Влада на Македонија
Влада на Македонија, службено Влада на Република Северна Македонија — носител на извршната власт во Македонија и е составена од претседател на владата и министри. Владата ја избира Собранието на Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Влада на Македонија | |
---|---|
Влада на Република Северна Македонија | |
![]() Лого на Владата на Македонија ![]() Зграда на Владата на Македонија | |
Преглед | |
Воспоставена | 20 март 1991 |
Држава | ![]() |
Водач | Премиер |
Именува | Собрание |
Сегашен кабинет | Ковачевски |
Министерства | 20 |
Одговара пред | Собрание |
Годишен буџет | 5,244,744 денари |
Седиште | ул. „Илинденска“ број 2 |
Мрежно место | vlada.mk |
Првата Влада на Македонија е формирана на Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година, во текот на Втората светска војна. Заклучно со мај 2017, во Република Македонија се смениле вкупно 25 влади и 16 претседатели. Во периодот од 1945 до 1991 година на чело на македонските влади, кои во еден период се нарекувале Извршен совет, застанале осум претседатели, додека од 1991 до 2017 година осум премиери формирале влади.
Организациска структура и ингеренции Уреди
Надлежности Уреди
Според Уставот на Република Македонија од 1991 година, надлежности на македонската влада се:
- да ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување;
- да предлага закони, републички буџет и други прописи што ги донесува Собранието;
- да предлага просторен план на Републиката;
- да предлага одлука за резервите на Републиката и се грижи за нивно извршување;
- да донесува уредби и други прописи за извршување на законите;
- да утврдува начела за внатрешна организација и за работа на министерствата и другите органи на управата, ја насочува и врши надзор над нивната работа;
- да дава мислење за предлозите на закони и други прописи кои на Собранието му ги поднесуваат други овластени предлагачи;
- да одлучува за признавање на држави и влади;
- да воспоставува дипломатски и конзуларни односи со други држави;
- да донесува одлуки за отворање на дипломатско-конзуларни претставништва во странство;
- да предлага именување амбасадори и пратеници на Република Македонија во странство и именува шефови на конзуларни претставништва;
- да предлага јавен обвинител;
- да врши именувања и разрешувања на носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон;
- да врши други работи утврдени со Уставот и со закон.
Владата и секој нејзин член одговараат пред Собранието за својата работа. Одлуката за изгласување недоверба на Владата се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако на Владата ѝ е изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка.
Начин на избор Уреди
По одржувањето на општи парламентарни избори, Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на новоизбраното Собрание, мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Потоа, мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Откако тоа ќе го направи, Собранието ја избира Владата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.[1]
Сегашен состав Уреди
Сегашниот состав на владата е избран на 31 август 2020 по предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули 2020. Таа се состои од 20 министри. Како дел од политичкиот договор за формирање на новата влада, се создала и функцијата прв заменик премиер. Оваа одлука на колиционите партнери наишла на критика од страна на опозициските партии, дел јавноста и стручната фела.[2][3]
Министри Уреди
СДСМ ДУИ НЗ (номиниран од СДСМ) Алтернатива ЛДП
Објект на владата Уреди
Историја Уреди
Првиот орган на извршната власт во Република Македонија бил Президиумот на АСНОМ, кој е раководен орган на АСНОМ со извршни и законодавни ингеренции. Избран е на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година, а делувал до Третото заседание на АСНОМ од април 1945 година, кога се реконституира како Президиум на Народното Собрание на Македонија. Своите законодавни ингеренции ги извршува во периодите помеѓу пленарните заседанија на АСНОМ, а извршните ингеренции - самостојно. Прв претседател на Президиумот на АСНОМ бил Методија Андонов - Ченто.
