Еврејска заедница во Република Македонија

(Пренасочено од Еврејска заедница во РМ)

Еврејска заедница во Република Македонија (ЕЗРМ) — еврејска заедница во Македонија која брои околу 250 членови, од кои најголем дел се Сефарди.

Еврејска заедница во Република Македонија
КратенкаЕЗРМ
Основана26 декември 1944
СедиштеБорка Талески бр. 24
МестоСкопје
РегионМакедонија
Претседател на Еврејската заедницаБерта Романо-Николиќ
Главно телоСобрание на Еврејската заедница
Вработени2
Доброволци50
Мреж. местоezrm.org.mk

Заедницата е една од петте верски заедници кои се влезени во Уставот на Македонија.

Историја уреди

Преживеаните Евреи од Холокаустот по Втората светска војна решаваат да ја продолжат долгата традиција на еврејски општини во Македонија и ја обновуваат Еврејската општина во Скопје. На 26 декември 1944 година во Скопје е создаден Првиот македонско-еврејски народноослободителен одбор на кој е донесена одлука за создавање на македонско-еврејска општина во рамките на Сојузот на еврејските општини на Југославија. Наредната година била обновена и Еврејската општина во Битола, а како нејзин прв и последен претседател бил избран Жозеф Камхи, којшто подоцна се преселил во Израел. Општината згаснува со постоење по само две години.

Како прв претседател на скопската општина бил избран Ѓорѓи Блаер. Во 1946 година, општината броела 471 член, од кои една четвртина биле дојдени од други делови на Југославија. Со создавањето на Израел како држава во 1948 година, голем дел од членството се иселило таму, како и во други земји.

Општината се наоѓала во старото Еврејско маало, во подножјето на тврдината Кале. При катастрофалниот земјотрес во 1963 година, зградата на општината била делумно оштетена. Во 1964 година, штетите биле поправени и општината го добила името д-р Алберт Вајс. Новата денешна зграда била изградена во 1975 година.

Во 1991 година, по прогласувањето на осамостојувањето на Македонија, Еврејската заедница се одделува од Сојузот на еврејските општини на Југославија и продолжува да работи самостојно.

Библиотека уреди

Библиотеката на Еврејската заедница во република Македонија е создадена заедно со обновувањето на заедницата по завршувањето на војната.

Денес, библиотеката располага со 1.150 наслови. Покрај библиотеката, Еврејската заедница има своја издавачка дејност и досега се објавени повеќе десетици наслови, како и преводи на книги.

Синагога уреди

Во рамките на зградата на Еврејската заедница во Република Македонија се наоѓа и синагогата „Бет Јаков“ — повторно осветена на 11 март 2000 година.

Поврзано уреди

Надворешни врски уреди