Жељко Јоксимовиќ (српски: Жељко Јоксимовић) (роден на 20 април 1972, во Белград, СР Србија, СФРЈ) е популарен српски пејач, продуцент и композитор. Тој е добро познат во Австрија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Грција, Германија, Македонија, Словенија, Србија, Хрватска, Црна Гора и во други европски земји. На изборот за најдобра песна на Европа за 2004 година, Евровизија 2004, кој се одржи во Истанбул, Турција, Жељко ја претставуваше Србија и Црна Гора со песната „Лане Моје“ и заврши на второто место после украинската пејачка Руслана.[1]

Жељко Јоксимовиќ
Основни податоци
Родено имеЖељко Јоксимовиќ
Роден(а)20 април 1972
Country flag Белград, Србија
ПотеклоВалево
Жанр(ови)Поп, класична музика
Занимање/њаПејач
Продукциска куќа/ќиMinacord/City Records
Мрежно местоwww.zeljkojoksimovic.com

Рани почетоци

уреди

Жељко Јоксимовиќ е роден на 20 април 1972 година во Белград, Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Годините од неговото детство и училиштето го поврзуваат со Валево.[2] Неговиот прв меѓународен успех доаѓа кога тој има само 12 години кога тој ја добил наградата со наслов „Прва хармоника на Европа“ на престижен музички фестивал во Париз. Тој го завршил Музичкиот факултет во Белград и од 1997 година неговата професионална кариера започнува. Во 1998 победува на „Музички Фестивал Будва“ (денеска познат како „Песна на медитеранот“) кој традиционално се одржува секоја година во Будва со песната „Песма сирена“ и оваа награда му овозможила учество на два престижни фестивали во Белорусија. И на двата фестивали во кои учестувал ја добил Гранд-при наградата.[3]

1999-2004: Амајлија, Ринтам и 111

уреди

Во 1999 г. Јоксимовиќ потпиша договор со Сити Рекордс, музичка етикета во сопственост на приватна српска телевизиска станица РТВ Пинк. Младиот пејач тогаш беше промовиран како фолк и поп пејач. Неговиот прв албум со наслов „Амајлија“, покрај другите седум песни ја имаше и песната „Песма сирена“. Неговиот прв голем успех беше со синглот „7 година“, напишана од него и Леонтина Вукомановиќ. Песната се искачи на прво место на српските поп музички топ листи и стана многу позната во другите поранешни Југословенски земји. Во 2000 г., Јоксимовиќ го објави својот втор албум „Ринтам“ наречен по песна во албумот. Други песни на албумот се „Вретено“, „Балада“, „Гадура“ и дуетот со Харис Џиновиќ „Шта че мени више од тога“. Три спота беа изработени за песните од овој албум. 111 беше објавен во 2002 г., достигнувајќи на прво место на топ листите во Србија и другите земји од регионот. Некои од песните се „Варнице“, „Заборављаш“ и „Караван“. Во 2003 г., Јоксимовиќ ја напиша песната „Чија си“ за македонскиот пејач Тоше Проески кој победи на Беовизија.

2004: Евровизиски натпреват за песна 2004

уреди

Србија и Црна Гора за првпат испратија учесник на Евровизискиот натпревар за песна во 2004 г. Се одлучија за свој претставник преку фестивал и натпревар во Србија и Црна Гора Европесма 2004 г. Јоксимовиќ победи на натпреварот со „Лане моје“, компонирана од него со текстописецот Леонтина Вукомановиќ. Во полуфиналето, Јоксимовиќ се пласираше на првото место. Сепак, во финалето се пласираше на второто по украинската пејачка Руслана, но победи на „The Marcel Bezencon Press award“ (награда за најдобар композитор). „Лане моје“ неколку месеци е најдобро продаван сингл во Србија и Црна Гора и другите делови на Европа.

