Амантле Монтшо

боцванска атлетичарка

Амантле Монтшо (родена на 4 јули 1983 г.) е атлетичарка на кратки патеки од Боцвана која е специјализирана за трките на 400 метри. На Светското првенство 2011, таа го освоила златниот медал на трката на 400 метри со време од 49.56 секунди, а на Светското првенство 2013 на истата делница била второпласирана.

Амантле Монтшо
Лични податоци
Роден(а)4 јули 1983(1983-07-04)(40 г.)
Маун, Боцвана
Висина&100000000000001730000001,73 м
Тежина57 kg (126 lb)
Спорт
ЗемјаБоцвана Боцвана
СпортАтлетика
Дисциплини400 м

Монтшо е двократна африканска златна медалистка од Африканските првенства на трките на 400 метри. На игрите на Комонвелтот во 2010, таа го донела првиот златен медал за својата држава. Таа е државен рекордер на Боцвана на трките на 400 метри на отворено и во сала. Нејзината тренинг база е во Дакар, Сенегал.

Монтшо моментално издржува суспензија од 2 години поради тоа што била позитивна на забранетиот стимуланс метилхексанамин на игрите на Комонвелтот 2014.[1][2]

Кариера уреди

Монтшо е родена во градот Маун, кој се наоѓа во Северозападниот округ во Боцвана. Таа се натпреварувала на трката на 400 метри на Летните олимписки игри 2004, но настапот го завршила уште во квалификациите. Таа настапила на светските првенства во 2005 во Хелсинки и во 2007 во Осака, но повторно не успеала да избори влез во финалните трки.

Својот прв меѓународен медал во кариерата, и тоа сребрен, Монтшо го освоила на трката на 400 метри на Африканското првенство во 2006. На Сеафриканските игри 2007, таа го освоила златниот медал на 400 метри, а на трката на 200 метри била петтопласирана.[3] На Африканското првенство 2008, Монтшо истрчала свое најдобро време во кариерата од 49.83 секунди, кое воедно претставувало и државен рекорд, со што го освоила златниот медал.

Монтшо се натпреварувала на Светското првенство во сала 2008, но не успеала да се пласира во финалето по лошиот резултат во полуфиналето. Своето прво финале во светски рамки, Монтшо го обезбедила на Летните олимписки игри 2008, каде нејзиното време од 51.18 секунди било доволно за последното место. Следната година, таа истрчала време од 49.89 секунди во полуфиналето на трката на 400 метри на Светското првенство 2009 и обезбедила влез во финалето. Таму, таа повторно го зазела последното место.

 
Тесната победа на Монтшо над Алисон Феликс на Светското првенство 2011

На Светското првенство во сала 2010, Монтшо поставила нови државни рекорди на 400 метри во квалификациите и полуфиналето, но во финалето завршила на четвртото место со време од 52.53 секунди. Таа успешно ја одбранила титулата на 400 метри на Африканското првенство 2010 со време од 50.03 секунди.[4] Најдобро време во сезоната од 49.89 секунди, Монтшо го истрчала на Континенталниот куп 2010, каде настапувајќи за Африка го освоила златниот медал победувајќи ја американката Деби Дан.[5] На игрите на Комонвелтот 2010, таа станала првата медалистка на Боцвана на игрите во историјата, откако успеала да победи на трката на 400 метри со време од 50.10 секунди, време кое воедно претсавувало и рекорд на игрите.[6][7] На крајот на сезоната, таа завршила на второто место во севкупниот пласман во дијаманстака лига за трките на 400 метри, зад Алисон Феликс.

На Светското првенство 2011 во Тегу, таа била првопласирана во квалификациите на трката на 400 метри и обезбедила пласман во полуфиналето. Таму таа повторно истрчала најдобро време, и како првопласирана, вторпат во кариерата обезбедила влез во финале на светските првенства. Во Финалето, таа истрчала време од 49.56 секунди, три стотинки подобро од времето на Алисон Феликс, и го освоила првото место, донесувајќи го првиот златен медал на својата држава од светските првенства.

Таа била знаменосец за својата држава на Летните олимписки игри 2012, и како голем фаворит успеала да обезбеди финале на 400 метри. Сепак во финалето, таа завршила на четвртото место, зад Сања Ричардс-Рос, Кристин Охуруогу и Диди Тротер.

На Светското првенство 2013, Монтшо за првпат во кариерата се нашла во позиција да брани светска титула. Во одлична финална трка, таа била поразена од Кристин Охуруогу во последните метри од трката за само четири илјадити делови од секундата, откако на целта Охуруогу влегла испружена а Монтшо исправена.[8]

Допинг уреди

На игрите на Комонвелтот 2014, Монтшо не успеала да помине рутинска допинг контрола.[9] Подоцна, нејзиниот втор примерок покажал дека таа е позитивна на забранетиот стимуланс метилхексанамин.[10] Во март 2015, атлетската асоцијација на Боцвана и изрекла двегодишна забрана од атлетиката.[1][2]

Лични рекорди уреди

Дисциплина Резултат Место Датум
400 метри 49.33 секунди   Монако, Монако 19 јули 2013
400 метри (во сала) 52.34 секунди   Доха, Катар 12 март 2010

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 Duncan Mackay: Montsho banned for two-years after positive drugs test at Glasgow 2014 , insidethegames.biz, 18 March 2015
  2. 2,0 2,1 Xinhua: Botswana's Montsho handed a two year-ban from athletics for doping, china.org.cn, 18 March 2015
  3. „2007 All-Africa Games, women's 200 m final“. Архивирано од изворникот на 2007-10-10. Посетено на 2015-08-30.
  4. Negash, Elshadai (2010-07-30). Rudisha sizzles 1:42.84 in Nairobi as Kenya collects three golds in Nairobi – African champs, day 3 Архивирано на 12 декември 2010 г.. IAAF. Посетено на 2010-10-15.
  5. EVENT Report – Women's 400 Metres. IAAF. Посетено на 2010-10-15.
  6. Statistics of the Games . 2010 Commonwealth Games. Посетено на 2010-10-15.
  7. Rowbottom, Mike (2010-10-09). Langat breaks Games 1500m record, Turner leads high hurdles sweep for England in Delhi – Commonwealth Games Day Three Архивирано на 19 август 2011 г.. IAAF. Посетено на 2010-10-15.
  8. „Ohuruogu wins 400m gold by just FOUR-THOUSANDTHS of a second after unbelievable performance in Moscow“. Daily Mail. 12 August 2013. Посетено на 13 August 2013.
  9. http://www.theguardian.com/sport/2014/aug/02/botswana-amantle-montsho-fails-drug-test-commonwealth-games-2014
  10. „Glasgow 2014: Amantle Montsho B sample confirms positive drug test“. bbc.co.uk. 13 August 2014. Посетено на 13 August 2014.

Надворешни врски уреди

Олимписки игри
Претходник
Саманта Паксинос
Знаменосец за   Боцвана на
Летните олимписки игри 2012
Наследник
Непознат