Англосфера
Англосфера (анг. Anglosphere) — неологизам и поим кој ги означува државите во светот во кои се зборува англискиот јазик како мајчин, службен или втор јазик како резултат на нивното културно-историското наследство од колонизација од англосаксонско население во рамки на Британската Империја. Покрај ваквото толкување, англосферата претставува и теоретски и научен концепт кој се користи во проучувањето на геополитиката, меѓународните односи и политика, историјата на овие земји, поранешни британски колонии, преку заедничкиот јазик и заедничките споделени политички, економски, културолошки, филозофски, општествени и историски врски и вредности.
Настанок и толкувања
уредиТерминот Англосфера за првпат се сретнува во 1995 година, во книгата на „Дијамантската ера“ на Ниал Стивенсон, без да биде подробно објаснет[1]. Во политичка и геополитичка смисла, изразот англосфера за првпат се употребува во 2000 година од страна на Џон Лојд. Во речникот Миријам-Вебстер, поимот Англосфера е дефиниран како „земјите во светот во кои англискиот јазик и културни вредности се предоминантни“[2], додека во Краткиот Оксфордски речник на англискот јазик Англосферата се дефинира како група земји во кои англискиот јазик е главен мајчин јазик[3]. Во политичко-културна смисла терминот Англосфера има поширок опфат од поимот Англосаксонска цивилизација и се дефинира како своевидна мрежа (network) на поврзување на државите кои споделуваат заеднички јазик, вредности, демократски традиции, правни и политички институции[4].
Географски опфат
уредиГеографски Англосферата ги опфаќа земјите членки и некогашните колонии на Британската Империја, односно Британските Острови во Европа, Северна Америка и Карибите познати и како „Британска Западна Индија“ (British West Indies), Јужна Африка и некогашните колонии во Африка, јужниот дел на Азија, Австралија и Океанија. Еден од главните застапници, проучувачи и теоретичари на Англосферата во геополитичка смисла, Џемјс Бенет, географскиот опфат со земјите кои ја сочинуваат Англосферата го дефинира во три различни слоеви:
- јадра/јазли (nodes): Велика Британија и САД
- значајни членови (outliers): Австралија, Канада, Нов Зеланд, Ирска, ЈАР
- гранични членови (frontiers): англиско говоречкото население во Индија, Африка, Океанија, Карибите[5]
Главни застапници
уредиГлавни и најпознати застапници на концептот за Англосфера се Џејмс Бенет, Роберт Конквест и Конрад Блек, кои го разгледуваат и поддржуваат концептот од различни гледишта, но сепак од иста основа. Роберт Конквест смета дека Англосферата е полабава од федерација, но поцврста од алијанса. Бенет ја замислува Англосферата како отворен и неекслкузивен аранжман наречен „мрежно сојузништво“ (Network Commonwealth), додека Конрад Блек се застапува за формализирање на Англосферата советувајќи Велика Британија да ја напушти ЕУ и да се приклучи кон НАФТА, што го поткрепува со економски и трговски показатели[6].
Научно-теоретски опфат
уредиВо науката и секојдневниот живот, посебно во геополитика и меѓународните односи преку концептот на Англосферата постојат обиди за објаснување на политиките, општествените и економските процеси во земјите во кои се зборува англискиот јазик и кои споделуваат заедничко културно-историско наследство поврзано со нивното колонизирање и владеење од страна на Британската Империја, како и заеднички политички, културни, економски, филозофски, општествени и правни норми и вредности. Преку концептот за Англосфера, се прави обид да се објаснат првенствено политиките и однесувањата на овие земји на глобално светско ниво, како и помеѓу нив самите. Во рамки на проучувањето на концептот за Англосферата, посебен нагласок се дава и на мултилатералните политички, економски и воено-безбедносни организации, сојузи и институции помеѓу земјите кои ја сочинуваат Англосферата.
