Базилика на Светиот гроб

Базиликата на Светиот Гроб (латински: Sanctum Sepulchrum), исто нарекувана и Црква на Воскресението (грчки: Ναός της Αναστάσεως, Нао́с тис Анаст́асеос; арапски كنيسة القيامة , Kanīsat Al-Qiyāma; ерменски: Սուրբ Հարություն, Surp Harutyun) е назив за христијанската црква која се наоѓа во стариот дел на Ерусалим за која се смета дека е гробот на Исус Христос. Базиликата се наоѓа на брдото Голгота [1], местото каде според Новиот завет бил распнат на крст Исус Христос[2] и се верува дека таму било и местото каде што Исус Христос бил погребан (светиот гроб). Црквата е важно одредиште за поклониците уште од 4 век, бидејќи се смета за местото на смртта и воскресението на Исус. Таа се состои од комплекс од различни градби, изградени околу и врз останките на црква која цар Константин I Велики заповедал да биде изградена во 4 век. Денеска, во оваа црква се наоѓа седиштето на грчкиот православен патријарх на Ерусалим, а контролата врз објектот е распределена помеѓу неколку христијански цркви и секуларни ентитети, регулирана со сложени согласности и договори кои се во суштина непроменети со векови.

Црква на Светиот Гроб
Sanctum Sepulchrum
Ναός της Αναστάσεως
كنيسة القيامة
Սուրբ Հարություն
Главниот влез од црквата на Светиот Гроб
Основни податоци
МестоЕрусалим, Израел
Координати31°46′43″N 35°13′46″E / 31.77861° СГШ; 35.22944° ИГД / 31.77861; 35.22944
Припадностхристијанство
ЕпархијаГолгота
Осветен4 век
Архитектонски опис
Архитектонски типцрква базилика

Историја

уреди

Изградба

уреди

Евсевиј Кесариски опишал во своето дело Животот на Константин[3] како местото на Светиот Гроб, претходно место за поклонување на христијанската заедница во Ерусалим, било покриено со земја над која бил изграден храм на божицата Венера. Околу 135 п.н.е. Римјаните на ова место започнале да градат комплекс од храмови. Писателот од периодот на крстоносните војни Ориген, пишува дека гробот на првиот човек на светот, Адам, се наоѓа токму на местото каде што Исус Христос бил распнат, односно на Калварија. Се смета дека дел од тој комплекс бил изграден од страна на римскиот цар Адријан по првата еврејско-римска војна од 135 година. Бискупот Цезареј напоменува дека местото Љубане (латински: Aelia Capitolina, римскиот назив за Ерусалим), кое се наоѓа северно од Сион, е свето место уште од времето на митот за грчката божица Афродита. Според истите извори, од страна на римскиот цар Константин I Велики било наредено да се сруши стариот храм и да се изгради ново христијанско светилиште, и тоа од 327 до 335 година. Според Itinerarium Burdigalense од 333 година, царот наредил да се изгради нова базилика (стр. 594). Сократ Схоластик (роден во 380) исто така дал опис за откривањето на светиот крст[4] во кој акцентот го става врз раскопувањата и изградбата на црквата од страна на мајката на Константин, Света Елена. Така, по налог на Константин била изградена и Црквата на Христовото раѓање во Витлеем.

Константиновата црква била изградена на ридот на распнувањето. Биле изградени три делови од црквата во најразлични периоди, вклучувајќи ја и големата базилика (Мартириум, изградена од страна на монахињата Егерија во 380 година), затворениот атриум (Трипортико, изграден на ридот Калварија), и ротунда, наречена Анастасис („Воскресение“), во која се наоѓаат останките од пештерата која била пронајдена од страна на Света Елена и Макариус Ерусалимски.

Секоја година, Православната црква ја честува годишнината од осветувањето на црквата на Воскресението на 13 септември (за оние цркви кои го следат грегоријанскиот календар, датумот се паѓа на 26 септември).

 
Гробот на Исус Христос

Оштетување и уништување на храмот

уреди

Голем дел од објектот бил опожарен во 614 година, кога Персијците под раководство на Косрој II навлегле во Ерусалим и го зеле крстот. Во 630 година, царот Ираклиј го донел Вистинскиот Крст, каде подоцна била извршена и реконструкција на Светиот Гроб. Во почетокот на муслиманските освојувања, црквата била заштитена од самата власт.

На 18 октомври 1009 година, фатмидскиот калиф Ал-Хаким би-Амр Алах наредил црквата да биде срушена. Се смета дека оваа одлука ја донел по големиот христијански собир на Велигден во Ерусалим. Мерките против црквата биле дел од општата кампања врз христијанските места во Палестина и Египет, при што биле сторени многу други штети. Така, освен базиликата на Светиот Гроб, била нападната и црквата Свети Ѓорги во Лод. Писателот Јахја Ибн Саид пишува дека биле разрушени многу христијански и евреиски храмови, со исклучок на оние објекти кои било невозможно да се уништат.[5]

Европската јавност по пристигнувањето на веста била шокирана. Во голем степен, тоа довело и до подоцнешните Крстоносни војни.[6] Како одговор на ова, џамијата во Цариград била повторно отворена.

