Во старогрчката митологија, Адонис е бог на убавината и страста и е централна фигура во различни религиозни култови. Неговата религија припаѓала на жените: умирањето на Адонис било целосно развиено во кругот на млади девојки околу поетесата Сафо од островот Лезбос, околу 600 п.н.е., како што се открива во еден дел од опстанатата поезија на Сафо.[1]

Афродита и Адонис, околу 410 г. п.н.е., Лувр.

Адонис е еден од најсложените фигури во класиката. Тој имал многу улоги и имало многу учења низ вековите што се однесува до неговото значење и цел во грчките религиозни верувања. Тој е годишно обновуван, секогаш младолик бог на растителността, божество чија природа е врзана за календарот. Неговото име денес често се користи за убавите момчиња, за кои тој е архетип. Адонис често се смета за смртниот бог на убавината.

Реката Абрахам (Либан).

Етимологија и потекло

уреди

Грчкиот збор Ἄδωνις - Adōnis е позајмен од семитичкиот збор adon, „бог“,[2] кој е поврзан со Adonai, едно од имињата користени за Бог во еврејската Библија и сѐ уште се користи во јудаизмот денес. Сирискиот Адонис е Гауас [3] или Аос, египетскиот е Озирис, за Семитите тоа се Тамуз и Баал Хадад, за Етрурците Атунис, а за Фригијците Атис, сите тие се божества на воскреснувањето и растителноста.[4]

Митови за Адонис

уреди

Најдеталната книжевна верзија на приказната за Адонис потекнува од многу одамна, во X-тата книга од Овидиевите Метаморфози.[5] Средишниот мит во грчкото раскажување е заљубувањето на Афродита во еден убав младич (веројатно бидејќи таа била ранета со љубовната стрела на Ерос). Афродита го заштитила Адонис кога бил новороденче и ѝ го доверила на Персефона. Персефона исто така била привлечена од убавината на Адонис и одбила да ѝ го врати на Афродита. Кавгата меѓу двете божици била решена од Зевс (или Калиопа, на барање на Зевс): Адонис би поминал по една третина од секоја година со секоја божица, а последната третина каде што сакал. Тој избрал да помине две третини од годината со Афродита.

Смртта на Адонис, од Џузепе Мацуоли, 1709 г.

.

Адонис бил убиен од дива свиња, за која се вели дека била индиректно испратена од Артемида, која била љубоморна на ловечките вештини на Адонис или пак во знак на одмазда на поттикнувањето на смртта на Хиполит од страна на Афродита, кој бил миленик на божицата на ловењето; или испратена од Арес, љубовникот на Афродита, кој бил љубоморен на љубовта на Афродита кон Адонис; или пак испратена од Аполон, за да ја казни Афродита што го ослепила неговиот син Еримантос.[6] Адонис умрел во рацете на Афродита, која дошла при него кога го слушнала неговото јачење.

Кога тој умрел, Афродита ја посипала крвта со нектар, од што никнале краткотрајните анемони, кои го добиле името по ветерот кој лесно прави нивните ливчиња да паднат. И така, секоја пролет крвта на Адонис ја поцрвенува поројната река, реката Адонис (исто така позната и како реката Абрахам или Нар Ибрахим на арапски во денешен Либан). Афга е светиот извор каде водите од реките се појавуваат од огромна пукнатина на карпа висока 200 метри. Таму е создаден митот за Астарта (Венера) и Адонис.

Во римската митологија, Адонис е љубовникот на божицата Венера, која го претворила во цвет.[7]

Потекло и раѓање

уреди

Раѓањето на Адонис е обвиено со забуна за оние кој бараат единствена, официјална верзија, бидејќи биле раширени различни споредни приказни за потеклото на Адонис. Најшироко прифатената верзија е раскажана во Овидиевите Метармофози, каде Адонис е син на Мирна и нејзиниот татко Кинира. Мирна се претворила во смирново дрво, а Луцина му помогнала на дрвото да го роди Адонис.[8]

Патријархалните Хелени барале татко за богот, а него го нашле во Библос и Кипар, за што научниците сметаат дека тоа е правецот од каде дошол Адонис кај Грците. Псевдо-Аполодор, (Митолошка бибилотека (Bibliotheke), 3.182) сметал дека Адонис бил син на Кинира од Пафос на Кипар, и Метарме. Според Псевдо-Аполодоровата Митолошка библиотека, Хесиод, во едно непознато дело кое не опстанало до денес, го направил син на Феникс и непознатата Алфесибеја.[9]

Хесиод го направил син на Феникс, епоним на Феникијците, а со тоа и личност од феникијско потекло; неговата поврзаност со Кипар не е потврдена пред ерата на класицизмот. В. Атала[10] претпоставува дека вториот хеленистички мит за Адонис претставува спојување на две независни традиции.

