Борко Темелкоски - Лилјакот (Прилеп, 20 декември 1919 - Скопје, 21 ноември 2001)[1]македонски комунист, учесник во НОВ и повоен политичар и народен херој на Југославија од Македонија.

Борко Темелкоски
Роден Борко Темелкоски
20 декември 1919
Прилеп
Починал 21 ноември 2001
Скопје
Националност Македонец
Познат народен херој, активист на НОБ, политичар
Занимање политичар

Животопис

уреди

Рано детство

уреди

Борко Темелкоски е роден на 20 декември 1919 година во Прилеп. Тој бил единаесетто дете во сирамошното семејство на Јован Темелкоски. Семејството било во тешка финансиска состојба, а згора на тоа и ги почувствувал тешкотиите на турското ропство во Македонија. Поради тоа, неговиот татко бил активен член на движењето на ВМРО во тој период. Набрзо неговиот татко заминал на печалба во Романија, но поради неуспешност, се враќа во Македонија. По враќањето во Македонија целото семејство се пресило во село Попадија, каде работел во рудник за графит. По затворањето на рудникот, семејството се преселило во Прилеп во 1920 година во трошна куќа и работеле низ туѓите тутунови полиња. Борко активно придонесувал за добросостојбата на семејството.[2]

Борко го завршил своето основно образование во Прилеп и престанал со понатамошното школување. Наместо тоа, тој започнал со изучување на ковачкиот занает, кога три години го изучувал овој занает, но истовремено завршил и вечерно занаетчиско училиште. Поради тешката состојба во градот, Борко не се вработил како ковач, па така тој започнал да го изучува столарскиот занает, по стапките на неговиот постар брат.[2]

Активизам

уреди

Првите контакти со напредното движење биле во 1935 година. Станал член на СКОЈ и бил член на културно-уметничкото друштво „Абрашевиќ“. Со своите 16 години веќе работел и зел активно учество во настаните организирани од движењето. Како член на СКОЈ и член на Синдикатот, тој зел активно учество во сите настани организирани од СКОЈ во Прилеп од 1935 година па натака. Значајни настани се предизборната кампања во мај 1935 година, како и штрајкот на монополските и дрводелските работници во Прилеп. Поради неговата истакнатост, Борко бил задолжен за воспитните и читачките младински групи. Во 1938 станал претседател на синдикалната подружница во градот, а во 1939 година станал полноправен член на Сојузот на комунистите во Југославија.[2]

Во 1940 година, Борко Темелкоски го започнал отслужувањето на задолжителниот воен рок. Својот воен рок го започнал во Обилиќево, Србија. Така, како војник ја дочекал војната во месец април 1940 година. Кога Германците навлегле на територијата на Југославија, тој и неговата група војници се повлекле во Нова Градишка, каде биле заробени и испратени во логори во Австрија преку Марибор. Додека биле привремено смествени во логор во Марибор, групата војници безуспешно се обидела да побегне. Од австриските логори излегува во септември 1941 година. Веднаш по излегувањето од логорот Борко во Прилеп се приклучува на местниот комитет на СКЈ во Прилеп. Одреден период бил задолжен за партиската техника. Заедно со останатите соработници организирале ликвидација на домашни шпиони и фашистички соработници.[2]

По настанот од 11 октомври 1941 година, Вера Ацева заминала за Скопје, Борко станал секретар на МК на Партијата во Прилеп. Борко важел за храбар, присебен, ладнокрвен и решителен човек. Поради својата ангажираност во Партијата, Бугарите неколкупати се обиделе да го фатат, но безуспешно.[2] Како секретар на МК на Партијата во Прилеп, тој бил решителен при вооружувањето и активната борба за ослободување. Тој учествувал при формирање нови и проширување на постоечките партиски и скоевски организации и создавање на бази за дејство на партизанските одреди и диверзантските групи.[2]

 
Командантот на Главниот штаб на Македонија, Михајло Апостолски, комесарот Борко Темелкоски – Лилјакот, во обиколка на единиците од 15-от македонски корпус на патот Скопје – Куманово, пред нивното заминување на Сремскиот фронт. Јануари 1945 година

Во 1942 година Борко е повлечен на работа во Скопје, а во август 1942 година станал член на ПК на Партијата во Македонија. Поради прогонот кој полицијата и бугарските власти го вршеле врз него, тој во Скопје живеел под лажно име и со лажни документи под името Ристе, а познат како „Ристе столарот“. Покрај „камуфлажната работилница“, Борко бил задолжен за техниката младината на Партијата во Скопје. Таквите дејствија биле ризични бидејќи побарувале постојан движење, а Борко бил човек со потерница и барана личност за апсење од бугарските окупатори.[2] Подоцна, по доаѓањето на Добривое Радосављевиќ во Скопје, Борко се посветил на зацврстување на МК на Партијата и скоевската организација во Скопје. Кога Светозар Вукмановиќ - Темпо дошол во Македонија, решено било Борко да биде член при основањето на СКМ во Тетово и било планирано да биде член на ЦК на Комунистичката партија на Македонија. Сепак ова било променето, и било решено Борко да остане во Скопје со Радосављевиќ. Наскоро заминува за Кавадарци како секретар на областниот комитет, а во тој период бил и член на Главниот штаб на Македонија, член на централниот комитет на КПМ. Заминува за Дебрца и Егејска Македонија поради помагањето на движењето во тие региони.[2]

Борко Темелкоски бил секретар на Месниот комитет на КПЈ. По окупацијата бил еден од организаторите и раководителите на НОВ во Македонија. Во 1943 година бил секретар на Третиот Окружен комитет на КПМ и член на Главниот штаб на НОВ и ПОМ до крајот на војната. Во април 1944 година станува член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, а во август 1944 година е делегат на Првото заседание на АСНОМ.

 
Борко Темелкоски во својата старост.

По војната вршел високи раководни партиски и државни функции во ЦК на КПМ и ЦК на КПЈ, потпретседател на Владата на НР Македонија од 1951 година и на Сојузната влада. Повеќепати бил избиран за републички и сојузен пратеник. Бил претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија и на Сојузот на борците од НОБ. Бил полковник на ЈНА во резерва.

За народен херој бил назначен на 11 октомври 1953 година.[2]

Наводи

уреди
  1. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 1473-1474 стр.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 2,8 Народни херои од Македонија, Наша книга, Скопје, 1973 г., стр. 367-373

Литература

уреди
  • Народни хероји Југославије. Београд: Младост. 1975.
  • „Македонска енциклопедија“ , МАНУ, Скопје, 2009 година.

Поврзано

уреди