 
Капелата на Светиот Гроб

Реконструкција на храмот

уреди

По големите преговори помеѓу фатмидите и Византија, во 1027 година бил постигнат договор со новиот калиф Али Аз-Захир, син на Ал-Хаким би-Амр Алах. Со договорот, калифот дозволил византискиот цар Константин VIII да ја финансира изградбата на црквата и нејзината реконструкција.[7] Како отстапка за ова, џамијата во Цариград била повторно отворена, и посветена на Али Аз-Захир.[7] Муслиманските податоци исто така го потврдуваат договорот помеѓу христијаните и муслиманите, со кој било оневозможен прогонот на христијаните од Светата Земја, а околу 5.000 муслимански затвореници биле пуштени на слобода, со што се отворил патот за обновување на нови разрушени христијански објекти од времето на Ал-Хаким би-Амр Алах[7][7]

За изградбата на базиликата на Светиот Гроб биле потрошени големи суми[7]. Самата црква била завршена во 1048 година од страна на Константин IX Мономах и патријархот во Цариград.[8] Новата градба на црквата, пред сè била концентрирана околу ротундата и околните згради, а на т.н. голема зграда рушевините останале.[5] Доградбата на црквата се состоела од пет помали капели кои спаѓале во склопот на ентериерот на црквата.[9] Во капелите има насликано сцени од мачењето на Исус, неговото камшикување. Овде е прикажана и Патот на солзите во минијатурен план. Контролата на Ерусалим, а со тоа и на Светиот Гроб продолжила да се менува помеѓу Фатмидите и Турците Селџуци, сè до пристигнувањето на крстоносците во 1099 година.[10]

Во времето на крстоносците и средниот век

уреди

Многу историчари до ден денеска тврдат дека со повикот на папата Урбан II на крстоносна војна е поради инвазијата на туркиските народи во Мала Азија и до ѕидините на Цариград, како и поради помошта која ја побарал тогашниот византиски цар Алексеј I Комнин. Идејата за борба „против неверниците“ и враќање на Ерусалим под христијанска управа била веќе раширена. На 15 јули 1099 година, Базиликата на Светиот Гроб била заземена од страна на рицарите по првата крстоносна војна.[5]

Главната цел на Првата крстоносна војна била преземање на Светиот Гроб. Годфрид Бујонски бил еден од водачите во Првиот крстоносен поход и по освојувањето на Ерусалим, станал крал на Ерусалимското Кралство. Тој не сакал да биде крунисан како крал, туку како чувар на Светиот Гроб. Ова е единствениот крстоносен поход во кој била исполнета крајната цел - ослободување на Ерусалим.

Гијом Тирски пишува за реконструкција на црквата во средината на 12 век. Биле употребени елементи од романската архитектура и била ставена камбанарија. Овие реконструкции на црквата во целост биле завршени во времето на царот Мелисенд Ерусалимски во 1149 година. Оваа црква се претворила во седиште на латинскиот патријарх и кралскиот скрипториум.

Под управа на Ајубидите

уреди

По Опсадата на Ерусалим во 1187 година, градот бил заземен од страна на Саладин и неговата династија. За овој период пишува историчарот Имад Ал-Дин кој пишува и за масовното самоубиство кое се случило по падот на градот во самата црква. Пристапот во храмот им бил забранет на сите верници. Со ова била поведена нова, трета крстоносна војна со која на христијанските верници им било дозволено пристап до Светиот Гроб. Градот подоцна бил под управата на хореземите.

Во 1555 година, црквата била реновирана од страна на Франевците. Во 1808 година црквата била опожарена, и ротундите заедно со целата црква. Во периодот од 1809-1810 година, тие биле реновирани од страна на милетинскиот архитект Коминос со барокни елементи од Османлиското Царство. Пожарот не го зафатил внатрешниот дел на црквата, и со тоа мермерната плоча на гробот која датира од 1555 година не била оштетена. Сегашното купе датира од 1870 година.

Во поново време

уреди

Во поново време, малото купе било разрушено во 1927 година од земјотрес, кој според скалата на Рихтер бил со силина од 6,3 степени. Во периодот од 1931 до 1933 година црквата била реновирана со финансиски средства на грчката држава. Во 1948 година, големото купе на црквата бил оштетен и истиот бил обновен во рамките на истата година. Во 1958 година, со договор помеѓу трите цркви на Ерусалим (грчката, ерменската и католичката) започнала реставрацијата на црквата, вклучително и изградба на големо купе (1978-1985) и реновирање на истото купе во периодот од 1994-1997 година.

