Битката на Чокешина
Битката на Чокешина (српски: Бој на Чокешини) е српска епска (јуначка) песна. Песната прв ја запишал Вук Караџиќ, кој ја слушнал од слепиот пејач Филип Вишњиќ. Притоа, според мислењето на Караџиќ, Вишњиќ самиот ја измислил песната.[1]
Содржина
уредиДва гаврана со крвави клунови и крвави нозе полетале од врвот Цер над Чокешина и слетале во Мачва, слетувајќи на дворецот од кнезот Крсман Вуичиќ. Жената на кнезот Крсман ги прашала, дали доаѓаат од Цер и дали ја виделе црквата Чокешина и нејзиниот игумен аџи-Константин; дали го виделе Ќурчија-арамбаша и неговите 303 другари кои чуваат стража на Цер; и дали го виделе кнезот Крсман, кој отишол да се сретне со војската на Јаков од Ваљево?
Двата гаврана ѝ раскажале за тоа што го виделе: игуменот аџи-Константин во црквата ги причестувал Србите кои се подготвувале за борба, а тука биле и арамбашата Ќурчија со неговите 303 другари, како и Јаков Ваљевац, кој, исто така, имал околу 300 војници. Со Јаков биле четворица арамбаши - двајцата браќа Недиќ (Димитрие и Глигорие), Дамњан Кутишанац и Панто Дамњановиќ. Кога дошол Јаков, него го пречекал кнезот Крсман, а потоа се сретнале со Ќурчија-арамбаша, кој му кажал на Јаков дека тој нема да се бори против Турците, зашто тие имаат дури 7 000 војници, предводени од Дервиш-ага од Зворник и Ножин-ага од селото Маоче. Јаков го искарал Ќурчија и му рекол дека тој ќе им се спротивстави на Турците, иако има малку војници. Кога турската војска започнала да се приближува, Ќурчија избегал, а кога го видел тоа кнезот Мијајло Ружичиќ од Метковиќ, кој се приближувал со 3 000 војници, и тој се повлекол и ја растурил својата војска.
Јаков им се обратил на своите војници, кажувајќи им да се затворат во црквата и тука да ги чекаат Турците, но војниците одговориле дека тие не се жени за да се кријат, туку сакаат да се борат со турската војска на отворено поле, како што им доликува на ајдуците. Потоа се судриле српската и турската војска при што Србите се бореле храбро против многубројниот непријател, а Турците започнале да се повлекуваат. Меѓутоа, во седум часот, браќата Недиќ биле ранети во нозете, а потоа им снемало муниција. Кога побарале куршуми од своите соборци, тие одговориле дека никој повеќе нема муниција. Тоа го слушнале турските шпиони и затоа, турската војска се вратила и започнала напад врз Србите, кои најпрвин се бореле со празните пушки, а потоа и со голи раце. Во борбата погинале двајцата браќа Недиќ, а Дервиш-ага го изненадил Пантелија Дамњановиќ и му ја пресекол главата. Пантелија останал на нозете, а главата му паднала на тревата и почнала да зборува. Потоа, Турците ги убиле сите 300 српски војници, кои ги закопале на местото на борбата, додека стариот Јаков избегал и го проколнал Ќурчија, велејќи дека нема уште долго да ја носи главата на рамена. И навистина, тоа што го прорекол Јаков, подоцна се остварило.[2] [3]
Наводи
уреди- ↑ В.Ђ., „Поговор - О певачима“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 489.
- ↑ Junačke narodne pesme, Rad, Beograd, 1959, стр. 139-147.
- ↑ „Бој на Чокешини“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 462-470.