Етички код — сет на правила усвоени од организациите за да им помогнат на членовите да ја разберат разликата помеѓу правилното и погрешното и да го применат тоа разбирање за нивните одлуки. Етичкиот кодекс генерално подразбира: кодекс на деловна етика, кодекс на однесување (кон вработените) и кодекси на професионална пракса.

Етички егоизам уреди

Етички егоизам (англиски: Ethical egoism) е однесувањето при кое луѓето го прават она што е во нивен личен интерес. Со самата дефиниција, можеме да кажеме дека егоизмот е однесување спротивно на алтруизмот, според кој луѓето имаат обврска да им помагаат на други личности. Тој не бара луѓето со нивното однесување да им наштетат на другите индивидуалци, но сепак тоа често се случува.[1]

Етичкиот егоизам може да се подели на три подгрупи: личен, поединечен и универзален.

  • Личниот етички егоизам претставува верување дека единствено поединецот, сам за себе треба да делува само во својот личен интерес. Луѓето кои се следбеници на личниот етички егоизам не се интересираат за етичките пристапи на другите луѓе. Впрочем, тоа би било против нивните верувања.
  • Поединечниот етички егоизам на еден поединец претставува верување дека сите луѓе треба да делуваат во правец на интересот на тој поединец.
  • Универзалниот етички егоизам е верување дека секој поединец на светот треба да делува за своите и само за своите интереси. Еден од проблемите кај ова верување се нарекува Сократски парадокс, а тој гласи вака: “Без универзално знаење, како навистина би знаеле што навистина ни е од интерес?”.

Друга можна точка од интерес кога станува збор за етичкиот егоизам е колку тој всушност се разликува од стандардните етички теории. Веднаш може да се заклучи дека разликата е огромна. Моралните теории како што се утилитаризмот и етичката од општа култура бараат поединецот да одговори на барањата на другите, дури и по цена на релативно мала жртва. Ова е така особено кога жртвата е мала, а добивката на поединецот би била непроценливо поголема. Но, поддржувачите на етичкиот егоизам би одговориле дека на секоја личност и е потребна соработката од другите за да ги исполни своите цели, што автоматски значи дека и таа личност треба да им помага ним, за тие да вратат соодветно.[2]

Морален релативизам уреди

Моралниот релативизам (англиски: Moral relativism) може да се подели на три подгрупи: описен, нормативен и метаетички.[3]

  • Описниот релативизам ги опишува нештата онака како што се, без субјективизам.
  • Нормативниот релативизам се заснова на ставот дека треба да го толерираме однесувањето на останатите, дури и кога тоа се противречи со нашите желби, затоа што не постои еден универзален морален стандард.
  • Метаетичкиот релативизам се заснова на ставот дека моралните вредности на однесувањата на луѓето се субјективни и зависат од културата на луѓето, нивната традиција, навиките, итн.

За моралниот релативизам може да се каже дека е всушност општоприфатеното верување на модерните општествени заедници. Значи, најголемиот број од луѓето веруваат дека не постои апсолутно добро и апсолутно зло, туку дека значењето на овие два термина се разликува кај секој поединец. Некоја постапка може да се оцени како добра во една ситуација, а лоша во друга; или како добра од страна на еден поединец, а лоша од страна на друг, дури и ако ситуацијата е иста. Зборови како што се “би требало” се всушност безначајни. На еден начин, моралниот релативизам е етички неутрален.

Истражувања покажуваат дека 75% од професорите на Американските универзитети предаваат во корист на моралниот релативизам.[4]

Морален скептицизам уреди

Моралниот скептицизам (англиски: Moral skepticism) е множество од метаетички теории кои тврдат дека ниту еден поединец нема никакво етичко знаење. Напротив, моралниот скептицизам се заснова на тврдењето дека етичкото знаење не постои. Тој се дели на три подгрупи: нихилизам, субјективизам и релативизам.[5] Сите овие три групи се засноваат на следново тврдење: “Никогаш не е оправдано да се верува дека одредено етичко тврдење е вистина или лага”.

Постојат две етички движења кои произлегуваат на моралниот скептицизам.

  • Аморализмот ја претставува идејата за отфрлање на етиката.
  • За разлика од аморализмот, верувањето на Џон И. Хејр е тоа дека сепак постојат некои причини за да ги почитуваме етичките правила. Тој тврди дека следбениците на аморализмот иако се доследни во своите логички размислувања, имаат прилично многу недостатоци во своите животи.

Критиката на моралниот скептицизам, најмногу доаѓа од страна на етичките реалисти. Нивниот аргумент е всушност тоа дека всушност постои добра причина да се верува дека постојат објективни морални правила. Тие сметаат дека оправдано е тоа што луѓето имаат многу етички сфаќања. Значи, ако етичките верувања се лажни затоа што пропагираат дека луѓето имаат причини да прават определени нешта кои не спаѓаат во нивни желби, тогаш лажни се и хипотетичките императиви. Тоа е така бидејќи хипотетичките императиви имплицираат дека луѓето имаат причина да прават работи кои не се нивни желби. Но, хипотетичките императиви се вистина. Заклучокот е дека аргументот на моралните скептицисти е неточен.[6]

Етички нихилизам уреди

Етичкиот нихилизам (англиски: Moral nihilism) уште се нарекува и аморализам. Основа на етичкиот нихилизам е верувањето дека ниту една постапка не е ниту морална ниту неморална.[7] Најпознат пример кој го специфицираат следбениците на етичкиот нихилизам е прашањето “Доколку некој би го убил Адолф Хитлер дури тој бил бебе, дали тоа би бил морален или неморален чин?”.