Статус кво

уреди

По обновата на црквата во 1555 година, нејзината контрола се менувала помеѓу Франевците и православните верници, во зависност од тоа кој можел да добие ферман од Високата Порта преку поткупи и слично. Во 1767 година бил издаден ферман со кој црквата на Светиот Гроб била разделена помеѓу различните христијански вери. Истото било потврдено и во 1852 година. Контролата врз црквата била дадена на Православната Црква, Ерменската Апостолска Црква и Римокатоличката црква. Во текот на 19 век, Коптската православна црква, Етиопската православна црква и Сириската православна црква добиле ограничена власт врз црквата.

Таквото создавање на структурна власт во црквата доведува до големи немири и во денешно време. Така, во летото 2002 година, од страна на еден коптски монах била организирана масовна тепачка помеѓу верниците во црквата (пред сè против етиопските верници). Единаесет верници по скандалот биле хоспитализирани.[11] Слични инциденти имало и во 2004 година на Крстовден, каде повеќе верници биле уапсени.[12]

Во 2008 година, во април, на Цветници и на 9 ноември, исто така избувнала тепачка помеѓу грчките и ерменските монаси, за време на чествувањето на Светиот Крст.[13][14]

Според силата на статус кво, ниту една општественост нема право да определува т.н. своја територија во црквата без согласие на сите други верски зедници. Самите различности на христијанските заедници доведуваат до неспоразомение околу идните проекти кои би требало да се наложат врз црквата на Светиот Гроб.

Модерен режим на црквата

уреди

На влезот на црквата се наоѓа и самиот трансепт на јужниот дел. Овој тесен пат во голем степен, низ историјата се покажал и како многу опасен. Така на пример, кога избувнал пожар во 1840 година, многу верници биле на прагот од својата смрт. Во 1999 година, христијанските заедници се договориле да биде изграден нова излезна порта, но истата никогаш досега не е изградена.

 
Ентериер на црквата
  • Во внатрешноста на црквата се наоѓа „каменот на помазание“ кој се смета за местото каде Исусовото тело се подготвувало да биде погребено од страна на Јосиф Ариматеј.
  • На левата страна, односно на запад, се наоѓа ротундата на Анастасис, односно под двете најголеми куполи, во центарот на којшто е и едикулата на Светиот Гроб. Во едикулата има две одаи. Во првиот се наоѓа т.н. Ангелски камен, чиј фрагмент се смета дека е запечатен по погребот на Исус. Во втората се наоѓа гробницата на Исус Христос. Под статус кво, Православната Црква, Ерменската Апостолска Црква и Римокатоличката црква и сите други имаат право на пристап до Гробот, бидејќи сите три цркви ги изведуваат светите литургии секојдневно. Таа се користи и за други церемонии, како церемонијата на Голема Сабота и на Благодетниот оган (од страна на грчката православна црква). Во позадина има изградено и железна решетка во полукружна основа, во која се наоѓа олтарот, користен од коптската црква.
  • Освен тоа, на западниот дел од ротундата се наоѓа уште една гробница, за која се смета дека е на Јосиф Ариматеј, во која сириската православна црква ги врши своите литургии во недела. Право на тоа има и римокатоличката црква.
  • На источната страна се наоѓа ротундата изградена уште од времето на крстоносците. Втората помала купола се наоѓа директно над центарот на трансептот, место каде верниците се поклонуваат. Источно од овде, се наоѓа голем иконостас, изработен од страна на грчката православна црква
  • Од јужниот дел на олтарот се наоѓа амбулатор, односно скала кон Голгота, кое е истоивремено и најукрасениот дел од црквата. Основниот олтар овде припаѓа на грчката православна црква, која содржи т.н. Станица на Распнувањето. Скалата може да се види под стаклото од двете страни на олтарот, а под олтарот има дупка за која се смета дека е местото каде Светиот Крст бил чуван. Овде се наоѓа и статуата на Дева Марија.
  • Под Калварија и двете капели, се наоѓа и капелата на Адам. Се верува дека гробот на првиот човек на светот, Адам се наоѓа токму на местото каде што Исус Христос бил распнат.
  • Од капелата на Адам, северно се наоѓа Собата на богатството, која е под контрола на римокатоличката црква. Овде се наоѓа и Вистинскиот Крст. Самата соба е затворена, и се отвора само за определени потреби.
  • Кон исток се наоѓаат уште две грчки капели и една ерменска.
  • Помеѓу двете капели се наоѓа и патот кон капелата на Света Елена, која е под контрола на ерменската православна црква. Од таму, патот води кон капелата каде се смета дека е пронајден Крстот и истиот е под контрола на римокатоличката црква.

