Грбот на Боливија
Грбот на Боливија

Боливија (шпански: Bolivia, кечуански: Buliwya, ајмарски: Wuliwya, гварански: Volívia), или официјално Повеќенационална Држава Боливија (Estado Plurinacional de Bolivia) — независна држава во Јужна Америка. Боливија се граничи со Бразил на север и исток, со Парагвај и Аргентина на југ, со Чиле на југозапад и со Перу на запад. Главен град на државата според уставот е Сукре, а седиште на владата е Ла Пас. Државата има 37 службени јазици, а најзборувани се шпанскиот, кечуанскиот, ајмарскиот и гваранскиот јазик. Боливија има население од околу 10 милиони жители. Над 50% од населението се јужноамерикански староседелци, меѓу кои најголеми се Кечуаните, Ајмарите и Гвараните.

Пред европската колонизација на Америка, андскиот регион на Боливија бил дел од познатата Империја на Инките — најголема држава во претколумбовскиот период. Шпанската империја го освоила регионот во 16 век. За време на шпанскиот колонијален период, територијата на Боливија се нарекувала Горно Перу и била дел од Вицекралството Перу. По објавувањето на независноста во 1809 година, следувала војна која траела 16 години. По крајот на војната била основана новата република на 6 август 1825, а името го добила во чест на јужноамериканскиот револуционер Симон Боливар. Во својата историја како независна држава, Боливија се соочила со голем број политички немири, диктаторски општествени уредувања и економски проблеми.

Боливија е демократска претседателска република, каде моментален претседател е Ево Моралес. Административно, државата е поделена на девет департмани. Релјефот на државата е разновиден, па така во западните предели се наоѓаат високите Анди, а во источниот дел на земјата се наоѓаат низините на Амазонија и Гран Чако. Државата е означена како „држава во развој“, со среден Индекс на човеков развој и ниво на сиромаштија од 53%. Главни стопански гранки во државата се земјоделството, шумарството, риболовството, рударството и производството на текстил, облека, обработени материјали и рафинирана нафта. Држава е богата со природни ресурси, особено со калај и литиум. (Дознајте повеќе...)