Еутрофикација
Еутрофикацијата (ретко се среќава и под името еутрофизација или еутрофија; грч. eutrophia - здрава, адекватна исхрана) е процес кој се одвива во екосистемот на еден воден басен, при кој се зголемува количеството на хемиските материи кои се користат во минералната исхрана на растенијата (азот, фосфор), што доведува до зголемена биолошка продуктивност. При овој т.н. „воден цвет“ обилно се развиваат некои прилагодени видови на алги и за многупати ја зголемуваат својата биомаса (над 5.000g/м3), како резултат на што водата се обојува.
При еутрофикација настапуваат неколку заемно сврзани неблагопријатни ефекти во екосистемот. Силниот развиток на алгите од површината води до промена на светлинските услови за алгите од дното и тие угинуваат, образувајќи токсични материи. Причина за изумирањето како на алгите, така и на рибите и другите водни жители е и намаленото количество на кислород во водата. Се влошува и квалитетот на водата - таа повеќе не е погодна за пиење. Исто така, со таложењето на изумрениот биолошки материјал на дното и зголемувањето на наносот, водниот басен постепено се претвора во мочуриште, а потоа во копнен екосистем. Затоа овој процес е познат и како „стареење на езерата“.
Еутрофикацијата може да биде природна или предизвикана од човечката дејност.
- Природната еутрофикација протекува многу бавно и зависи од географската положба на водниот басен, честотата и количеството на врнежите, од карактерот на водособирниот басен.
- Антропогената еутрофикација протекува брзо, во рамките од неколку до десетина години. Од значење за зголемувањето на биогените елементи во водните басени е испуштањето на хемиски материи од фабриките, користењето на синтетички детергенти и употребата на вештачки земјоделски ѓубрива со фосфорна и азотна основа. Утврдено е дека околу 10-25% од азотот и 1-5% од фосфорот во вештачките ѓубрива се одмиваат од почвата и доспеваат до водните басени.
Во водните басени на Македонија, водниот цвет најчесто се должи на некои видови на модрозелени алги. Силно еутрофизирано (хипереутрофно) езеро е Дојранското Езеро[1], додека во Преспанското се забележува засилена еутрофикација[2] поради силниот антропоген притисок и непреземањето мерки за заштита.