Капелата на Светиот Гроб

уреди

Во центарот на црквата на Светиот Гроб, под најголемото купе се наоѓа Светиот Гроб. Овој храм е користен од страна на сите три цркви. Градбата е составена од црвен гранит, со голем број на гигантски светци во иконостасот.

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. Црквата на Светиот Гроб, Ерусалим (англиски)
  2.   МекМахон, Артур Л (1913). „Holy Sepulchre“ . Catholic Encyclopedia. New York: Robert Appleton Company.
  3. NPNF2-01. Еузебиус Памфилиус: Church History, Life of Constantine, Oration in Praise of Constantine | Библиотека Christian Classics Ethereal Library (англиски)
  4. NPNF2-02. Црковни истории за Созомен и Сократ| Библиотека Christian Classics Ethereal Library
  5. 5,0 5,1 5,2 Морис 2005
  6. Бокенкотер 2004
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 7,4 Лев 1991
  8. Фоус-Џексон 1921
  9. Фергусон 1865
  10. Голд 2007
  11. Christian History Corner: Раздор на најсветото место | Христијанството Денес | Магазин со евангелистички убедувања (англиски)
  12. * „Тупаници на гробот на Исус“ од Алин Фишер-Илан, The Guardian, 28 септември 2004 (англиски)
  13. „Полиција е повикана по нередите преидизвикани од судирот на монасите во Базиликата на Светиот Гроб“. Times Online. 10 ноември 2008. Архивирано од изворникот на 2011-07-16. Посетено на 20 ноември 2008. (англиски)
  14. „Уште еднаш, монасите се тепаат во Црквата на Светиот Гроб“. The Associated Press. 10 ноември 2008. Архивирано од изворникот 2008-11-11. Посетено на 20 ноември 2008. (англиски)

Библиографија

уреди
  • Морис, Колин (2005). The Sepulchre of Christ and the Medieval West. Оксфор Оксфордшир: Oxford University Press. ISBN 0198269285.
  • Лев, Јааков (1991). State and Society in Fatimid Egypt. Бостон: Brill Academic Publishers. ISBN 9789004093447.
  • Фергусон, Џејмс (1865). History of Architecture in All Countries. Џ. Мури.
  • Голд, Дор (2007). The Fight for Jerusalem. Вашингтон: Regnery Publishing, Inc. ISBN 159698029X.
  •   МекМахон, Артур Л (1913). „Holy Sepulchre“ . Catholic Encyclopedia. New York: Robert Appleton Company. |access-date= бара |url= (help)
  • Куансон, Чарлс (1974). The Church of the Holy Sepulchre in Jerusalem. Лондон: Oxford University Press for the British Academy. ISBN 0197259383.
  • Бокенкотер, Томас (2004). A Concise History of the Catholic Church. Doubleday. стр. 155. ISBN 0385505841.
  • Фоукс-Џексон, Фредрик Џон (1921). An Introduction to the History of Christianity. Macmillan Company.

Дополнителна литература

уреди
  • Корбо, Вирџилио К. (1981). Il Santo Sepolcro di Gerusalemme. Aspetti archeologici dalle origini al periodo crociata (италијански). 3 Vol. Ерусалим: Studium Biblicum Franciscanum (Yerûšālayim). OCLC 164994330.
  • Бидл, Мартин (1999). The Tomb of Christ. Скарборо: Sutton Publishing. ISBN 0750919264.
  • Бидл, Мартин; Селигман, Џон; Тамар, Винтер; Авни, Гидеон (2000). The Church of the Holy Sepulchre. Њујорк: Rizzoli во соработка со Israel Antiquities Authority, дистрибуирана од St. Martin's Press. ISBN 0847822826.
  • Гибсон, Шимон; Тејлор, Џоун И. (1994). Beneath the Church of the Holy Sepulchre Jerusalem: The archaeology and early history of traditional Golgotha. Лондон: Committee of the Palestine Exploration Fund. ISBN 0903526530.
  • Кругер, Јурген; Мендреал, Дину; Налбандијан, Гаро (2000). Die Grabeskirche Zu Jerusalem. Geschichte — Gestalt — Bedeutung. Минхен: Schnell & Steiner. ISBN 3795412730.
  • Розе, Герхард (2002). Die Rekonstruktion des Turmes der Grabeskirche in Jerusalem (германски). Дармштад: Roese-Design. ISBN 3000097759.
  • Коен, Рејмонд (2008). Saving the Holy Sepulchre: How Rival Christians Came Together to Rescue Their Holiest Shrine. Оксфор Оксфордшир: Oxford University Press. ISBN 0195189663.

Надворешни врски

уреди

Општи

уреди

Чувари

уреди

Примарни извори и научни статии

уреди

Фото галерии

уреди

Разно

уреди
  Статијата „Базилика на Светиот гроб“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).