2004-2007: По завршувањето на Евровизија, IV и Платинска колекција

уреди

По успехот на натпреварот, истата година, Јоксимовиќ ја основа MINACORD PRODUCTION. Од тогаш, тој работи и компонира во своето студио. Во меѓувреме го снима и објавува синглот „Леџа о Леџа“ што се здоби со голема популарност во земјите каде Жељко обично држи концерти. Во 2005 г. тој уште еднаш компонираше песна за Србија и Црна Гора за националниот предизбор за Евровизија наречена Беовизија. Жељко ја компонираше баладата „Јутро“ во изведба на Јелена Томашевиќ. Во октомври 2005 г., тој компонираше и изведуваше дует со австрискиот пејач Tamee Harrison (Тамее Харисон). Песната беше насловена “I Live my Life for You” (Го живеам животот за тебе) која беше успешна низ Европа. Во ова време, Жељко го напиша својот прв филмски погодок. Во соработка со Cobra production тој компонираше песна за филмот „Ивкова слава“ и истата година го објави својот IV албум или „Има нешто у том што ме нечеш“. Во овој албум тој го промени музичкиот стил кој беше својствен за него. Песните на албумот се поп балади со некои етнички српски фолк елементи. 800.000 копии од албумот беа продадени низ цела поранешна Југославија. Во 2006 г., тој ја компонираше песната за Евровизија „Лејла“ за Босна и Херцеговина, во изведба на Хари Мата Хари. Песната заврши на трето место како најдобра изведба на Босна на натпреварот. Тој исто така ја освои престижната награда на најдобар композитор (COMPOSEAWARD 2006), доделена на Жељко од сите композитори кои учествуваа на тој фестивал. Во 2007 г., тој ја објави втората компилација на најголеми хитови наречена Платинска колекција што ги вклучуваше двата нови сингла „Девојка“ и „Није до мене“. Тој исто така ја компонираше музиката за ТВ серијата „Рањени орао“ и „Оно наше некад што бејаше“. Истата година, пред 18.000 луѓе, Јоксимовиќ имаше концерт каде што ги пееше сите негови хитови во Белградската Арена објавен во ДВД издание насловен како „Концерт Белградска Арена“.

2008-2011: домаќин на Евровизија и Љубави

уреди

Во почетокот на 2008 г., Жељко Јоксимовиќ компонираше песна во изведба на Јелена Томашевиќ во националното финале на Србија за избор на песна за Евровизија, Беовизјиа 2008, наречена „Оро“. Песната е фолк балада со традиционални Српски фолк елементи. Бидејќи Србија победи на Евровизискиот натпревар за песна во 2007, натпреварот следната година беше во Србија. На 24 март 2008 г. беше објавено од Евровизиските организатори 2008 г. на РТС дека заедно со Јована Јанковиќ тој ќе биде домаќин на Евровизија 2008 во Белград, давајќи му две улоги на натпреварот. Песната на Томашевиќ го освои шестото место од 25 земји во финалето. По едногодишна музичка пауза тој го објави својот петти албум со наслов „Љубави“ (2009) од продукцијата Минакорд и Сити Рекордс. „Љубави“ е името на истоимениот сингл од албумот. Синглот постигна голем успех во Србија и соседните држави. Во почетокот на 2010 г. го објави својот втор сингл од албумот „Жена за сва времена“. На 12 јуни 2010 г., го изведува најголемиот концерт до сега, кој беше одржан во Asim Ferhatović Hase Stadium во Сараево, Босна и Херцеговина, пред околу 40.000 лица, иако посетеноста за концерти може да се прошири да достигне и 80.000 посетители.

2012: Евровизиско враќање

уреди

Јоксимовиќ ја претставуваше Србија на Евровизија 2012 г. во Баку, Азербејџан. Песната „Љубав није ствар“ компонирана и изведена од Јоксимовиќ. Текстот е од Марина Туцаковиќ и Милош Рогановиќ. Англиската верзија на песната наречена „Synonym“ Љиља Јорговановиќ. Аранжманите на двете верзии беа на Жељко Јоксимовиќ и Алек Алеков. Постпродукцијата и усовршувањето го заврши Џејмс Круз, наградуван аудио-мастеринг инженер во неговото студио во Њујорк. Песната беше голем успех, и го освои третото место. Жељко се ожени со Јована Јанковиќ во јануари 2012 година.

Наводи

уреди
  1. „Биографија на Жељко Јоксимовиќ“. Посетено на 12 јуни 2010. (англиски)
  2. „Профил на Жељко Јоксимовиќ“. www.bebo.com. Посетено на 12 јуни 2010. (англиски)
  3. „Официјална биографија на Жељко Јоксимовиќ“. www.zeljkojoksimovic.com. Архивирано од изворникот на 2018-06-18. Посетено на 12 јуни 2010. (англиски) (српски)

Надворешни врски

уреди