Американска убавина (филм)

филм

Американска убавина е комедија/драма од 1999 година кој ги истражува темите на романтична и родителска љубов, слобода, сексуалност, убавина, лично ослободување, егзистенцијализам, потрага по среќа и семејство преку животот во модерните американски предградија. Американска убавина е филмско деби на писателот Алан Бол (анг. Alan Ball) и режисерот Сем Мендез (анг. Sam Mendes), а во него играат Кевин Спејси (анг. Kevin Spacey) и Анет Бенинг (анг. Annette Bening). Сите четворица беа номинирани за оскари, а филмот доби вкупно пет оскари вклучувајќи го и тој за најдобар филм.

Заплет уреди

Лестер Бурнам, кој го игра Спејси, е 42 годишен маж кој живее во предградие. Неговата жена Керолин, која ја игра Бенинг, е амбициозна агентка за недвижнини. Нивната ќерка Џејн, која ја игра Тора Брч, е типична тинејџерка.

Лестер наоѓа мотивација да се промени себеси откако ќе ја сретне Анџела Хејс (Мена Сувари) - најдобрата другарка и соученичка на Џејн. Анџела е убава, самоуверена и наводно промискуитетна чирлидерка која сака да стане манекенка. Лестер е маѓепсан од неа во моментот кога ќе ја види како игра на училиште, и тој се заљубува во неа. Ваквиот развој на настаните ја засрамува Џејн. Сепак, Анџела мисли дека Лестер е „мил“ и подоцна ѝ кажува на Џејн дека доколку би бил повеќе мускулест, таа би „го ебела“. Лестер ќе ја чуе оваа изјава и ќе започне интензивно да вежба.

Во меѓувреме конзервативниот Полковник Френк Фитс со неговото семејство, жената католик Барбара и интровертниот син Рики, се доселува во куќата до Бурманови. Џејн забележува дека Рики ја снима со камера преку нејзиниот прозорец од спалната соба и тоа потајно ѝ ласка.