Григорис Фалиреас

Григорис Фалиреас, познат како капетан Закас (името се среќава и како Фалиреас Григориу, грчки: Γρηγόρης Φαληρέας, Καπετάν Ζάκας) бил грчки офицер, деец на грчката вооружена пропаганда, андартски капетан и учесник во Борбата за Македонија.

Фалиреас Григориу
Роден 1873
Припица, Грција
Починал 1937
Атина, Грција

Животопис уреди

Роден е во селото Припица, на полуостровот Мани на територијата на денешната дема (општина) Левктрос. Учествувал како доброволец во Критското востание, а по него завршил грчко воено училиште.

На 22 мај 1906 година под псевдонимот капетан Закас (според грчкиот револуционер Теодорос Закас) влегува во Македонија со андартска чета од 30 души и зел учество во борбата против Македонската револуционерна организација во Костурско.

На 15 март 1907 година испратил писмо до селаните на Б’мбоки, заедно со Лазар Апостоловски (Лазарос Апостолидис), Лукас Кокинос и други, во кое истакнал:

Браќа, сметам дека ми е должност што ви го пишувам сегашново писмо, за да ве посоветувам да престанете да имате глупава идеја, дека е можно Елинска Македонија да стане бугарска земја. Вистина е дека и вие се лажете од некои маскари и бесчесници кои ви дадоа идејата дека сте Бугари [б 1][б 2] , но, за бога, зошто да не ги прашате своите предци, татковци и дедовци, тие да ви кажат какви сте и затоа што сте научиле неколку криви бугарски зборови, мислите дека сте Бугари ... Соберете си го умот во главата и пробратетесе во Елини-христијани, како порано, затоа што, ако до 20 април не се преобратите, ќе влезам како бесен во селото и нема да оставам ништо, ниту жени, ниту деца, ниту кучиња [1].

На 16 јули 1907 година четите на Закас и капетан Гермас (Николаос Цотакос) биле опколени во селото Лошница од страна на турските сили, во текот на борбата андартските чети биле разбиени, Лицас загинал, а Закас успеал да се спаси. Германос Каравангелис за него вели:

Закас (Григориос Фалиреас - денес генерал) и Гермас (Николаос Цотакос од селото Герман од епархија Итилу, Лаконија, подофицер тогаш) имаа по една доста добра чета и се бореа машки и систематски. Закас дури беше влегол во Тиолишча, Кладороби и во други села и беше казнил некои од бугарите [б 1][б 2], кои злосторуваа.[2]
 
Биста на капетан Закас во Костур.

Фалиреас како грчки офицер учествувал во Балканските војни, а во текот на Грчко-турската војна бил командир на 44. пешадиски полк. Се пензинирал од грчката армиија во 1933 година како генерал-полковник.

Умрел 1937 година во Атина [3].

Белешки уреди

  1. 1,0 1,1 Грчките националисти и пропагандисти Македонците ги нарекуваат Бугари, Бугарофони или Славофони... Додека пак самите себеси се нарекуваат како „Македономахи“ или „Македонски борци“ (Μακεδονομάχοι) види: Mαρτύρων καί Hρώων αίμα од Јон Драгумис и „Македонската борба (спомени на Германос Каравангелис)“
  2. 2,0 2,1 Во Османлиското Царство не постоел редовен ситем за попис на населението со утврдени методи и принципи како во западноевропските држави. Осмaнските власти го евидентирале само машкото население и тоа не по национална основа туку по вероисповед. Мажите муслимани биле запишувани поради воената обврска, а христијаните поради даноците. Меѓутоа постоеле еден вид на матични книги т.н нуфуз дефтери во кој биле запишувани датумот на раѓање, името, името на родителите и презимето, меѓутоа од нуфузите не може да се утврди националниот состав на населението во Македонија. Под графата Муслимани биле запишувани: Турците, Циганите, исламизираните Македонци, Арнаутите, Черкезите, Арапите и други, односно припадниците на муслиманската вероисповед. Во графата Рум Милет (Грци) биле запишувани сите православни христијани во Отоманското Царство кој биле под духовна јуриздкција на Цариградската патријаршија, тука спаѓаат Македонците-патријаршисти кој биле нарекувани и како Грци. Христијанското население кое било под духовна власт на Бугарската егзархија било запишувано како Бугар милет, тука спаѓаат Македонците-егзархисти кој биле нерекувани како Бугари. Од национален аспект само за Евреите постоела посебна графa како Јауди, но и тука имало исклучок. Евреите муслимани биле впишувани како Турци, види: Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Табернакул, Институт за историја - Филозовски факултет, Скопје, 2003

Извори уреди

  1. Георгиев, Величко, Стайко Трифонов, История на българите 1878 - 1944 в документи, том 1 1878 - 1912, част втора, стр. 267-268.
  2. Каравангелис, Германос, „МАКЕДОНСКАТА БОРБА (СПОМЕНИ)“, приложение към „ВАСИЛ ЧЕКАЛАРОВ, ДНЕВНИК 1901-1903 г.“, Ива Бурилкова, Цочо Билярски, ИК „Синева” София, 2001 г., стр. 365.
  3. Γρηγόρης Φαληρέας - Καπετάν Ζάκας