заборава на преврската и танцува по сцената.("Da lieg' ich!" ).

Чин 3

уреди
 
Делија Рајнхард како Октавијан о. 1923 година

Приватна соба во евтина гостилница

Разочарани од баронот, Валзаки и Анина му помагаат на Октавијан да ја подготви стапицата.

Охс е вознемирен од неверојатната сличност на „Мариандел“ со неговиот непријател Октавијан и постојано нешто му се привидува во собата. Влегува маскираната Анина, и вика дека Охс е нејзин сопруг и татко на нејзините (многу) деца, кои се насобираат околу него, викајќи: „Тато! Тато!" Баронот повикува полиција; на негово непријатно изненадување, полицајците кон него гледаат со сомнеж, а Валзаки вика дека не го познава. Полицискиот инспектор го прашува за „жената“ што го придружува, а Охс лаже дека „таа“ е неговата свршеница, Софи Фанинал; во истиот момент пристигнува господинот фон Фанинал и прашува зошто гласникот на Охс (се подразбира Валзаки) го повикал во ова неугледно место. Откако ќе го прашаат дали „Мариандел“ е неговата ќерка, Фанинал бесно возвраќа дека неговата ќерка е надвор од гостилницата. Влегува Софи, и го поткрепува тврдењето на нејзиниот татко; татко ѝ од лутина веќе не може да стои на нозе и потпирајќи се на рамото од Софи излегува надвор.

„Мариандел“ вели дека сака да даде изјава приватно, и со полицискиот инспектор се повлекува зад завесата. Охс гледа како од зад завесата се појавуваат парчиња женска облека. Тој е бесен на полицијата. Пристигнува Маршалин. Полицискиот инспектор ја поздравува пред да замине од собата, а таа му објаснува на баронот дека е измамен. Се враќа Софи и му кажува на Охс дека нивната свршувачка е откажана; се појавува Октавијан, а Маршалин потврдува дека Октавијан, Валзаки, Анина и други организирале „маскарада“ за да ја прекинат неговата свршувачка. Охс, ги гледа наизменично Октавијан и Маршалин, ја сфаќа природата на нивната врска и имплицира дека може да му каже на мажот на Маршалин. Сепак, се плаши од силата на волјата на Маршалин (ако не бил претходно и од мечот на Октавијан) и неславно заминува, а по него трчаат деца и наплатувачи на сметки.

 
Разделбата со Маршалин во третиот чин, со Мојца Ердман, Софи Кох и Красимира Стојанова (од лево кон десно), Салцбуршки фестивал; 2014 година

Маршалин, Софи и Октавијан се сами, а Октавијан не знае што да прави. Маршалин ѝ се претставува на Софи, и сфаќа дека дошол денот од кој се плашела (Трио: „Marie Theres'! / "Hab' mir's gelbt"), го пушта Октавијан да биде со жената што ја сака. Се повлекува, и притоа на Софи ѝ ветува дека со нејзината кочија ќе го превезе Фанинал до дома. Откако ќе замине, Софи и Октавијан се стрчуваат во прегратка. Фанинал и Маршалин се враќаат и ги гледаат гушнати. Со последен поглед кон својот изгубен љубовник, Маршалин заедно со Фанинал тргнуваат кон кочијата. Софи и Октавијан пеат уште еден краток љубовен дует („Ist ein Traum“ / „Spür' nur dich“). Операта завршува со Мохамед кој влегува за на Софи да ѝ го даде марамчето кое ѝ паднало, а потоа трча по другите.

Инструментација

уреди

Патитурата на Штраус е напишана за следново: [8]

Наводи

уреди
  1. Murray 1992.
  2. Kennedy 2001. The producer in Dresden was considered inadequate and Strauss sent Reinhardt to supervise and carry out his ideas, although Reinhardt did not receive any credit in the programme.
  3. May, Thomas (2007). „Looking Backward and Beyond“. San Francisco Opera. Архивирано од изворникот на 11 May 2009.
  4. 4,0 4,1 Wilhelm, Kurt (1989). Richard Strauss: An Intimate Portrait. Преведено од Mary Whittall. Thames & Hudson. стр. 120-124.
  5. Reynolds, Michael (2016). Creating Der Rosenkavalier: From Chevalier to Cavalier. Boydell Press.
  6. 6,0 6,1 "Die Premiere des Rosenkavalier in der Hofoper", Neue Freie Presse, 9 April 1911, p. 16 (in German)
  7. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име amadeus.
  8. Work details at Boosey & Hawkes; work details Архивирано на 3 август 2021 г. at Schott Music
  9. Michael Kennedy (2011) [1980]. „Comedy for Music – Act Three“. Der Rosenkavalier Study Guide. London: Overture. стр. 28, note 9. ISBN 9780714544953.

Извори

Надворешни врски

уреди