Постојат две форми на етичкиот нихилизам: експресивизам и теорија на грешки.[8]

  • Експресивизмот е на некој начин форма на не-когнитивизам. Не-когнитивизам е верување дека етичките тврдења немаат вистинита вредност. Ова се противречи со стандардниот когнитивизам, па така ова верување го добило името не-когнитивизам. Може да се донесе заклучок дека не-когнитивизмот имплицира дека моралното знаење е невозможно. Експресивистите, кога зборуваат за своите етички убедувања, не се трудат да зборуваат вистини за некои етички тврдења. Наместо тоа, тие се стремат кон вистинито искажување на нивните чувства. Експресивизмот ги негира принципите дека нашите етички тврдења пробуваат, но не успеваат да ги опишат етичките надградби, затоа што експресивистите веруваат кога некој ќе изјави дека нешто не е морално, тој не вели дека тоа е добро или лошо.
  • Теоријата на грешки смета дека ништо не е добро или лошо; ниту еден морален заклучок не е точен; нашите етички заклучоци секогаш пробуваат, но никогаш не успеваат да ги опишат етичките заклучоци. Затоа, според теоријата на грешки, секогаш кога некој зборува за етички термини, тој греши, бидејќи се обидува да ја најде вистината, а таа не постои. Не постои ниту морално знаење. Теоријата на грешки е на некој начин комбинација од когнитивизам и нихилизам.

Морален плурализам уреди

Моралниот плурализам (англиски: Value pluralism) уште се нарекува и вредносен плурализам. Тој се заснова на мислењето дека одредени вредности можат да бидат подеднакво точни, а сепак противречни меѓусебно. Нивната вредност би била немерлива. Зачетник на моралниот плурализам е Исаија Берлин.[9] Моралниот плурализам не се однесува на различни вредносни системи или гледни точки, туку тој се фокусира на различни вредности. Главното прашање што го поставува моралниот плурализам е дали различните вредности како што се среќата, љубовта, пријателството, тагата, изненадувањето, може да се доведат до една единствена супериорна вредност, или тие навистина се различни вредности. Најпрво, постојат неколку различни начини за дефинирање на “вредност”. Единствен начин може да се дефинира како еден вид на пресек меѓу деонтолошкиот, последичниот начин и начинот на “етиката на доброто”.

Плуралистите ја дозволуваат комплексноста и множинатана овие вредности. Тие сметаат дека доколку постојат повеќе вредности, тогаш изборот на луѓето ќе биде комплексен, па со самото тоа, комплексноста и конфликт кај луѓето е дел од нивното етичко искуство. Плуралистите сметаат дека се јавува дисконтинуитет при споредувањето на вредности.

Најновите истражувања во експерименталната филозофија покажуваат дека нашите етички искуства се од множество неделиви вредности.[10]

Културен релативизам уреди

Културен релативизам (англиски: Cultural relativism) се заснова на принципот дека однесувањата на одреден индивидуалец можат да се разберат од други индивидуалци, припадници на истата култура. Односно, културниот релативизам е филозосфко верување дека сите културни погледи се подеднакво валидни.[11]

Културниот релативизам, заедно со моралниот релативизам, се верувања кои преовладуваат со луѓето кои живеат во модерните општествени заедници. Во општеството има плурализам и толеранција, а нема универзално добро и лошо. Поради тоа, правниот систем има потешкотии за одредување на законите, а со тоа и казните. Како последица на тоа, судството има потешкотии со нивни интепретација. Културниот релативизам вели дека се доколку не повредуваме никому, се ни е дозволено.[12]

Но, тврдењата на културниот релативизам се противречни до одреден степен. Ако релативизмот е точен (сите културни погледи се подеднакво точни), тогаш тврдењето дека релативизмот е неточен, е точно. Ова е контрадикција само по себе.

Кодекси и заповеди на компјутерската етика уреди

Различните етички пристапи во компјутерската етика резултираат со десет заповеди и со неколку етички кодекси. Етичките кодекси и заповеди се создадени од страна на Институтот за компјутерска етика во 1992 година, а за првпат официјално објавени од страна на Рамон Ц. Баркин. Доколку не ги почитуваат, компјутерските корисници можат да се соочат со соодветна казна.[13]

Заповедите и кодексите досега се многупати цитирани во литературата на компјутерската етика. Но, во исто време тие се и критикувани од страна на хакерската заедница, како и од некои академски лица. На пример, д-р Бен Ферветер од Центарот за сметање и социјални одговорности (англиски: Centre for Computing and Social Responsibility ), ги опишува како многу ограничени и многу едноставни.

Организацијата за професионалци од областа на компјутерската безбедност (англиски: CISSP ) ги искористила кодексите создадени во 1992 година како основа за своите етички правила.

Наводи уреди

  1. Статија за етичкиот егоизам Ethical Egoism
  2. Статија за етички егоизам Ethical Egoism
  3. Статија за морален релативизам Ethical Relativism
  4. Статија за морален релативизам Moral relativism – Neutral thinking
  5. Статија за етичкиот скептицизам Moral Skepticism
  6. Статија за етички скептицизам Moral Skepticism
  7. Статија за етичкиот нихилизам Moral Nihilism, Архивирано од изворникот на 2012-01-10, Посетено на 2012-01-14
  8. Статија за етички нихилизам Moral Nihilism
  9. Статија за етичкиот плурализам Moral Pluralism
  10. Статија за етичкиот плурализам Moral Pluralism
  11. Статија за културен релативизам Cultural relativism
  12. Статија за културен релативизам Cultural relativism
  13. Статија за десетте заповеди на компјутерската етика Ten Commandments of Computer Ethics