Бугарско-грчки договор

Бугарско-грчкиот договор од 29 мај 1912 година е таен договор склучен помеѓу Царството Бугарија и Кралството Грција и е составен дел од Балканскиот сојуз. Склучен е по потпишувањето на договор помеѓу Бугарија и Србија.

Како и бугарско-српските и бугарско-грчките преговори започнале во 1911 година, но биле набрзо прекинати поради спорот околу поделбата на Македонија. На иницијатива на грчката влада преговорите биле обновени во март, а договорот бил склучен во мај 1912 година. Тој бил одбранбен сојуз за меѓусебни помагања и заеднички настапувања спрема Турција и Големите сили. Покрај договорот Грција и Бугарија потпишале и Декларација со која се предвидувала неутралност на Бугарија спрема Грција ако таа, поради Крит, се најде во воена состојба со Турција.

Воена конвенција што ја потпишале истата година предвидувала заедничко ангажирање на воени сили на Вардарското и на Маричкото боиште: Бугарија да ангажира најмалку 300.000, а Грција најмалку 120.000 војници[1]. Грчката флота имала задача да го спречи сообраќајот во Егејското Море меѓу Мала Азија и европскиот дел на Турција.

Бугарската војска била претежно насочена кон Маричкото војувалиште, односно во Тракија. Царот Фердинанд жестоко се спротивставувал да го потпише членот 2 од Договорот, односно членот 3 од Воената конвенција што биле насочени против Австроунгарија, но под притисок на руската влада и од кабинетот на Иван Гешов, царот го потпишал Договорот. Два месеца по потпишувањето на Договорот, при своите посети на Берлин и на Виена, Фердинанд ја застапувал тезата дека Бугарија не може да се откаже од своите претензии за обединување со Македонија и со Тракија, но дека, во последен момент, откако ќе биде создадена голема Бугарија ќе се пресмета со Србија и ќе му пристапи на Балканскиот сојуз.

Наводи

уреди
  1. Георгиев, В.; Трифонов, Ст. История на българите 1878-1944 в документи, том II, издателство „Просвета“, София 1996, ISBN 954-01-0756-3, стр. 17-19