Игор Свјатославич

Игор Свјатославич (1151-1202) бил руски средновековен владетел, кнез на Новгород-Северск. Неговиот поход против Половците е опеан во староруската поема „Слово за походот Игорев“.

Споменик во Новгород-Северски
Споменик во Новгород-Северски

Животопис

уреди

По смртта на моќниот киевски кнез Владимир Мономах започнале бројни братоубиствени борби меѓу руските кнезови, а веќе од средината на 11 век бројни номадски степски племиња сè почесто продирале во руските земји. Така, кнезот новгород-северски Игор Свјатославич (1151-1202), син на черниговскиот кнез Свјатослав Олегович и внук на Олег Свјатославич, бил од родот Олегович кои биле во непријателски односи со родот Мономахович (потомците на киевскиот кнез Владимир Мономах). Од 1180 до 1183 година, кнезот Игор се борел против Мономаховичите, а притоа бил во сојуз со ханот Кончак.[1] Подоцна, пролетта 1185 година, кнезот Игор Свјатославич, заедно со брат му Всеволод, синот Владимир и внукот Свјетослав Олегович, започнал воен поход против Половците. Откако на почетокот, руската војска ги поразила Половците, опиена од успехот, таа не го забележала прегрупирањето на непријателот и најпосле била поразена, при што кнезот Игор и двајца други кнезови биле заробени, а кнезот Всеволд загинал. Во Битката кај Кајала, кнезот Игор бил ранет во левата рака. Но, една година подоцна, јужните руски кнезови, предводени од киевскиот кнез Свјатослав, им нанеле тежок пораз на Половците при што бил заробен ханот Кобјак.[2]

Благодарение на ханот Кончак (кој му бил сојузник на кнезот Игор во борбата против Рјурик Киевски во 1180 година), содека бил заробеник на Половците, кнезот Игор можел слободно да се движи и дури одел и на лов, но со стража. Кнезот Игор поминал во заробеништво речиси една година, кога еден ден, Половецот Лавр (Лавор, Овлур) му понудил помош за да избега. Најпрвин, Игор не му верувал, а истовремено мислел дека е недостојно за еден кнез да бега (според Ипатиевскиот летопис). Набргу, и другите руски заробеници го советувале да побегне и најпосле, Игор се согласил. На зајдисонце, тој го пратил својот коњушар кај Лавр и му наредил да ја преминат реката со резервен коњ. Половските стражари ништо не претчувствувале, зашто се напиле „кумис“ и се веселеле. Тогаш, Игор ја преминал реката, се качил на резервниот коњ и избегал во „еден петок навечер“. Половските потери го бркале цели 11 дена, но не го фатиле и Игор пристигнал во својот Новгород-Северски, пречекан воодушевено од населението. Оттаму, заминал во Чернигов кај својот брат Јарослав за да бара помош за борба против Половците, а потоа барал помош и во Киев, кај великиот кнез Свјатослав и кај кнезот Рјурик. По успешното бегство, кнезот Игор го направил Лавр (чија мајка била Русинка) болјар и го оженил со ќерката на еден свој заповедник.[3]

Заедно со кнезот Игор, Половците го заробиле и неговиот син Владимир, кој во заробеништвото се оженил со ќерката на ханот Кончак. Подоцна, кога се вратил дома, Владимир со себе ја донел и својата сопруга.[4]

Наводи

уреди
  1. „Коментари“, во: Слово за походор Игорев. Скопје: Наша книга, 2002, стр. 47-48.
  2. Цвета Органџиева, „Слово за походот Игорев“, во: Слово за походор Игорев. Скопје: Наша книга, 2002, стр. 12-14.
  3. „Коментари“, во: Слово за походор Игорев. Скопје: Наша книга, 2002, стр. 69.
  4. „Коментари“, во: Слово за походор Игорев. Скопје: Наша книга, 2002, стр. 70.