Ефикасно корпоративно управување

Една од најзначајните одлики на компаниите со ефикасно корпоративно управување е нивната посветеност да одржуваат висок степен на транспарентност што се демонстрира преку постојано известување за состојбите во компаниите. Во терминологијата за корпоративно управување ваквата транспарентност е позната како обелоденување на податоци и информации за компаниите.

Компаниите со добро корпоративно управување се придржуваат кон посебни правила за известување. Ова има посебно значење за компаниите кои излегуваат на пазарот на капитал. За да можат да донесат одлука дали да инвестираат во некоја компанија, инвеститорите сакаат да бидат сигурни каде вложуваат со цел таквите вложувања да не им донесат штети или загуби. Стандардизираните системи на обелоденување на податоци и информации за компаниите, заедно со стандардизираните практики на работењето на компаниите воопшто, им обезбедуваат сигурност на инвеститорите дека вложувањето го вршат во услови на најмал ризик. За да се постигне целта за воспоставување на фер, коректни и транспарентни односи на пазарот, отпочнат е процес на приближување на регулативите што се однесуваат на корпоративното управување. Овој процес можеме да го сфатиме како воведување на корпорациски јазик што можат да го разберат сите пазарни учесници. Тоа се остварува преку градење на регулативи во земјите врз основа на принципи за кои е постигнат договор во меѓународни рамки. Кога ја развива сопствената регулатива, секоја земја треба да поаѓа од специфичностите на нејзиниот корпоративен амбиент, но во исто време, треба да се труди колку што е можно повеќе истата да ја втемелува врз општоприфатените стандарди и принципи. Прилагодувањето на регулативите кон принципите договорени на глобално ниво, во голем дел значи и прифаќање на заедничка рамка за добро корпоративно управување во компаниите.

Корпоративното управување станува се позначајно прашање за македонската економија. Компаниите, регулаторите и Владата му посветуваат сè повеќе внимание. Постојат две основни причини за ваквиот развој:

Прво, силниот бран на програми за приватизација од средината на 90-тите години резултираше во променета бизнис клима, воспоставување на нова законска и институционална рамка, во која беа вклучени и Законот за траговски друштва, Законот за хартии од вредност, Законот за преземање на акционерски друштва, како и Законот за инвестициони фондови.
Второ, процесот на глобализација придонесе за стандардизација на практиките на корпоративно управување во светот, а македонската економија нема многу избор во смисла на тоа дали да ги примени овие стандарди, туку само можност истите да ги усогласи кон националните потреби. Во партнерство со Меѓународната финансиска корпорација, Државнот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (SECO) имплементира тригодишен проект за корпоративно управување во Македонија и во останатите земји во транзиција од Југоисточна Европа. Овој проект е дел од долгорочната програма за соработка меѓу Швајцарија и Македонија, чија цел е намалување на сиромаштијата и овозможување на успешен меѓународен, економски и општествен процес на транзиција. Швајцарско – македонската соработка, која во последните 12 години достигна износ до 100 милиони CHF, е во функција на поддршка на демократското управување, основната инфраструктура и социјалните услуги, како и во функција на здрав економски развој на Македонија.