Љубов во бегство (филм од 1979)

„Љубов во бегство“ (француски: L'amour en fuite) — филм на режисерот Франсоа Трифо од 1979 година. Трифо е автор и на сценариото, заедно со Мари-Франс Писие (Marie-France Pisier), Жан Орел (Jean Aurel) и Сузан Шифман (Suzanne Schiffman). Главните улоги ги играат: Жан-Пјер Лео (Jean-Pierre Léaud), Мари-Франс Писие, Клод Жад (Claude Jade), Дани (Dani), Дороте (Dorothée), Даниел Месгич (Daniel Mesguich), Жилиен Берто (Julien Bertheau), Жан-Пјер Дико (Jean-Pierre Ducos) и Мари Анрио (Marie Henriau). Филмот претставува петто и последно продолжение на серијата за Антоан Дуанел, започната со филмот „400 удари“, а која претставува една од највпечатливите филмски приказни во историјата на француската кинематографија. Во ликот на проблематичниот адолесцент, а подоцна романтичен млад човек Антоан Дуанел, Трифо вметнал многу од својот карактер и од сопствените животни искуства, така што оваа серија се смета за маестрално испреплетување на стварноста и уметноста. Овој филм претставува еден вид компилација на претходните четири филма од серијата, односно потсетување на сето она што го проживеал Антоан во младоста. Основната поставка на филмот е дека главниот лик созреал, но притоа не изгубил ништо од својата бунтовност и креативност. Филмот бил дел од службената конкуренција на Берлинскиот филмски фестивал, а извонредната музика на Жорж Делеру била наградена со најпрестижната француска филмска награда, „Цезар“. Инаку, насловот на филмот е земен од истоимената поп-песна на Ален Сушон (Alain Souchon) и Лорен Вулзи (Laurent Voulzy) која ја интерпретира Сушон.[1]

„Љубов во бегство“Луксембург кино Мариво 18 април 1979

Синопсис уреди

Антоан Дуанел (го игра Лео) е во четвртата деценија од животот и работи како коректор во една печатница и штотуку го објавил автобиографскиот роман „Салати на љубовта“ (Les salades de l'amour). Тој се разведува од сопругата Кристин (ја игра Клод Жад), а тоа го привлекува вниманието на медиумите, зашто се работи за првиот спогодбен развод во Франција. Истовремено, тој има врска со младата продавачка на плочи Сабин. Еднаш, Антоан не успева да пристигне на договорената вечера, зашто мора да го однесе својот син Алфонс на железничката станица. Таму, тој ја среќава својата прва љубов Колет (ја игра Писие), која сега е успешна адвокатка. Таа само што ја купила биографијата на Антоан во која тој зборува за своите поранешни љубови и не е воодушевена од неговата уметничка слобода. Додека разговараат во возот, Антоан го смислува сижето за својата нова книга: еден човек се вљубува во жената која е прикажана на една искината фотографија и решава да ја пронајде. Излегувајќи од возот, Антоан испушта парче хартија, а всушност се работи за искината фотографија на една млада жена, внимателно залепена со селотејп.[2]

Наводи уреди