Твити (англиски: Tweety), во Македонија преведен како Џивџи, познат и како птицата Џивџи, е измислен жолт канаринец, лик од серијалот цртани филмови на продукциската куќа Ворнер Брос. Откачените мелодии (анг. Looney Tunes) и Веселите мелодии (анг. Merrie Melodies). Популарноста на Џивџи, како и на Тасманскиот ѓавол (Тас), се зголемила откако престанале да се прават цртаните филмови.

Џивџи
лик од цртан филм
Податотека:Tweety.svg
Џивџи по дизајнот на Фриц Фреленг
Прво појавувањеПриказна за две мачиња (ноември 21, 1942)
СоздавачБоб Клампет (оригинал)
Фриц Фреленг (редизајн)
ГласМел Бланк (1942–1989)
Џеф Бергман (1990–1993, 2011–денес)
Боб Берген (1990–денес)
Информации
АлијасТвити
Твити пај
Џивџи
ВидЖолт канаринец
ПолМашко
НационалностСАД

Името уреди

Оригиналното име на овој лик, Твити (англиски: Tweety) е добиено со игра со зборови, со комбинација на „ sweetie“ што значи „сладок“ и „ tweet“, што е типичен ономатопејски звук за птици во англискиот јазик. Џивџи се појавува во 48 епизоди во периодот на Златното доба.

Опис уреди

И покрај впечатокот што го добиваат луѓето поради долгите трепки и пискавиот глас на Џивџи, сепак, Џивџи е машко.[1][2][3] Ова било утврдено во неколку наврати во серијалот „Мистериите за Силвестер и Џивџи“[4]. Иако е првично и најчесто прикажан како млад канаринец, тој е честопати прикажан како ретка и скапоцена птица, а еднаш е наречен и „единствен жив примерок од тој вид“. Како и да е, најавната песна јасно покажува дека се работи за канаринец. Според изгледот, Џивџи личи на штотуку изведено пиленце, што всушност и бил во првите епизоди. Подоцна му се додадени жолтите пердуви, но и понатаму го има тој изглед. Џивџи е најчесто позитивен лик кој си живее среќно во својот кафез или во гнездото. Но, ако го нападне мачка или некој друг, може да стане многу лош и опасен, па дури и да го тепа својот непријател. Во повеќе епизоди, Џивџи е во друштво на неговата сопственичка, Бабичката.

Творба на Боб Клампет уреди

 
Почетоците на Џивџи во Приказната за две мачиња

Голото пиленце и жолтите пердуви уреди

Во 1942 година, Боб Клампет го создава ликот кој подоцна ќе стане Џивџи. Ова пиленце за првпат се појавило во цртаниот филм „Приказната за две мачиња“, каде мора да се бори против двете гладни мачки Бабит и Кетстело (инспирирано од познатите комичари Ебот и Костело). Во овој цртан филм, Џивџи се вика Орсон, што е име на едно друго пиленце од друг цртан филм на Клампет. Во почетокот Џивџи не бил домашен канаринец, туку една дива птичка која живее во гнездо. Бил без пердуви (со розова боја), гушаст и многу поагресивен и понепристоен за разлика од подоцнежната, попозната верзија- помирниот, но сепак груб жолт канаринец. Во документарецот „Душко Долгоушко: Суперѕвезда[5], аниматорот Клампет кажува со тивок глас „за да не чуе публиката“, дека Џивџи е направен според „неговата сопствена слика како голо бебе“. Клампет направиl уште две епизоди со „голиот гениј“, како што го нарече еден мачор во „Одвратните двајца[6]. Во втората епизода, „Пиленцето и ѕверот[7], Џивџи конечно го доби тоа име.

