Отвори го главното мени

Љубов (англиски: Love) - роман на англиската писателка Анџела Картер. Романот бил напишан во 1969 година,[1] првобитно бил објавен во 1971 година, а во 1987 госина се појавила проширената верзија.[2]


СодржинаУреди

Една вечер, додека минува низ паркот, Анабел (која веќе подолго време има кошмари) ги здогледува на небото истовремено сонцето и месечината и тоа ја вознемирува. Таа е омажена со Ли, кој работи како наставник во гимназијата, а со нив живее и неговиот брат Баз. Откако полудела нивната мајка, Ли и Баз одраснале кај нивната тетка, а по нејзината смрт Ли заминал на студии при што продолжил да живее со Баз. Кога станал полнолетен, Баз заминал во Мароко, а Ли случајно ја запознал Анабел (која претходно се обидела да изврши самоубиство) и тие почнале да живеат заедно. Истовремено Ли имал и љубовна врска со сопругата на неговиот професор по философија, но кога таа дознала за Анабел ја раскинала врската. Наскоро, Баз се вратил од Мароко и се вселил во станот при што бил многу љубоморен на Анабел. Штом разбрале дека Анабел живее со маж, нејзините родители го принудиле Ли да се ожени со неа, иако не ја одобрувале нивната врска. По склучувањето на бракот, Ли нашол нова љубивница - Керолин, која била љубоморна на Анабел.

Истата вечер кога Анабел ги здогледала сонцето и месечината, Баз приредува забава на која доаѓа и Керолин. За време на забавата, таа и Ли излегуваат на балконот, а Анабел ги заклучува и потоа се затвора во бањата, каде ги сече вените на рацете. Ли и Керолин излегуваат надвор и се упатуваат кон нејзиниот дом, но тогаш тој ја здогледува брзата помош и се враќа дома. Таму е сведок на сцената на изнесувањето на телото на Анабел, а Баз го напаѓа. Ли ја поминува ноќта во станот на Керолин, а изутрината на вратата се појавува Баз, кој ја удира Керолин. Во меѓувреме, Анабел се освестува, но не сака да го види Ли. По неколку недели, тој оди во болницата на разговор со психијатарката, која му кажува дека Баз влијае лошо врз нестабилната Анабел. По некое време, Ли му кажува на Баз да се исели од куќата и ја зема Анабел од болницата. Притоа, таа го наговара да го истетовира нејзиното име на градите. Со текот на времето, односите меѓу Анабел и Ли се менуваат: таа станува самосвесна и самоуверена, додека Ли ја губи сопствената личност и станува повлечен и несреќен; така, Анабел почнува да доминира во нивниот брак. Истовремено, таа цело време мисли на Баз. Во меѓувреме, Анабел менува неколку работни места и најпосле се вработува во еден бар каде една ноќ Ли започнува тепачка застанувајќи во одбрана на неговата ученичка Џоан.

Еден ден, ненадејно во нивниот стан се појавува Баз и тројцата заминуваат во блискиот бар каде Баз и Анабел се бакнуваат по што заедно го напуштат барот. Таму, Ли ја среќава Керолин, која му кажува дека во меѓувреме абортирала. Анабел и Баз одат во неговиот стан каде имаат сексуален однос од кој двајцата се разочарани зашто тоа не било како во нивната фантазија. Разочарана, Анабел се враќа дома и има бурен сексуален однос со Ли, но двајцата се свесни за меѓусебната омраза. Утредента, Анабел купува нова облека, прави фризура и бара од Ли да го напушти станот. Тој оди во блискиот бар каде ја среќава Џоан и со неа води љубов во нејзиниот дом. Потоа, тој се враќа дома и таму го наоѓа мртвото тело на Анабел која во меѓувреме извршила самоубиство. Во станот го затекнува и Баз и двајцата почнуваат да се расправаат околу тоа кој е виновен за смртта на Анабел.[3]

ПоговорУреди

Во поговорот се опишува судбината на главните ликови од романот: Љубовницата на Ли (сопругата на неговиот професор) го напуштила семејството и се преселила на една фарма во Велс каде живеела со три жени; Психијатарката на Анабел заминала во приватниот сектор и станала богата; Џоан Дејвис се преселила во Лондон каде работела како модел и како проститутка, абортирала, потоа родила бебе и станала социјална работничка; Керолин станала позната тв-водителка и имала два брака; Баз имал неколку панк-групи, водел панк-клубови, подоцна станал графити-уметник и имал своја галерија, но никогаш повеќе не контактирла со својот брат; во 1972 година, Ли се оженил со Роузи која му помогнала да се избори со депресијата и со зависноста од дрогата и од алкохолот, потоа тој станал успешен професор, а Роузи, откако станала активна во женското движење, го напуштила, но во 1974 година пак му се вратила по што добиле уште две деца и продолжиле да се караат во врска со неговата вина за смртта на Анабел.[4]

Осврт кон делотоУреди

Во поговорот, авторката пишува дека главните ликови во романот се чисти и совршени производи на општествените движења и сексуалната слобода од крајот на 1960-тите. Притоа, таа вели дека романот се одликува со мајсторство на машката безличност, со студено бавење со лудата девојка и со продорна арома на несреќата, но добриот вкус не е важна карактеристика на романот. Според нејзиното сведоштво, накитениот стил на романот е поврзан со местото каде ја добила идејата за него, како и со нејзината желба да напише народна и современа верзија на романотАдолф“ на Бенжамен Констан.[5]

Романот „Љубов“ ги опишува сложените и непредвидливи односи меѓу брачниот пар Колинс и братот на сопругот, кои живеат на маргините на студентското движење и животната философија од доцните 1960-ти. Картер успева да го пренесе ехото на таквиот живот со прецизно чувство за психолошките ситуации и со разбирање за алтернативниот начин на живеење на главниет ликови. Таа ја артикулира бесконечната потрага по приврзеност, љубов и верност, која парадоксално завршува во губење на сите чувства. Оригиналноста на стилот на Картер се состои во прецизноста на реченицата, внимателниот избор на метафорите, суптилните нијанси на описот, вообичаено сместен во две-три реченици кои го сочинуваат пасусот, како и необичната смена на кратките, недоречени реченици со долгите, навидум заплеткани, реченици.[6]

НаводиУреди

  1. Andžela Karter, Ljubav. Novi Sad: Svetovi, 1991, стр. 113.
  2. Andžela Karter, Ljubav. Novi Sad: Svetovi, 1991.
  3. Andžela Karter, Ljubav. Novi Sad: Svetovi, 1991, стр. 5-112.
  4. Andžela Karter, Ljubav. Novi Sad: Svetovi, 1991, стр. 113-120.
  5. Andžela Karter, Ljubav. Novi Sad: Svetovi, 1991, стр. 113-114.
  6. Andžela Karter, Ljubav. Novi Sad: Svetovi, 1991.