Алтернативно, подоцнежниот извор, Митолошка библиотека, го нарекува син на Кинира и Метарме. Друга верзија на митот е дека Афродита ја принудила Мирна да направи инцест со нејзиниот татко Тијас, кралот на Асирија. Бегајќи од неговиот бес, Мирна била претворена во смирново дрво. Тијас го погодил дрвото со стрела, кое се отворило, при што излегол Адонис. Во друга верзија, дива свиња го распарчила дрвото со своите заби, на тој начин најавувајќи ја смртта на Адонис.

Градот Беритос (Бејрут) во Либан го добил името по ќерката на Адонис и Афродита, Берое. Во неа се заљубиле и Дионис и Посејдон.

Адонис, поранешен дел од колекцијата на кардиналот Мазарин (Музеј Лувр).

Потекло на култот

уреди

Адонис сигурно во голем дел бил заснован на Тамуз. Неговото име е семитичко, варијација на зборот „адон“, кој значи „бог“. Сепак, не постои трага за семитско божество директно поврзано со Адонис, и нема трага во семитските јазици за некои специфични митологеми поврзани со неговиот грчки мит; и грчките научници и научниците од Блискиот Исток ја довеле во прашање оваа поврзаност (Буркерт, стр. 177, забелешка 6, библиографија). Поврзаноста е со месопотамискиот пандан на Адонис, Тамуз: „Жените седат покрај портата, плачејќи за Тамуз, или нудат темјан на Баал на покривите и засадуваат убави растенија. Ова се суштинските карактериситики на легендата за Адонис: која е празнувана на рамни покриви на кои се поставени парчиња од грнчарија посеани со зелен зеленчук кој брзо р’ти, градините на Адонис.... кулминацијата е гласното оплакување на мртвиот бог.“ – Буркерт, стр. 117. Кога била легендата за Адонис вметната во грчката култура е предмет на расправа. Волтер Буркерт изразува сомнеж дали Адонис уште од почетокот дошол во Грција со Афродита.[11] „Во Грција“, Буркерт заклучува, „необичната улога на легендата за Адонис е можност за нескротливото изразување на емоциите во строго ограничениот живот на жените, во спротивност со ригорозната наредба на градот и семејството со официјалните фестивали на жените во чест на Деметра“.

Култови на мистерија

уреди

Адонис бил обожаван во неизговорени религии на мистеријата: сѐ до времето на Римското Царство (во De Dea Syria, гл. 6 на Лукијан од Самосата) [12]) ниту еден пишан извор не споменува дека жените биле утешени од оживеаниот Адонис. Поетот Еуфорион Халкидиски од III век п.н.е. во својот Хијакинт напишал: „Само Кокит ги изми раните на Адонис“.[13]

Жените во Атина засадувале „Адонисови градини“ – билки кои брзо растеле и никнувале од семето и умирале. Жените го празнувале Фестивалот на Адонис сред лето, сеејќи анасон и зелена салата (марула), и зрна од пченица и јачмен. Растенијата никнувале брзо и свенувале брзо, а жените ја оплакувале смртта на богот на растителноста.[14]

Културни наводи со митологијата на повторно раѓање

уреди
Смртта на Адонис, од Лука Џордано.
Смртта на Адонис, од Огист Роден.

Митот за смртта и повторно раѓање на Адонис е видливо истакнат во различни културни и уметнички дела. Ремек делото на Џован Батиста Марино, Адоне, објавено во 1623 година, е долга сензуална поема која го опишува митот за Адонис и го претставува преминот во италијанската литература од маниризам во барок. Перси Биш Шели ја напишал поемата Адонеис за Џон Китс, каде го користи митот како продолжена метафора за смртта на Китс.