Политика
уредиКако главни политички вредности кои ги споделуваат земјите на Англосферата се вбројуваат: нагласувањето на индивидуализмот, владеењето на правото, почитувањето на договорите (во формална и неформална смисла) и дадениот збор, издигнувањето на слободата на првото и највисоко место на вредностите (либерализам), силно и цврсто граѓанско општество. Иако политичките системи на САД и Велика Британија се во градбата и функционирањето различни, сепак тие се засновани на овие заеднички политички и општествени вредности. Од аспект на политичките системи еден од аргументите во проучувањето на концептот на Англосфера се заедничките речиси истоветни политички системи во Велика Британија, Австралија, Нов Зеланд, Канада кои се засноваат на англискиот Вестминстерски парламентарен систем, со дводомен (бикамерален) парламент и легислатива, изборниот систем (првиот добива - first past the post систем) и уставните конвенции. Од правен аспект земјите на Англосферата споделуваат исти правни системи познати како Common Law или англосаксонско прецедентно право засновано на судски одлуки, решенија, практики, обичаи и судење со граѓанска порота. Ваквиот правен систем на англосаксонско прецедентно право Common Law е присутен во Велика Британија, САД, Австралија, Канада, Нов Зеланд, Ирска, Индија. Во рамки на политичките организации (од формален и неформален карактер) на земјите од Англосферата, како најзначаен пример во проучувањата се наведува британскиот Комонвелт на нации.
Економија
уредиПовеќе автори сметаат дека заедничките вредности кои ги споделуваат земјите во кои официјално се говори англискиот јазик придонесуваат и за нивниот висок степен на економски развој, благосостојба и улога на предводници во светската економија и трговија. Покрај главниот застапник на концептот за Англосферата, Џејмс Бенет, ваквото гледиште го дели и познатиот светски економист Пол Кругман[7]. Како основа за економската напредност на Англосферата се зема отвореноста за промени, иницијативи и иновации која произлегува од силно развиеното граѓанско општество и протестантската етика со силно изразените мотиви за претприемништво[8]. Еден од аргументите во тој контекст е дека поставеноста на економските системи на овие земји, посебно на САД, се клучни за водечката улога на овие земји во светскиот технолошкиот развој, привлекувајќи научници од целиот свет кои токму во овие држави можат во најдобра мера да ги остварат своите замисли и иницијативи. Како најзначајни примери за економски, трговски и монетарни организации и институционални аранжмани во рамки на Англосферата, се земаат Стерлинг монетарниот блок (Sterling Area) и Комонвелт преференционата област (Commonwealth Preference Area) од XX век.
Безбедност
уредиВо однос на соработката на безбедносен и воен план, концептот на Англосферата се разгледува преку два периоди на светската сцена: Студената војна и Војната против тероризмот. Во рамки на овие два периоди земјите од Англосферата се наоѓаат на истата страна како блиски сојузници, а заедно спроведуваат и неколку воени интервенции. Како воено-безбедносни организации и алијанси помеѓу земјите на Англосферата, се наведуваат АБКА (ABCA) организација и договори за заедничка опрема, наоружување, обука, разузнавачко и технолошко поврзување на армиите на САД, В.Британија, Канада и Австралија со Нов Зеланд како набљудувач, основана во 1947 година и АНЗУС (ANZUS) воен сојуз помеѓу САД, Австралија и Нов Зеланд потпишан во 1951 година со првобитен опсег на воено-безбедносни прашања во Тихиот Океан, а денес и на целиот свет. Во овој контекст се споменува и НАТО како воена организација во која соработуваат земјите од Англосферата. Како најзначајни војни и воени интервенции во кои учествувале или имаат големо влијание и значење за односите мѓу земјите од Англосферата се наведуваат војните во Авганистан и Ирак, но и војните и воените интервенции од минатото во кои самоиницијативно учествувале некои од земјите како што се оние во Виетнам, Суецката криза и Фокландските острови.
Наводи
уреди- ↑ „Anglosphere“. Архивирано од изворникот на 2014-10-27. Посетено на 2013-01-08.
- ↑ „Anglosphere“. Free Merriam-Webster Dictionary. Merriam-Webster, Incorporated. 2012. Посетено на 30 November 2012.
- ↑ ShorterOxfordEnglishDictionary
- ↑ Benet, C. James An Aglosphere Primer. Foreign Policy Research Institute, 2001-2002. p.1-2
- ↑ Benet, C. James An Aglosphere Primer. Foreign Policy Research Institute, 2001-2002. p.1
- ↑ Black Conrad. 1999. ‘Britain’s Atlantic option: and America’s stake’. The National Interest, Spring: 15.
- ↑ Krugman Paul. 1999. ‘Want growth? Speak English. That certain je sais quoi of les Anglophones’. Fortune magazine (April).
- ↑ Benet, C. James An Aglosphere Primer. Foreign Policy Research Institute, 2001-2002. p.4