Едвард Емерсон Барнард
Едвард Емерсон Барнард (англиски: Edward Emerson Barnard; 16 декември 1857 – 6 февруари 1923) — американски астроном, познат по своите набљудувачки способности. Познат е по откривањето на големото сопствено движење на ѕвезда во 1916 г. која подоцна ќе биде наречена Барнардовата Ѕвезда во негова чест и по пионерската работа на полето на астрофотографијата.
Едвард Емерсон Барнард Edward Emerson Barnard | |
---|---|
Едвард Емерсон Барнард | |
Роден(а) | 16 декември 1857 Нешвил, Тенеси, САД |
Починал(а) | 6 февруари 1923 Вилијамс Беј, Висконсин, САД | (возр. 65)
Националност | Американец |
Полиња | астрономија |
Познат по | Барнардова Ѕвезда астрофотографија |
Поважни награди | Лаландова награда (1892) Жансенов медал (1900) Брусов медал (1917) |
Младост
уредиБарнард е роден во Нешвил, Тенеси и набргу останал без татко,[1] и затоа израснал сиромашно и без школување. Прв интерес му била фотографијата, па уште на возраст од девет години станал помошник во фотографски дуќан.
Подоцна Бернард развил интерес за астрономијата. Во 1876 г. набавил рефракторски телескоп (130 мм), а во 1881 г. открил комета, но не го објавил пронајдокот. Подоцна истата година пронашол уште една, а потоа во 1882 г. следела и трета.
Додека уште работел во фотографскиот дуќан, се оженил со Англичанката Рода Калверт во 1881 г. Во 1880-тите, Халберт Харингтон Ворнер објавил дека ќе додели 200 долари за секое откритие на нова комета. Бернард открил пет,[2] и со парите изградил куќа.
Барнард се прочул во аматерските астрономски кругови во Нешвил, кои собрале пари и му уплатиле стипендија за стручен соработник на Вандербилтовиот универзитет. Барнард не бил во можност да ги заврши испитите, но сепак добил почесна диплома (единствената што ја има доделено универзитетот).[3] Во 1887 г. се вработил во Ликовата опсерваторија, но подоцна се дошол во судир со директорот Едвард С. Холден во врска со времето на пристап до поголемите инструменти, како и по истражувачки и раководни теми.[4]
Астрономска работа
уредиВо 1889 г. вршел набљудувања на месечината Јапет како минува зад Сатурновите прстени. Додека гледал како месечината минува низ највнатрешните прстени и самата планета, забележал дека преку месечината поминала сенка. Иако тогаш не бил свесен за тоа, Барнард впрочем видел доказ за постоењето на „спиците“ на Сатурн, кои се темни сенки нормално на прстените. Во тоа време и подоцна, нивното постоење не било сигурно, но на крај се потврдило со вселенското летало „Војаџер 1“.
Во 1892 г. набљудувал нова и прв ги забележал гасовитите излачувања, така заклучувајќи дека се работи за ѕвезден избув. Истата година ја открил и Амалтеја — петтата месечина на Јупитер. Бил прв кој открил нова месечина на таа планета по речиси три века, т.е. по откритието на Галилео Галилеј во 1609 г. Ова е воедно и последната месечина откриена со непосредно набљудување (наспроти анализа на фотографии и други снимени слики).
Во 1895 г. станал професор по астрономија на Чикашкиот универзитет и работел во неговата Јеркисова опсерваторија, служејќи се тамошниот телескоп со пречник од 1 метар. Во овој период се посветил на правењето фотографии на Млечниот Пат. Заедно со Макс Волф открил дека извесни темни подрачја во галаксијата се всушност облаци од гас и прашина кои ги прикриваат подалечните ѕвезди во позадината. Во 1905 г. внуката Мери Р. Калверт станала негов помошник и пресметувач.
Во 1916 г. ја открил денес наречената Барнардова Ѕвезда, која се гледа со слаба светлина, но има мошне големо сопствено движење во однос на другите ѕвезди. Ова е втор ѕвезден систем по близина до нашето Сонце, веднаш по системот на Алфа Кентаур.
