Васил Пачаџиев (Бања, Разлошко, 1883 - Кавадарци, 27 септември 1942) — македонски револуционер, тиквешки војвода на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација.[1]

Васил Пачаџиев
Роден 1883
Бања, Разлошко, Пиринска Македонија
Починал 27 септември 1942
Кавадарци,  Кралство Југославија

Животопис уреди

 
Четата на Атанас Дачев и Васил Пачаџиев (Васил е третиот седнат)

Васил Пачаџиев е роден во 1883 година в разлошкото село Бања. Под влијание на силниот терор што турските зулумџии го вршеле во неговото село, неговите родители биле принудени да го напуштат и да се преселат во селото Осоица, близу Софија. По завршување на основното училиште образованието го продолжил во Софија каде завршил 7 клас гимназија. Уште како младинец бил воодушевен од револуционерното движење и револуционерните чети на ТМОРО. Во 1903 година Васил се вклучил во четата на тиквешкиот војвода Пешо Самарџиев. Во Тиквешијата тој зел учество во скоро сите позначајни акции на четата на војводата Самарџиев. Под силниот притискок на бројните потери што ги организирале турските власти против македонските револуционерни чети, војводата Самарџиев бил принуден во 1905 година за извесно време да ја напушти Тиквешијата и да замине во Бугарија. Тој во Кавадарци оставил една помала чета, а раководењето со неа му го доверил на Пачаџиев. Во 1906 година по загинувањето на војводата Самарџиев, Васил преминал во четата на војводата Добри Даскалов. Како борец во четата на Даскалов, Васил се истакнал во борбите против врховистичките чети во Тиквешијата, а учествувал и во борбите со турските воени и полициски сили кај селата Грбавец, Бохула, во кои биле убиени злогласните турски бабаити Омер и Селим Чауш од село Бохула. По заминувањето на војводата Даскалов во Бугарија во зимата 1907 година раководењето со останатиот дел од четата му бил доверен на Васил Пачаџиев и покрај негодувањето на одредени борци со образложение дека не бил тиквешанец. За време на Младотурската револуција Васил се нашол на чело на една тиквешка чета која на повик на младотурците во април 1909 година заминал во Цариград да се бори против контрареволуционерните сили на султанот Абдул Хамид.[2] По Младотурската револуција добил амнестија и за извесно време се повлекол да живее мирен живот. Но не за долго. За време на Тиквешкото востание во 1913 година зел активно учество во сите востанички акции, а бил и член на Главниот штаб на востанието. Васил Пачаџиев починал во Кавадарци на 27 септември 1942 година.[3]

Наводи уреди

  1. Н. Жежов, М. Нинчоска, Т. Џинго, Енциклопедија на ВМРО 1893-1934 година; Матица македонска, Скопје, 2015; ISBN 978-608-10-0463-2
  2. Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 125.
  3. Кавадаречки Весник; година IV * број 75 * 5 ОКТОМВРИ 2012 *