Западновардарска група планини и котлини
Планините и котлините од западно-вардарската група планини и котлини (Пелагониди или Пелагониска област) се протегаат западно од Ниска Македонија - Повардарие. Пелагониската област почнува на север од Сува Гора, а на југ продолжува до Грција. На исток е одделена од Ниска Македонија, а на запад од Шарската област е одделена со котлините: Преспанска Котлина, Кичевска Котлина, Полошка Котлина, и планините Баба, Бигла, Плакенска Планина, Илинска Планина, Бушева Планина, Песјак, Челоица, Сува Гора и Жеден.
Пред да се создадат денешните котлини и планини оваа зона претставувала голем блок во вид на остров, кој бил дел од Родопското копно. Пелагониските планини морфотектонски се многу слични со Родопскиот предел. Тие настанале истовремено со Родопските Планини, а за време на аплската орогенеза се извршило раседнување на Пелагонискиот масив, и тогаш била создадена најголемата котлина Пелагонија. Пелагонидите се составени од стари грамадни планини и котлини во кои се наоѓаат стари карпи гнајсеви, гранити, микашести, шкрилци, мермери, но и понови карпи, како што се: мезозојски варовници, доломити, кенозојски-неогени глини, песоци итн. Со најновите истражувања е утврдено дека меѓу овие планини и котлини и Родпоските Планини, постои разлика во настанувањето, геолошкиот состав, начинот на раседнувањето и сл. Поради тоа планините и котлините од оваа група се сметаат за преодна или изменета област. Западновардарската група планини и котлини особено е богата со плодно земјиште, шуми, пасишта, мермери, неметали, глина, минерални води итн.
Пелагониската Котлина и долината на реката Треска ја делат Западновардарската група на источен и западен дел. Источниот дел почнува од македонско-грчката граница со планината Ниџе, преку Селечка Планина, Мариовска Котлина, се надоврзува на планината Дрен, Бабуна, Јакупица со Даутица и Караџица. Западниот дел започнува со планината Баба, а северно од неа се надоврзуваат: Бигла, Плакенска Планина, Илинска Планина, Бушева Планина, Песјак, Чеолица и завршува со Сува Гора, меѓу долината на реката Треска и котлината Полог.
Тука се најпознати планините, Баба, Јакупица и Ниџе.
Баба или Баба Планина е планина што се наоѓа во југозападниот дел на Република Македонија, сместена неколку километри западно од Битола. Често се нарекува и Пелистер (старомакедонски: πελιστερα - гулаб), иако тоа е само името на нејзиниот највисок врв. Според површината која ја зафаќа (436 км²) таа e тринаесетта, а според височината (Пелистер, 2.601 м) трета планина во Република Македонија.
Во 1948 година, поради особените природни убавини, историското и научното значење на шумите и шумските предели на планината Баба, еден нејзин дел со површина од 12 500 хектари, е прогласен за национален парк. (Види: Национален парк "Пелистер")
Ниџе е типична јужна планина во Македонија, преку која води границата со Грција. Највисок врв е Кајмакчалан, висок 2521 метри. Според настанувањето и геолошкиот состав, таа е слична со Јакупица, Баба итн., односно настанала со раседнување во текот на терциерот. Составена е од палеозојски шкрилци, а во повисоките делови има мезозојски варовници. Планината Ниџе е значајна по богатството со шума, планински пасишта, разновидна фауна. Изобилува со специфични фаунистички типови, кои се сретнуваат од Средоземјето до Северна Европа, а тука се распоредени на мал простор и тоа висински, од подножјето до врвот. Ниџе е расположена на македонско-грчката граница источно од Пелагониската Котлина и е петта по височина од планините во Македонија. На запад Ниџе се граничи со големата Пелагониска Котлина. Северозападната граница е Скочивирската Клисура - Црна Река после нејзиниот голем свиок јужно од Селечка Планина до сливот на реката Сатока. Од cливот границата завртува десно на повеќе од 90 степени и се упатува во југоисточна насока до сливот во Градиштанска Река. Спротиводно од неа достигнува до изворите, одделувајќи го Ниџе од Козјак на североисток.
Во Пелагониската област се наоѓа и најголемата котлина во Република Македонија, Пелагонија.
Пелагонија е најголемата котлина во Македонија, која самата по себе формира и посебна релјефна целина во рамките на родопската група на релјеф. Сместена е во југозападниот дел на Република Македонија и северозападниот дел од Грција. Опфаќа површина од околу 4000 км²
Природно-етнографски целини - области во Пелагонискиот масив се: Пелагонија, Мариово, Демир Хисар, Порече и други.