Васко Карангелевски

(Пренасочено од Васко Карангелески)

Васко Карангелевски (Брусник, Битолско, 7 јули 1921 - Македонски Брод, 3 февруари 1977) — македонски комунист, првоборец[1] и генерал-полковник на ЈНА. Прогласен е за народен херој на Југославија.

Васко Карангелевски
Роден 7 јули 1921
Брусник, Битолско
Починал 3 февруари 1977(1977-02-03) (возр. 55)
Македонски Брод
Васко Карангелевски

Животопис уреди

Васко Карангелевски е роден во битолското село Брусник, на 7 јули 1921 година, во печалбарско семејство. Мајка му работела по туѓи ниви, а тој уште како млад бил земјоделски работник и чувал туѓ добиток.[2] По бомбардирањето на Белград, Васко се вклучил кон новоформираната младинска група во селото.

Учество во НОБ уреди

Во војната учествувал од 1941 година, кога се вклучил во партизански одред. Бил член на СКОЈ од 1941 година и член на КПМ од 1943 година. Заедно со одредот, Васко Карангелевски се движел по планините: Пелистер, Баба, Вич. Набрзо станал командир на чета, а потоа и командант на баталјон, заменик на командант на бригада, командант на бригада и командант на дивизија.

Во текот на декември 1943 година, кога Германците подготвувале офанзива против бригадата, Васко Карангелевски учествувал во борба гради во гради. Резултатот од таа борба бил: педесет убиени Германци, четириесет и двајца заробени, осумдесет пушки, десет полуавтоматски пушки, два митралеза, два минофрлачи, десетина илјади куршуми и стотина мини.[3] Со баталјонот „Стив Наумов“ учествувал во Февруарскиот поход. Кога била формирана Третата македонска ударна бригада, Карангелевски бил назначен за командант на баталјон. Со овој баталјон Карангелевски учествувал во многу борби: кај Ново Село, кај Пробиштип, во офанзивата на Герман Планина, на Плачковица, Огражден и други.

За народен херој бил прогласен на 29 ноември 1953 година.[4]

По ослободувањето уреди

По Ослободувањето дипломирал на Воената академија „Ворошилов“ во СССР, на ВВА и на Курсот за оператика на ЈНА. Бил командант на дивизија, началник на штаб на корпус и на подрачје, началник на штаб на армиска област и командант на армија. Бил член на ЦК на КПЈ. Загинал во несреќен случај,[5] за време на лов на терените на планината Караџица.[6][7]

Во негова чест се наречени една улица во Општина Битола и една во Општина Аеродром.[8]

Наводи уреди

  1. Dane Petkovski, Vlado Strezoski (1983). Borbena dejstva u zapadnoj Makedoniji 1941-1944 (српскохрватски) (Ratna prošlost naroda i narodnosti Jugoslavije. изд.). Vojnoizdavački zavod.
  2. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 175
  3. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 177
  4. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 179
  5. Македонска енциклопедија, МАНУ, Скопје, 2009, том I, стр. 672.
  6. „Сеќавање за народниот херој генерал Васко Каранѓелески во Брусник“, „Идивиди“, 3.2.2010.
  7. „Како умре Васко Карангелевски“, „Македонија денес“, 3.4.2024.
  8. За реконструкција на улицата

Литература уреди

  • Стојан Ристески, „Сеќавања за генералот Васко Карангелески“, Ирис-Р, Струга, 2011.