Барнард бил пионер во астрофотографијата. Изготвил каталог на темни маглини, наречени „Барнардов каталог“, доделувајќи им бројчени ознаки од 1 до 370, по примерот на Месјеовиот каталог. Овој првичен список го објавил во 1919 г. во трудот во „За темните белези на небото со каталог од 182 такви објекти“ кој излегол во Астрофизикал џернал.
Починал во 1923 г. во Вилијамс Беј, Висконсин, а бил погребан во Нешвил. Во 1927 г. е издадена книга од неговите збирки, наречена „Фотографски атлас на одбрани подрачја на Млечниот Пат“ (A Photographic Atlas of Selected Regions of the Milky Way), чии уредници биле Едвин Б. Фрост (тогашен директор на Јеркисовата опсерваторија) и внуката Мери Р. Калверт.
Откриени комети
уредиВо периодот од 1881 до 1892 г. Барнард открил 15 различни комети и бил сооткривач на уште две:
- C/1881 (необјавена)
- C/1881 S1
- C/1882 R2
- D/1884 O1 (Барнард 1)
- C/1885 N1
- C/1885 X2
- C/1886 T1 Барнард-Хартвиг
- C/1887 B3
- C/1887 D1
- C/1887 J1
- C/1888 U1
- C/1888 R1
- C/1889 G1
- 177P/Барнард (P/1889 M1, P/2006 M3, Барнард 2)
- C/1891 F1 Барнард-Денинг
- C/1891 T1
- D/1892 T1 (Барнард 3) — прва комета откриена со астрофотографија; во поново време наречена 206P/Бернард-Боатини
Награди и почести
уреди- Награди
- Придружен член на Американската академија на уметностите и науките (1892)[5]
- Златен медал на Кралското астрономско друштво (1897)
- Женеснова награда — највисока награда на Француското астрономско друштво (1906)
- Брусов медал (1917)
- Почести (именувања)
- Барнард — месечев кратер
- Бернард — кратер на Марс
- Barnard Regio — област на месечината Ганимед
- 819 Барнардијана — астероид
- Барнардова Галаксија (NGC 6822)
- Барнардова Јамка — оддавна маглина
- Барнардова Ѕвезда
- „Барнард хол“ — студентски дом при Вандербилтовиот универзитет
- Астрономско друштво „Барнард“ — астрономски клуб во Чатануга, Тенеси
- Барнард — планина во венецот Сиера Невада, Калифорнија
Поврзано
уреди- Барнард 33 (Коњска Глава) — темна маглина
- Барнард 68 — темна маглина
- Калифорнија — оддавна маглина
- Барнардови објекти
Наводи
уреди- ↑ Hockey, Thomas (2009). The Biographical Encyclopedia of Astronomers. Springer Publishing. ISBN 978-0-387-31022-0. Посетено на August 22, 2012.
- ↑ Frost, E.B., "Edward Emerson Barnard" Astrophysical Journal, vol. 58, p.1 - 1923ApJ....58....1F
- ↑ Carey, Bill (2001-10-29). „Astronomer Barnard was among Vanderbilt's first academic superstars“. The Vanderbilt Register. Архивирано од изворникот на 2007-02-11. Посетено на 2007-06-27.
- ↑ Osterbrock, Donald E., The Rise and Fall of Edward S. Holden - Part One, JOURN. HISTORY OF ASTRONOMY V.15:2, NO.43, P. 81 at 95-98, 1984
- ↑ „Book of Members, 1780-2010: Chapter B“ (PDF). American Academy of Arts and Sciences. Посетено на May 17, 2011.
Литература
уреди- Sheehan, William (1995). The Immortal Fire Within: The Life and Work of Edward Emerson Barnard. Cambridge: Cambridge University Press.
Надворешни врски
уреди„Едвард Емерсон Барнард“ на Ризницата ? |
- Биографија на Едвард Емерсон Барнард (англиски)
- Барнардовиот „Фотографски атлас на одбрани подрачја во Млечниот Пат“ (англиски)
- Биографска споменица на Барнард — Национална академија на науките (англиски)