Ваквите наговестувања продолжиле сѐ до денес. Адонис (арапска транслитерација на истото име, أدونيس) е псевдоним на познатиот сириски поет, Али Ахмад Саид Асбар, кој бил номиниран повеќе од еднаш за Нобеловата награда за литература, вклучувајќи ја и 2006 година. Неговиот избор за име посебно се поврзува со елементот на повторно раѓање на митот за Адонис (исто така наречен „Тамуз“ на арапски), кој е важна тема во арапската поезија од средината на XX век, главно меѓу следбениците на движењето „Слободен стих“ (الشعر الحر) формирано од ирачкиот поет Бадир Шакир ал-Сајаб. Адунис го користел митот на неговиот истоименик во многу од своите поеми, на пример во „Јас, бранот“, од неговата последна книга „Почеток на телото, крај на морето“, која вклучува целосно прераскажување на раѓањето на богот.

Современа поврзаност со физичката убавина и младост

уреди
Репродукција на грчка бронзена скулптура на Адонис од XIX век, пронајдена во Помпеја.

Исклучително привлечен младич многу често се нарекува Адонис, многупати со значење на заслужена самобендисаност: „канцеларискиот Адонис“. Легендарната привлечност на личноста е спомената во Сарасина на Оноре де Балзак, која ја опишува невозвратената љубов на главниот лик, Сарасина, за ликот на сликата на Адонис и кастрати (машки сопран, мецосопран или алт глас). Наговестувањето за исклучителна физичка привлечност е очигледен во психоаналитичкиот Адонисов комплекс кој се однесува на опсесивноста за сликата на телото и подобрувањето на телото и младешкиот изглед.

Телоградителите го користат изразот „Адонисов појас“ за да ги опишат двете плитки вдлабнатини на површинската анатомија на абдоменот кај човекот кои се наоѓаат меѓу срамната коска и гребенот на слабинската коска. Исто така, златниот пресек на лентата за мерење на односот од рамото до половината се нарекува Адонисов индекс.

Наводи

уреди
  1. The standard modern survey and repertory of Adonis in Greek culture is W. Atallah, Adonis dans la littérature et l'art grecs (Paris) 1966.
  2. See W. Burkert, Greek Religion pp. 176-77.
  3. Detienne, Marcel (1994). The Gardens of Adonis: Spices in Greek Mythology, Princeton University Press, ISBN 978-0-691-00104-3 (p.137)
  4. See life-death-rebirth deity.
  5. Ovid Metamorphoses X 519-741
  6. Според Nonnus, Dionysiaca 42.1f. Вергилиј, Еклоги x.18; Orphic Hymn lv.10; Ptolemy Hephaestionos, i.306u, сите забележани од Graves. Atallah (1966) не наоѓа никаква култна или митолошка врска со дивиот вепар, сметајќи го за херосјки митолошки елемент.
  7. „Objašnjenja“, во: Rimska lirika. Beograd: Rad, 1964, стр. 105.
  8. Ovid, Metamorphoses X 298-518
  9. Ps-Apollodorus, iii.14.4.1.
  10. Atallah 1966.
  11. Burkert 1985, p. 17).
  12. „De Dea Syria“. Архивирано од изворникот на 2009-10-25. Посетено на 2013-04-25.
  13. Remarked upon in passing by Photius, Biblioteca 190 (on-line translation).
  14. Detienne 1972.

Литература

уреди
  • Burkert, Walter, 1985.Greek Religion, "Foreign gods" p 176f
  • Detienne, Marcel, 1972. Les jardins d'Adonis, translated by Janet Lloyd, 1977. The Gardens of Adonis, Harvester Press.
  • Frazer, James. The Golden Bough. (1890, etc.; recent edition: London: Penguin, 1996).
  • Graves, Robert (1955) 1960. The Greek Myths (Penguin), 18.h-.k
  • Kerenyi, Karl, 1951 The Gods of the Greeks pp 75–76.
  • Theoi.com: Aphrodite and Adonis
  • Hamilton, Edith 1942,1969 Mythology pg. 90-91
  • Mahony, Patrick J. An Analysis of Shelley's Craftsmanship in Adonais. Rice University, 1964.
  • O'Brian, Patrick. "Post Captain." Aubrey/Maturin series. W.W. Norton, pg. 198. 1994.