Џеронимо (филм од 1993)
„Џеронимо: Американска легенда“ (англиски: Geronimo: An American Legend) — американски филм од 1993 година, во режија на Волтер Хил. Главните улоги ги играат: Џејсон Патрик, Џин Хекман, Роберт Дувал, Мет Дејмон, Вес Студи итн.
Синопсис
уредиВо филмот се раскажува за животот на легендарниот индијански поглавар Џеронимо (го игра Студи) и за неговиот однос со офицерот на американската коњаница Чарлс Гејтвуд (го игра Патрик). По долгогодишни борби, американската армија успева да го совлада индијанското племе Чирикава, припадници на Апачите, кои со тешко срце прифаќаат да се преселат во резерватот. Офицерот Гејтвуд, кој покажува големи симпатии за положбата на Индијанците добива задача да го приведе индијанскиот главатар Џеронимо, а во таа мисија му помага младиот офицер Бритон Дејвис (го игра Дејмон) кој, исто така, не ужива во војничката кариера. Меѓутоа, животот на Индијанците во резерватот е тежок и некои од нив не можат да се помират со таквата состојба. Тогаш, американската армија испраќа еден одред во резерватот за да ги смири незадоволните при што доаѓа до вооружена престрелка со голем број погинати на двете страни. По тој настан, Џеронимо собира група од 35 воини и повторно се одметнува, а генералот Крук (го игра Хекман) поднесува оставка. Не неговото место доаѓа нов командант, кој применува нов пристап во потрагата по Џеронимо, ни ниту тој не може да го покори. Најпосле, офицерот Гејтвуд добива наредба да преговара со Џеронимо и тој успева да го убеди да се предаде. Набргу, Џеронимо, неговите воини и Индијанците кои служеле во американската армија се префрлени во Флорида, а американската влада не го почитува дадените ветување дека ќе ги врати Апачите во нивната татковина. По предавањето на Џеронимо, Гејтвуд добива прекоманда во еден далечен гарнизон, а Дејвис дава отказ од воената служба.[1]