Мислам дека го видов мацолот[8] уреди

Џивџи е познат по говорната мана. Така, тој наместо „ч“ кажува „ц“, а наместо „р“- „л“ (на пример, наместо „мачорот“, вели „мацолот“). На почетокот на „Неволја со мацолот“ тој пее една песничка за себе:

Јас сум мала птицка во кафез зуат, Џивџи се викам, а за годинки-не знам. Мене од нисто не ми е стлав, тука нисто не ми мозе тој мацол стал...“ (Наместо: „Јас сум мала птичка во кафез злат...“ и „ништо не ми може тој мачор стар“).

Гласот на Џивџи му го позајмува Мел Бланк. Во некои епизоди, иако ретки, Џивџи откако случајно ќе се напие од Хајд-формулата, се претвора во Хајд, една огромна птица. Ова се случува во „Криј се и бегај, Џивџи“ и во епизодата „Лондонски бројлер“ од серијалот „Мистериите за Силвестер и Џивџи“.

Водството го презема Фрилинг уреди

Клампет започнал да работи на епизода во која го соочува Џивџи со тогаш неименуван, црно-бел мачор што шушка кога зборува, создаден од Фриц Фрилинг во 1945 година. Но, Клампет си заминал од студиото пред да почне продукцијата на епизодата, па проектот го преземал Фрилинг. Тој го изменил изгледот на Џивџи, го направил посладок така што му направил големи сини очи и му додал жолти пердуви. Во „Душко Долгоушко: Суперѕвезда[5], Клампет вели дека пердувите биле додадени под притисок на цензурата поради голата птица. Првата епизода во која се среќаваат Џивџи и мачорот, кој подоцна е наречен Силвестер, е „Џивџи-пита[9]“ од 1947 година, со која продуцентската куќа Ворнер Брос. го освои својот прв Оскар за најдобар краток анимиран филм. Силвестер и Џивџи станале еден од најзабележителните тандеми во историјата на анимираните филмови. Повеќето цртани филмови со нив следеа една стандардна приказна: - Гладниот „мацол“ сака да ја изеде птицата, но на патот му стојат повеќе пречки, обично Бабичката или нејзиниот булдог Хектор, а понекогаш повеќе кучиња или друг мачор што сака да го изеде Џивџи. Џивџи ги кажува вообичаените зборови: „Мислам дека го видов мацолот!“ и „Да, го видов мацолот!“. Потоа во текот на целата епизода Силвестер прави планови и пробува сè и сешто за да го фати својот плен. Нормално, ништо не му успева, затоа што е трапав или зашто Џивџи ќе го намести да ги нападне Хектор или Бабичката (гласот го позајмува Биа Бенадерет, а подоцна Џун Фореј), или пак ќе му намести стапица.

Во 1951 година, Мел Бланк заедно со оркестарот на Били Меј ја направија хитовската песна „Мислам дека го видов мацолот“, а песната ја пеат Џивџи и Силвестер. Инаку и Силвестер има говорни маани. Тој шушка кога зборува. Од 1945 година па сè до затворањето на Студиото за анимација на Ворнер Брос, Фрилинг речиси и да имал ексклузивно право на ликот на Џивџи. Единствен исклучок било краткото појавување на Џивџи во „Без дерење“ од 1954 година, во режија на Чак Џонс.