Првата Влада на НРМ е формирана на 16 април 1945 година со одлука на Трето заседание на АСНОМ. Нејзин прв претседател бил Лазар Колишевски. Како приоритетни цели во програмата на првата Влада биле поставени: подобрување на здравствената заштита, борба против неписменоста, озаконување на македонската азбука и правописот на македонскиот литературен јазик, развој на училиштата и формирање универзитет, развој на народно судство, борба против бирократијата и демократизација на органите на народната власт со спроведување слободни и тајни избори.[4]
Во периодот од 1944 до денес (2009), во Република Македонија се смениле вкупно 24 влади и 13 претседатели. Во периодот од 1945 до 1991 година на чело на македонските влади, кои во еден период се нарекувале Извршен совет, застанале осум претседатели, додека од 1991 до 2005 година пет премиери формирале влади. Колишевски бил најдолго на претседателската функција, во четири влади, со мандат од по две години, од 1945 до 1953 година. Трипати претседател на влада бил Ксенте Богоев, во периодот од 1968 до 1971 година, Љупчо Арсов, Никола Минчев и Благој Попов биле на чело на македонските влади по двапати. Арсов имал мандат од 1953 до 1958, Минчев од 1965 до 1967, а Попов од 1974 до 1978 година. По еднаш на премиерската функција биле Александар Грличков од 1963 до 1965 година, Драгољуб Ставрев од 1982 до 1986 и Глигорие Гоговски од 1986 до 1991 година.[5]
Гоговски бил последниот премиер на Извршниот совет на СРМ, и со него завршила ерата на социјалистичкото општество во Македонија и се отвори новиот плурален повеќепартиски систем на општествено уредување на независна и суверена Република Македонија. Првите парламентарни повеќепартиски избори се одржале на 11 ноември 1990 година, после што е избрана првата Влада на самостојна Република Македонија на чело со Никола Кљусев. По осамостојувањето во 1991, Бранко Црвенковски трипати формирал влада – 1992, 1994 и 2002, Никола Груевски четири – 2006, 2008, 2011 и 2014, а Никола Кљусев (1991), Љубчо Георгиевски (1998), Хари Костов (2004), Владо Бучковски (2004), Емил Димитриев (2016) и Зоран Заев (2017) по еднаш.
Хронологија на претседателите на Владата на РМ Уреди
Име | Функција | Период | Партија |
Методија Андонов Ченто | Претседател на Президиумот на АСНОМ | 1944 – 1945 | КПМ |
Лазар Колишевски | Претседател на Извршниот совет на НРМ | 1945 – 1953 | КПМ |
Љупчо Арсов | Претседател на Извршниот совет на НРМ | 1953 – 1960 | СКМ |
Александар Грличков | Претседател на Извршниот совет на НРМ | 1963 – 1965 | СКМ |
Никола Минчев | Претседател на Извршниот совет на НРМ | 1965 – 1967 | СКМ |
Ксенте Богоев | Претседател на Извршниот совет на СРМ | 1968 – 1971 | СКМ |
Благоја Попов | Претседател на Извршниот совет на СРМ | 1974 – 1978 | СКМ |
Драгољуб Ставрев | Претседател на Извршниот совет на СРМ | 1982 – 1986 | СКМ |
Глигорие Гоговски | Претседател на Извршниот совет на СРМ | 1986 – 1991 | СКМ |
Никола Кљусев | Претседател на Владата на РМ | 1991 – 1992 | експертска влада |
Бранко Црвенковски | Претседател на Владата на РМ | 1992 – 1998 | СДСМ |
Љубчо Георгиевски | Претседател на Владата на РМ | 1998 – 2002 | ВМРО-ДПМНЕ |
Бранко Црвенковски | Претседател на Владата на РМ | 2002 – 2004 | СДСМ |
Хари Костов | Претседател на Владата на РМ | 2004 | СДСМ |
Владо Бучковски | Претседател на Владата на РМ | 2004 – 2006 | СДСМ |
Никола Груевски | Претседател на Владата на РМ | 2006 – 2016 | ВМРО-ДПМНЕ |
Емил Димитриев | Претседател на Владата на РМ | 2016 – 2017 | техничка влада |
Зоран Заев | Претседател на Владата на РМ | 2017 – 2020 | СДСМ |
Оливер Спасовски | Претседател на Владата на РСМ | 2020 | техничка влада |
Зоран Заев | Претседател на Владата на РСМ | 2020 – 2022 | СДСМ |
Димитар Ковачевски | Претседател на Владата на РСМ | 2022 – | СДСМ |
Поврзано Уреди
Наводи Уреди
- ↑ „Уставни одредби за избор на пратеници и избор на Влада“. akademik.mk. Посетено на 26 јануари 2021.
- ↑ „Груби вицепремиер, Бесими министер за финансии, Османи за надворешни работи“. Радио Слободна Европа. 19 август 2020. Посетено на 10 февруари 2021.
- ↑ Блажевска, Катерина (20 август 2020). „Премиерот ќе раководи или „кораководи"?“. DW Македонија. Посетено на 10 февруари 2021.
- ↑ „Методија Андонов Ченто - Собрание на Македонија“. sobranie.mk. Посетено на 26 јануари 2021.
- ↑ Утрински Весник, 16.10.2006.: Со првата Влада почна македонската државност[мртва врска]