Други појавувања уреди

  • Џивџи има мала улога во „Кој го предаде зајакот Роџер[10]“, каде поради него Еди Валијант ( Боб Хоскинс) паѓа од бандера. Џивџи си ја свири песната „This Little Piddy“ на прстите на Валијант па овој снемува сила да се држи и паѓа. Оваа сцена е всушност преработка на шегата од „Приказна за две мачиња“, каде наместо Валијант, жртва на Џивџи е Кетстело.
  • Во текот на 1990-тите години, Џивџи се појавува во анимирана телевизиска серија со наслов „Мистериите за Џивџи и Силвестер“, каде Бабичката има своја детективска агенција, а Џивџи, Силвестер и Хектор ѝ помагаат.
  • Џивџи ја има главната улога во долгометражниот ДВД филм од 2000 година, „Џивџи лета високо[11]. Во 2002 година се појавува во „Луни Тјунс бебиња“ во едно „подмладено“ издание.
  • Џивџи се појавува во една реклама во раните 1980-ти години и ги предупредува родителите за опасноста од врелата бања.
  • Заедно со Силвестер се појавува во неколку специјални телевизиски изданија и филмски компилации во 1970-тите и 1980-тите години. Потоа, се појавува и во специјалното издание по повод 65 години од формирањето на Ворнер Брос, како и на каналот Аниманиакс.
  • Во 1995 година, во цртаниот филм „Керотбланка“, кој е пародија на филмот „Казабланка“, Џивџи се појавува како Осмарт, пародија на ликот Огарт кој го глуми Питер Лор. Во неколку сцени, Џивџи зборува и се смее како Лор.
  • Џивџи одјавува и неколку епизоди од „Откачените мелодии“ наместо Душко Долгоушко. Овој серијал е забележителен по тоа што е еден од ретките каде Џивџи е негативец.
  • Во видео играта Taz Wanted ISO, Џивџи му помага на Тас да ги уништи плакатите „Се бара“ и постојано му покажува некои финти. Во играта, тој му се обраќа на Тас со „Маце-Тас“ и не изразува симпатии кон него. На крајот на играта излегува дека Џивџи стои зад злобниот план на Јосмит Сем и се бори против Тас користејќи еден голем робот, но губи во борбата.
  • Во телевизиското шоу „Лутите Откаченковци“, кралот Џивџус, потомок на Џивџи, управува со планетата Бланк по наредба на кралицата Бабикус (потомок на Бабичката). Бабикус не сака да му го отстапи престолот, па го најмува Силт Вестер (потомок на Силвестер) да го убие. Но со помош на Loonatics, Џивџус ги победува Бабикус и Силт Вестер.
  • Џивџи се појавува и во една епизода од „Скуби Ду“ како ретка птица во музеј.
  • Џивџи, заедно со Силвестер е главен лик во неколку стрипови издадени во периодот меѓу 1954-1972 година.

Наводи уреди

  1. Beck, Jerry (May 27, 2005). „Tweety – Male or Female?“. Cartoon Brew. Архивирано од изворникот на December 23, 2012. Посетено на February 18, 2017.
  2. „Looney Tunes – Stars of the Show – Tweety“. Warner Bros. Архивирано од изворникот на October 1, 2002. Посетено на February 18, 2017.
  3. „Sylvester and Tweety“. Cartoon Network. Архивирано од изворникот на January 23, 2001. Посетено на February 18, 2017.
  4. Alaskey, Joe; Foray, June; Welker, Frank, The Sylvester & Tweety Mysteries, Посетено на 2017-10-24
  5. 5,0 5,1 Welles, Orson; Blanc, Mel; Clampett, Robert (1976-01-09), Bugs Bunny Superstar, Посетено на 2017-10-24
  6. Blanc, Mel; Benaderet, Bea; Berner, Sara (1945-06-09), A Gruesome Twosome, Посетено на 2017-10-24
  7. Blanc, Mel; Clampett, Robert (1944-08-19), Birdy and the Beast, Посетено на 2017-10-24
  8. Во оригиналната изведба на англиски: "I tawt I taw a puddy tat!" и "I did! I did taw a puddy tat!".
  9. Blanc, Mel; Benaderet, Bea (1947-05-03), Tweetie Pie, Посетено на 2017-10-24
  10. DataBase, The Big Cartoon. „Who Framed Roger Rabbit (Touchstone Pictures, Amblin Entertainment...)“. Big Cartoon DataBase (BCDB) (англиски). Посетено на 2017-10-24.
  11. Alaskey, Joe; Bennett, Jeff; Bernstein, Julie (2000-09-12), Tweety's High-Flying Adventure, Посетено на 2017-10-24